Божјиот ден на одмазда
КАКО ШТО видовме во претходната статија, постојат повеќе причини зошто е погрешно да бараме одмазда. Погрешно е бидејќи на крајот со тоа ништо не се решава. Погрешно е бидејќи го овековечува непријателството наместо да гради мостови на пријателство. И погрешно е затоа што е лошо за оној кој негува одмазднички мисли.
Меѓутоа, најважната причина зошто човечката одмазда е погрешна се гледа во Мојсеевите зборови до Израел: ”Јахве, Богот твој, е милосрден Бог“ (Поновљени закон 4:31, Ст). Бидејќи Бог е милосрден, и ние треба да бидеме милосрдни како него. Исус им рекол на своите следбеници: ”Бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец“ (Лука 6:36, Ст).
Сепак, Библијата исто така го опишува Јехова како ”Бог на одмазнички дела“ (Псалми 94:1, NW). Пророкот Исаија зборува за ”годината на милоста Јахвина“ и ”денот на одмазда на нашиот Бог“ (Исаија 61:2, Ст). Како може Бог да биде и милосрден и одмаздлив? И ако треба да го имитираме Божјето милосрдие, зошто не можеме да го имитираме во одмаздувањето?
Одговорот на првото прашање гласи: Бог е милосрден бидејќи го љуби човештвото, и простува колку што може, онолку долго колку што може за да им даде на луѓето прилика да се поправат. Многумина, како апостол Павле, добро го искористиле тоа милосрдие. Но Бог е исто така одмаздлив — во смисла што бара правда — бидејќи таквата милост може да трае само одредено време. Кога некои ќе покажат дека никогаш нема да го променат однесувањето, Бог ќе изврши суд во текот на она што е наречено негов ден на одмазда.
Што се однесува до второто прашање, одговорот е не, ние немаме право да бидеме одмаздливи само затоа што Бог бара одмазда. Јехова е совршен во правдата; луѓето не се. Бог ги гледа сите страни на некоја работа и секогаш донесува праведна одлука. На нас не може да се смета да го правиме истото. Затоа Павле советувал: ”Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: ’Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам — вели Господ‘“ (Римјаните 12:19). Заради самите себе, мораме да ја препуштиме одмаздата во Јеховините раце.
Зошто ден на одмазда?
Сепак, Библијата на многу места ја потврдува потребата за пресметување со непокајничките престапници. На пример, апостол Павле прорекол дека Бог, преку Исус, ќе изврши ’одмазда над оние кои не го познаваат Бог и не го слушаат евангелието на нашиот Господ Исус Христос‘ (2. Солуњанима 1:8, ДК). Имаме добри причини тие зборови да ги сфатиме сериозно. Зошто?
Како прво, поради тоа што повеќето луѓе денес се упорни во противењето на Суверенитетот на Творецот и не ги почитуваат неговите праведни закони. Без разлика дали тврдат дека веруваат во Бог или не, нивното однесување јасно покажува дека мислат дека тие не се чувствуваат одговорни пред Бог. Зборовите на псалмистот се однесуваат на сите такви: ”Како тоа злобниот да не го почитува Бог? Во своето срце рекол: ’Нема да бараш сметка‘“ (Псалми 10:13, NW). Секако дека Јехова нема засекогаш да дозволи да биде исмејуван на тој начин. Иако е Бог на љубовта, тој исто така е Бог на правдата. Тој ќе им обрне внимание на извиците на оние кои се вистински заинтересирани за правдата: ”Стани, Господе! крени ја раката своја, не заборавај ги неволните“ (Псалам 10:12, ДК).
Дури и повеќе, луѓето кои се противат на законот ја уништуваат и Земјата на која живееме. Го загадуваат воздухот, почвата и водата; ја полнат Земјата со неправда и суровост. Натрупуваат доволно хемиско, нуклеарно и други смртоносни оружја кои претставуваат закана за опстанокот на човештвото. Неопходна е божествена интервенција за да се обезбеди сигурна иднина за послушното човештво (Откровение 11:18). Токму за оваа интервенција Исаија зборувал како за ден на одмазда.
Што ќе постигне Божјиот ден на одмазда?
Според Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words, во грчките списи зборот за одмазда, кога се употребува во врска со Бог, буквално значи ”’она што произлегува од правдата‘ но не како што честопати е случај со одмаздата од страна на човекот, заради чувството на навреда или едноставно поради чувство на лутина.“ Значи, Божјата одмазда против своите непријатели нема да биде време на неконтролирано крвопролевање, како некоја лична крвна одмазда. ”Господ [Јехова, NW] може да ги избави побожните од искушенија, а безбожните да ги сочува за Судниот ден да ги казни“, вели Библијата (2. Петрова 2:9, превод Људевит Рупчиќ).
Божјите слуги желно го очекуваат Божјиот ден на одмазда како време кога исправното однесување ќе биде оправдано и кога праведните ќе бидат ослободени од угнетувањето на злобните. Тоа не значи дека тие се злобни или одмаздливи. ”Кој се радува на зло, нема да остане неказнет“, предупредува Библијата (Соломонови изреки 17:5). Напротив, тие негуваат милосрдие и сочувство, препуштајќи ги одлуките за одмазда на Бог.
Вистина е дека на разлутениот не му е лесно да постапува на ваков начин. Но тоа е можно, и многумина направиле така. На пример, Педро имал несреќно детство и неговиот постар брат често го тепал. Затоа израснал во силеџија, постојано имал проблеми со полицијата, и гневот што го чувствувал спрема својот брат го истурал врз жената и децата. Најпосле, сослушал еден Јеховин сведок и подоцна почнал да ја проучува Библијата. ”Со Јеховина помош“, раскажува тој, ”се променив, и сега, наместо да се тепам со луѓето, им помагам како христијански старешина.“ Со помош на Библијата и светиот дух, безброј други луѓе на сличен начин се промениле од злобни или осветољубиви во такви кои покажуваат љубов и трпеливост спрема другите.
Што ќе сториш ти?
Ако го задржиме на ум доаѓањето на Божјиот ден на одмазда, тоа ќе ни помогне да ја искористиме Јеховината трпеливост. Но приликата за тоа не е неограничена. Тој ден набрзо ќе дојде. Апостол Павле покажал зошто сѐ уште не дошол: ”Не доцни Господ [Јехова, NW] со ветувањето, како што некои мислат дека доцни; туку нѐ трпи, бидејќи не сака никој да загине, туку сите да дојдат во покајание“ (2. Петрова 3:9, ДК).
Затоа е итно да се подготвиме за Божјиот ден на пресметка, така што ќе ја проучуваме Библијата и ќе ги применуваме нејзините совети. Тоа ќе ни помогне да ги следиме зборовите на псалмистот: ”Престани да се гневиш и остави ја јароста, не жести се толку многу — самиот да не правиш зло, зашто оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа [на Јехова, NW], ќе ја наследат земјата“ (Псалми 36:8, 9).
[Слика на страница 7]
После Божјиот ден на одмазда, ’оние кои се надеваат на Господа [на Јехова, NW], ќе ја наследат земјата‘