ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w93 15/10 стр. 27-30
  • Тројство — дали Библијата учи за него?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Тројство — дали Библијата учи за него?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што вели Библијата
  • Јасната смисла на Библијата
  • Светиот дух ја открива сета вистина
  • 1. дел — дали Исус и неговите ученици учеле за науката на Тројството?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
  • Дали е тоа јасна библиска наука?
    Дали треба да се верува во Тројство?
  • Дали треба да се верува во тоа?
    Дали треба да се верува во Тројство?
  • Вистината за Таткото, Синот и светиот дух
    Што навистина учи Библијата?
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
w93 15/10 стр. 27-30

Тројство — дали Библијата учи за него?

„Католичката Вера е оваа дека ние обожаваме еден Бог во Тројство и Тројство во Единство . . . Така Отецот е Бог, Синот е Бог и Светиот Дух е Бог. А сепак тие не се Три Бога, туку Еден Бог.“

СО ОВИЕ зборови, Атаназиското верување ја опишува централната доктрина на т. н. христијанство — Тројството.a Ако си член на црква, Католичка или Протестантска, можеби ти рекле дека ова е најважното учење во кое треба да веруваш. Но, можеш ли да ја објасниш доктрината? Некои од најдобрите умови во т. н. христијанство признале дека не се способни да го разберат Тројството.

Тогаш, зошто луѓето веруваат во него? Дали затоа што Библијата учи за оваа доктрина? Починатиот англикански бискуп Џон Робинзон (John Robinson), во својата книга-бестселер Honest to God (Искрен пред Бог) дал одговор кој поттикнува на размислување. Тој напишал:

„По обичај, популарното проповедање и учење претставува натприродно гледиште за Христос кое не може да се поткрепи во Новиот Завет. Тоа едноставно вели дека Исус бил Бог, и тоа на таков начин што термините ‚Христос‘ и ‚Бог‘ се заменуваат еден со друг. Но никаде во библиската јазична употреба тоа не е така. Новиот Завет вели дека Исус бил Божјата Реч, дека Бог бил во Христос, дека Исус е Синот Божји; но не вели директно дека Исус бил Бог.“

Џон Робинзон бил контроверзна личност во Англиканската црква. Но, дали имал право кога рекол дека „Новиот Завет“ никаде „не вели директно дека Исус бил Бог“?

Што вели Библијата

Некои можат да одговорат на тоа прашање цитирајќи го стихот со кој започнува Јовановото евангелие: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото“ (Јован 1:1). Зарем тоа не се противречи со она што го рекол англиканскиот бискуп? Не баш. Како што Џон Робинзон без сомнение знаел, некои современи преведувачи не се сложуваат со ваквиот превод на тој стих. Зошто? Затоа што изразот „Бог беше Словото“ на оригиналниот грчки јазик, зборот за „Бог“ го нема одредениот член [на англиски: „the“]. Во претходниот израз „Словото беше во Бога“, зборот за „Бог“ е одреден, то ест, го има одредениот член. Ова не дава веројатност дека двата збора ја имаат истата значајност.

Затоа, некои преводи го истакнуваат квалитативниот аспект во своите преводи. На пример, изразот некои го преведуваат со „Словото беше божествено“ (An American Translation, Schonfield). Moffatt го преведува со: „Логосот беше божествен“. Меѓутоа, покажувајќи дека „божествен“ не би бил најприкладниот израз овде, и Џон Робинзон и британскиот текстуален критичар Сер Фредерик Кенјон укажале дека ако тоа било она коешто Јован сакал да го нагласи, тој можел да го употреби грчкиот збор за „божествен“, theíos. New World Translation, исправно сметајќи го зборот „Бог“ како неодреден и истакнувајќи го квалитативниот аспект што го покажува грчката структура, го користи неодредениот член на англиски: „Речта беше еден бог“.

Професор Ч. Х. Дод (C. H. Dodd), директор на проектот New English Bible, коментира за овој пристап: „Веројатен превод . . . би бил: ‚Речта беше бог‘. Ако се преведува збор по збор, тука не може да настане забуна“. Меѓутоа, The New English Bible не го преведува стихот на овој начин. Наместо тоа, Јован 1:1 во тој превод гласи: „Кога сѐ започна, Речта веќе постоеше. Речта живееше кај Бог, и што беше Бог, тоа беше и Речта“. Зошто одборот за преведување не го избрал поедноставниот превод? Професор Дод одговара: „Причината зошто тоа е неприфатливо е затоа што тоа не е во склад со текуштата Јовановска мисла, а и со целата христијанска мисла воопшто“ (Technical Papers for the Bible Translator, том 28, јануари 1977).

Јасната смисла на Библијата

Дали би рекле дека идејата дека Исус бил бог а не истиот како Бог Творецот, е спротивна на Јовановската (то ест, на мислата на апостолот Јован), како и на христијанската мисла во целина? Да испитаме некои библиски стихови што се однесуваат на Исус и на Бог, и ќе видиме како некои коментатори, коишто живееле пред Атаназиското верување, го формулирале своето мислење за тие стихови.

„Јас и Отецот едно сме“ (ЈОВАН 10:30).

Новацијан (околу 200-258. н. е.) коментирал: „Бидејќи Тој рекол ‚едно‘, [b] нека разберат еретиците дека Тој не рекол ‚една‘ личност. Зашто, едно ставено во среден род, навестува социјален склад, а не единство на личностите. . . . Освен тоа, тоа што Тој вели едно, се осврнува на согласноста, на идентитетот на проценката и на самото доброљубиво дружење, како што разумно Отецот и Синот се едно во согласноста, во љубовта и во наклоноста“ (Treatise Concerning the Trinity — Расправа за Тројството, поглавје 27).

„Мојот Отец е поголем од Мене“ (ЈОВАН 14:28).

Иренеј (о. 130-200. н. е.): „Преку Него [Христос] можеме да научиме дека Отецот е над сите работи. Зашто ‚Отецот‘, вели Тој, ‚е поголем отколку Јас‘. Затоа, нашиот Господ прогласил дека Отецот го надминува во поглед на спознанието“ (Against Heresies — Против ересите, книга II, поглавје 28.8).

„Животот вечен е тоа: да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (ЈОВАН 17:3).

Климент Александриски (о. 150-215. н. е.): „Да се познава вечниот Бог, дарителот на она што е вечно, и преку спознание и сфаќање да се поседува Бог кој е прв и највиш и еден и добар. . . . Лицето кое потоа би го водело вистинскиот живот е упатено прво да го запознае Него, ‚кого никој не го знае, освен ако Синот не Го открие‘ (Мат. 11:27). После Него следно што треба да се научи е величината на Спасителот“ (Who Is the Rich Man That Shall Be Saved? — Кој е богаташот кој ќе биде спасен? VII, VIII).

„Еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сѐ, и преку сите, и во сите нас“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 4:6).

Иренеј: „И така е објавен еден Бог Отецот, кој е над сите и низ сите и во сите. Отецот навистина е над сите и Тој е Главата на Христос“ (Against Heresies, книга V, поглавје 18.2).

Овие рани писатели јасно ги разбрале овие стихови дека го опишуваат Отецот како врховен, над сѐ и над секого, вклучувајќи го и Исус Христос. Нивните коментари не даваат предвестие дека тие верувале во Тројство.

Светиот дух ја открива сета вистина

Исус им ветил на своите ученици дека после неговата смрт и воскресение ќе им биде даден свет дух како помошник. Тој ветил: „А кога ќе дојде Он, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; . . . и ќе ви ја каже иднината [ќе ви ги објави идните работи, НС]“ (Јован 14:16, 17; 15:26; 16:13).

По Исусовата смрт, тоа ветување било исполнето. Библијата бележи како на христијанското собрание со помошта на светиот дух му биле откриени или разјаснети нови доктрини. Овие нови учења биле запишани во книгите кои подоцна станале познати како втор дел од Библијата, Христијански Грчки списи, односно „Нов Завет“. Во оваа поплава од нова светлина, дали постои какво и да било откровение за постоењето на Тројство? Не. Светиот дух открива нешто многу поинакво за Бог и Исус.

На пример, на Пентакост 33. н. е., откако светиот дух слегол на учениците коишто биле собрани во Ерусалим, апостолот Петар сведочел надвор пред толпата за Исус. Дали зборувал за Тројство? Разгледај некои од неговите изјави и просуди сам за себе: „Исуса . . . Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, што ги направи Бог преку Него“. „Овој Исус Го воскресна Бог, за кое сме ние сите сведоци.“ „Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос“ (Дела на св. апостоли 2:22, 32, 36). Далеку од тоа да учи за Тројство, овие изрази на со дух исполнетиот Петар ја истакнуваат Исусовата потчинетост на неговиот Татко, дека тој е инструмент за исполнување на Божјата волја.

Набргу потоа, и еден друг верен христијанин зборувал за Исус. Стефан бил изведен пред санхедринот за да одговара на обвинувањата. Наместо тоа, Стефан ја пресвртел ситуацијата, обвинувајќи дека неговите тужители биле како нивните бунтовни претци. На крајот, извештајот вели: „Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исуса како стои од десната страна на Бога, и рече: ‚Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога‘“ (Дела на св. апостоли 7:55, 56). Зошто светиот дух го открил Исус само како „Син Човечки“ кој стои од Божјата десна страна, а не како дел од божество кое е еднакво со неговиот Татко? Јасно дека Стефан немал сфаќање за Тројство.

Кога Петар му ја донел на Корнилиј добрата вест за Исус, тоа било уште една прилика да му ја открие доктрината за Тројство. Што се случило? Петар објаснил дека Исус е „Господ на сите“. Но тој продолжил да објаснува дека ова господство доаѓа од повисок извор. Исус бил „од Бога определениот Судија на живите и мртвите“. По Исусовото воскресение, неговиот Татко „му даде [му дал дозвола] да се појавува“ на своите следбеници. А светиот дух? Тој се појавува во овој разговор, но не како трета личност од некакво Тројство. Наместо тоа, ‚Бог го помаза [Исус] со Дух Свети и сила‘. Така, светиот дух, далеку од тоа да биде личност, се покажал како нешто безлично, како ‚силата‘ која исто така се спомнува во тој стих (Дела на св. апостоли 10:36, 38, 40, 42). Внимателно провери во Библијата и ќе видиш натамошни докази дека светиот дух не е личност, туку активна сила која може да ги исполни луѓето, да ги поттикне, да ги натера да бидат огнени и да биде излиен врз нив.

Најпосле, апостолот Павле имал фина прилика да го објасни Тројството — ако тоа било вистинита доктрина — кога им проповедал на атињаните. Во својот говор се осврнал на нивниот олтар „На непознатиот Бог“ и рекол: „За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам“. Дали објавил некакво Тројство? Не. Тој го опишал „Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Он, бидејќи Господар на небото и на земјата“. Но што е со Исус? „[Бог] определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек“ (Дела на св. апостоли 17:23, 24, 31). Тука нема никаква алузија за Тројство!

Фактички, Павле објаснил нешто за Божјите намери кое не остава можност Исус и неговиот Татко да бидат еднакви делови од некакво Тројство. Напишал: „,[Бог] сите [работи, НС] ги покори под нозете Негови [Исусови]‘; а што се вели, ‚дека сѐ Му е Нему покорено‘, очевидно е, дека освен Оној, Кој што Му потчини сѐ. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Овој, Кој му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ“ (1. Коринтјаните 15:27, 28). Така, Бог сѐ уште ќе биде над сите, вклучувајќи го и Исус.

Значи, дали Библијата учи за Тројство? Не. Џон Робинзон имал право. Него го нема во Библијата ниту пак е дел од „христијанската мисла“. Дали ова го сметаш важно за твоето обожавање? Би требало. Исус рекол: „Животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Ако сериозно го сфатиме нашето обожавање на Бог, животоважно е да го познаваме онаков каков што навистина е, како што самиот ни се открил. Само тогаш можеме вистински да речеме дека сме меѓу „вистинските поклоници [обожаватели, НС] кои Му се поклонуваат на [го обожаваат, НС] Отецот со дух и вистина“ (Јован 4:23).

[Фусноти]

a Според The Catholic Encyclopedia, издание 1907, том 2, страница 33.

b Новацијан се осврнува на фактот дека зборот за „едно“ во овој стих стои во среден род. Затоа, неговото природно значење е „едно нешто“. Спореди Јован 17:21, каде што грчкиот збор за „едно“ е употребен на сосема ист начин. Интересно е дека New Catholic Encyclopedia, (издание 1967), воглавно ја одобрува книгата на Новацијан De Trinitate, иако забележува дека во неа „Светиот Дух не се смета за божествена личност“.

[Истакната мисла на страница 28]

Едноставната смисла на Библијата јасно покажува дека Исус и неговиот Татко не се еден Бог

[Истакната мисла на страница 29]

Зошто после Пентакост 33. н. е. светиот дух не открил дека Исус бил Бог?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели