-
Дали сум спремен за врска?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
-
-
ПОГЛАВЈЕ 1
Дали сум спремен за врска?
„Под огромен притисок сум да си фатам дечко. Плус, околу мене има толку слатки машки“ (Витни).
„Има девојки што ми се пуштаат, и не би ми пречело да почнам врска со некоја од нив. Но, ако им кажам на родителите, знам што ќе ми речат“ (Филип).
ПОТРЕБАТА да бидеш со некој што многу ти се допаѓа — и кому ти му се допаѓаш — може да биде неверојатно силна, дури и на многу мала возраст. „Почнав да чувствувам притисок да имам дечко уште на 11 години“, раскажува Џенифер. А Британи вели: „На школо, ако не си во врска со некого — со кого и да било — почнуваш да мислиш дека нешто ти фали!“
А како е со тебе? Дали ти си спремен за врска? За да одговориме на ова прашање, најпрво да разгледаме едно друго, поосновно прашање.
Што значи да бидеш „во врска“?
Штиклирај го својот одговор на следниве прашања:
Редовно излегуваш со некого од спротивниот пол. Дали си во врска или не?
□ Да
□ Не
Меѓу тебе и некој од спротивниот пол постои заемна привлечност. Неколку пати дневно си праќате СМС-пораки или зборувате на телефон. Дали си во врска или не?
□ Да
□ Не
Кога и да излезеш со друштво, ти се издвојуваш со истата личност од спротивниот пол. Дали си во врска или не?
□ Да
□ Не
Најверојатно без проблем го одговори првото прашање, но можеби се помисли малку пред да ги одговориш другите две. Што, всушност, значи да бидеш во врска со некого? Врската е блиско дружење на две лица од спротивен пол, кои имаат чувства еден кон друг. Според тоа, одговорот на сите три прашања погоре е ‚да‘. Сеедно дали контактирате преку телефон или лично, и дали го правите тоа јавно или во тајност, ако ти и некој од спротивниот пол имате посебни чувства еден кон друг и редовно комуницирате, вие сте во врска. Но, дали си спремен за такво нешто? За да дознаеш, размисли за следниве три прашања.
Зошто сакаш да бидеш во врска?
Во многу култури е најнормално двајца да започнат врска за подобро да се запознаат. Но, врската треба да има една чесна цел — таа треба да им помогне на дечкото и на девојката да видат дали ќе си одговараат за брак.
Точно, можеби некои од твоите врсници не гледаат сериозно на врските. Можеби само им е убаво да бидат во друштво со некој од спротивниот пол што им се допаѓа без никаква намера да стапат во брак со него. За некои дечкото или девојката е само трофеј или начин да се прават важни пред другите. Но, ваквите плитки врски честопати завршуваат прилично брзо. „Многу млади што излегуваат со некого, раскинуваат за една или две седмици“, вели една девојка по име Хедер. „За нив врските се нешто минливо — што би се рекло, повеќе им се подготовка за развод, а не за брак.“
Нормално, кога си во врска со некого, тој развива чувства кон тебе. Затоа, кога ќе решиш да започнеш врска, тоа нека биде со чесни намери. Размисли: Би сакал ли некој да си игра со твоите чувства како да се играчка — ќе си поигра малку со неа и потоа ќе ја фрли? Една девојка по име Челси вели: „Понекогаш си мислам дека не е лошо да излегуваш со некого чисто заради забава, но воопшто не е забавно кога едниот ги сфаќа работите сериозно, а другиот не“.
Колку години имаш?
На колку години мислиш дека би било во ред еден млад човек да започне врска? ․․․․․
Сега прашај ги родителите што мислат тие, а потоа запиши го нивниот одговор. ․․․․․
Голема е веројатноста првиот број што го запиша да е помал од вториот. А можеби и не е! Можеби и ти си еден од многуте млади што мудро не започнуваат врска со некого од спротивниот пол сѐ додека не се доволно возрасни и додека не се запознаат подобро самите себе. Даниела (17) одлучила да го стори токму тоа. Таа вели: „Кога ќе се сетам како си го замислував потенцијалниот сопруг пред две години, сфаќам дека тоа е сосема различно од она што сега го имам во главата. Всушност, дури ни сега не верувам дека би донела исправна одлука околу тоа. Кога веќе некое време ќе ми биде јасно што сакам, тогаш ќе размислувам за врска“.
Има уште една причина зошто е мудро да се чека. Библијата го користи изразот „цутот на младоста“ за да го опише периодот од животот кога половиот нагон и романтичните чувства првпат доаѓаат до израз (1. Коринќаните 7:36). Блискоста со одредена личност од спротивниот пол додека си во оваа фаза од животот може да ја разгори страста и да те наведе да направиш нешто погрешно. Точно, можеби тоа не е ништо страшно за твоите врсници. Мнозина од нив не би се мислеле многу дали да имаат секс или не. Но, не мораш и ти да бидеш како нив! (Римјаните 12:2). Всушност, Библијата нѐ поттикнува ‚да бегаме од сексуален неморал‘ (1. Коринќаните 6:18, New International Version). Ако почекаш да ти помине цутот на младоста, ќе ‚ја оддалечиш неволјата‘ од себе (Проповедник 11:10).
Дали си спремен за брак?
За да одговориш на ова прашање, добро преиспитај се. Размисли за следниве работи:
Односи со другите. Како се однесуваш со твоите родители или со твоите браќа и сестри? Дали честопати избувнуваш, па користиш груби или саркастични зборови за да си го кажеш своето? Што би рекле тие за тебе во врска со ова? Начинот на кој се однесуваш со членовите на твоето семејство покажува како ќе се однесуваш и со твојот сопружник. (Прочитај Ефешаните 4:31.)
Карактер. Дали си оптимист или песимист? Дали си разумен или секогаш инсистираш да биде по твое? Можеш ли да останеш смирен кога си под стрес? Дали си стрплив? Ако уште сега се трудиш да ги покажуваш плодовите на духот, тоа ќе ти помогне да се подготвиш за брак. (Прочитај Галатите 5:22, 23.)
Пари. Како ги трошиш парите? Дали често должиш некому? Кога ќе најдеш работа, можеш ли да ја задржиш? Ако не можеш, зошто? Дали поради самата работа? Или поради работодавачот? Или, пак, поради некоја твоја навика или особина која мораш да си ја поправиш? Ако не можеш да водиш сметка за своите пари, како ќе можеш да го правиш тоа за целото семејство? (Прочитај 1. Тимотеј 5:8.)
Духовност. Ако си Јеховин сведок, што правиш за да имаш добар однос со Бог? Дали редовно ја читаш Божјата реч, одиш во служба и учествуваш на христијанските состаноци? Оној со кого ќе стапиш во брак заслужува да има духовно изграден брачен партнер. (Прочитај Проповедник 4:9, 10.)
Што можеш да направиш
Што ако некој те става под притисок да започнеш врска, а не си спремен за такво нешто? Тоа е како да те тераат да полагаш матура по предмет кој само што си почнал да го учиш. Очигледно, не би било фер! Ти треба време да го научиш тој предмет, за да можеш да ја положиш матурата.
Слично е и со врските. Како што видовме, да се има врска е сериозна работа. Затоа, пред да почнеш врска со некого, треба да одвоиш време за да научиш еден многу важен „предмет“ — како се градат пријателства. Подоцна, кога ќе ја запознаеш вистинската личност за тебе, ќе знаеш како да изградиш една цврста врска. На крајот на краиштата, добриот брак е врска меѓу двајца добри пријатели.
Ако почекаш малку пред да започнеш врска, не значи дека си ја ускратуваш слободата. Напротив, така ќе имаш поголема слобода да ‚се радуваш во младоста своја‘ (Проповедник 11:9). Ќе имаш и повеќе време да се подготвиш за врска така што ќе ја подобруваш својата личност и, што е најважно, својата духовност (Плач Еремиин 3:27).
Во меѓувреме, сепак можеш да се дружиш и да си поминуваш убаво со лица од спротивниот пол. Но, кој е најдобриот начин да го правиш тоа? Дружете се во групи во кои има и одговорни возрасни. Една девојка по име Тами вели: „Мислам дека така е позабавно. Подобро е да имаш многу пријатели“. И Моника се согласува со неа. Таа вели: „Идејата за дружење во група е навистина добра идеја затоа што имаш прилика да видиш луѓе со различни карактери“.
Од друга страна, ако прерано го насочиш своето внимание само на една личност, се доведуваш во ситуација да ти биде скршено срцето. Затоа, не брзај. Искористи ја младоста да научиш како да градиш и да одржуваш пријателства. Подоцна, ако решиш да започнеш врска, ќе се познаваш себеси подобро и ќе знаеш каков партнер ти треба.
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈА 29 И 30
Се мислиш дали да започнеш врска без да знаат твоите родители? Тајните врски носат повеќе опасности отколку што можеби си претпоставуваш.
КЛУЧЕН СТИХ
„Паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15)
ПРЕДЛОГ
За да се подготвиш за врска и за брак, прочитај ги зборовите во 2. Петрово 1:5-7 и избери една особина на која треба да работиш. По еден месец, провери колку си научил за таа особина и колку си се подобрил.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Според многу истражувања, има голема веројатност двојките што стапуваат во брак пред да наполнат 20 години да се разведат во рок од пет години.
ПЛАН!
За да бидам спремен за брак, морам да работам на следниве особини:
За да се подобрам во овие особини, ќе
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите
ШТО МИСЛИШ?
● Во какви околности е во ред да се дружиш со лица од спротивниот пол?
● Што би му рекол на својот брат или сестра кој сака да има врска, а е премлад за тоа?
● Ако имаш врска, а немаш намера да стапиш во брак, како може тоа да влијае врз чувствата на другиот?
[Истакната мисла на страница 18]
››Мислам дека е најдобро да започнеш врска кога другиот ти значи многу и кога мислиш дека би можеле да имате заедничка иднина. Треба да го сакаш оној со кого си во врска, а не само идејата да бидеш во врска‹‹ (Амбер)
[Слика на страници 16 и 17]
Ако имаш врска, а немаш намера да стапиш во брак, ти си како едно дете кое малку ќе си поигра со новата играчка и после ќе ја фрли
-
-
Тајна врска — што има тука опасно?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
-
-
ПОГЛАВЈЕ 2
Тајна врска — што има тука опасно?
Џесика се нашла пред тешка одлука. Сѐ започнало кога Џереми, едно момче од нејзиниот клас, почнал да ѝ се додворува. Таа вели: „Беше многу сладок, а другарките ми рекоа дека попристоен дечко од него нема. Неколку девојки сакаа да одат со него, но тој не беше заинтересиран. Му се допаѓав само јас“.
Набрзо, Џереми ја поканил Џесика да излезе со него. Таа му објаснила дека, како Јеховин сведок, родителите никогаш не би ѝ дозволиле да излегува со некого што не е од нејзината вера. „Но, тогаш на Џереми му дојде една идеја“, раскажува таа. „Ми рече: ‚Па, тие не мора да знаат‘“.
КАКО ќе реагираш ако некој што тебе ти се допаѓа ти предложи нешто слично? Можеби ќе се изненадиш, но Џесика се сложила со планот на Џереми. Таа вели: „Бев уверена дека, ако имам врска со него, ќе му помогнам да го засака Јехова“. Што се случило? Тоа ќе го дознаеме малку подоцна. Најпрво да видиме како некои се излажале да започнат тајна врска.
Зошто го прават тоа
Зошто некои се во тајна врска? Младиот Дејвид кратко и јасно вели: „Знаат дека родителите нема да им ја одобрат врската, па затоа не им кажуваат“. Џејн спомнува друга можна причина. „Кога одиш скришно со некого, сакаш да си докажеш себеси дека можеш да правиш што сакаш“, вели таа. „Ако мислиш дека родителите не те третираат онака како што би сакал — како возрасен — тогаш нема да им кажуваш ништо и ќе си тераш по свое.“
Ако ти текнуваат други причини зошто некои би имале тајна врска, запиши ги на празните линии.
․․․․․
Се разбира, знаеш дека Библијата ти заповеда да ги слушаш своите родители (Ефешаните 6:1). А ако твоите родители мислат дека не треба да имаш врска, сигурно имаат добра причина за тоа. Меѓутоа, немој да се чудиш ако низ главата почнат да ти се вртат вакви мисли:
● Се чувствувам како црна овца затоа што само јас немам врска.
● Ми се допаѓа некој што нема исти верувања како моите.
● Сакам да излегувам со некој соверник, иако ми е рано за брак.
Веројатно знаеш што би рекле твоите родители ако им спомнеш некоја од овие работи, и длабоко во себе знаеш дека би биле во право. Сепак, можеби ќе се сложиш со Манами, која вели: „Околината толку те притиска да имаш дечко што понекогаш си мислам дека нешто не е во ред со мојот став. Денес, за младите е незамисливо да немаш дечко. А и кој сака да биде сам?“ Некои што се нашле во ваква ситуација почнале врска што ја држеле во тајност од своите родители. Како?
„Ни беше речено да не кажуваме на никого“
Самиот израз „тајна врска“ укажува дека се работи за некаква измама, а токму тоа е потребно за да остане „тајна“. Некои успеваат да одат скришно така што комуницираат главно преку телефон или Интернет. За јавноста тие се само другари, но пораките што си ги праќаат на Интернет, СМС-пораките и нивните телефонски разговори кажуваат нешто сосем друго.
Некои користат друга итра тактика — ќе договорат цела група да се собере некаде за да можат тие двајца да бидат заедно. Џејмс вели: „Еднаш цела група млади бевме поканети да одиме на едно место, но тогаш сфативме дека сѐ било наместено само за да можат двајца од групата да бидат заедно. Ни беше речено да не кажуваме на никого“.
Многу често, како што кажува и Џејмс, тајните врски се одржуваат со помош на пријателите. Керол вели: „Барем еден пријател знае што се случува, но свесно избира да не каже ништо затоа што не сака да биде ‚кодош‘“. Честопати се кажуваат и бесрамни лаги. „Мнозина ја држат својата врска во тајност така што ги лажат родителите кога им кажуваат каде ќе одат“, вели Бет (17). И Мисаки (19) го правела тоа. „Морав многу внимателно да смислувам лаги“, вели таа. „Освен за врската, внимавав да не ги излажам родителите за ништо друго за да не ја изгубам нивната доверба.“
Опасностите што ги носат тајните врски
Ако си на искушение да почнеш скришно да одиш со некого — или ако веќе го правиш тоа — размисли за следново:
До каде ќе ме одведе лажењето? Имаш ли намера во догледно време да се венчаш со оној со кого си во врска? „Кога си во врска со некого а немаш намера да стапиш во брак, тоа е како да рекламираш нешто што немаш намера да го продадеш“, вели Еван (20). Какви би можеле да бидат последиците од тоа? Во Изреки 13:12 стои: „Од предолго исчекување се разболува срцето“. Дали навистина сакаш да придонесеш некој што ти значи да ‚се разболи во срцето‘? И уште едно предупредување: Ако имаш тајна врска, си ја ускратуваш помошта што би можеле да ти ја дадат родителите и другите што ти го мислат доброто. А така е поголема веројатноста да направиш сексуален неморал (Галатите 6:7).
Што мисли Јехова Бог за она што го правам? Библијата вели: „Сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Значи, ако криеш дека одиш со некого — или дека некој твој другар оди со некого — Јехова веќе го знае тоа. А, ако се вклучени и лаги, тогаш треба сериозно да се подзамислиш. Јехова Бог воопшто не го одобрува лажењето. Всушност, во Библијата ‚лажливиот јазик‘ е јасно наведен меѓу работите што му се одвратни на Јехова (Изреки 6:16-19).
Да се отворат картите
Ако си во тајна врска, навистина би било паметно да разговараш со своите родители или со некој зрел возрасен христијанин. А ако имаш некој пријател што скришно оди со некого, немој да му помагаш со тоа што ќе го криеш (1. Тимотеј 5:22). Зашто, како ќе се чувствуваш ако врската донесе лоши последици? Зарем нема и ти да бидеш делумно виновен?
Размисли за ова: Да речеме дека некој твој пријател кој има дијабетес скришно јаде слатки. Што ќе направиш ако дознаеш за тоа, но пријателот те моли да не кажуваш никому? Што ќе ти биде најважно — да го криеш или да направиш нешто што може да му го спаси животот?
Истото важи и во случај да знаеш дека некој твој пријател има тајна врска. Немој да се секираш дека засекогаш ќе си го расипеш пријателството. Со текот на времето, оној што ти е вистински пријател ќе сфати дека си му го мислел најдоброто (Псалм 141:5).
Тајна или приватност?
Се разбира, ако некој не им кажува на сите дека има врска со некого, не мора да значи дека станува збор за измама. На пример, двајца млади сакаат да се запознаат подобро, но некое време сакаат тоа да си остане нивна работа. Тие можеби, како што вели Томас, „не сакаат другите да ги задеваат со прашања како ‚Кога ќе биде свадбата?‘“
Претераниот притисок од другите може да биде доста штетен (Песна над песните 2:7). Затоа, некои двојки одлучуваат некое време да не кажуваат на сите дека почнале врска (Изреки 10:19). „Тоа им дава можност на двајцата да решат дали се сериозни околу врската“, вели 20-годишната Ана. „Ако се, тогаш ќе можат да им кажат и на другите.“
Во исто време, би било погрешно да криеш дека си во врска од оние што имаат право да знаат за неа, на пример, родителите. Ако не сакаш отворено да им кажеш за врската, добро е да се запрашаш зошто е тоа така. Дали длабоко во себе знаеш дека твоите родители би имале добри причини да се противат на твојата врска?
„Знаев што морам да направам“
Џесика, која ја спомнавме во почетокот, повеќе не сакала скришно да оди со Џереми кога чула што направила една друга христијанка во слична ситуација. „Откако слушнав дека ја прекинала врската“, вели Џесика, „знаев што морам да направам.“ Дали на Џесика ѝ било лесно да раскине? Не! „Џереми беше единствениот дечко што вистински ми значеше нешто“, вели таа. „Неколку седмици по ред, плачев секој ден.“
Сепак, Џесика знаела дека го сака Јехова и дека, и покрај тоа што за момент тргнала по лош пат, од срце сака да го прави она што е исправно. Со текот на времето, болката исчезнала. Џесика вели: „Сега сум поблиска со Јехова од кога и да е порано. Многу сум благодарна што тој во вистинско време ни ги дава советите што ни се потребни!“
Спремна си за врска и има еден дечко што многу ти се допаѓа. Но, како ќе знаеш дали тој е вистинскиот за тебе?
КЛУЧЕН СТИХ
„Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18)
ПРЕДЛОГ
Не мораш насекаде да разгласиш дека си започнал врска. Но, кажи им на оние што имаат право да знаат. Обично тоа се твоите родители и родителите на оној со кого си во врска.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Трајните врски се темелат на доверба. Кога скришно одиш со некого, ја изневеруваш довербата на твоите родители и си го поткопуваш темелот на врската.
ПЛАН!
Ако скришно одам со сохристијанин, ќе ․․․․․
Ако мој пријател скришно оди со некого, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Погледни ги уште еднаш трите реченици напишани со масни букви на 22. страница. Со која од нив најдобро би опишал како се чувствуваш понекогаш?
● Како можеш да го решиш проблемот без да одиш скришно со некого?
● Што би направил ако знаеш дека твојот пријател има тајна врска, и зошто би постапил така?
[Истакната мисла на страница 27]
››Ја прекинав тајната врска. Точно, не беше лесно да одам на училиште и секој ден да го гледам Џереми. Но, Јехова Бог ја гледа целата слика, а ние не. Едноставно мораме да имаме доверба во него‹‹ (Џесика)
[Слика на страница 25]
Да криеш пријател кој скришно оди со некого е исто како да криеш дијабетичар кој скришно јаде слатки
-
-
Дали тој е за мене?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
-
-
ПОГЛАВЈЕ 3
Дали тој е за мене?
Одвој малку време за да го пополниш тестот:
Кои карактеристики моментално сметаш дека мора да ги има некој што би можел да ти биде брачен другар? На списокот подолу стави ✔ кај четирите карактеристики што сметаш дека се најважни.
□ убав □ духовен
□ дружељубив □ може да му се верува
□ популарен □ има висок морал
□ духовит □ си поставува цели
Дали досега веќе си била заљубена во некого? На списокот погоре, стави × до карактеристиката што во тоа време најмногу те привлекуваше кај него.
НЕМА ништо погрешно во ниедна од карактеристиките што се наведени погоре. Секоја од нив си е привлечна на свој начин. Но, сигурно ќе се сложиш дека кога си млад и заљубен до уши, обично се концентрираш на помалку важните особини, како оние што се наведени во колоната на левата страна.
Меѓутоа, како што созреваш, почнуваш да ја користиш својата проникливост за да ги испиташ поважните особини, како оние што се наведени во колоната на десната страна. На пример, сфаќаш дека најубавата девојка во твоето место не е баш некој во кого можеш да имаш доверба или дека најпопуларниот дечко во класот нема баш висок морал. Ако повеќе не си во цутот на младоста, најверојатно ќе погледнеш подлабоко во тој човек за да го дознаеш одговорот на прашањето: ‚Дали тој е вистинскиот за мене?‘a
Прво запознај се себеси
Пред да почнеш да размислуваш дали некој е вистинскиот за тебе, треба прво добро да се познаваш себеси. За да се запознаеш себеси подобро, одговори на следниве прашања:
Кои ми се јаки страни? ․․․․․
Кои ми се слаби страни? ․․․․․
Какви емоционални и духовни потреби имам? ․․․․․
Не е лесно да се запознаеш себеси, но ваквите прашања ќе ти помогнат во тоа. Колку подобро се познаваш себеси, толку поподготвена ќе бидеш да најдеш некој со кого уште повеќе ќе дојдат до израз твоите јаки, а не твоите слаби страни.b Но, што ако мислиш дека веќе си го нашла вистинскиот?
Дали секој ќе ми одговара?
„Може ли подобро да се запознаеме?“ Од ова прашање или ќе се стресеш или срцето ќе ти потскокне од радост — зависи од тоа кој прашува. Да речеме дека си рекла ‚да‘. Како ќе можеш по некое време да знаеш дали тој е вистинскиот за тебе?
Замисли си дека сакаш да си купиш нови чевли. Влегуваш во продавницата и еден пар чевли веднаш ти паѓа во очи. Ги пробуваш, но за жал, те стегаат. Што ќе правиш? Ќе ги купиш? Или ќе побараш други? Нормално, попаметно е да ги вратиш на полицата и да побараш други. Нема никаква смисла да шеташ во чевли што не ти се точни!
Слично е и кога бираш брачен другар. Низ годините можеби ќе има повеќемина што ќе ти се допаѓаат, ама нема секој да ти одговара. Сепак, ти бараш некој со кого ќе се чувствуваш убаво — некој што ти одговара по карактер и има слични цели како тебе (1. Мојсеева 2:18; Матеј 19:4-6). Дали веќе си нашла таков човек? Ако да, како можеш да знаеш дали тој е вистинскиот за тебе?
Гледај зад очигледното
За да одговориш на ова прашање, размисли објективно за оној што ти се допаѓа. Но, внимавај! Можеби ќе бидеш склона да го гледаш само она што сакаш да го видиш. Затоа, не брзај. Обиди се да го видиш онаков каков што навистина е. За тоа ќе треба да вложиш малку повеќе труд, што е сосема разбирливо. Да се послужиме со еден пример: Да речеме дека сакаш да си купиш автомобил. Колку темелно ќе го разгледаш автомобилот? Дали ќе те интересира само изгледот? Зарем не би било попаметно да го разгледаш малку повнимателно — можеби да дознаеш што е можно повеќе за состојбата на моторот?
Да избереш брачен другар е многу посериозна работа отколку да избереш автомобил. Сепак, многумина што се во врска го гледаат кај другиот само она што може да се види на прв поглед. На пример, веднаш ги наведуваат работите што им се заеднички: ‚Сакаме иста музика‘. ‚Сакаме исти работи.‘ ‚Во сѐ се согласуваме!‘ Но, како што веќе спомнавме, ако навистина си го поминала цутот на младоста, ќе се потрудиш да го видиш и она што не паѓа веднаш в очи. Јасно ти е дека треба да го запознаеш „тајниот човек на срцето“ (1. Петрово 3:4; Ефешаните 3:16).
На пример, наместо да се концентрираш на тоа колку добро се согласувате во некои работи, можеби повеќе ќе откриеш ако обрнеш внимание на тоа што се случува кога не се согласувате во нешто. Со други зборови, како реагира тој човек кога ќе се спречкате за нешто — дали инсистира да биде по негово и дали при тоа си дозволува „изливи на гнев“ или ‚погрден говор‘? (Галатите 5:19, 20; Колошаните 3:8). Или, пак, е разумен — спремен да попушти за да има мир кога станува збор за работи во кои не се кршат некои морални начела? (Јаков 3:17).
Еве уште еден фактор што треба да се земе предвид: Дали манипулира со луѓето? Дали сака секогаш тој да го има последниот збор? Дали е љубоморен? Дали бара да му кажеш сѐ што правиш? „Знам некои парови што се во врска и се караат затоа што едниот од нив не може да ја поднесе помислата дека другиот не му се јавува да му каже каде бил и што правел“, вели една девојка по име Никол. „Мислам дека тоа е лош знак“ (1. Коринќаните 13:4).
Работиве што ги спомнавме се концентрираат на карактерот и на однесувањето. Меѓутоа, исто толку важно е да дознаеш и каква репутација има, односно на каков глас е твојот дечко. Што мислат другите за него? Ќе биде добро да разговараш со оние што веќе подолго го познаваат, на пример, со некој од зрелите браќа и сестри во неговото собрание. Така ќе дознаеш дали за него ‚се зборува добро‘ (Дела 16:1, 2).
Можеби ќе ти биде од помош ако запишеш што мислиш ти за тоа како стои твојот дечко во однос на работите што досега ги разгледавме.
Карактер ․․․․․
Однесување ․․․․․
Репутација ․․․․․
Од помош ќе ти биде и рамката „Дали тој би бил добар сопруг?“ на 39. страница или рамката „Дали таа би била добра сопруга?“ на 40. страница. Прашањата од овие рамки ќе ти помогнат да видиш дали таа личност ќе ти одговара како брачен другар.
Што ако после сето ова сфатиш дека оној со кого си во врска не е вистинскиот за тебе? Во тој случај, треба да размислиш за ова сериозно прашање:
Треба ли да раскинеме?
Понекогаш, раскинувањето носи само добро. Размисли за она што ѝ се случило на Џил. Таа вели: „Отпрвин ми годеше што дечкото постојано се интересираше каде сум, што правам, со кого сум. Но, работите стигнаа дотаму што веќе не смеев да бидам со никој друг освен со него. Беше љубоморен дури и кога бев со семејството — особено со татко ми. Кога му раскинав, се чувствував како голем камен да ми паднал од градите!“
Сара доживеала нешто слично. Почнала да забележува дека на Џон, дечкото со кого одела, секогаш нешто не му е погодено, дека е нељубезен и саркастичен. Сара раскажува: „Еднаш доцнеше три часа! Кога дојде по мене, мајка ми му отвори, а тој не ја ни погледна, туку само ми рече: ‚Ајде, доцниме‘. Не ‚доцнам‘, туку ‚доцниме‘. Требаше да се извини или барем да даде некое објаснување. А што е најважно, требаше да покаже малку почит кон мајка ми!“ Се разбира, една таква грешка или една лоша црта не мора да значи пропаст за врската (Псалм 130:3). Но, кога Сара сфатила дека Џон со сите се однесува како со мајка ѝ, решила да ја прекине врската.
Што ако и ти, како Џил и Сара, сфатиш дека дечкото со кого си во врска нема да ти одговара како брачен другар? Немој да ги игнорираш своите чувства! Иако е тешко да си признаеш самата на себе, сепак можеби е најдобро да се стави крај на таа врска. Во Изреки 22:3 пишува: „Паметниот човек го гледа злото и се трга“. На пример, ако кај твојот дечко забележиш еден или неколку од знаците за опасност спомнати на страници 39 и 40, би било најдобро да ја прекинеш врската — барем додека да се среди тој проблем. Точно, можеби нема да ти биде лесно да раскинеш. Но, бракот, од друга страна, е трајна врска. Подобро е сега малку да страдаш, отколку подоцна цел живот да се каеш!
Како да му кажеш
Како да раскинеш? Најпрво, одбери соодветно место и време за да разговараш со него. Но, кое би било соодветно место и време? Па, размисли како би сакала ти да се постапи со тебе во таква ситуација (Матеј 7:12). Дали би сакала некој да ти раскине пред сите? Сигурно не. Освен ако околностите не налагаат поинаку, би било пожелно да не раскинеш преку телефонска секретарка, СМС-порака или имејл. Подобро одбери време и место каде што ќе можете да зборувате за оваа сериозна работа.
Што да кажеш кога ќе треба да се изјасниш? Апостол Павле ги поттикнал христијаните ‚да ја зборуваат вистината‘ меѓу себе (Ефешаните 4:25). Според тоа, најдобро е да бидеш тактична, но одлучна. Јасно кажи му зошто мислиш дека таа врска не е добра за тебе. Нема потреба да му изнесуваш цел куп грешки или да го затрупаш со критики. Всушност, наместо да велиш „Ти не правиш вака“ или „Ти никогаш не правиш онака“, би било подобро да користиш зборови со кои ќе покажеш како се чувствуваш самата — „Мене ми треба некој што...“ или „Јас мислам дека треба да раскинеме затоа што...“
Во ваква ситуација не треба да бидеш неодлучна или да попуштиш. Не заборавај дека си решила да раскинеш од сериозни причини. Затоа не дозволувај му на дечкото да те разубеди со слатки зборови или со други подмолни тактики. Една девојка по име Лори вели: „Откако раскинав, бившиот дечко почна да глуми дека е во тешка депресија. Мислам дека го правеше тоа за да ми падне жал за него. И навистина ми беше жал. Но, не дозволив тоа да ме предомисли“. Исто како Лори, и ти знаеш што сакаш. Држи се за својата одлука. Твоето ‚не‘ нека значи ‚не‘ (Јаков 5:12).
Што потоа?
Не треба да се изненадиш ако некое време по раскинувањето ти е многу тешко. Можеби ќе се чувствуваш како псалмистот, кој рекол: „Ме обзеде немир, целиот се подгрбавив, по цел ден одам натажен“ (Псалм 38:6). Некои пријатели кои ти го мислат доброто може ќе се обидат да ти помогнат со тоа што ќе те тераат да му дадеш на бившиот уште една шанса. Но, внимавај! Ти ќе треба да живееш со својата одлука — а не твоите добронамерни пријатели. Затоа, не попуштај — иако можеби ти е жал поради сето она што се случило.
Биди сигурна дека со текот на времето тагата ќе помине. Во меѓувреме, за да ја надминеш таа ситуација, преземи нешто. Следниве предлози може да ти помогнат.
Излеј си ги чувствата пред некој пријател во кого имаш довербаc (Изреки 15:22). Зборувај со Јехова за оваа работа во молитва (Псалм 55:22). Биди зафатена со нешто (1. Коринќаните 15:58). Немој да се повлечеш во себе! (Изреки 18:1). Дружи се со оние што можат да те охрабрат. Труди се да мислиш на позитивни работи (Филипјаните 4:8).
Можеби подоцна ќе започнеш друга врска. Кога ќе се случи тоа, сигурно поурамнотежено ќе гледаш на работите. И можеби тогаш на прашањето „Дали тој е вистинскиот за мене?“ ќе одговориш со ‚да‘!
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 31
Во врска си и треба да повлечеш граница до каде можете да одите во изразувањето на љубовта. Каде е таа граница?
[Фусноти]
a Од практични причини, во ова поглавје ќе користиме женски род, но начелата важат и за девојките и за момчињата.
b За да дознаеш повеќе за себе, размисли и за прашањата во 1. поглавје, наведени под поднасловот „Дали си спремен за брак?“
c Родителите или некои други возрасни, на пример, старешините, можат да ти помогнат. Можеби и тие самите минале низ истите работи кога биле млади.
КЛУЧЕН СТИХ
„Детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“ (Изреки 20:11)
ПРЕДЛОГ
Правете работи преку кои може да се види карактерот:
● Проучувајте ја Божјата реч заедно.
● Набљудувајте се како се однесувате кога сте на состанок и во служба.
● Помагајте во чистењето на Салата на Царството и во градежни проекти.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Истражувањата покажуваат дека браковите меѓу луѓе од различна религија почесто завршуваат со развод.
ПЛАН!
Ако почне да ми се допаѓа некој што не ги дели моите верувања, ќе ․․․․․
За да дознаам на каков глас е дечкото со кого излегувам, можам да ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакала да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Кои добри особини ги имаш поради кои би била добар брачен другар?
● Кои важни особини би сакала да ги има твојот брачен другар?
● До какви компликации може да дојде ако се омажиш за некој што не ги дели твоите верувања?
● Како можеш да дознаеш нешто повеќе за карактерот, однесувањето и репутацијата на оној со кого си во врска?
[Истакната мисла на страница 37]
››Како девојката се однесува со своето семејство, така ќе се однесува и со тебе‹‹ (Тони)
[Рамка на страница 34]
„Не впрегнувајте се во нееднаков јарем“
„Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници.“ Веројатно ова библиско начело изнесено во 2. Коринќаните 6:14 ти звучи разумно. Сепак, може да се случи да те привлекува некој што нема исти верувања како тебе. Зошто? Понекогаш, тоа е чисто физичка привлечност. Марко вели: „Таа девојка секогаш ја среќавав на час по физичко. Секогаш ќе најдеше начин да дојде и да поразговара со мене. Лесно беше да се спријателам со неа“.
Ако добро се познаваш себеси и имаш доверба во своите духовни вредности — и ако си доволно зрел за да не се водиш по чувствата — ќе знаеш што треба да направиш. Вистината е дека таа личност — сеедно колку е привлечна, шармантна или навидум чесна — нема да ти го подобри односот со Бог (Јаков 4:4).
Се разбира, ако се развила некоја врска, нема да биде лесно да раскинеш. Синди тоа добро го знае. „Секој ден плачев“, вели таа. „Нон-стоп мислев на него, дури и кога бев на состанок. Толку многу го сакав што си мислев дека е подобро да умрам отколку да го изгубам.“ Но, наскоро Синди сфатила колку мудар совет ѝ дала мајка ѝ кога ѝ рекла да не излегува со некој што не ги дели нејзините верувања. „Добро е што му раскинав“, вели Синди. „Потполно сум уверена дека Јехова ќе ми даде сѐ што ми е потребно.“
Дали си и ти во слична ситуација како Синди? Ако си, не мора сам да се бориш! Можеш да зборуваш со родителите. Џим го сторил токму тоа кога се заљубил во една девојка од училиштето. „На крајот побарав помош од родителите“, вели тој. „Тоа беше многу важен фактор што ми помогна да ги совладам чувствата.“ И собраниските старешини можат да ти помогнат. Можеби е добро да поразговараш со некој од нив за она што те мачи (Исаија 32:1, 2).
[Рамка/слика на страница 39]
Прашалник
Дали тој би бил добар сопруг?
Основни работи
□ Како го користи својот авторитет? (Матеј 20:25, 26)
□ Какви цели има? (1. Тимотеј 4:15)
□ Дали сега прави нешто за да ги постигне тие цели? (1. Коринќаните 9:26, 27)
□ Како се однесува со своето семејство? (2. Мојсеева 20:12)
□ Кои му се пријатели? (Изреки 13:20)
□ Околу што му се вртат разговорите? (Лука 6:45)
□ Како гледа на парите? (Евреите 13:5, 6)
□ Каква забава сака? (Псалм 97:10)
□ Како ја покажува својата љубов кон Јехова? (1. Јованово 5:3)
Други важни работи
□ Дали е вреден? (Изреки 6:9-11)
□ Дали мудро ги троши парите? (Лука 14:28)
□ Дали е на добар глас? (Дела 16:1, 2)
□ Дали е обѕирен со другите? (Филипјаните 2:4)
Знаци за опасност
□ Дали лесно се разлутува? (Изреки 22:24)
□ Дали се обидува да те наведе да направиш нешто нечисто во поглед на моралот? (Галатите 5:19)
□ Дали ги навредува другите и дали е насилен? (Ефешаните 4:31)
□ Дали мора да се напие алкохол за да биде расположен? (Изреки 20:1)
□ Дали е љубоморен и себичен? (1. Коринќаните 13:4, 5)
[Рамка/слика на страница 40]
Прашалник
Дали таа би била добра сопруга?
Основни работи
□ Како покажува подложност во семејството и во собранието? (Ефешаните 5:21, 22)
□ Како се однесува со своето семејство? (2. Мојсеева 20:12)
□ Кои ѝ се пријатели? (Изреки 13:20)
□ Околу што ѝ се вртат разговорите? (Лука 6:45)
□ Како гледа на парите? (1. Јованово 2:15-17)
□ Какви цели има? (1. Тимотеј 4:15)
□ Дали сега прави нешто за да ги постигне тие цели? (1. Коринќаните 9:26, 27)
□ Каква забава сака? (Псалм 97:10)
□ Како ја покажува својата љубов кон Јехова? (1. Јованово 5:3)
Други важни работи
□ Дали е вредна? (Изреки 31:17, 19, 21, 22, 27)
□ Дали мудро ги троши парите? (Изреки 31:16, 18)
□ Дали е на добар глас? (Рут 3:11)
□ Дали е обѕирна со другите? (Изреки 31:20)
Знаци за опасност
□ Дали е кавгаџика? (Изреки 21:19)
□ Дали се обидува да те наведе да направиш нешто нечисто во поглед на моралот? (Галатите 5:19)
□ Дали ги навредува другите и дали е насилна? (Ефешаните 4:31)
□ Дали мора да се напие алкохол за да биде расположена? (Изреки 20:1)
□ Дали е љубоморна и себична? (1. Коринќаните 13:4, 5)
[Слика на страница 30]
Не ти се точни сите чевли. Слично, нема секој да ти биде добар партнер
[Слика на страница 31]
Мислиш ли дека е важно да се гледа зад изгледот на еден автомобил? Колку поважно е да го направиш тоа кога избираш брачен другар!
-
-
До каде може да се оди?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
-
-
ПОГЛАВЈЕ 4
До каде може да се оди?
Точно или неточно...
Секогаш е погрешно ако двајца што се во врска се допираат.
□ Точно
□ Неточно
Иако немаат сексуални односи, сепак можат да бидат виновни за блуд.
□ Точно
□ Неточно
Ако не си покажуваат наклоност со физички допири, тие не се сакаат вистински.
□ Точно
□ Неточно
СИГУРНО многу си размислувал на оваа тема. И нормално, ако си во врска со некого, може да биде тешко да знаеш каде да ја повлечеш границата во изразите на љубов. Да ги разгледаме сега трите изјави од уводот и да видиме како Божјата реч ни помага да одговориме на прашањето „До каде може да се оди?“
● Секогаш е погрешно ако двајца што се во врска се допираат.
Неточно. Библијата не ги осудува исправните, чисти изрази на љубов. На пример, во Библијата читаме за една Суламка и еден пастир што биле вљубени. Нивната врска била чиста. Но сепак, тие очигледно си размениле некои изрази на љубов пред се земат (Песна над песните 1:2; 2:6; 8:5). И денес некои двојки што сериозно размислуваат за брак можеби сметаат дека е на место на некој чист начин да си покажат љубов.a
Меѓутоа, кога двајца се во врска, мораат да бидат многу претпазливи. Бакнувањето, прегрнувањето или што и да е друго што ги возбудува сексуално, може да ги наведе на нешто погрешно. Многу е лесно двајца што имаат чесни намери да изгубат контрола и да направат неморал (Колошаните 3:5).
● Иако немаат сексуални односи, сепак можат да бидат виновни за блуд.
Точно. Изворниот грчки збор преведен со „блуд“ (порни́а) има широко значење. Тој ги опфаќа сите облици на сексуални односи надвор од бракот и укажува на противприродната употреба на половите органи. Според тоа, во блуд не спаѓа само половиот однос туку и милување на половите органи на друго лице, орален и анален секс и други работи.
Освен тоа, Библијата не го осудува само блудот. Апостол Павле напишал: „Делата на телото се очигледни. Тоа се: блуд, нечистотија, бесрамност“. Потоа додал: „Оние што прават такво нешто нема да го наследат Божјето царство“ (Галатите 5:19-21).
Што е „нечистотија“? Според грчкиот збор, во тоа спаѓа секаква валканост, и во говорот и во постапките. Нема ништо чисто во тоа ако некој лута со рацете под облеката на другиот, ако го соблекува, или ако го милува по интимните делови од телото, на пример, по градите. Во Библијата, милувањето на градите се поврзува со нежностите што си ги разменуваат брачните партнери (Изреки 5:18, 19).
Некои млади бесрамно ги погазуваат Божјите мерила. Тие намерно ја преминуваат границата на дозволеното, или незаситно ги менуваат партнерите со кои можат да прават валкани работи. Поради тоа можат да бидат виновни за „бесрамни дела“, како што ги нарекува апостол Павле. Грчкиот збор преведен со „бесрамни дела“ значи ‚срамотни постапки, неумереност, безобразие, разуздана страст‘. Сигурно не би сакал да ‚изгубиш секакво чувство за тоа што е чесно‘ препуштајќи се на ‚бесрамни дела за лакомо да вршиш секаква нечистотија‘ (Ефешаните 4:17-19).
● Ако не си покажуваат наклоност со физички допири, тие не се сакаат вистински.
Неточно. Иако некои мислат поинаку, една врска не се продлабочува ако двајцата си покажуваат непристојна физичка наклоност. Напротив, тоа ги поткопува почитта и довербата. Размисли за она што ѝ се случило на Лора. „Еден ден, кога мајка ми не беше дома, мојот дечко дојде кај мене, наводно за да гледаме ТВ“, вели таа. „Отпрвин само ме држеше за рака. Но, одеднаш рацете почнаа да му лутаат по моето тело. Ми беше страв да му речам да престане. Си мислев дека ќе се налути и ќе си замине.“
Што мислиш? Дали дечкото на Лора навистина мислел на неа или само гледал тој да си ги задоволи желбите? Дали некој што се обидува да те натера да направиш нешто валкано покажува дека навистина те сака?
Кога едно момче присилува некоја девојка да оди против своето христијанско воспитание и против својата совест, го прекршува Божјиот закон и со тоа покажува дека не ја сака вистински. Освен тоа, кога една девојка попушта под таквиот притисок, остава простор да биде искористена. Но, што е уште полошо, со тоа прави нешто нечисто — можеби дури и блудb (1. Коринќаните 6:9, 10).
Постави јасни граници
Ако имаш врска, што можеш да направиш за да не дојде до недолични физички контакти? Најмудро е однапред да поставиш јасни граници. Во Изреки 13:10 пишува: „Мудри се оние што меѓусебно се советуваат“. Затоа, разговарај со својот партнер кои изрази на наклоност се на место. Ако чекаш да се најдеш во ситуација кога ќе бидете понесени од чувствата, па тогаш да поставиш граници, тоа е исто како да чекаш куќата да ти ја зафати пожар, па тогаш да поставиш противпожарен аларм.
Точно, не е лесно — дури е и незгодно — да се зборува за такви осетливи теми, особено во раните фази од една врска. Но, со тоа што ќе поставиш граници можеш во голема мера да спречиш да дојде до сериозни проблеми подоцна. Мудро поставените граници може да бидат како еден детектор за чад кој го активира алармот при првите знаци за пожар. Освен тоа, кога ќе зборувате за вакви теми, ќе имаш уште една прилика да видиш дали вашата врска има иднина. Всушност, самоконтролата, стрпливоста и несебичноста се темел за во бракот да имате сексуални односи што ќе ве исполнуваат (1. Коринќаните 7:3, 4).
Мора да се признае дека не е секогаш лесно да се живее според Божјите мерила. Но, можеш да имаш доверба во советите што ни ги дава Јехова. На крајот на краиштата, во Исаија 48:17 Јехова за себе вели дека тој е оној „кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“. Јехова секогаш ти го мисли само доброто!
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 24
Ако досега си немал сексуални односи, не значи дека со тебе нешто не е во ред. Напротив, тоа е мудра одлука. Дознај зошто.
[Фусноти]
a Во некои делови од светот се смета за неумесно и навредливо кога двајца што не се во брак си покажуваат наклоност во јавност. Христијаните внимаваат да не ги спрепнат другите со своето однесување (2. Коринќаните 6:3).
b Се разбира, овие работи важат и за девојките и за момчињата.
КЛУЧЕН СТИХ
„Љубовта... не се однесува непристојно“ (1. Коринќаните 13:4, 5)
ПРЕДЛОГ
Излегувајте во група, или инсистирај секогаш да има трето лице со вас. Избегнувај опасни ситуации, на пример, да бидете сами во паркиран автомобил или дома.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Ако сте свршени, ќе треба да разговарате за некои интимни работи. Но, разговорите за секс кои имаат цел да ги разбудат сексуалните желби се облик на нечистотија — дури и ако се водат по телефон или преку СМС-пораки.
ПЛАН!
За да не се најдам на искушение да направам неморал, ќе ․․․․․
Ако мојот партнер се обиде да ме присили да направам нешто валкано, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Какви граници би поставил во поглед на физичките контакти меѓу тебе и некој од спротивниот пол?
● Објасни ја разликата помеѓу блуд, нечистотија и бесрамни дела.
[Истакната мисла на страница 46]
››Заедно со мојот свршеник читавме библиски статии во кои се зборуваше за моралната чистота. Многу сме благодарни затоа што ни помогнаа да задржиме чиста совест‹‹ (Летиција)
[Рамка на страница 44]
Што ако сме ја преминале границата?
Што ако сте направиле нешто погрешно? Немој да си мислиш дека сам можеш да го решиш проблемот. „Се молев: ‚Помогни ни да не ни се повтори‘“, признава една девојка. „Понекогаш ни успеваше, понекогаш не.“ Затоа, разговарај со своите родители. Библијата ни го дава и овој убав совет: ‚Повикај ги старешините од собранието‘ (Јаков 5:14). Овие христијански пастири можат да ти дадат совети и опомени што ќе ти помогнат да си го поправиш односот со Бог.
[Слики на страница 47]
Дали ќе чекаш куќата да ти ја зафати пожар, па да ставиш противпожарен аларм? Затоа, не чекај страста да те обземе, па тогаш да поставиш граници до каде може да се оди
-
-
Зошто да се зачува невиноста?Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2
-
-
ПОГЛАВЈЕ 5
Зошто да се зачува невиноста?
„Чувствувам силен притисок да имам секс“ (Кели).
„Незгодно ми е што уште сум невин“ (Џордан).
„ШТО, уште си невин?“ Можеби од тоа прашање ти се стемнува! Знаеш дека, општо земено, тинејџерите што немале секс се сметаат за „вид во изумирање“. Не е ни чудо што толку млади се сексуално активни уште во тинејџерските години!
Силата на желбите и притисокот од другите
Ако си христијанин, знаеш дека Библијата ни кажува ‚да се воздржуваме од блуд‘ (1. Солуњаните 4:3). Сепак, можеби ти е тешко да ги контролираш своите сексуални нагони. „Понекогаш помислувам на секс без некоја очигледна причина“, признава Пол. Таквите чувства, во голема мера, се нормални.
Меѓутоа, не е лесно некој постојано да те задева и да те исмејува затоа што сѐ уште си невин! На пример, што ако ти велат дека не си прав маж или права жена ако си немал секс? „Другите прават сексот да изгледа толку привлечно и нормално“, вели Елена. „Ако не спиеш со кого стигнеш, те сметаат за чудак.“
Но, сексот пред бракот има една страна за која другите можеби ретко зборуваат. На пример, Марија раскажува како ѝ било откако спиела со својот дечко: „Чувстував срам и вина. Се мразев и себеси и него“. Повеќето тинејџери не се свесни колку често работите завршуваат вака. Во реалноста, предбрачниот секс честопати е емоционално болно искуство — со погубни последици!
Но, младата Сандра прашува: „Зошто Бог ги создал тинејџерите со сексуални желби, а во исто време вели дека не смеат да ги задоволат пред да стапат во брак?“ Добро прашање. Размисли за ова:
Дали сексуалните желби се единствените силни чувства што ги имаш? Не. Јехова Бог те создал со широк опсег на желби и емоции.
Мораш ли веднаш да реагираш на секој нагон што ќе ти надојде? Не, зашто Бог те создал и со способност да си ги контролираш реакциите.
Значи, што учиме од ова? Можеби не можеш да спречиш да ти надојдат некои желби, но можеш да се контролираш како ќе реагираш на тие желби. И навистина, ако реагираш на секоја сексуална желба што ќе ти дојде, би било исто толку погрешно и глупаво како да удриш некого секојпат кога ќе се нанервираш.
Факт е дека Бог никогаш немал намера луѓето да го злоупотребуваат сексот. „Секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест“, вели Библијата (1. Солуњаните 4:4). Како што има „време за сакање и време за мразење“, така има и време кога треба да се задоволат сексуалните желби и време кога тие треба да се држат под контрола (Проповедник 3:1-8). На крајот на краиштата, ти си тој што има контрола над твоите желби!
Но што да направиш ако некој те задева: „Зар навистина уште си невин?“ Нека не те плашат ваквите коментари. На оној што сака само да те исмева можеш да му речеш: „Да, сум, и знаеш што? Мило ми е што е така!“ Или би можел да му кажеш: „Тоа си е моја работа и нема што повеќе да зборуваме на таа тема“a (Изреки 26:4; Колошаните 4:6). Од друга страна, можеби сметаш дека оној што те распрашува заслужува да знае нешто повеќе. Во таков случај можеби ќе сакаш да му го објасниш својот став кој се темели на Библијата.
Ти текнува ли што друго би можел да кажеш ако некој те исмејува со зборовите: „Зар навистина уште си невин?“ На линиите напиши како ти би одговорил.
․․․․․
Скапоцен дар
Како му е на Бог кога луѓето се решаваат на секс пред брак? Па, замисли си дека си купил подарок за некој твој пријател. Но, тој го наоѓа и, од чиста љубопитност, го отвора уште пред да му го дадеш! Зарем нема да се налутиш? Замисли си тогаш како би му било на Бог ако почнеш со сексуални односи пред бракот. Тој сака прво да стапиш во брак за да можеш да им се радуваш на сексуалните односи, кои се дар од него (1. Мојсеева 1:28).
Што да правиш кога ќе ти надојдат сексуални желби? Едноставно кажано, научи да ги контролираш. Ти имаш сила за тоа! Моли го Јехова да ти помогне. Неговиот дух ќе ти помогне подобро да се самосовладуваш (Галатите 5:22, 23). Секогаш имај на ум дека Јехова „нема да им скрати никакво добро на оние што живеат непорочно“ (Псалм 84:11). Едно момче по име Гордон вели: „Кога низ главата ќе почне да ми се врти дека предбрачниот секс можеби и не е толку страшна работа, помислувам колку лошо ќе се одрази тоа на мојата духовност, и сфаќам дека за ниеден грев не вреди да си го расипам пријателството со Јехова“.
Вистината е дека да се биде невин не е нешто ненормално. Напротив, предбрачниот секс е нешто срамно, понижувачко и штетно. Затоа, не дозволувај светот со својата пропаганда да те прелаже да мислиш дека нешто не е во ред со тебе само затоа што живееш според библиските мерила. Со тоа што ќе ја зачуваш својата невиност ќе си го заштитиш здравјето, емоционалната состојба и, што е најважно, својот однос со Бог.
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 24
[Фуснота]
a Интересно, кога Ирод го испрашувал, Исус решил да не каже ништо (Лука 23:8, 9). Честопати, на дрските прашања најдобро е да не се одговори ништо.
КЛУЧЕН СТИХ
„Ако некој во своето срце одлучил да ја зачува својата девственост... добро прави“ (1. Коринќаните 7:37)
ПРЕДЛОГ
Немој да се дружиш со луѓе кои имаат лабав морал, дури и ако тврдат дека имаат исти верувања како твоите.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Луѓето што имаат лабав морал пред бракот многу ретко се менуваат откако ќе стапат во брак. За разлика од нив, голема е веројатноста дека оние што лојално живеат според Божјите морални мерила пред бракот ќе му бидат верни на својот брачен другар.
ПЛАН!
Ако сакам да останам невин пред бракот, ќе треба да ․․․․․
Ако друштвото ми отежнува да си останам на одлуката, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Според тебе, зошто некои им се исмеваат на оние што немаат сексуални односи?
● Зошто не е лесно да се остане невин?
● Кои се добрите страни на тоа што ќе останеш невин пред бракот?
● Како ќе му објасниш на својот помал брат или сестра зошто е добро да се биде невин?
[Истакната мисла на страница 51]
››Она што ми дава сила да не попуштам пред сексуалните желби е мислата дека ‚ниту еден блудник или нечист нема наследство во царството на Бог‘ (Ефешаните 5:5)‹‹ (Лидија)
[Рамка на страница 49]
Прашалник
Што навистина се случува потоа?
Другите околу тебе и забавната индустрија честопати многу вешто ја прикриваат грдата реалност на предбрачниот секс. Разгледај ги трите ситуации подолу. Што мислиш, што навистина ќе се случи со овие тинејџери?
● Еден од соучениците се фали дека спиел со многу девојки. Вели дека тоа е чиста забава — никој не е повреден. Што навистина се случува потоа — со него и со девојките? ․․․․․
● На крајот од филмот двајца тинејџери, кои не се во брак, имаат секс за да си покажат колку се сакаат. Што ќе се случи потоа — во вистинскиот живот? ․․․․․
● Запознаваш згоден дечко кој сака да има секс со тебе. Ти вели дека никој не мора да дознае за тоа. Да речеме дека спиеш со него и потоа се трудиш да го скриеш тоа од другите. Што навистина ќе се случи потоа? ․․․․․
[Слика на страница 54]
Ако имаш секс пред бракот, тоа е како да отвориш некој подарок пред да ти го дадат
-