Родителите под притисок
НОВИТЕ родители честопати како да се вон себеси од возбуда. Се чини дека скоро сѐ што е во врска со нивното бебе ги восхитува. Првата насмевка на бебето, првите зборови и првите чекори се значајни прилики. Тие ги забавуваат пријателите и роднините со приказни и фотографии. Без сомнение, тие го сакаат своето дете.
Но, во некои семејства, како што одминуваат годините, се развива трагедија. Разиграното гукање на родителите се заменува со груби и злобни зборови; срдечните прегрнувања со лути удари или без никаков физички допир; родителската гордост се заменува со горчина. „Не требаше да имам деца“, велат многумина. Во други семејства проблемот е уште полош — родителите пропуштиле да покажат љубов дури и тогаш кога детето било бебе! Како и да е, што се случило? Каде е љубовта?
Се разбира, децата не се многу добри во пронаоѓањето на одговорите на таквите прашања. Но тоа нема да ги спречи да доаѓаат до сопствени заклучоци. Длабоко во срцето, детето веројатно ќе заклучи: ‚Ако мама или тато не ме сакаат, тоа е затоа што нешто не е во ред со мене. Мора да сум многу лош‘. Тоа може да стане многу длабоко прифатено верување — кое може да создаде секаков вид штета низ животот.
Но, всушност, родителите можат од многу различни причини да пропуштат да им ја покажат на децата љубовта која им е потребна. Мора да се признае дека родителите денес се соочуваат со огромни притисоци од кои некои се во нечуени размери. За родителите кои не се подготвени да се справуваат со нив на еден соодветен начин, тие притисоци можат да земат вистински данок врз работата што ја вршат како родители. Една древна мудра изрека објавува: „Самото угнетување може да предизвика мудриот да постапува лудо“ (Проповедник 7:7, НС).
„Критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“
Ера на утопија. Многу луѓе очекувале таа да се развие во овој век. Замислете си — нема повеќе економски притисоци, глад, суши и војни! Но, таквите надежи поминале неисполнети. Наместо тоа, денешниот свет испаднал онаков каков што прорекол еден библиски писател уште во првиот век н. е. Тој напишал дека во наше време ќе се соочуваме со „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1—5, НС). Повеќето родители први би се согласиле со овие зборови.
Многу нови родители се запрепастуваат од самите трошоци на подигање деца во денешниот свет. Честопати, двата родитела мора да работат надвор од дома само за да сврзат крај со крај. Медицинските трошоци, облеката, школувањето, центрите за дневен престој, па дури и храната и покривот можат да придонесат за месечен бран на сметки кој многу родители ги остава со чувството дека само што не се удавиле. Економската ситуација ги потсетува библиските студенти на пророштвото во Откровение кое претскажува време кога луѓето ќе потрошат целодневна дневница само за да ги купат неопходните работи за да им траат еден ден! (Откровение 6:6).
Не може да се очекува децата да ги разберат сите овие притисоци со кои се соочуваат нивните родители. Но, по самата нивна природа, децата имаат потреба, гладни се за љубов и внимание. А притисокот што го впиваат од медиумите и од школските другарчиња да ги поседуваат најновите играчки, алишта и електронски работи честопати води до притисок кој се става врз родителите да го задоволат растечкиот список на барања.
Еден друг притисок врз родителите, кој изгледа дека станува полош во овие денови, е бунтовноста. Интересно, Библијата прорекла раширена непослушност на децата спрема родителите како еден друг показател на нашето време исполнето со проблеми (2. Тимотеј 3:2). Навистина, проблемите во врска со дисциплината на децата не се ништо ново. И ниеден родител не може со право да му го припише погрдното постапување со детето на лошото однесување на детето. Но зарем не би се согласиле со тоа дека денешните родители мора да се борат со подигањето деца во една култура на бунтовност? Популарна музика која унапредува бес, револт и очај; телевизиски програми кои ги прикажуваат родителите како несмасни глупаци а децата како нивни сезнајковски претпоставени; филмови кои го величаат постапувањето врз основа на насилни импулси — денешните деца се бомбардирани од таквите влијанија. Децата кои ја впиваат и имитираат таа култура на бунтовност можат да создадат ужасна напнатост кај нивните родители.
„Немаат природна наклоност“
Но, постои уште еден аспект на истото ова древно пророштво кое претскажува уште поголема неволја за денешното семејство. Тоа покажува дека голем број луѓе ќе „немаат природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:3, НС). Природната наклоност е она што го држи семејството заедно. И дури и оние кои се најскептични кон библиското пророштво би морале да признаат дека нашето време доживеало шокантно распаѓање на семејниот живот. По целиот свет, стапките на разводот скокнале. Во многу општества, семејствата со еден родител и семејствата со очув или маќеа се повообичаени отколку традиционалните семејства. Родители кои се самци и родители кои се очув или маќеа понекогаш се соочуваат со посебни предизвици и притисоци кои можат да им отежнат да им ја покажуваат на децата љубовта која им е потребна.
Но, постои едно посилно влијание. Многумина од денешните родители и самите пораснале во домови каде што имало мала или никаква „природна наклоност“ — домови разделени поради прељуба и развод; домови оштетени со студенило и омраза; можеби дури и домови каде што вербалната, емоционалната, физичката или сексуалната злоупотреба биле вообичаени. Растењето во таквите домови не само што ги оштетува децата туку може да ги оштети и возрасните луѓе кои ќе произлезат од нив. Статистиката отсликува една мрачна слика — постои поголема веројатност родители кои биле злоупотребувани како деца да ги злоупотребуваат сопствените деца. Во библиско време, Евреите имале изрека: „Татковците јадеа кисело грозје, а на децата забите им фаќаа оскомина“ (Језекиил 18:2).
Меѓутоа, Бог му рекол на својот народ дека работите не морале да бидат такви (Језекиил 18:3). Мора овде да се каже една важна мисла. Дали сите овие притисоци врз родителите значат дека тие едноставно не можат да се воздржат а да не ги малтретираат сопствените деца? Далеку од тоа! Ако Вие сте родител и увидувате дека се борите со некој од гореспоменатите притисоци и се грижите за тоа дали некогаш ќе бидете добар родител, охрабрете се! Не сте статистика. Вашето минато не Ви ја пишува автоматски иднината.
Во согласност со библиското уверување дека е можно подобрување, книгата Healthy Parenting (Здраво родителство) го дава следниов коментар: „Без [Вие] да преземате намерни чекори поинаку да се однесувате од своите родители, обрасците од Вашето детство ќе се повторат без разлика дали го сакате тоа или не. За да го прекинете тој циклус, морате да станете свесни за нездравите обрасци кои ги продолжувате и да научите како да ги промените“.
Да, ако е потребно, можете да го скршите циклусот на погрдно родителство! И можете да се справувате со притисоците кои го прават родителството толку тешко денеска. Но како? Каде можете да ги научите најдобрите, најдоверливите начела на здраво родителство? Нашата следна статија ќе ја разгледа таа тема.
[Слика на страница 6]
Под притисок, некои родители пропуштаат да изразат љубов спрема своите деца
[Слика на страница 7]
Родителите треба да ја изразат љубовта која им е потребна на нивните деца