ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 1/9 стр. 30-31
  • Прашања од читателите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Прашања од читателите
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Сличен материјал
  • Што треба да знаеш за менталните нарушувања
    Разбудете се! 2014
  • Кога некој Ваш близок има душевно растројство
    Разбудете се! 2004
  • Менталното здравје на удар
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (За јавност) 2023
  • 4 | Библијата дава практични совети
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (За јавност) 2023
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 1/9 стр. 30-31

Прашања од читателите

Дали би било мудро еден христијанин да се обрати кај некој лекар за ментално здравје?

Извештаите од некои земји покажуваат дека во овие ‚последни денови‘ има пораст на емоционални и душевни болести (2. Тимотеј 3:1). Христијаните имаат длабоко сочувство кога се погодени и некои соверници, но тие признаваат дека секој мора сам да одлучи дали да бара лекување за својата болест и, ако да, каков вид лекување.a „Секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:5). Некои, кои тешко страдаат од шизофренија, биполарно заболување, длабока клиничка депресија, опсесивно-принудно растројство, самоосакатување и други мачни растројства, се способни да водат прилично нормален живот откако ќе добијат исправна професионална помош.

Во некои места стана сосема модерно да се бара терапија. Во многу случаи пациентот нема тешко душевно растројство, но тешко му е да излезе накрај со некоја ситуација во животот. Меѓутоа, Библијата е таа што ја дава најделотворната помош за да излеземе накрај со тешките животни проблеми (Псалм 118:28, 143). Преку Библијата, Јехова нѐ опремува со мудрост, способност на размислување и вистинско спознание — работи кои нѐ зајакнуваат психички и емоционално (Изреки 2:1—11; Евреите 13:6). Верните Божји слуги можеби повремено ќе се изразат неразумно поради силен внатрешен немир (Јов 6:2, 3). Јаков 5:13—16 ги охрабрува таквите да ги повикаат старешините за помош и совет. Еден христијанин може да биде духовно болен, вознемирен од некоја непроменлива околност или од неподносливи стресови или, пак, може да мисли дека е жртва на неправда (Проповедник 7:7; Исаија 32:2; 2. Коринтјаните 12:7—10). Таквото лице може да најде помош кај старешините, кои ќе го ‚помажат со елеј‘ — тоа значи дека вешто ќе дадат утешителен библиски совет — а исто така ќе „се помолат над него“. Резултатот? „Молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене [од неговиот очај или неговото чувство дека е напуштен од Бог].“

Но, што ако психичката вознемиреност или збрка на некое лице не попушта и покрај вештата помош од духовните пастири? Во ваква ситуација некои избрале да се подложат на целосен физички преглед. (Спореди Изреки 14:30; 16:24; 1. Коринтјаните 12:26.) Зад емоционална или психичка вознемиреност може да стои физички проблем. Лекувањето на таквиот проблем во некои случаи дало олеснување на емоционалната болест на лицето.b Ако не се најде физички проблем, лекарот, на барање, може да препорача некој професионалец за менатлно здравје. Што тогаш? Како што е кажано, ова е одлука која секој поединец треба да ја одмери за себе. Другите не треба да критизираат или да судат (Римјаните 14:4).

Покрај тоа, треба да се примени практична мудрост и да се води грижа да не се заборават библиските начела (Изреки 3:21; Проповедник 12:13). Во случај на физичка болест, пациентите се соочуваат со различни избори на лекување, од вообичаена медицина до терапии како што се натуропатија, акупунктура и хомеопатија. Исто така, постојат и различни видови лекари за ментално здравје. Помеѓу нив спаѓаат аналитички психотерапевти и други, кои можеби копаат по личната историја на пациентот за да се обидат да ги пронајдат причините за невообичаеното однесување или за болните емоции. Психотерапевтите за однесување можеби ќе се обидат да му помогнат на пациентот да научи некои нови начини на однесување. Некои лекари за ментално здравје веруваат дека повеќето душевни болести треба да се лекуваат со лекови.c Се вели дека други препорачуваат диети и витамини.

Пациентите и нивните семејства треба да бидат претпазливи кога ги разгледуваат овие избори (Изреки 14:15). Значајно е тоа што професорот Паул Мекхју, директор на Одделот за науки за психијатрија и однесување при Универзитетската медицинска школа Џон Хопкинс, рекол дека професијата за ментално здравје „е неразвиена медицинска уметност. Нејзе ѝ недостасува лесен приод кон доказот на нејзините предлози дури и кога се занимава со растројствата на најкомплексните карактеристики на човечкиот живот — умот и однесувањето“. Оваа ситуација ја остава отворена вратата за ексцентричност и измама, како и за добронамерни лекувања кои можат да направат повеќе штета отколку добро.

Исто така, треба да се спомене дека, додека психијатрите и психолозите имаат професионална, постдипломска титула, многумина други без какви и да било професионални квалификации работат без надзор на советници или терапевти. Некои поединци потрошиле многу пари за консултација со такви неквалификувани луѓе.

Дури и кога се работи за обучен, квалификуван професионалец за ментално здравје, треба да се разгледаат некои работи. Кога избираме медицински доктор или хирург, мораме да бидеме сигурни дека тој ќе ги почитува нашите гледишта темелени на Библијата. Слично на тоа, би било опасно да се консултираме со некој професионалец за ментално здравје кој не ги почитува нашите религиозни и морални гледишта. Многу христијани, и покрај психичката и емоционалната збрка, напорно се стремат да имаат „едномислие . . . според примерот на Христа Исуса“ (Римјаните 15:5). Тие со право се загрижени во врска со ставовите на секој кој би можел да влијае на нивното размислување или однесување. На ограничувањата кои се наметнати од верувањата во Писмото, некои лекари гледаат како на непотребни и потенцијално штетни за менталното здравје. Тие можеби одобруваат, па дури и препорачуваат постапки кои Библијата ги осудува, како што се хомосексуалност или брачна неверност.

Овие идеи се вклучени во она што апостол Павле го нарекол „противречностите на лажно нареченото ‚спознание‘“ (1. Тимотеј 6:20, НС). Тие ѝ противречат на вистината за Христос и се дел од ‚философијата и празната измама‘ на овој свет (Колосјаните 2:8). Библискиот критериум е јасен: „Нема мудрост, нема разум, нема совет — против Господа“ (Изреки 21:30). Лекарите за ментално здравје кои „злото го нарекуваат добро и доброто — зло“ се ‚лоши друштва‘. Далеку од тоа да помогнат да се излечат непостојаните умови, тие ќе ги ‚расипат корисните навики‘ (Исаија 5:20; 1. Коринтјаните 15:33, НС).

Така, ако некој христијанин мисли дека е потребно да се обрати кај некој професионалец за ментално здравје, треба да ги разгледа квалификациите, ставот и угледот на лекарот, како и можниот ефект од кое било лекување што ќе го препорача. Ако некој вознемирен христијанин не може самиот да го направи тоа, можеби ќе биде способен да му помогне некој зрел, близок пријател или роднина. Христијанинот кој е несигурен дали е мудро некое лекување, може да утврди дека ќе биде од помош ако разговара со старешините во собранието — иако конечната одлука е лично негова (или на неговите родители, или заедничка одлука на сопругот и сопругата).d

За да го олесни страдањето, науката денес може да направи многу повеќе отколку во минатото. Сепак, постојат многу болести — и физички и душевни — кои во моментов се неизлечливи и мораат да се поднесуваат во овој систем на ствари (Јаков 5:11). Во меѓувреме, „верниот и разумен роб“, старешините и сите останати во собранието им пружаат рака на сочувство и поддршка на болните. И самиот Јехова ги зајакнува да истраат до тоа славно време кога повеќе нема да има болест (Матеј 24:45, НС; Псалм 40:1—3; Исаија 33:24).

[Фусноти]

a Понекогаш некој поединец може да биде замолен да се подложи на психијатриска проценка, можеби кога се зема предвид за повисоко работно место. Дали некој ќе се подложи на една таква проценка или не, тоа е лична одлука, но треба да се забележи дека психијатриската проценка не е психијатриско лекување.

b Види „Да се добие битката против депресијата“, од изданието на Стражарска кула од 1 март 1990 (англ.).

c Некои душевни болести изгледа дека добро реагираат на исправните лекови. Но овие лекови мораат претпазливо да се користат под надзор на вешти и искусни медицински лекари или психијатри, со оглед на тоа што може да има тешки несакани ефекти ако дозите не се точно прилагодени.

d Види ја статијата „Психички болести — кога христијаните се погодени од нив“ во изданието на Стражарска кула од 1 февруари 1989 година.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели