Младите прашуваат . . .
Зошто другите млади го имаат сето задоволство?
„Сакаме само да се забавуваме, но тоа е многу тешко“, се жалел 15-годишниот Џејсон.
СОСЕМА е природно да сакаш да се забавуваш — особено кога си млад! За повеќето млади, забавувањето е исто толку важно колку и јадењето и спиењето. Поттикнати од нивните врсници и медиумите, младите желно тежнеат по широка разновидност на рекреативни активности. Според една анкета, посетувањето на пријателите, гледањето телевизија, одењето на кино и на забави, како и танцувањето, се на врвот на листата на омилени вечерни разоноди кај тинејџерите. Читањето, играњето игри и спортови и слушањето музика, исто така, биле популарни.
Со толку многу забавни активности на располагање, на возрасните може да им е тешко да разберат зошто некои млади, како што е Џејсон, чувствуваат дека не се забавуваат доволно. Но, токму тоа го тврделе некои христијански младинци! Младата Кејси, Јеховин сведок, вака го изразила тоа: „Гледаш како сите твои пријатели на училиште приредуваат забави и прават одредени работи, и навистина се чувствуваш дека си изоставен“. Но, дали ситуацијата е навистина толку лоша?
Дали Библијата ја забранува забавата? Напротив, Библијата го нарекува Јехова „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11, НС). Затоа, не треба да те изненади тоа што цар Соломон го рекол: „Сѐ има свое време . . . време кога се плаче, и време кога се смее; време кога се тагува, и време кога се игра“ (Проповедник 3:1, 4). Оригиналниот хебрејски збор за „се смее“ што е овде употребен, како и сродните зборови, можат да значат и ‚слави‘, ‚игра‘, ‚се весели‘, ‚развесели‘, ‚се забавува‘ (2. Царства 6:21, НС; Јов 41:5, НС; Судии 16:25; 2. Мојсеева 32:6, НС; 1. Мојсеева 26:8, НС).
Уште во библиски времиња, Божјиот народ уживал во разновидноста на корисни активности, како што е свирење на музички инструменти, пеење, танцување, разговарање и игри. Имале и посебни прилики за гоштавање и за радосно дружење (Јеремија 7:34; 16:9; 25:30; Лука 15:25). Па, самиот Исус Христос присуствувал на свадбена свеченост! (Јован 2:1—10).
Според тоа, здравата забава не е забранета помеѓу христијанските младинци денес. Всушност, Библијата вели: „Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост“. Меѓутоа, Соломон ги проследува овие зборови со едно предупредување: „Само знај, дека за сето тоа Бог ќе те изведе на суд“ (Проповедник 11:9). Да, ти си одговорен пред Бог за изборите што ги правиш. Затоа, кога се работи за рекреацијата, мораш ‚добро да пазиш како одиш, не како немудар, туку како мудар‘ (Ефесјаните 5:15, 16, НС). Која е причината? Мнозина млади прават многу слаби избори во овој поглед.
Кога забавата станува неконтролирана
Обрати внимание на она што се случило во библиски времиња. Некои Израелци изгубиле секаков осет за рамнотежа кога станувало збор за рекреација, приредувајќи разуздани забави кои траеле цела ноќ! Пророкот Исаија рекол: „Тешко им на оние, кои од рано утро бараат сикер и до доцна вечер се згорештуваат со вино; на нивните гоштавки има и гитара, и гусле, и тимпани, и свирка и вино“. Не било погрешно да се соберат заедно и да уживаат во храната, музиката и играта, но во врска со тие развратници, Исаија вели: „Кон делата на Господа тие и не погледнуваат“ (Исаија 5:11, 12).
Многу младинци го прават истото денес — малку размислуваат за Бог кога прибегнуваат кон рекреација. Некои дрско им пркосат на божествените начела, впуштајќи се во предбрачен секс, вандализам, злоупотреба на дрога и друго непромислено однесување — сѐ само заради „забава“. Меѓутоа, има млади кои всушност не се со намера да бидат злобни, но промашуваат да ги вршат работите умерено и да избегнуваат испади (Изреки 23:20; 1. Тимотеј 3:11). И затоа, кога се собираат за да се забавуваат, работите честопати бегаат од контрола. (Спореди 1. Коринтјаните 10:6—8.)
Неодамна, Разбудете се! праша некои млади: „Што се случува на денешните световни забави?“ Една тинејџерка одговорила: „Дрога, пиење. Тоа навистина се случува“. Во врска со некои момчиња од училиште кои оделе на забави, младиот Ендрју рекол: „Само се фалат со тоа колку се напиле“. Џејсон дури рекол: „На световните забави скоро секогаш се случуваат лоши работи“. Поради тоа што „лумпувањата“ или „разузданите забави“ се осудуваат во Библијата, богобојазливите младинци избегнуваат друштвени собири кои содржат такви постапки (Галатјаните 5:21, Byington).
Опасност може да демнее дури и во наизглед безопасните облици на рекреација. На пример, во многу од денешните најпопуларни филмови се прикажуваат голотија, сликовити сексуални односи и одвратно насилство. Песните кои се хитови честопати содржат порнографски текстови. Рок концертите вообичаено се сцени на злоупотреба на дрога, неред и насилство.a
Кога родителите велат не
Што е суштината во сето тоа? Ако си христијанин, едноставно не можеш да ги правиш сите работи кои твоите врсници уживаат да ги прават. Всушност, Исус рекол дека неговите следбеници нема да се „дел од светот“, а тоа значи да се биде поинаков од другите луѓе (Јован 15:19, НС). Ако твоите родители се богобојазливи, тие се длабоко свесни за овој факт. Затоа, од желба да те заштитат, твоите родители можеби повремено те одвратуваат од нешто или строго ти забрануваат одредени работи — работи кои другите младинци смеат да ги прават. Тоа не е секогаш лесно да се прифати. „Луѓето сакаат да се забавуваат!“ истакнала една тинејџерка. „Нашите родители се забавувале кога биле млади, но понекогаш се чини дека сакаат нас да нѐ држат заклучени.“
Да го следиш советот на родителите во таквите работи може да биде тешко, па дури и кога во основа го делиш нивното гледиште. Еден атлетски граден младинец, кого ќе го наречеме Џеред, се сеќава: „Сакав да играм кошарка во школската екипа. Многу луѓе ми вршеа притисок да играм, и тоа донекаде ме вознемируваше. Тогаш разговарав со моите родители“. Родителите на Џеред укажале на опасностите од „лошите друштва“ и го потсетиле колку време би му одзеле неговите спортски активности (1. Коринтјаните 15:33, НС). „И тоа беше крај“, вели Џеред жалосно. Тој го послушал советот на родителите, но сѐ уште му било криво што не успеал да игра кошарка.
,Нешто пропуштам!‘
Без разлика каква ти е ситуацијата, и ти можеби се обесхрабруваш одвреме навреме кога слушаш како твоите школски другари се фалат дека добро се забавуваат. Можеби се прашуваш: ‚Зошто другите млади го имаат сето задоволство?‘ Да, како можеш да го надвладееш чувството дека пропушташ нешто?
Може да ти биде од помош ако го прочиташ Псалм 72 и медитираш за искуството на библискиот пишувач Асаф. Во стиховите 2 и 3, тој се исповеда: „А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, — зашто им позавидев на беззакониците“. Да, додека Асаф водел ограничен живот, другите се фалеле дека можеле да прават сѐ што сакаат — очигледно без лоши последици. Изгледало дека тие имале сѐ во изобилство и постојано добивале повеќе (стих 12). Затоа Асаф толку се обесхрабрил што извикал: „Тогаш, зарем залудно се чував чист и не извршив грев?“ (Псалм 73:13, Today’s English Version).
За среќа, Асаф се вразумил пред да направи нешто непромислено. Тој го посетил „големото Божје светилиште“, и во таа здрава околина сериозно размислил за тие работи. Наскоро, Асаф дошол до извонреден заклучок во врска со безбожните трагачи на задоволства: „Секако дека ти ги поставуваш на лизгава почва. Ти си предизвикал да паднат во рушевини“ (Псалм 73:17, 18, НС).
Истото може да се каже и за многу твои врсници кои трагаат по задоволства. Тие може да мислат дека сега се забавуваат. Но уживањето на гревот е само привремено! (Евреите 11:25). Поради тоа што не ги следат библиските начела, тие стојат на „лизгава почва“ и во постојана опасност се да доживеат ужасен пад — ненадејно и без предупредување. Божјата Реч изјавува: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6:7). Секако дека си слушнал за млади на твоја возраст кои веќе доживеале прерана смрт, сексуално пренослива болест, несакана бременост или затвор како резултат на „забавни“ авантури. Тогаш, зарем нема да ти биде од корист ако ги избегнуваш таквите работи? (Исаија 48:17).
Соломон дава добар совет кога вели: „Срцето твое нека не им завидува на грешниците, туку биди во сите дни свои во стравот Господов; зашто има иднина, а твојата надеж не е загубена“ (Изреки 23:17, 18). Да, за ниедна „забава“ не вреди да се изгуби надежта за вечен живот во Рајот на Земјата.
Во меѓувреме, како можеш да ја задоволиш природната желба одвреме навреме вистински да се забавуваш? Постојат ли безопасни и изградувачки начини да се прави тоа? Што ако парите и другите извори се ограничени? Разбудете се! ги прашува младите по светот за некои предлози и идеи. За тоа ќе се дискутира во некоја наредна статија од оваа серија.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Треба ли да присуствувам на рок концерти?“ во нашето издание од 22 декември 1995 (англ.).
[Слика на страница 24]
Треба ли да се чувствуваш изоставен затоа што не можеш да се вклучиш во она што светот го нарекува забава?