Христијански сведоци со небесно живеалиште
„А нашето живеалиште е на небесата“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 3:20).
1. Каква прекрасна намера има Јехова со некои луѓе?
НЕКОИ поединци, родени како луѓе, ќе владеат како цареви и свештеници на небото, па дури и над ангелите (1. Коринтјаните 6:2, 3; Откровение 20:6). Каква зачудувачка вистина! Сепак, тоа е Јеховина намера и тој ја остварува преку својот единороден Син, Исус Христос. Зошто нашиот Творец го прави тоа? И како треба спознанието за ова да влијае врз еден христијанин денес? Да видиме како одговара Библијата на овие прашања.
2. Како што објавил Јован Крстител, што ново требало да направи Исус, и со што била поврзана таа нова работа?
2 Кога го подготвувал патот за Исус, Јован Крстител објавил дека Исус ќе направи нешто ново. Извештајот вели: „[Јован] проповедаше, велејќи: ‚По Мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети‘“ (Марко 1:7, 8). Пред тоа, никој не бил крстен со свет дух. Тоа било една нова подготовка во која бил вклучен светиот дух и таа се однесувала на Јеховината претстојна намера да подготви луѓе за небесно владетелство.
‚Повторно родени‘
3. Кои нови работи во врска со небесното Царство му ги објаснил Исус на Никодим?
3 На еден таен состанок со еден угледен фарисеј, Исус открил нешто повеќе за оваа божествена намера. Ноќта, кога фарисејот Никодим дошол кај Исус, Исус му рекол: „Ако некој не се роди одозгора [повторно не се роди, НС], не може да го види царството Божјо“ (Јован 3:3). Никодим, кој како фарисеј сигурно ги имал проучувано Хебрејските списи, веќе знаел нешто за големата вистина за Божјето Царство. Книгата на Даниил прорекла дека Царството ќе му биде дадено на ‚некој како Синот Човечки‘ и на „народот од светиите на Севишниот“ (Даниил 7:13, 14, 27). Царството требало „да ги победи и разруши“ сите други царства, а тоа да остане засекогаш (Даниил 2:44). Веројатно Никодим мислел дека овие пророштва ќе се исполнат во врска со еврејскиот народ; но Исус рекол дека за да го види Царството, човек мора повторно да се роди. Никодим не сфатил, па затоа Исус продолжил: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо“ (Јован 3:5).
4. Како ќе се промени односот со Јехова спрема оние кои се родени од светиот дух?
4 Јован Крстител порано зборувал за крштевање со свет дух. Сега, Исус додава дека поединецот мора да се роди од свет дух ако сака да влезе во Божјето Царство. Преку ова единствено раѓање, несовршени мажи и жени стапуваат во еден навистина посебен однос со Јехова Бог. Тие стануваат негови посвоени деца. Читаме: „А на сите што Го примија [Исуса] — на сите што веруваа во Неговото име — им даде можност да станат синови Божји: кои не од крв, ни од похот машка, а од Бога се родија“ (Јован 1:12, 13; Римјаните 8:15).
Божји деца
5. Кога верните ученици биле крстени со свет дух, и какви поврзани дејства на светиот дух се случиле во исто време?
5 Кога зборувал со Никодим, Исус веќе го имал примено со светиот дух, со што бил помазан за неговото идно царување во Божјето Царство, а Бог јавно го признал за Свој Син (Матеј 3:16, 17). На Пентакост 33 година н. е., Јехова произвел и други духовни деца. Верните ученици се собрале во горната соба во Ерусалим, каде што биле крстени со свет дух. Во исто време, тие биле повторно родени од светиот дух за да станат Божји духовни синови (Дела 2:2-4, 38; Римјаните 8:15). Понатаму, тие биле помазани со свет дух заради идното небесно наследство, а на почетокот биле запечатени со свет дух како знак за сигурноста на таа небесна надеж (2. Коринтјаните 1:21, 22).
6. Каква е Јеховината намера во врска со небесното Царство, и зошто е прикладно тоа што луѓето имаат удел во ова?
6 Ова биле првите несовршени луѓе, избрани од Бог за да влезат во Царството, то ест по нивната смрт и воскресение тие требало да станат дел од небесната организација на Царството, која ќе владее над луѓето и над ангелите. Јехова има намера преку ова Царство да го посвети своето големо име и да ја оправда својата сувереност пред сето творештво (Матеј 6:9, 10; Јован 12:28). Колку само е прикладно што луѓето имаат удел во тоа Царство! Сатана употребил луѓе кога го покренал својот прв предизвик против Јеховината сувереност во Едемската градина, а сега Јехова има намера луѓето да бидат вклучени во одговорот на тој предизвик (1. Мојсеева 3:1-6; Јован 8:44). Апостол Петар им напишал на некои поединци кои биле избрани да владеат во тоа Царство: „Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исуса Христа од мртвите за жива надеж, за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас“ (1. Петрово 1:3, 4).
7. На каков единствен однос со Исус се радуваат оние кои се крстени со свет дух?
7 Како посвоени Божји синови, овие избрани христијани станале браќа на Исус Христос (Римјаните 8:16, 17; 9:4, 26; Евреите 2:11). Поради тоа што Исус докажал дека тој е Семето што му било ветено на Авраам, овие духовно помазани христијани претставуваат придружен, односно спореден дел од тоа Семе, кое ќе му додели благослов на верното човештво (1. Мојсеева 22:17, 18; Галатјаните 3:16, 26, 29). Каков благослов? Па, приликата да бидат откупени од гревот и помирени со Бог и да му служат сега и во сета вечност (Матеј 4:23; 20:28; Јован 3:16, 36; 1. Јованово 2:1, 2). Помазаните христијани кои сѐ уште се на Земјата, ги насочуваат лицата со праведни срца кон овој благослов, сведочејќи за својот духовен брат Исус Христос и за нивниот Татко кој ги посвоил, Јехова Бог (Дела 1:8; Евреите 13:15).
8. Што е „откривањето“ на духовно родените Божји синови?
8 Библијата зборува за ‚откривање‘ на овие духовно родени Божји синови (Римјаните 8:19, НС). Со влегувањето во Царството како придружни цареви со Исус, тие ќе учествуваат во уништувањето на Сатановиот светски систем на ствари. Потоа, за илјада години, ќе помагаат во излевањето на користите од откупната жртва врз човештвото, подигнувајќи го човечкиот род до совршенството што го изгубил Адам (2. Солунјаните 1:8-10; Откровение 2:26, 27; 20:6; 22:1, 2). Нивното откривање ги опфаќа сите гореспоменати фактори. Тоа е нешто што верните човечки суштества нестрпливо го очекуваат.
9. Како се осврнува Библијата на светското тело од помазани христијани?
9 Светското тело од помазани христијани ја претставува „Црквата на првородените, кои се напишани на небесата“ (Евреите 12:23). Тие се првите кои ќе извлечат корист од Исусовата откупна жртва. Тие се и ‚Христово тело‘, што го покажува нивниот присен однос, како меѓусебно така и со Исус (1. Коринтјаните 12:27). Павле напишал: „Како што е телото едно, а има многу органи, и сите органи од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, — така и Христос. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело — било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени“ (1. Коринтјаните 12:12, 13; Римјаните 12:5; Ефесјаните 1:22, 23; 3:6).
‚Божји Израил‘
10, 11. Зошто во првиот век бил потребен нов Израел, и кој го сочинувал овој нов народ?
10 Повеќе од 1.500 години пред да дојде Исус како ветен Месија, телесната нација Израел била Јеховин посебен народ. И покрај постојаните потсетувања, народот во целина се покажал неверен. Кога Исус се појавил, народот го отфрлил (Јован 1:11). Затоа, на еврејските религиозни водачи Исус им рекол: „Царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови“ (Матеј 21:43). За да бидеме спасени, неопходно е да го признаеме тој ‚народ, што ги принесува плодовите [на Царството]‘.
11 Новиот народ е помазаното христијанско собрание, родено на Пентакост 33 година н. е. Негови први членови биле Исусовите еврејски ученици кои го прифатиле како нивни небесен Цар (Дела 2:5, 32-36). Меѓутоа, тие биле членови на Божјиот нов народ, не поради нивното еврејско потекло, туку на темел на верата во Исус. Затоа, овој нов Израел Божји претставувал нешто единствено — духовен народ. Кога мнозинството Евреи одбиле да го прифатат Исус, поканата да станат дел од новиот народ била проширена до Самарјаните, а потоа и до паганите. Новиот народ бил наречен ‚Израил Божји‘ (Галатјаните 6:16).
12, 13. Како станало јасно дека новиот Израел не бил обична секта на јудаизмот?
12 Во стариот Израел, кога не-Евреи станувале прозелити, тие морале да се потчинат на Мојсеевиот Закон, а машките морале да го симболизираат тоа со обрежување (2. Мојсеева 12:48, 49). Некои еврејски христијани мислеле дека истото треба да важи и за не-Евреите од Божјиот Израел. Меѓутоа, Јехова имал на ум нешто друго. Светиот дух го упатил апостол Петар во домот на паганинот Корнилиј. Кога се оѕвале на Петровото проповедање, Корнилиј и неговото семејство добиле свет дух — уште пред да бидат крстени во вода. Тоа јасно покажало дека Јехова ги прифатил овие пагани како членови на Божјиот Израел, без да бара да се подложат на Мојсеевиот Закон (Дела 10:21-48).
13 На извесен број верници им било тешко да го прифатат тоа, па затоа наскоро целата работа морале да ја разгледаат апостолите и старешините во Ерусалим. Тоа авторитетно тело го слушнало сведоштвото кое детално го образложило делувањето на светиот дух врз не-еврејските верници. Истражувањето на Библијата покажало дека тоа било исполнение на инспирираното пророштво (Исаија 55:5; Амос 9:11, 12). Била донесена исправна одлука: Не-еврејските христијани не морале да се подложуваат на Мојсеевиот Закон (Дела 15:1, 6-29). На тој начин, духовниот Израел навистина бил нов народ, а не обична секта на јудаизмот.
14. На што укажува тоа што Јаков го нарекол христијанското собрание ‚дванаесет племиња кои живеат растурено‘?
14 Во склад со ова, кога им пишувал на помазаните христијани од првиот век, ученикот Јаков го упатил своето писмо до „дванаесетте колена [племиња, НС], кои живеат растурено“ (Јаков 1:1; Откровение 7:3-8). Се разбира, жителите на новиот Израел не биле доделени во некакви дословни племиња. Во духовниот Израел не постоела поделба на 12 различни племиња каква што имало во телесниот Израел. Сепак, Јакововиот инспириран израз покажува дека во Јеховини очи, Божјиот Израел потполно ги заменил 12-те племиња на природниот Израел. Ако некој природен Израелец станел дел од новиот народ, неговото телесно потекло — дури и ако бил од племето на Јуда или Леви — немало никакво значење (Галатјаните 3:28; Филипјаните 3:5, 6).
Нов сојуз
15, 16. а) Како гледа Јехова на не-еврејските членови на Божјиот Израел? б) Врз која законска основа бил формиран новиот Израел?
15 Во Јеховини очи, не-израелските членови на овој нов народ се комплетни духовни Евреи! Апостол Павле објаснил: „Не е оној Јудеец, кој е таков по надворешност, ниту по обрезанието, кое е надворешно, врз плотта, туку оној, кој е внатрешно таков, и она обрезание, што е во срцето, по дух, а не по буква: него ќе го пофалуваат не луѓето, а Бог“ (Римјаните 2:28, 29). Многу пагани се оѕвале на поканата да станат дел од Божјиот Израел, а преку овој развој на настаните се исполнило библиското пророштво. На пример, пророкот Осија напишал: „Ќе ја помилувам непомилуваната и ќе му речам на не Мојот народ: ‚ти си Мој народ‘, а тој ќе рече: ‚Ти си мој Бог!‘“ (Осија 2:23; Римјаните 11:25, 26).
16 Штом духовните Израелци не биле под Мојсеевиот сојуз на Законот, тогаш врз каква основа биле дел од новиот народ? Преку Исус, Јехова склучил нов сојуз со овој духовен народ (Евреите 9:15). На 14 низан 33 година н. е., кога го воспоставил Споменот за својата смрт, Исус им подал леб и вино на 11-те верни апостоли, велејќи дека виното ја симболизира ‚крвта на сојузот‘ (Матеј 26:28, НС; Јеремија 31:31-34). Како што се раскажува во Лукиниот извештај, Исус рекол дека чашата со вино го симболизира „Новиот завет [сојуз, НС]“ (Лука 22:20). Во исполнение на Исусовите зборови, кога светиот дух бил излиен на Пентакост и се родил Божјиот Израел, Царството било одземено од телесниот Израел и му било дадено на новиот, духовен народ. Наместо телесниот Израел, овој нов народ сега бил Јеховин слуга, составен од негови сведоци (Исаија 43:10, 11).
„Нов Ерусалим“
17, 18. Какви описи се дадени во книгата Откровение за славата што ги очекува помазаните христијани?
17 Каква само слава ги очекува оние кои ја имаат предноста да го делат небесниот позив! И колкава радост е да се научи за чудата што ги очекуваат нив! Книгата Откровение ни дава возбудливи одблесоци за нивното небесно наследство. На пример, во Откровение 4:4 читаме: „Околу престолот [Јеховин], пак, имаше дваесет и четири престола; а на престолите видов седнати дваесет и четири Старци [старешини, НС], облечени во бели алишта, а на главите . . . имаа златни венци [круни, НС]“. Овие 24 старешини се воскреснатите помазани христијани кои сега го заземаат небесниот положај што им го ветил Јехова. Нивните круни и престолите нѐ потсетуваат на нивното кралско достоинство. Исто така, помисли на нивната необично величествена предност да служат околу Јеховиниот престол!
18 Во Откровение 14:1 гледаме една друга глетка за нив: „Потоа видов: ете, Агнецот стои на гората Сион, и со Него сто и четириесет и четири илјади, што го имаа на челата свои напишано [неговото име и, НС] името на Неговиот Отец“. Тука го гледаме ограничениот број на овие помазаници — 144.000. Нивниот кралски статус се препознава по тоа што стојат заедно со Јеховиниот востоличен Цар, „Агнецот“, Исус. Тие се наоѓаат на небесната гора Сион. На земската гора Сион бил лоциран Ерусалим, израелскиот кралски град. Небесната гора Сион ја претставува возвишената положба на Исус и на неговите придружни наследници, кои го сочинуваат небесниот Ерусалим, кој, пак, го претставува Царството (2. Летописи 5:2; Псалм 2:6).
19, 20. а) Од која небесна организација помазаните христијани ќе бидат дел? б) Низ колкав временски период Јехова ги избирал оние чиешто живеалиште требало да биде на небесата?
19 Во склад со ова, за помазаниците во нивната небесна слава се зборува како за ‚Нов Ерусалим‘ (Откровение 21:2). Земскиот Ерусалим бил „град на великиот Цар“, а таму бил лоциран и храмот (Матеј 5:35). Небесниот Нов Ерусалим е кралската организација на Царството преку која големиот Суверен, Јехова, и неговиот помазан Цар, Исус, сега владеат и во кој се извршува свештеничка служба, додека од Јеховиниот престол течат богати благослови за лекување на човештвото (Откровение 21:10, 11; 22:1-5). Во една друга визија, Јован ги слуша верните, воскреснати, помазани христијани, наречени ‚жена на Агнецот‘. Колку трогателна слика за присноста што ќе ја уживаат со Исус и за нивната спремна подложност кон него! Замисли си ја радоста на небото кога и последниот од нив на крајот ќе ја добие својата небесна награда. И сега, конечно, може да се одигра „свадбата на Агнецот“! Тогаш таа кралска небесна организација ќе биде потполна (Откровение 19:6-8).
20 Да, прекрасни благослови ги очекуваат оние за кои апостол Павле рекол: „А нашето живеалиште е на небесата“ (Филипјаните 3:20). Скоро две илјади години, Јехова ги избирал своите духовни деца и ги подготвувал за небесно наследство. Според сите докази, ова дело на избирање и подготвување е скоро завршено. Но, требало да уследи уште нешто, како што му било откриено на Јован во неговата визија запишана во Откровение, поглавје 7. Затоа, вниманието сега ни го свртува една друга група христијани, на која ќе се задржиме во следната статија.
Дали се сеќаваш?
◻ Кои се различните дејства на духот врз лицата со небесно наследство?
◻ Каков присен однос со Јехова уживаат помазаниците? А каков со Исус?
◻ Како е опишано во Библијата собранието од помазани христијани?
◻ Врз која законска основа бил формиран Божјиот Израел?
◻ Какви небесни предности ги очекуваат помазаните христијани?
[Слика на страница 10]
Низ период од скоро две илјади години, Јехова ги избрал оние кои требало да владеат во небесното Царство