Ослободување од организираниот криминал — „бев јакуза“
„ТАТО, ајде да одиме заедно на состаноци кога ќе си дојдеш дома. Ќе ми ветиш, нели?“ Ова писмо го добив од мојата втора ќерка додека бев в затвор по трет пат. Таа редовно ги посетуваше состаноците на Јеховините сведоци заедно со мојата сопруга. Поради тоа што писмата од моето семејство ми беа единствениот извор на утеха, јас ѝ ветив дека ќе направам како што бара таа.
‚Зошто водам живот на криминалец кој ме одвојува од моето семејство?‘ си помислив. Се сетив на времето кога бев многу млад. Татко ми починал кога сум имал само 18 месеци и затоа не се ни сеќавам на неговото лице. Мајка ми после тоа се премажи двапати. Таквите семејни околности длабоко ме погодија и во средното училиште почнав да се дружам со скитници. Станав насилен и честопати се вмешував во тепачки надвор од училиштето. Кога бев во втора година средно училиште, организирав една група ученици да се тепа против една друга група. Како резултат на тоа, бев уапсен и испратен во поправен дом за извесно време.
Бев како една топка која се тркала по удолница кон еден живот на насилство. Наскоро оформив една банда деликвенти и се врткавме околу канцеларијата на една јакуза група. На 18-годишна возраст, станав вистински член на таа група. Кога имав 20 години, бев уапсен за разни дела на насилство и бев осуден на три години затвор. Прво, извесно време одлежав во затворот за малолетници во Нара, но моето однесување не се подобри. Затоа бев испратен во еден друг затвор — за возрасни. Но, станав уште полош и на крајот завршив во Кјото, во еден затвор за закоравени криминалци.
Се прашував себеси: ‚Зошто постојано вршам вакви злосторства?‘ Додека гледам наназад, сфаќам дека тоа се должеше на моето глупаво резонирање. Тогаш си мислев дека таквото однесување е „мачо“, доказ за мојата мажественост. Кога бев ослободен од затвор на 25-годишна возраст, другите мафијаши ме почитуваа како некој и нешто. Сега ми се отвори патот да се искачувам по скалата на криминалниот свет.
Реакциите на моето семејство
Отприлика во тоа време се оженив и наскоро мојата сопруга и јас имавме две ќерки. Но, мојот живот не се промени. Постојано одев натаму наваму помеѓу мојот дом и полицијата — ги претепував луѓето и вршев изнудувања. Секој инцидент ми помогна да го придобијам почитувањето на другите гангстери и довербата на босот. На крајот, мојот постар јакуза „брат“ успеа да дојде до врвот на бандата и стана босот. Јас бев понесен од помислата дека сум човек број два.
Си помислував: ‚Како се чувствуваат мојата сопруга и ќерките поради мојов начин на живот?‘ Сигурно се срамеле што имаат сопруг и татко криминалец. Повторно бев затворен на 30-годишна возраст и уште еднаш кога имав 32 години. Овој пат, три годишната затворска казна навистина ми беше тешка. На моите ќерки не им беше дозволено да доаѓаат да ме посетуваат. Ми недостигаше разговорот со нив и тоа што не можев да ги прегрнувам.
Отприлика во времето кога почнав да ја одлежувам таа последна затворска казна, мојата сопруга почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Секој ден ми пишуваше за вистината што ја учеше. Се прашував: ‚Каква е оваа вистина за која ми зборува мојата сопруга?‘ Додека бев во затворот, ја прочитав целата Библија. Размислував за она што ми го зборуваше мојата сопруга во нејзините писма — за една надеж за иднината и за Божјата намера.
Надежта луѓето да живеат засекогаш во Рајот на Земјата ми беше привлечна поради тоа што смртта навистина ме плашеше. Секогаш си мислев: ‚Ако умреш, ти си губитникот‘. Додека гледам наназад, сфаќам дека стравот од смртта беше тоа што ме тераше да ги повредувам другите пред да ме повредат тие мене. Писмата на мојата сопруга, исто така, ме натераа да увидам колку е празна мојата цел да се качувам по скалата во светот на бандата.
Сепак, не бев поттикнат да ја проучувам вистината. Мојата сопруга се предаде на Јехова и стана негов крстен Сведок. Иако во моето писмо се согласив да одам на нивните состаноци, не размислував да станам Јеховин сведок. Се чувствував како сопругата и ќерките да отишле далеку од мене, оставајќи ме мене назад.
Излегување од затвор
Конечно дојде денот да бидам ослободен. Кај портата во затворот Нагоја беа наредени многу гангстери за да ме пречекаат. Меѓутоа, во огромната толпа луѓе, јас си ги барав само сопругата и ќерките. Кога ги видов моите ќерки, кои за три години и шест месеци прилично пораснале, бев трогнат до солзи.
Два дена откако се вратив дома, ѝ го одржав своето ветување на мојата втора ќерка и присуствував на еден состанок на Јеховините сведоци. Бев изненаден од ведриот став на сите присутни. Сведоците срдечно ме пречекаа, но јас се чувствував неугодно. Кога подоцна дознав дека оние кои ме поздравија знаеја за мојата криминална позадина, бев збунет. Но, ја почувствував нивната топлина и бев привлечен од библиски темелениот говор кој беше одржан. Стануваше збор за луѓе кои засекогаш ќе живеат во Рајот на Земјата.
Помислата дека мојата сопруга и ќерките ќе преживеат во Рајот а јас ќе бидам уништен, многу ме разжалости. Сериозно размислував за тоа што би морал да направам за да живеам засекогаш со моето семејство. Почнав да размислувам како да се ослободам од мојот живот како гангстер, па така почнав да ја проучувам Библијата.
Ослободување од мојот криминален живот
Престанав да ги посетувам состаноците на бандата и прекинав да се дружам со јакузата. Не беше лесно да го променам мојот начин на размислување. Се возев во еден голем увозен автомобил од чиста забава — тоа беше патување за задоволување на егото. Ми беа потребни три години за да го заменам мојот автомобил со еден скромен модел. Имав и склоност да си барам лесен излез од работите. Меѓутоа, додека ја учев вистината, можев да увидам дека морам да се променам. Но, како што вели Јеремија 17:9, „лукаво е човечкото срце повеќе од сѐ и е наполно расипано“. Можев да кажам што е исправно, но тешко ми беше да го применувам тоа што го учев. Проблемите со кои се соочував ми се чинеа како голема планина. Бев вознемирен и многу пати помислував да ја прекинам студијата и да се откажам од идејата да станам Јеховин сведок.
Тогаш, водителот на мојата библиска студија покани еден патувачки надгледник, кој имаше слична позадина како мојата, за да одржи јавно предавање во нашето собрание. Од Акита, на оддалеченост од 650 километри, тој дојде дури до Сузука за да ме охрабри. После тоа, секогаш кога ќе се изморев и ќе помислев да се откажам, добивав писмо од него, прашувајќи ме дали одам стабилно по патот на Господа.
Постојано му се молев на Јехова да ми помогне да се ослободам од сите мои врски со јакузата. Имав доверба дека Јехова ќе одговори на мојата молитва. Во април 1987 година, конечно можев да се повлечам од јакуза организацијата. Поради тоа што мојот бизнис секој месец ме носеше во странство, далеку од моето семејство, ја променив мојата работа за да работам како домар. Поради тоа, моите попладниња беа слободни за духовни активности. Првпат добив плик со плата. Беше лесен, но многу ме усреќи.
Кога бев човек број два во јакуза организацијата, материјално бев имушен, но сега имам духовно богатство кое не избледува. Го познавам Јехова. Ги знам неговите намери. Имам начела по кои живеам. Имам вистински пријатели кои покажуваат грижа за мене. Во светот на јакузата, гангстерите се надворешно грижливи, но ниеден јакуза кој јас го познавав — ниту еден — не би се жртвувал себеси за другите.
Во август 1988 година, мојата предаденост на Јехова ја симболизирав со крштавање во вода и следниот месец почнав да поминувам најмалку 60 часа во месецот, кажувајќи им на другите за добрата вест која ми го промени животот. Служам како полновремен слуга од март 1989 година и сега ми е дадена предноста да служам како слуга помошник во собранието.
Можев да се ослободам од повеќето остатоци од мојот јакуза живот. Но, еден останува. Тоа е тетоважата на моето тело која ме потсетува мене, моето семејство и другите, на моето јакуза минато. Еднаш, мојата најстара ќерка со плачење си дојде дома од училиште и рече дека нема повеќе да оди на училиште затоа што нејзините пријатели ѝ рекле дека јас сум јакуза и дека имам тетоважи. Можев да разговарам за тоа со моите ќерки и тие ја сфатија ситуацијата. Желно го исчекувам денот кога Земјата ќе биде рај и кога моето тело ќе стане ‚помладо отколку во млади години‘. Тогаш моите тетоважи и спомените на 20 години јакуза живот ќе бидат работи од минатото (Јов 33:25; Откровение 21:4; раскажал Јасуо Катаока).
[Слика на страница 11]
Копнеам по денот кога моите тетоважи ќе бидат избришани
[Слика на страница 13]
Крај Салата на Царството со моето семејство