Помогнете им на вашите деца да цветаат
КОГА се работи за подигање деца, многу родители насекаде бараат одговори кои, всушност, им се лесно достапни во нивниот дом. Безброј семејства имаат Библија, но таа собира прашина на полицата за книги наместо да се користи за подигање деца.
Навистина, многумина денес се скептични во врска со користењето на Библијата како водич во семејниот живот. Тие ја отфрлаат како нешто застарено, старомодно или претерано строго. Но едно чесно испитување ќе открие дека Библијата е практична книга за семејствата. Ајде да видиме како.
Исправната средина
Библијата му кажува на таткото да гледа на своите деца како „новонасадени маслини околу трпезата [негова]“ (Псалм 127:3, 4). Нежните фиданки не би пораснале во дрвја кои носат плодови без внимателно одгледување, без да им се даде исправна храна, почва и влажност. На ист начин, успешното подигање деца изискува работа и грижа. На децата им е потребна здрава средина за да пораснат до зрелост.
Правата состојка за таква една средина е љубовта — помеѓу брачните другари и помеѓу родителите и децата (Ефесјаните 5:33; Тит 2:4). Многу семејни членови се сакаат еден со друг, но не увидуваат некаква потреба да ја изразуваат таквата љубов. Меѓутоа, размислете: Дали со право би можеле да кажете дека сте комуницирале со некој пријател ако писмата што сте ги напишале никогаш не сте ги ни адресирале, ниту ставиле марки ниту испратиле? На сличен начин, Библијата покажува дека вистинската љубов е далеку повеќе од чувство кое го грее срцето; таа се изразува преку зборови и дела. (Спореди Јован 14:15 и 1. Јованово 5:3.) Бог го дал примерот, изразувајќи ја својата љубов спрема својот Син со зборовите: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Матеј 3:17).
Пофалба
Како можат родителите да покажуваат таква љубов спрема своите деца? За почеток, барајте го доброто. Лесно е да се најдат недостатоци кај децата. Нивната незрелост, неискуство и себичност ќе се покажат на безброј начини, од ден на ден (Изреки 22:16). Но секој ден прават и многу добри работи. На кои работи ќе се сосредоточите? Бог не се задржува на нашите недостатоци, туку се сеќава на доброто што го правиме (Псалм 129:3; Евреите 6:10). Со нашите деца треба да постапуваме на истиот начин.
Еден млад човек забележува: „За целиот мој живот дома, никогаш не можам да се присетам на некаков облик на пофалба — било за некое достигнување дома било во училиште“. Родители, немојте да ја игнорирате таа битна потреба на Вашите деца! Сите деца треба редовно да бидат пофалувани за добрите работи кои ги прават. Тоа ќе го намали ризикот да порастат ‚малодушни‘, уверени дека што и да прават нема никогаш да е доволно добро (Колосјаните 3:21, НС).
Комуникација
Уште еден добар начин да изразите љубов спрема Вашите деца е да го следите советот од Јаков 1:19: ‚Бидете брзи во слушањето, а спори во зборувањето, и бавни на гнев‘. Дали децата ги наведувате да се искажат и дали навистина го слушате она што тие имаат да го кажат? Ако Вашите деца знаат дека ќе им држите лекции дури пред да завршат со зборување или дека ќе се разлутите кога ќе дознаете како тие вистински се чувствуваат, тогаш можеби ќе си ги чуваат чувствата за себе. Но ако знаат дека навистина ќе ги слушате, тогаш постои поголема веројатност да Ви се отворат. (Спореди Изреки 20:5.)
Но, што ако Ви откријат чувства за кои знаете дека се погрешни? Дали е време за лута реакција, лекција или некаква дисциплина? Се разбира, некои детински изливи можат да отежнат да се биде „спор во зборувањето, и бавен на гнев“. Но уште еднаш размислете за Божјиот пример со неговите деца. Дали тој создава атмосфера на морбиден страв со што неговите деца се плашат да му кажат како вистински се чувствуваат? Не! Псалм 61:8 вели: „Надевајте се на [Бог] сите луѓе, отворете го срцето ваше пред Него: Бог е нашиот помошник“.
Значи, кога Авраам бил загрижен за Божјата одлука да ги уништи градовите Содом и Гомор, не се колебал да му рече на својот небесен Татко: „Не е можно така да постапиш Ти . . . зарем Судијата на целата земја нема да суди право?“ Јехова не го укорил Авраам; Тој го сослушал и му ги ублажил стравовите (1. Мојсеева 18:20—33). Бог е извонредно стрплив и нежен, дури и тогаш кога неговите деца му изливаат чувства кои се сосема неоправдани и неразумни (Јона 3:10—4:11).
Родителите исто така треба да создадат една средина во која децата ќе се чувствуваат безбедни да ги откријат своите најскриени чувства, без разлика колку тие се вознемирувачки. Значи, ако Вашето дете Ви излие длабоки чувства, слушајте го. Наместо да го карате, признајте ги чувствата на детето и извлечете ги причините. На пример, би можеле да кажете: ‚Звучиш налутено поради тоа и тоа. Сакаш ли да ми кажеш што се случило?‘
Да се контролира лутината
Се разбира, ниеден родител не е толку стрплив колку што е Јехова. А децата, пак, секако дека можат да ја стават на испит родителската стрпливост до крај. Ако одвреме навреме чувствувате лутина спрема Вашите деца, немојте да се вознемирувате мислејќи дека тоа Ве прави лош родител. Понекогаш ќе бидете сосема во право да чувствувате лутина. Самиот Бог со право се лути на своите деца, дури и на некои кои му се многу драги (2. Мојсеева 4:14; 5. Мојсеева 34:10). Но, неговата Реч нѐ учи да ја контролираме нашата лутина (Ефесјаните 4:26).
Како? Понекогаш помага ако застанете неколку моменти за да ѝ дадете шанса на Вашата лутина да се олади (Изреки 17:14). И запомнете, тоа е дете! Немојте да очекувате возрасно однесување или зрело размислување (1. Коринтјаните 13:11). Разбирањето зошто Вашето дете постапува на одреден начин може да ја ублажи Вашата лутина (Изреки 19:11). Никогаш не заборавајте ја огромната разлика помеѓу тоа да се направи нешто лошо и да се биде лош. Викањето по детето дека е лошо може да предизвика тоа да се прашува: ‚Зошто воопшто да се обидувам да бидам добар?‘ Но ако со љубов се исправи детето, тоа ќе му помогне следниот пат да биде подобро.
Одржување на ред и почитување
Да се поучуваат децата за чувството на ред и почитување е еден од големите предизвици со кои се соочуваат родителите. Во денешниот попустлив свет, многумина се прашуваат дали воопшто е исправно да ги ограничуваат своите деца. Библијата дава одговор: „Пратот и прекорот даваат мудрост; но момче, оставено без грижа, ги посрамува своите родители“ (Изреки 29:15). Некои се повлекуваат од зборот ‚прат‘, мислејќи дека подразбира некаков вид злоупотреба на деца. Но, тоа не подразбира. Хебрејскиот збор за ‚прат‘ се однесувал на стап, каков што употребувал овчарот за да ги води — а не да ги напаѓа — своите овци.a Значи, пратот означува дисциплина.
Во Библијата, да се врши стега првенствено значи да се поучува. Затоа книгата Изреки околу четири пати вели: ‚слушај ја дисциплината‘ (Изреки 1:8; 4:1; 8:33; 19:27, сите НС). Потребно е децата да научат дека правењето на она што е исправно донесува награда а правењето на она што е погрешно носи лоши последици. Казната може да помогне за да се всадат негативни лекции, исто како што наградите — како што е пофалбата — можат да ги зајакнат позитивните. (Спореди 5. Мојсеева 11:26—28.) Родителите добро ќе сторат ако го имитираат Божјиот пример кога се работи за казна зашто тој му рекол на својот народ дека ќе ги казни „по мерка“ (Јеремија 46:28). На некои деца им се потребни само неколку строги зборови за да се доведат во ред. На други им се потребни поцврсти мерки. Но казнувањето „по мерка“ никогаш не би вклучувало нешто што би можело да му нанесе на детето вистинска штета — емоционално или физички.
Урамнотежената дисциплина треба да вклучува поучување на децата за граници и ограничувања. Многу од нив се јасно дефинирани во Божјата Реч. Библијата поучува за почитувањето на границите околу личниот имот (5. Мојсеева 19:14). Таа поставува физички граници со што да се љуби насилството или намерно да се нанесе штета на другиот претставува нешто погрешно (Псалм 11:5, НС; Матеј 7:12). Таа поставува сексуални граници, осудувајќи го инцестот (3. Мојсеева 18:6—18). Дури ги признава и личните и емоционалните граници, забранувајќи некого да го викаме со лоши имиња или да користиме други облици на вербална злоупотреба (Матеј 5:22). Да се поучуваат децата за тие ограничувања и граници — како со зборови така и со пример — е суштинско за создавањето на една здрава семејна средина.
Уште еден клуч за одржување на ред и почитување во семејството лежи во разбирањето на семејните улоги. Во многу семејства денес, таквите улоги се нејасни или помешани. Во некои, родителот му доверува на детето тегобни проблеми, проблеми со кое детето не е опремено за да се справува. Во други, на децата им е дозволено да бидат мали диктатори, донесувајќи одлуки за целото семејство. Тоа е погрешно и штетно. Родителите се должни да се погрижат за потребите на своите млади деца — без разлика дали во физички, емоционален или духовен поглед — а не обратно (2. Коринтјаните 12:14; 1. Тимотеј 5:8). Размислете за примерот на Јаков, кој го преиначил темпото на целото негово семејство и на придружбата за да не им биде премногу тешко на малечките. Тој ги разбирал нивните ограничувања и постапил според нив (1. Мојсеева 33:13, 14).
Грижејќи се за духовните потреби
За една здрава семејна средина не е ништо побитно од духовноста (Матеј 5:3, НС). Децата имаат голем капацитет за духовност. Тие се полни со прашања: Зошто постоиме? Кој ја направил Земјата и нејзините животни, дрвја и океани? Зошто луѓето умираат? Што се случува после тоа? Зошто им се случуваат лоши работи на добрите луѓе? Списокот изгледа бескраен. Честопати, родителите се тие кои повеќе сакаат да не мислат на такви работи.b
Библијата ги поттикнува родителите да поминуваат време, давајќи им на своите деца духовна обука. Таа ја опишува таквата обука со топли изрази како еден продолжителен дијалог помеѓу родителите и децата. Родителите можат да ги поучуваат своите деца за Бог и за неговата Реч кога одат заедно, кога седат заедно дома, кога е време за спиење — секогаш кога тоа е можно (5. Мојсеева 6:6, 7; Ефесјаните 6:4).
Библијата не само што ја препорачува таквата духовна програма туку таа исто така се грижи за материјалот кој ќе Ви биде потребен. Впрочем, како би одговориле на прашањата од децата споменати горе? Библијата ги содржи одговорите. Тие се јасни, фасцинантни и даваат голема надеж во овој безнадежен свет. Што е уште подобро, сфаќањето на библиската мудрост може на Вашите деца да им даде најцврсто сидро, најсигурно водство во денешното збунувачко време. Дајте им го тоа и навистина ќе цветаат — сега и во иднина.
[Фусноти]
a Види Разбудете се! од 8 декември 1992, страници 28 и 29 (срп.).
b Книгата Тајната на семејната среќа е наменета за семејна студија и содржи многу практично водство од Библијата за бракот и подигањето деца. Издадена е од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Истакната мисла на страница 11]
Барајте начин редовно да му давате конкретна пофалба на Вашето дете
[Рамка на страница 9]
Како да им се помогне на децата да цветаат
• Обезбедете сигурна средина во која ќе се чувствуваат љубени и сакани
• Редовно пофалувајте ги. Бидете конкретни
• Бидете добар слушател
• Застанете кога лутината ќе се распали
• Поставете јасни, доследни граници и ограничувања
• Приспособете ја дисциплината според потребите на секое дете
• Немојте да очекувате повеќе од Вашето дете отколку што е разумно
• Погрижете се за духовните потреби преку редовна студија на Божјата Реч
[Рамка на страница 10]
Пред своето време
БИБЛИСКИТЕ правила им помогнале на луѓето во древниот Израел да уживаат едно мерило на семејниот живот кое било далеку посупериорно од она на околните народи. Историчарот Алфред Едершајм коментира: „Надвор од границите на Израел, едвај би било возможно да се зборува со каква било прикладност за семејниот живот, или дури и за семејството, како што ние ги разбираме тие термини“. На пример, законот на древните Римјани му давал на таткото апсолутна моќ во семејството. Можел своите деца да ги продаде во ропство, да ги натера да работат како мануелни работници или дури и да ги погуби — неказнето.
Некои Римјани мислеле дека Евреите се чудни затоа што нежно постапувале со своите деца. Всушност, римскиот историчар од првиот век, Тацит, напишал еден омразен пасус против Евреите, велејќи дека нивните обичаи се „воедно перверзни и одвратни“. Меѓутоа, тој признал: „Кај нив е злосторство да се убие новородено бебе“.
Библијата давала возвишено мерило. Ги поучувала Евреите дека децата се скапоцени — всушност, дека треба да се гледаат како наследство од самиот Бог — и требало да се третираат во согласност со тоа (Псалм 126:3). Очигледно многумина од нив живееле по таквиот совет. Дури и нивниот јазик откривал нешто во тој поглед. Едершајм забележува дека, покрај зборовите за син и ќерка, древниот хебрејски јазик имал девет зборови за деца, од кој секој се однесувал на различен период од животот. На пример, имало збор за дете кое сѐ уште цица и друг збор за дете кое било одбиено од цицање. За нешто постари деца имало збор кој подразбирал дека тие стануваат цврсти и јаки. А за постарите младинци имало збор кој дословно значел ‚да се ослободи‘. Едершајм коментира: „Сигурно оние кои толку заинтересирано го посматрале животот на детето така што му дале и сликовито означување на секој напреден стадиум од неговото постоење, мора да биле нежно приврзани кон своите деца“.