Што можеш да научиш од децата?
„СЕ ОДНЕСУВАШ како дете!“ Ако некој ни ги каже нам овие зборови, веројатно ќе се навредиме. Иако се многу слатки, на децата им недостигаат зрелоста, искуството и мудроста што обично доаѓаат со годините (Јов 12:12).
Сепак, еднаш Исус им рекол на своите ученици: „Вистина, ви велам, ако не се преобратите и не станете како деца, нема да влезете во царството небесно“ (Матеј 18:3). Што сакал да каже Исус со овие зборови? На кои особини што ги имаат малите деца треба да се угледаат возрасните?
Понизни како децата
Да размислиме за околностите што го натерале Исус да ги каже тие зборови. Откако пристигнал во Капернаум по едно долго патување, Исус ги прашал своите ученици: „За што расправавте по патот?“ Засрамени, учениците молчеле, бидејќи се расправале за тоа кој од нив е најголем. На крајот, собрале храброст да го прашаат Исус: „Кој е, всушност, најголем во царството небесно?“ (Марко 9:33, 34; Матеј 18:1).
Можеби ќе нѐ изненади тоа што, по речиси три години поминати заедно со Исус, учениците се расправале околу некаква висока положба. Меѓутоа, тие биле воспитани во духот на еврејската религија, која ставала многу голем акцент на тие работи. Очигледно, религијата во која пораснале и човечката несовршеност влијаеле врз размислувањето на учениците.
Исус седнал, ги повикал учениците кај себе и рекол: „Ако некој сака да биде прв, нека биде последен од сите и нека им биде слуга на сите“ (Марко 9:35). Тие веројатно се стаписале кога ги чуле овие зборови. Она што го рекол Исус било сосема спротивно на еврејското сфаќање за високата положба! Потоа, Исус повикал кај себе едно мало дете. Нежно го прегрнал и ја истакнал следнава мисла: „Вистина, ви велам, ако не се преобратите и не станете како деца, нема да влезете во царството небесно. Затоа, кој ќе се понизи како ова дете, тој е најголем во царството небесно“ (Матеј 18:3, 4).
Колку силен пример за понизност земен од секојдневниот живот! Замисли си ја сцената: една група сериозни, возрасни мажи стојат околу едно мало дете и втренчено гледаат во него. Колку несигурно и наивно било тоа! Без никаква желба да биде над другите и без трошка злонамерност! Колку било подложно и ненаметливо! Да, малото дете на многу убав начин пренесувало слика за понизност, особина што му се допаѓа на Бог.
Јасно е што сакал да каже Исус. Сите мораме да бидеме понизни како деца за да го наследиме Божјето Царство. Меѓу оние што го сочинуваат Божјето семејство, нема место за натпреварување или гордост (Галатите 5:26). Всушност, токму таквите особини го навеле Сатана Ѓаволот да се побуни против Бог. Не е чудо што Јехова ги мрази тие особини! (Изреки 8:13).
Вистинските христијани настојуваат да им служат на другите, а не да владеат над нив. Без оглед на тоа колку е непријатна некоја задача или колку ниска положба има оној за кого ја извршуваме, вистинската понизност нѐ мотивира да им служиме на другите. Таквата понизна служба носи богати награди. Исус вели: „Кој прима едно вакво дете во мое име, мене ме прима. А кој ме прима мене, не ме прима само мене туку и оној што ме испрати“ (Марко 9:37). Кога сме великодушни, понизни и слични на деца, се зближуваме со најголемата Личност во вселената и со неговиот Син (Јован 17:20, 21; 1. Петрово 5:5). Можеме да почувствуваме колку усреќува давањето (Дела 20:35). Исто така, радосни сме што придонесуваме за мирот и единството кои владеат меѓу Божјиот народ (Ефешаните 4:1-3).
Желни да учат и полни со доверба
Понатаму, Исус истакнува уште една работа што возрасните можат да ја научат од децата: „Кој не го прима Божјето царство како дете, нема да влезе во него“ (Марко 10:15). Децата не се само понизни туку и желни да учат. „Тие ги впиваат информациите како сунѓери“, вели една мајка.
Значи, за да го наследиме Божјето Царство, мораме да ја прифатиме пораката за Царството и да бидеме послушни (1. Солуњаните 2:13). Исто како новороденчињата, мораме ‚да развиваме желба за чистото млеко од Божјата реч, за да можеме, хранејќи се со него, да пораснеме до спасение‘ (1. Петрово 2:2). Но, што ако ни е тешко да разбереме некое библиско учење? „Децата упорно прашуваат ‚Зошто?‘ сѐ додека не добијат задоволувачки одговор на своите прашања“, забележува еден педијатар. Ќе биде добро да бидеме како нив. Затоа, редовно проучувај. Разговарај со искусни христијани. Моли го Јехова за мудрост (Јаков 1:5). Без сомнение, твоите молитви и твојата упорност со текот на времето ќе бидат наградени (Матеј 7:7-11).
Меѓутоа, некои можеби ќе се прашаат: ‚Зар луѓето што се желни да учат не можат лесно да бидат заведени?‘ Не, ако имаат сигурно водство. На пример, децата инстинктивно бараат водство од своите родители. „Родителите докажуваат дека може да се има доверба во нив со тоа што секојдневно ги штитат и се грижат за своите деца“, вели еден татко. Сигурно имаме слични причини да имаме доверба во нашиот небесен Татко, Јехова (Јаков 1:17; 1. Јованово 4:9, 10). Јехова ни дава сигурно водство преку својата пишана Реч. Неговиот свет дух и неговата организација нѐ тешат и ни помагаат (Матеј 24:45-47; Јован 14:26). Ако ги користиме овие работи што ни ги дава Јехова, нема да претрпиме никаква духовна штета (Псалм 91:1-16).
Кога имаме доверба во Бог како мали деца, ќе имаме душевен мир. Еден библиски изучувач вели: „Кога сме деца, тргнуваме на пат без да си понесеме пари за да си го платиме патот и без да знаеме како да стигнеме таму каде што сме тргнале, но сепак, ни на крај памет не ни паѓа да се посомневаме дека нашите родители безбедно ќе нѐ однесат таму“. Дали и ние покажуваме слична доверба во Јехова во својот живот? (Исаија 41:10).
Безусловната доверба во Бог ни помага да ги избегнуваме ставовите и постапките што би можеле да ја загрозат нашата духовност. Наместо тоа, имаме целосна доверба во Исусовите зборови дека нашиот небесен Татко знае што правиме и дека, сѐ додека најнапред ги бараме Царството и Божјата праведност, Бог ќе се грижи за нас. Тоа ќе ни помогне да му одолееме на искушението да им дозволиме на материјалните работи да заземат главно место во нашиот живот на сметка на духовните одговорности (Матеј 6:19-34).
„Мали деца во поглед на злото“
Иако се несовршени уште од раѓање, малите деца се чисти во срцето и умот — нешто што ретко го среќаваме кај возрасните. Од оваа причина, Библијата ги поттикнува христијаните: „Бидете мали деца во поглед на злото“ (1. Коринќаните 14:20).
Размисли за 5-годишната Моника, која воодушевено ѝ рекла на мајка си: „Мојата нова другарка Сара има локни исто како мене!“ Тоа што Сара имала поинаква боја на кожата и поинакво етничко потекло не го ни спомнала. Една мајка вели: „За малите деца не постои боја на кожата. Тие не знаат ниту за раси ниту за предрасуди“. Во врска со ова, децата многу убаво го одразуваат гледиштето на нашиот непристрасен Бог, кој ги сака луѓето од сите народи (Дела 10:34, 35).
Децата поседуваат и неверојатна способност да простуваат. Еден родител вели: „Кога малите Џек и Леви ќе се скараат, им велиме да се извинат еден на друг, и за кратко време повторно весело си играат. Не се муртат, не се навраќаат на минатото и не поставуваат никакви услови пред да простат. Едноставно си продолжуваат како ништо да не било“. Колку убав пример за возрасните! (Колошаните 3:13).
Освен тоа, малите деца веднаш прифаќаат дека постои Бог (Евреите 11:6). Благодарение на својата природна отвореност, тие честопати смело им сведочат на другите (2. Царевите 5:2, 3). Нивните едноставни, срдечни молитви можат да ги трогнат и најтврдите срца. А кога се во искушение, можат да покажат извонредна морална сила. Колку скапоцен дар се малите деца! (Псалм 127:3, 4).
Враќање на некогашната убавина
Можеби се прашуваш: ‚Можно ли е возрасните повторно да ги имаат убавите особини што ги имале кога биле мали деца?‘ Едноставниот и утешителен одговор е: ‚Да!‘ Исусовата заповед ‚да станеме како деца‘ сигурно докажува дека тоа е можно (Матеј 18:3).
Да го потврдиме ова со еден пример: Една екипа реставратори, или стручњаци за обновување на стари уметнички дела, работат на тоа да поправат едно скапоцено ремек-дело. Додека работат, тие отстрануваат слоеви наталожена нечистотија и поправаат нечии претходни невешти обиди да се реставрира тоа уметничко дело. Откако стрпливо ќе вложат голем труд, пред очите на сите ќе се откријат раскошните бои на оригиналното ремек-дело и неговата првобитна убавина. Слично на ова, со упорен труд, со помош на Јеховиниот свет дух и со грижливата поддршка од христијанското собрание, и ние ќе можеме повторно да ги имаме убавите особини што природно сме ги имале кога сме биле деца (Ефешаните 5:1).
[Слика на страница 9]
Децата се понизни по природа
[Слика на страница 10]
Малите деца немаат предрасуди и брзо простуваат и забораваат