Јехова е поголем од нашето срце
„НА ГОСПОДА Му се мили оние, кои се бојат од Него“, напишал псалмистот. Навистина, Творецот се радува додека набљудува како секој негов човечки слуга се стреми да ги поддржи неговите праведни мерила. Бог ги благословува своите лојални, ги храбри и ги теши во време на очај. Тој знае дека неговите обожаватели се несовршени, па затоа има реалистични очекувања од нив (Псалм 147:11, ДХК).
Можеби не ни е проблем да веруваме дека Јехова има голема љубов кон своите слуги општо земено. Меѓутоа, изгледа некои се толку загрижени заради сопствените недостатоци што се убедени дека Јехова никогаш не би можел да ги сака. „Јас сум премногу несовршен за да ме сака Јехова“, можеби заклучуваат. Секако, сите ние одвреме навреме имаме негативни чувства. Но, изгледа некои водат постојана битка со чувства на безвредност.
Чувства на потиштеност
Во библиски времиња извесен број верни поединци страдале од чувства на силна потиштеност. Јов го мразел животот и мислел дека Бог го напуштил. Ана, која му станала мајка на Самуил, едно време била длабоко вознемирена поради тоа што немала деца и горко плачела. Давид ‚сосема се стопил‘, а Епафродит бил вознемирен поради тоа што веста за неговата болест ги ожалостила браќата (Псалм 37:6; 1. Царства 1:7, 10; Јов 29:2, 4, 5; Филипјаните 2:25, 26).
А како е со христијаните денес? Можеби болест, поодмината старост или други лични околности ги спречуваат некои да прават онолку колку што би сакале во светата служба. Ова можеби ги наведува да заклучат дека го изневеруваат Јехова и своите соверници. Или некои можеби постојано се обвинуваат за минатите грешки, сомневајќи се во тоа дека Јехова им простил. Можеби други кои имале тешки семејни околности се убедени дека едноставно не заслужуваат да бидат сакани. Како е можно тоа?
Некои пораснале во семејства каде што не преовладувал дух на љубов туку на себичност, сарказам и страв. Можеби тие никогаш не запознаваат татко кој длабоко ги сака, кој бара прилики да ги пофали и охрабри, кој ги превидува прекршоците и е спремен да прости дури и посериозни грешки, и чија срдечност придонесува целото семејство да се чувствува безбедно. Со оглед на тоа што тие никогаш немале земен татко полн со љубов, можеби им е тешко да разберат што значи да се има небесен Татко полн со љубов.
На пример, Фриц пишува: „Детството и младоста ми беа под силно влијание на нељубезниот начин на однесување на татко ми.a Тој никогаш не ме пофали, и никогаш не се чувствував близок со него. Всушност, поголемиот дел од времето се плашев од него“. Како последица од тоа, Фриц, кој сега е во своите 50-ти години, сѐ уште има чувства на недостаточност. А Маргарет објаснува: „Моите родители беа ладни и без љубов. Кога почнав да ја проучувам Библијата ми беше тешко да си замислам како изгледа татко полн со љубов“.
Таквите чувства, сеедно која е причина за нив, можат да значат дека понекогаш нашата служба за Бог не е првенствено мотивирана од љубов, туку во голема мера од чувство на вина или страв. Нашето најдобро никогаш не ни изгледа доволно добро. Желбата да му угодиме на Јехова и на соверниците можеби нѐ тера да мислиме дека не можеме да постигнеме сѐ што сакаме. Како резултат на тоа, можеби не успеваме да ги постигнеме своите цели, се обвинуваме и стануваме малодушни.
Што може да се стори? Можеби треба да се потсетиме на тоа колку е великодушен Јехова. Еден човек кој го разбрал овој аспект полн со љубов на Божјата личност бил апостол Јован.
‚Бог е поголем од нашето срце‘
Кон крајот на првиот век н.е. Јован на своите соверници им напишал: „По тоа познаваме дека сме од вистината, и пред Него ќе ги успокојуваме срцата свои; бидејќи, ако срцето наше нѐ осуди, а колку повеќе Бог, зашто Он е поголем од нашето срце и знае сѐ“. Зошто Јован ги напишал овие зборови? (1. Јованово 3:19, 20).
Јован јасно знаел дека е можно еден Јеховин слуга да се чувствува осуден во срцето. Можеби самиот Јован доживувал такви чувства. Како млад човек со избувлив темперамент, Јован повремено бил исправан од Исус Христос бидејќи бил престрог во однос на другите. Всушност, Исус им го дал на Јован и на брат му Јаков ‚името Воанергес, што значи: синови на громот‘ (Марко 3:17; Лука 9:49—56).
Во следните 60 години Јован омекнал и станал урамнотежен, полн со љубов и милосрден христијанин. Во времето кога тој, како последен жив апостол, го напишал своето прво инспирирано писмо, знаел дека Јехова не го повикува на одговорност секој свој слуга заради секој прекршок. Напротив, тој е срдечен, великодушен, дарежлив и сочувствителен Татко кој има длабока љубов кон сите кои го љубат и го обожаваат во вистина. Јован напишал: „Бог е љубов“.
Јехова се радува на она што го правиме за него
Бог ги знае нашите вродени слабости и недостатоци, и го зема тоа предвид. „Он го знае нашиот состав, помни дека ние сме земја“, напишал Давид. Јехова сфаќа колкаво влијание има нашата заднина врз тоа какви сме. Всушност, тој подобро нѐ познава отколку ние самите (Псалм 102:14).
Тој знае дека мнозина од нас би сакале да бидеме поинакви, но дека не можеме да ги надминеме своите несовршености. Нашата ситуација може да се спореди со онаа на апостол Павле кој напишал: „Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам“. Сите ние учествуваме во истата борба. Во некои случаи резултатот од неа може да биде самоосудувачко срце (Римјаните 7:19).
Секогаш потсетувај се на ова: Многу поважно од тоа како ние се гледаме себеси е како нѐ гледа Јехова. Секогаш кога гледа дека се обидуваме да му угодиме, тој не само што реагира со благо задоволство, туку и со радост (Изреки 27:11). Иако она што го постигнуваме можеби ни изгледа релативно малку во нашите очи, тој се восхитува на нашата спремност и добриот мотив. Тој гледа зад она што ние го постигнуваме; проникнува во она што сакаме да го правиме; свесен е за нашите надежи и желби. Јехова може да го чита нашето срце (Јеремија 12:3; 17:10).
На пример, многу Јеховини сведоци по природа се плашливи и резервирани луѓе кои повеќе би сакале да бидат во сенка. За таквите, проповедањето на добрата вест од куќа до куќа може да биде застрашувачки предизвик. Сепак, поттикнати од желба да му служат на Бог и да му помогнат на ближниот, дури и плашливите учат да им пристапуваат на своите соседи и да разговараат за Библијата. Можеби тие мислат дека постигнуваат малку, и тоа им ја краде радоста. Срцето може да им вели дека нивната јавна служба не е вредна. Но, Јехова сигурно се радува на големиот напор што го вложуваат таквите во својата служба. Освен тоа, тие не знаат кога и каде посеаното семе на вистината ќе из‘рти, ќе порасне и ќе донесе плод (Проповедник 11:6; Марко 12:41—44; 2. Коринтјаните 8:12).
Други Сведоци подолго време страдаат од лошо здравје или се сѐ постари. За нив редовното одење на состаноци во Салата на Царството може да биде проследено со болка и тегобна грижа. Кога слушаат некој говор за делото на проповедање, можеби тоа ги потсетува на она што порано го правеле и што можеби сѐ уште сакаат да го прават, но немоќта ги спречува. Можеби имаат чувства на вина бидејќи не можат да го следат советот онолку колку што би сакале. Сепак, Јехова сигурно ја цени нивната лојалност и истрајност. Сѐ додека му остануваат лојални, тој никогаш не го заборава нивното досие на верност (Псалм 17:25; 36:28).
‚Ги уверуваме своите срца‘
До времето кога остарел, Јован сигурно многу разбрал за Јеховината великодушност. Сети се дека напишал: ‚Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ‘. Освен тоа, Јован нѐ охрабрил да ‚го увериме своето срце‘. Што мислел со тие зборови?
Според Vine’s Expository Old and New Testament Words, грчкиот глагол преведен со „увериме“ значи „да се примени убедување, да се триумфира или да се придобие, да се убеди“. Со други зборови, за да го увериме своето срце треба да го придобиеме, да го убедиме да верува дека Јехова нѐ сака. Како?
Фриц, спомнат претходно во статијава, повеќе од 25 години служи како старешина во едно собрание на Јеховините сведоци и увидел дека личната студија може да го увери неговото срце во Јеховината љубов. „Редовно и внимателно ги проучувам Библијата и нашите публикации. Тоа ми помага да не мислам на минатото туку да задржам јасна визија за нашата прекрасна иднина. Понекогаш, моето минато ме совладува, и мислам дека Бог никогаш не би можел да ме сака. Но, главно, увидувам дека редовната студија ми го зајакнува срцето, ја зголемува мојата вера и ми помага да останам радосен и урамнотежен.“
Точно, читањето на Библијата и медитирањето за неа можеби нема да ја смени нашата моментална ситуација. Сепак, тие можат да го сменат начинот на кој гледаме на неа. Кога во срцето внесуваме мисли од Божјата реч тоа ни помага да размислуваме како Бог. Освен тоа, проучувањето ни овозможува да растеме во разбирањето на Божјата великодушност. Можеме постепено да го прифатиме фактот дека Јехова не нѐ обвинува за околностите од детството и дека не нѐ обвинува за нашите немоќи. Тој знае дека товарите што ги носат многумина од нас — било да се емоционални или физички — честопати не сме си ги наметнале самите, и љубезно го зема тоа предвид.
А што е со Маргарет која беше спомната претходно? Кога го запознала Јехова, проучувањето на Библијата и за неа било од голема корист. Таа, како и Фриц, морала да ја смени својата претстава за татко. Молитвата ѝ помогнала на Маргарет да го спои она што го дознала преку проучувањето. „Пред сѐ, го сметав Јехова за близок пријател, бидејќи имав повеќе искуство со љубезни пријатели отколку со љубезен татко. Постепено научив да му ги излевам на Јехова моите чувства, моите сомнежи, тегобни грижи и проблеми. Честопати разговарав со него во молитва, истовремено спојувајќи ги како во еден мозаик сите нови работи што ги учев за него. После некое време, моите чувства кон Јехова се развија до толкав степен што сега ретко ми е проблем да го сметам за мој Татко полн со љубов“, вели Маргарет.
Ослободување од сета тегобна загриженост
Сѐ додека трае овој злобен, стар систем, никој не може да се ослободи од тегобните грижи. Ова за некои христијани значи дека чувствата на тегобна загриженост или сомневање во самите себе можат да им се вратат и да им прават проблеми. Но, можеме да бидеме уверени дека Јехова ги знае нашиот добар мотив и напорниот труд во неговата служба. Тој никогаш нема да ја заборави љубовта што ја покажуваме кон неговото име (Евреите 6:10).
На претстојната нова Земја под месијанското Царство, сите верни луѓе можат да очекуваат да бидат ослободени од товарите на сатанскиот систем. Какво само олеснување ќе биде тоа! Тогаш ќе видиме уште поголем доказ за тоа колку великодушен е Јехова. Но сѐ дотогаш, да бидеме уверени дека ‚Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ‘ (1. Јованово 3:20, NW).
[Фуснота]
a Имињата се сменети.
[Истакната мисла на страница 30]
Јехова не е суров деспот, туку срдечен, великодушен и сочувствителен Татко
[Слика на страница 31]
Проучувањето на речта Божја ни помага да размислуваме како него