ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w24 Март стр. 20-25
  • Чувај се од темнината — остани во светлината

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Чувај се од темнината — остани во светлината
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ОД ТЕМНИНА ВО СВЕТЛИНА
  • ЧУВАЈ СЕ ОД ТЕМНИНАТА
  • „ЖИВЕЈТЕ КАКО ДЕЦА НА СВЕТЛИНАТА“
  • Одлуки од кои се гледа дека се потпираме на Јехова
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2023)
  • Скромно прифати дека има работи кои не ги знаеш
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
  • Дали ја препознаваш вистината?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Поуки од прошталните зборови на верни слуги на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
w24 Март стр. 20-25

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 12

ПЕСНА 77 Светлина во мрачен свет

Чувај се од темнината — остани во светлината

Некогаш бевте темнина, а сега сте светлина (ЕФ. 5:8).

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да извлечеме поуки од метафоричните изрази „темнина“ и „светлина“ кои се спомнати во Ефешаните поглавје 5.

1-2. а) Во какви околности Павле го напишал писмото до Ефешаните? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

ДОДЕКА бил во куќен притвор во Рим, апостол Павле сакал да ги охрабри соверниците. Бидејќи не можел лично да ги посети, им напишал писма. Едно од нив го напишал за Ефешаните, некаде во 60 или 61 год. од н.е. (Еф. 1:1; 4:1).

2 Речиси десет години претходно, Павле некое време бил во Ефес, каде што проповедал и ги поучувал другите за добрата вест (Дела 19:1, 8-10; 20:20, 21). Тој многу ги сакал браќата и сестрите и сакал да им помогне да му останат верни на Јехова. Но, зошто им пишувал на помазаните христијани за темнина и светлина? И какви поуки можат да извлечат сите христијани од она што го напишал? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме во оваа статија.

ОД ТЕМНИНА ВО СВЕТЛИНА

3. Кои метафорични изрази ги употребил Павле во своето писмо до Ефешаните?

3 На христијаните во Ефес, Павле им напишал: „Некогаш бевте темнина, а сега сте светлина“ (Еф. 5:8). Павле тука ги употребил метафоричните изрази „темнина“ и „светлина“ за да објасни две сосема различни состојби. Да разгледаме зошто Павле рекол дека Ефешаните некогаш биле „темнина“.

4. Во која смисла Ефешаните биле во духовна темнина?

4 Духовна темнина. Пред да ја дознаат вистината и да станат христијани, Ефешаните на кои Павле им пишувал им робувале на лажни верски учења и суеверија. Во Ефес се наоѓал познатиот храм на грчката божица Артемида, кој многу луѓе од тоа време го сметале за едно од седумте светски чуда. Луѓето кои оделе во тој храм обожавале идоли. Занаетчиите кои изработувале и продавале сребрени храмчиња на Артемида заработувале многу пари (Дела 19:23-27). Освен тоа, многу луѓе во Ефес се занимавале со магија (Дела 19:19).

5. Во која смисла Ефешаните биле во морална темнина?

5 Морална темнина. Жителите на Ефес биле познати по своето крајно неморално и бесрамно однесување. Непристојниот говор бил вообичаен во театарските претстави, па дури и во верските прослави (Еф. 5:3). Многумина од Ефешаните „изгубиле секакво чувство за тоа што е морално“, израз кој дословно значи „престанале да чувствуваат болка“ (Еф. 4:17-19, фус.). Пред да ги дознаат Јеховините мерила за исправно и погрешно, нивната совест не ги измачувала кога ќе направеле нешто погрешно. Исто така, тие не сметале дека имаат некаква одговорност пред Јехова. Затоа, Павле можел да каже за нив дека се „со замрачен ум и отуѓени од животот што го дава Бог“.

6. Зошто Павле можел да им каже на Ефешаните: „Сега сте светлина“?

6 Но, некои од Ефешаните не останале во темнина. Павле за нив напишал: „Сега сте светлина во единство со Господарот“ (Еф. 5:8). Тие сега живееле во склад со Јеховината Реч која била како светлина која ги водела (Пс. 119:105). Овие Ефешани ги оставиле своите лажни верски обичаи и неморалното однесување. Тие се угледале на Бог и правеле сѐ што можеле за да му служат на Јехова и да го радуваат (Еф. 5:1).

7. Во кој поглед нашата ситуација е слична на ситуацијата на многу христијани од Ефес?

7 Слично на тоа, пред да ја дознаеме вистината, и ние сме биле во темнина во духовен и во морален поглед. Некои од нас славеле празници кои се поврзани со лажната религија, а други воделе неморален живот. Но, откако сме дознале за Јеховините мерила за исправно и погрешно, сме направиле промени. Сме почнале да живееме онака како што Бог сака да живееме. Тоа ни користело на многу начини (Иса. 48:17). Но, ние и понатаму се соочуваме со предизвици. Ние треба да се чуваме од темнината која сме ја оставиле и да продолжиме да живееме „како деца на светлината“. Како можеме да го правиме тоа?

Слики: 1. Апостол Павле пишува писмо додека е врзан со синџир за еден римски војник. 2. Древен примерок од писмото што апостол Павле им го напишал на Ефешаните.

Image digitally reproduced with the permission of the Papyrology Collection, Graduate Library, University of Michigan, P.Mich.inv. 6238. Licensed under CC by 3.0

Она што Павле им го напишал на Ефешаните е убав совет кој можеме да го примениме и ние денес (види во пасус 7)b


ЧУВАЈ СЕ ОД ТЕМНИНАТА

8. Според Ефешаните 5:3-5, од што морало да се чуваат Ефешаните?

8 Прочитај Ефешаните 5:3-5. За да останат што подалеку од моралната темнина, христијаните во Ефес требало да продолжат да ги отфрлаат постапките што ги мрази Јехова. Во ова не бил вклучен само сексуалниот неморал туку и непристојниот говор. Павле ги потсетил Ефешаните дека мора да се чуваат од такви работи ако сакаат да имаат „наследство во царството на Христос и на Бог“.

9. Зошто треба да внимаваме да не правиме ништо што би можело да нѐ наведе да извршиме неморал?

9 И ние мора и понатаму да внимаваме да не се вплеткаме во „бесплодните дела на темнината“ (Еф. 5:11). Одново и одново, искуството покажува дека, колку повеќе едно лице гледа, слуша или зборува нечисти и неморални работи, толку поголема е веројатноста дека ќе постапи неисправно (1. Мој. 3:6; Јак. 1:14, 15). Во една земја, една голема група браќа и сестри почнале да си праќаат пораки преку една социјална мрежа. На почетокот, многумина од нив зборувале за Јехова и за вистината. Но, со текот на времето, нивните разговори се свртеле кон работи кои Јехова не ги одобрува. Тие главно почнале да зборуваат за секс. Некои од нив подоцна признале дека таквиот нечист говор ги навел да направат сексуален неморал.

10. Како Сатана се обидува да нѐ измами? (Ефешаните 5:6).

10 Светот на Сатана сака да нѐ измами — да нѐ наведе да веруваме дека она што Јехова го нарекува неморално и нечисто воопшто не е погрешно (2. Пет. 2:19). Ова не нѐ изненадува! Една од тактиките кои Ѓаволот долго време ги користи е да ги збуни луѓето за да не можат да разликуваат што е исправно, а што неисправно (Иса. 5:20; 2. Кор. 4:4). Не е чудо што во многу филмови, телевизиски програми и интернет-страници се шират ставови кои не се во склад со Јеховините праведни мерила! Сатана сака да нѐ наведе да мислиме дека нечистите постапки и неморалниот начин на живот не само што се прифатливи туку се и забавни и безопасни. (Прочитај Ефешаните 5:6.)

11. Како искуството на Анџела покажува колку е важно да го примениме мудриот совет од Ефешаните 5:7? (Види ја и сликата.)

11 Сатана сака да поминуваме време со луѓе кои ќе ни отежнуваат да ги почитуваме Јеховините мерила. Токму затоа, Павле ги поттикнал Ефешаните: „Немојте да имате ништо со нив“, односно со оние кои го прават она што е погрешно во Божји очи (Еф. 5:7). Треба да имаме на ум дека во нашето друштво не спаѓаат само оние со кои комуницираме лице в лице. Во него се вклучени и оние со кои комуницираме преку социјалните мрежи — опасност на која Ефешаните во минатото не биле изложени. Анџела,a која живее во Азија, сфатила колку можат да бидат опасни социјалните мрежи. Таа признава: „Тие можат да бидат стапица — постепено да ти го променат начинот на размислување. Дојдов до степен кога повеќе не ми пречеше да имам ’пријатели‘ кои не ги почитуваат библиските начела. На крајот, почнав да мислам дека не е страшно да живеам на начин кој не му се допаѓа на Јехова“. Но, некои старешини на љубезен начин ѝ помогнале на Анџела да ги направи потребните промени. Таа вели: „Сега го полнам својот ум со духовни работи наместо со содржини од социјалните мрежи“.

Слики: 1. Една млада сестра гледа на својот телефон што е објавено на социјалните мрежи. 2. Истата сестра радосно разговара со друга сестра додека се во служба на проповедање.

Пријателите што ги избираме можат да имаат големо влијание врз тоа дали ќе се држиме за Јеховините мерила (види во пасус 11)


12. Што ќе ни помогне да се држиме за Јеховините мерила за исправно и погрешно?

12 Ние мора да се бориме против размислувањето на луѓето од овој свет дека неморалното однесување е прифатливо. Ние знаеме дека тоа е погрешно (Еф. 4:19, 20). Добро е да се прашаме: „Дали се трудам да не поминувам непотребно време со колегите, соучениците и други кои не ги почитуваат Јеховините праведни мерила? Дали храбро се држам за Јеховините мерила, дури и ако другите ме сметаат за нетолерантен поради тоа?“ Како што покажуваат зборовите од 2. Тимотеј 2:20-22, можеби ќе треба да внимаваме и кои ќе ни бидат блиски пријатели во собранието. Ние имаме на ум дека некои можеби нема да ни помогнат да му останеме верни на Јехова.

„ЖИВЕЈТЕ КАКО ДЕЦА НА СВЕТЛИНАТА“

13. Што значи да живееме „како деца на светлината“? (Ефешаните 5:7-9).

13 Павле ги поттикнал христијаните во Ефес не само да продолжат да ја отфрлаат темнината туку и да продолжат да живеат „како деца на светлината“. (Прочитај Ефешаните 5:7-9.) Што значи тоа? Едноставно кажано, тоа значи секогаш да се однесуваме како вистински христијани. Еден начин да ја постигнеме оваа цел е така што редовно ќе ја читаме и проучуваме Библијата, како и публикациите кои се темелат на неа. А особено е важно да обрнеме внимание на примерот и учењата на Исус Христос — „светлината на светот“ (Јован 8:12; Изр. 6:23).

14. Како може да ни помогне светиот дух?

14 Исто така, потребна ни е помошта од Божјиот свет дух за да продолжиме да се однесуваме „како деца на светлината“. Зошто? Затоа што воопшто не е лесно да останеме чисти во овој неморален свет (1. Сол. 4:3-5, 7, 8). Светиот дух може да ни помогне да се бориме против размислувањето на луѓето од овој свет, вклучувајќи ги и нивните филозофии и гледишта кои не се во склад со Божјиот начин на размислување. Исто така, светиот дух може да ни помогне да покажуваме „секаква доброта и праведност“ (Еф. 5:9).

15. На кои начини можеме да добиеме свет дух? (Ефешаните 5:19, 20).

15 Еден начин на кој можеме да го добиеме светиот дух е така што ќе се молиме за тоа. Исус рекол дека Јехова „ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа“ (Лука 11:13). Свет дух добиваме и кога заедно со нашите браќа и сестри го фалиме Јехова на собраниските состаноци. (Прочитај Ефешаните 5:19, 20.) Доброто влијание што Божјиот свет дух го има врз нас ќе ни помогне да живееме на начин кој му се допаѓа на Бог.

16. Што ќе ни помогне да носиме мудри одлуки? (Ефешаните 5:10, 17).

16 Кога треба да донесеме важни одлуки, потребно е да разбереме „што е Јеховината волја“ и потоа да постапиме во склад со неа. (Прочитај Ефешаните 5:10, 17.) Со тоа што се трудиме да најдеме библиски начела што се однесуваат на нашата ситуација, ние, всушност, се трудиме да разбереме како Бог размислува за таа работа. Потоа, ако ги примениме неговите начела, поголема е веројатноста дека ќе донесеме добри одлуки.

17. Како можеме мудро да го користиме нашето време? (Ефешаните 5:15, 16; види ја и сликата).

17 Павле исто така им дал совет на христијаните во Ефес мудро да го користат своето време. (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.) „Злобниот“ — нашиот непријател Сатана — сака да бидеме толку зафатени со работите од овој свет што повеќе нема да имаме време за нашата служба за Бог (1. Јов. 5:19). На еден христијанин би можело лесно да му се случи вниманието главно да му биде насочено на парите, образованието или работата, наместо на разните можности што ги има за да му служи на Јехова. Тоа би било знак дека врз него влијае размислувањето на луѓето од светот. Се разбира, овие работи не се погрешни сами по себе. Но, тие никогаш не треба да бидат на прво место во нашиот живот. За да живееме „како деца на светлината“, треба добро да го користиме нашето време, односно да се концентрираме на она што е навистина важно.

Христијани од првиот век проповедаат на прометна улица во Ефес.

Христијаните во Ефес биле поттикнати мудро да го користат своето време (види во пасус 17)


18. Што направил Доналд за да може подобро да го користи своето време?

18 Барај начини да му служиш на Јехова во уште поголема мера. Ова го направил Доналд, кој живее во Јужноафриканската Република. Тој вели: „Размислував за мојот живот и многу му се молев на Јехова за да ми помогне да правам повеќе во службата за него. Се молев да најдам работа што ќе ми овозможи да имам повеќе време за проповедање. Со Јеховина помош, успеав да најдам соодветна работа. Оттогаш, заедно со жена ми, почнавме полновремено да му служиме на Јехова“.

19. Како можеме да продолжиме да живееме „како деца на светлината“?

19 Писмото што Павле им го напишал на Ефешаните сигурно многу им помогнало да живеат како христијани. Она што тој го запишал под водство на Божјиот свет дух може да ни помогне и нам. Како што видовме, може да ни помогне мудро да избираме како ќе се забавуваме и со кого ќе се дружиме. Може да нѐ поттикне редовно да ја проучуваме Библијата за да може светлината од вистината и понатаму да нѐ води во сѐ што правиме. Исто така, ја истакнува важноста на светиот дух, кој може да ни помогне да покажуваме убави особини. Тоа што ќе го применуваме она што го напишал Павле може да ни помогне да носиме мудри одлуки кои се во склад со Јеховиниот начин на размислување. Ако ги правиме овие работи, тоа ќе ни помогне да се чуваме од темнината на овој свет и да останеме во светлината!

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • На што се однесуваат „темнината“ и „светлината“ кои се спомнати во Ефешаните 5:8?

  • Како можеме да се чуваме од „темнината“?

  • Како можеме да живееме „како деца на светлината“?

ПЕСНА 95 Светлината свети сѐ посилно

a Некои имиња се сменети.

b ОПИС НА СЛИКАТА: Древен примерок од писмото што апостол Павле им го напишал на Ефешаните.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели