Тие ја извршувале Јеховината волја
Исус поминувал време со децата
ИСУСОВАТА три и полгодишна служба привршувала. Наскоро требало да влезе во Ерусалим и да претрпи агониска смрт. Тој бил сосема свесен што го очекува, зашто на своите ученици им рекол: „Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат“ (Марко 9:31).
Сигурно дека Исус сакал најдобро да го искористи секој ден, секој час, секој момент што му преостанувал. На неговите ученици сѐ уште им било потребно внимание. Исус видел дека ним сѐ уште им треба силна опомена во врска со потребата од понизност и со опасноста од спрепнување која секогаш била присутна (Марко 9:35—37, 42—48). Исто така, им било потребно упатство во врска со бракот, разводот и самештвото (Матеј 19:3—12). Знаејќи дека наскоро ќе умре, несомнено Исус со учениците зборувал концизно и со чувство на итност. Времето било од голема важност — поради што она кое потоа го сторил Исус било уште поизвонредно.
Исус љубезно ги пречекува децата
Библискиот извештај вели: „Донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив“. Кога учениците го виделе тоа, веднаш го изразиле своето неодобрување. Можеби резонирале дека Исус бил премногу важен или премногу зафатен за да се грижи за децата. Тогаш, замисли си го изненадувањето на учениците кога Исус се огорчил на нив! „Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене“, им рекол. „Не пречете им, зашто на такви е царството Божјо.“ Потоа, Исус додал: „Вистина ви велам: кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него“ (Марко 10:13—15).
Исус видел восхитувачки особини кај децата. Обично тие се љубопитни и полни со доверба. Тие ги прифаќаат зборовите на своите родители па дури и ги бранат пред другите деца. Нивната приемчива, поучлива природа е вредна за имитирање од страна на сите кои сакаат да влезат во Божјето Царство. Како што рекол Исус, „на такви е царството Божјо“. (Спореди Матеј 18:1—5.)
Но, Исус не ги употребил децата само заради илустрација. Извештајот разјаснува дека Исус навистина сакал да биде во нивна близина. Марко известува дека Исус ‚ги зел децата в раце и почнал да ги благословува, полагајќи раце врз нив‘ (Марко 10:16, NW). Само извештајот на Марко го вклучува тој возбудлив детаљ — дека Исус ‚ги зел децата в раце‘.a На тој начин Исус ги надминал очекувањата на возрасните кои ги носеле тие деца кај него за да може само да ги „допре“.
Какво било значењето на тоа што Исус ‚ги положил рацете‘ врз децата? Тука не се укажува на некоја религиозна церемонија, како што е крштавањето. Иако полагањето раце во некои прилики значело наименување, во други тоа означувало само давање благослов (1. Мојсеева 48:14; Дела 6:6). На тој начин, можеби Исус едноставно им дал благослов на децата.
Во секој случај, Марко користи еден појак збор за „благослов“ (катеулоге́о), што означува зајакнувачка сила. Ова укажува дека Исус ги благословил децата горливо, љубезно и срдечно. Јасно е дека тој не гледал на нив како на товар кој одзема многу време
Поука за нас
Исусовиот начин на постапување како со децата така и со возрасните не бил ниту застрашувачки ниту, пак, понижувачки. „Сигурно тој природно се насмевнувал и весело се смеел“, вели еден прирачник. Не е ни чудо што луѓе од сите возрасти се чувствувале сталожени во негово присуство. Размислувајќи за Исусовиот пример, можеме да се запрашаме: ‚Дали сум пристаплив за другите?‘ ‚Дали изгледам премногу зафатен за да бидам вознемируван со активностите и грижите на другите?‘ Негувањето искрен интерес за луѓето ќе нѐ поттикне да се даваме себеси онака како што правел Исус. Другите ќе го осетат нашиот вистински интерес и ќе бидат привлечени кон нас (Изреки 11:25).
Како што покажува извештајот на Марко, Исус се радувал кога бил со децата. Веројатно одвојувал време да ги набљудува додека си играле, затоа што во една од своите илустрации се осврнал на нивните игри (Матеј 11:16—19). Можеби некои од децата кои Исус ги благословил биле премногу мали за да сфатат кој бил тој и за што поучувал. Но, тоа не го навело да мисли дека си го троши времето. Поминувал време со децата затоа што ги сакал. Веројатно многу од децата на кои наишол Исус во текот на својата служба подоцна биле поттикнати да се одѕвијат на неговата љубов така што станале негови ученици.
Штом Исус поминувал време со децата во текот на тие пресудни последни седмици од својот живот, сигурно и ние можеме да одвојуваме време за нив во нашиот исполнет распоред. Треба да бидеме особено обѕирни кон оние кои имаат посебни потреби како, на пример, кон сирачињата. Всушност, сите деца цветаат кога им се посветува внимание, а Јеховина желба е да им ја дадеме сета љубов и помош колку што можеме (Псалм 9:34).
[Фуснота]
a Еден превод вели дека Исус ‚ги прегрнал‘. Друг вели дека ‚ги зел кај себе во преклопот на лакотот‘.