„Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски“
КОГА ги кажал овие зборови пред повеќе од 19 века, Исус Христос ги предупредил своите ученици на штетните религиозни науки и обичаи (Матеј 16:6, 12). Извештајот од Марко 8:15 е уште поконкретен: „Чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!“ Зошто бил спомнат Ирод? Затоа што некои од садукеите биле иродовци, односно политичка група.
Зошто било неопходно такво предупредување? Зарем не биле и фарисеите и садукеите отворени противници на Исус? (Матеј 16:21; Јован 11:45-50). Да, биле. Сепак, некои од нив подоцна ќе го прифатат христијанството и тогаш ќе се обидат сопствените идеи да му ги наметнат на христијанското собрание (Дела 15:5).
Постоела опасност и самите ученици да ги имитираат тие религиозни водачи под чиешто влијание одраснале. Понекогаш, самото тоа што имале такво потекло се покажувало како пречка да ја сфатат смислата на Исусовите поуки.
Што ги направило фарисеизмот и садукеизмот толку опасни? Еден краток поглед на религиозната состојба во деновите на Исус, ќе го покаже тоа.
Религиозно неединство
Во врска со еврејското општество во првиот век од нашата ера, историчарот Макс Радин напишал: „Меѓусебната независност на еврејските собранија била прилично реална, па дури и се инсистирало на неа. . . . Честопати, кога почитта кон храмот и кон светиот град биле најсилно нагласени, можело да се покаже голем презир кон оние кои во моментот ја држеле врховната власт во татковината“.
Навистина жалосна духовна состојба! Кои фактори го придонесувале тоа? Во Палестина не живееле само Евреи. Влијанието на грчката култура, во која свештениците не биле водачи на општеството, ја одиграло својата улога во ослабувањето на респектот кон Јеховиното свештеничко уредување (2. Мојсеева 28:29; 40:12-15). А не треба да се превидат ни образованите лаици и писари.
Фарисеите
Името фарисеи, или перусим, веројатно значело „одделени“. Фарисеите се сметале себеси за следбеници на Мојсеј. Формирале свој сопствен сојуз, односно братство (хебрејски, чавурах). За да бил некој примен како член, морал да се заколне пред тројца членови на братството дека стриктно ќе се придржува кон левитската чистота, дека ќе избегнува блиско дружење со ам-хаареците (неучените народни маси) и дека совесно ќе плаќа десеток. Марко 2:16 (НС) зборува за „писари на фарисеите“. Некои од оваа партија биле професионални писари и учители, додека други биле лаици (Матеј 23:1-7).
Фарисеите верувале во еден сеприсутен Бог. Тие мислеле дека, затоа што „Бог е насекаде, може да биде обожаван и во Храмот и надвор од него, и не треба да биде призиван само со жртви. Ја поддржувале синагогата како место за обожавање, за проучување и за молитва и ја издигнале на ниво на централно и важно место во животот на луѓето што се угледувале на Храмот“ (Encyclopaedia Judaica).
На фарисеите им недостигало ценење за Јеховиниот храм. Ова може да се види од Исусовите зборови: „Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‚Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во црковното злато, виновен е.‘ Безумни и слепи! Што е поголемо, навистина: златото или црквата, која го осветува златото? Исто така велите: ‚Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е.‘ Безумни и слепи! Што е, навистина, посвето: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот? А кој се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него“ (Матеј 23:16-20).
Како можеле фарисеите да резонираат толку погрешно? Што превиделе? Забележи што рекол Исус понатаму. „И кој се заколне во црквата, се колне во неа и во Оној, Кој живее во неа“ (Матеј 23:21). Во врска со овој стих, научникот Е. П. Сандерс забележува: „Храмот бил свет не само затоа што таму бил обожаван светиот Бог туку и затоа што тој бил таму“ (Judaism: Practice and Belief, 63 BCE—66 CE — Јудаизам: Обичаи и верувања, 63 пр.н.е — 66 н.е.) Меѓутоа, Јеховиното посебно присуство малку би значело за оние што мислеле дека тој е насекаде.
Фарисеите исто така верувале во комбинација од предодреденост и слободна волја. Со други зборови, „сѐ е предвидено, но сепак е дадена слобода на избор“. Тие верувале дури и дека на Адам и на Ева им било предодредено да згрешат, па дури и дека е предодредено кога некој малку ќе си го пресече прстот.
Можеби Исус ги имал на ум таквите погрешни идеи кога зборувал за рушењето на кулата што предизвикала смрт на 18 луѓе. Тој прашал: „Или мислите дека оние осумнаесет души, . . . беа најгрешни од сите жители на Ерусалим?“ (Лука 13:4). Како што е случај со повеќето несреќи, и оваа била последица на „времето и непредвидениот настан“, а не на судбината, како што учеле фарисеите (Проповедник 9:11, НС). Како постапувале таквите наводно образовани поединци со библиските заповеди?
Биле религиозни иноватори
Фарисеите тврделе дека библиските заповеди мора да бидат толкувани од страна на рабините од секоја генерација во склад со напредните идеи. Според тоа, Encyclopaedia Judaica вели дека ним „не им било многу тешко да ги усогласат учењата на Тората со своите напредни идеи ниту да пронајдат каде нивните идеи се подразбираат или се алудира на нив во зборовите на Тората“.
Во врска со годишниот Ден на помирување, моќта на помирувањето за гревовите била префрлена од првосвештеникот на самиот ден (3. Мојсеева 16:30, 33). На прославата на Пасхата, поголем нагласок ставале на рецитирањето на лекциите од извештајот од 2. Мојсеева за виното и за бесквасниот леб отколку на пасхалното јагне.
Со текот на времето, фарисеите станале влијателни во храмот. Ја вовеле процесијата во која спаѓало носење вода од бањата Силоам и нејзиното жртвено изливање за време на Празникот на брање плодови, како и удирањето со врбови гранки по олтарот на крајот од празникот и редовните дневни молитви кои немале основа во Законот.
„Особено значајни“ биле „фарисејските иновации во врска со сабатот“, вели The Jewish Encyclopedia. Од жената се очекувало да изрази добредојде на сабатот со палење ламби. Ако изгледало дека некоја активност може да води до незаконска работа, фарисеите ја забранувале. Оделе толку далеку што го регулирале медицинското лечење и изразиле лутина кога Исус преку чудо излечил на сабат (Матеј 12:9-14; Јован 5:1-16). Меѓутоа, овие религиозни иноватори не престанале да воведуваат нови обичаи во обид да создадат преграда, односно ограда за заштита на законите од Библијата.
Укинувања
Фарисеите тврделе дека имаат право да отстранат, односно да укинат некои закони од Библијата. Нивниот начин на заклучување е одразен во талмудската максима: „Подобро е еден закон да се искорени отколку целата Тора да се заборави“. Еден таков случај бил кога ја укинале прошталната година врз основа на тоа што, од страв дека ќе го изгуби своето право на сопствеништво како што се приближува таа година, никој нема да му позајмува на сиромашниот (3. Мојсеева 25. поглавје).
Други примери се укинувањето на судењето за жена што е осомничена за прељуба, како и во случај на нерешено убиство, односно отстранувањето на постапката на покајување (4. Мојсеева 5:11-31; 5. Мојсеева 21:1-9). Во прашање било само време кога фарисеите ќе го укинат библиското барање да се згрижуваат родителите со она што им е потребно (2. Мојсеева 20:12; Матеј 15:3-6).
Исус предупредил: „Пазете се од квасот фарисејски, што е лицемерие“ (Лука 12:1). Фарисеизмот, со своите нетеократски ставови, не можел да биде ништо друго освен лицемерие — нешто што дефинитивно не смее да се внесе во христијанското собрание. И покрај сето тоа, еврејските енциклопедии и речници ги прикажуваат фарисеите во многу поповолно светло отколку садукеите. Да ја разгледаме сега оваа поконзервативна група.
Садукеите
Името садукеи е веројатно земено од Садок, првосвештеник во деновите на Соломон (3. Царства 2:35). Садукеите формирале конзервативна партија која ги застапувала интересите на храмот и на свештенството. За разлика од фарисеите, кои полагале право на власт врз основа на ученост и побожност, садукеите го темелеле својот прерогатив на генеалогијата и положбата. Тие им се противеле на фарисејските иновации сѐ до уништувањето на храмот во 70 н. е.
Покрај тоа што ја отфрлале предодреденоста, садукеите одбивале да го прифатат секое учење што не се спомнува јасно во Пентатеухот, дури и ако е наведено на друго место во Божјата Реч. Всушност, „сметале дека е доблест да се оспоруваат“ ваквите работи (The Jewish Encyclopedia). Ова потсетува на случајот кога го предизвикале Исус во врска со воскресението.
Користејќи ја илустрацијата со вдовицата на седум мажи, садукеите прашале: „При воскресението, на кого од седуммината ќе биде таа жена?“ Се разбира, таа нивна измислена вдовица можела да има и 14 или 21 маж. Исус објаснил: „При воскресението луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат“ (Матеј 22:23-30).
Свесен дека садукеите ги отфрлаат сите вдахновени писатели освен Мојсеј, својата главна мисла Исус ја поддржал цитирајќи го Пентатеухот. Тој рекол: „А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеја, како му рече Бог при капината: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов‘? Но Он не е Бог на мртвите, а Бог на живите“ (Марко 12:26, 27).
Прогонители на Исус и на неговите следбеници
Во односите со другите нации, садукеите се потпирале на уметноста на водење државни работи наместо на чекањето на Месијата — ако воопшто верувале дека ќе дојде. Во договор со Рим, тие сакале да ракуваат со храмот, но не и да се појави на сцената некој Месија кој би им ги нарушил работите. Гледајќи го Исус како закана за својата положба, ги здружиле силите со фарисеите за да сковаат завера да го убијат (Матеј 26:59-66; Јован 11:45-50).
Така политички ориентирани, садукеите, логично, направиле спорно прашање за лојалноста кон Рим и извикале: „Ние немаме цар, освен ќесарот“ (Јован 19:6, 12-15). После Исусовата смрт и воскресение, токму садукеите го презеле водството во обидот да се спречи ширењето на христијанството (Дела 4:1-23; 5:17-42; 9:14). По уништувањето на храмот во 70 н. е., оваа група престанала да постои.
Потребно е да останеме внимателни
Колку само соодветно се покажало Исусовото предупредување! Да, и ние треба ‚да се чуваме од квасот фарисејски и садукејски‘. Човек треба само да ги посматра неговите лоши плодови и во јудаизмот и во денешниов христијански свет.
Меѓутоа, во потполна спротивност со нив, оспособените христијански старешини, во повеќе од 75.500 собранија на Јеховините сведоци низ светот, ‚пазат на себе и на учењето‘ (1. Тимотеј 4:16). Тие ја прифаќаат целата Библија како вдахновена од Бог (2. Тимотеј 3:16). Наместо да бидат иновативни во унапредувањето на свои сопствени религиозни процедури, тие работат обединето под водство на библиски темелената организација која го користи ова списание како свое главно помагало за поучување (Матеј 24:45-47).
Со какви резултати? Милиони луѓе низ целиот свет духовно се подигаат кога ќе ја сфатат Библијата, ќе го применат тоа во својот живот и ги поучуваат за тоа и другите. За да видиш како се постигнува тоа, зошто не го посетиш најблиското собрание на Јеховините сведоци или не им пишеш на издавачите на ова списание?
[Рамка на страница 26]
ИСУС ГИ ЗЕМАЛ ВО ОБЅИР СВОИТЕ СЛУШАТЕЛИ
ИСУС ХРИСТОС поучувал со јасност, земајќи ги во обѕир сфаќањата на своите слушатели. На пример, тоа го сторил кога му зборувал на фарисејот Никодим за повторното „раѓање“. Никодим прашал: „Како може човек да се роди, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?“ (Јован 3:1-5). Зошто бил Никодим толку збунет кога фарисеите верувале дека повторното раѓање е неопходно ако некој сака да се преобрати на јудаизмот, а рабинските изреки го споредуваат прозелитот со „новородено дете“?
A Commentary on the New Testament From the Talmud and Hebraica, од Џон Лајтфут, го дава следниов увид: „Општото сфаќање на Евреите за квалификациите на еден Израелец . . . сѐ уште било всадено во умот на овој фарисеј“ кој не можел „лесно да се ослободи од својата првобитна предрасуда . . . : ‚Со оглед на тоа што Израелецот . . . има право да влезе во царството на Месијата, дали мислиш, со овој твој израз, дека е неопходно некој да влезе по втор пат во мајчината утроба за да биде наново Израелец?‘“ (Спореди Матеј 3:9.)
Иако го признавал повторното раѓање за прозелитите, Никодим ја гледал таа постапка како невозможна за природните Евреи — така да се каже, повторно да влезат во утробата.
Во друга прилика, многумина биле навредени кога Исус зборувал за ‚јадењето на неговото тело и за пиењето на неговата крв‘ (Јован 6:48-55). Меѓутоа, Лајтфут укажува дека „немало ништо пообично во училиштата на Евреите од фразите за ‚јадење и пиење‘ во преносна смисла“. Тој исто така забележал дека Талмудот споменува „јадење на Месијата“.
На тој начин, гледиштата на фарисеите и на садукеите прилично влијаеле врз размислувањето на Евреите од првиот век. Соодветно на тоа, Исус секогаш ги земал во обѕир спознанието и искуството на своите слушатели. Ова бил еден од главните фактори што придонеле да биде Голем Учител.