ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w96 1/11 стр. 28-31
  • Зошто да му се дава на Јехова?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Зошто да му се дава на Јехова?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Неопходен дел од вистинското обожавање
  • Зошто даваме
  • Произлегуваат благослови кога се покажува дух на давање
  • Како некои даваат прилози за делото на проповедање за Царството
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1994
  • „Искажувај му чест на Јехова со твоите скапоцени работи“ — како?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Дарителот на „секој добар дар“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • „Откаде доаѓаат тие пари?“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
w96 1/11 стр. 28-31

Зошто да му се дава на Јехова?

ДОДЕКА сонцето пламтело врз малиот сидонски град Сарепта, една вдовица се наведнала за да собере прачки. Требало да запали оган за да може да зготви еден скуден оброк — веројатно последниот оброк што ќе го јадат таа и нејзиниот млад син. Се борела за да останат живи таа и нејзиното дете во текот на долгата суша и гладот, а сето тоа вака бедно се завршило. Тие гладувале.

Се приближил еден човек. Името му било Илија и вдовицата наскоро сфатила дека тој е пророк на Јехова. Изгледа дека таа слушнала за тој Бог. Јехова бил поинаков од Ваал, чие сурово, перверзно обожавање било широко распространето во нејзината земја Сидон. Затоа, кога Илија побарал да се напие вода, таа била желна да помогне. Можеби мислела дека, правејќи го тоа, би стекнала наклоност кај Јехова (Матеј 10:41, 42). Но, тогаш Илија побарал повеќе — малку храна. Таа објаснила дека има толку храна, колку уште за еден, последен оброк. Сепак, Илија бил упорен, уверувајќи ја дека Јехова со чудо ќе ѝ обезбеди храна сѐ додека не помине сушата. Што сторила? Библијата вели: „Таа отиде и направи така, како што ѝ рече Илија“ (3. Царства 17:10—15). Овие едноставни зборови опишуваат чин на голема вера — толку голема што, всушност, Исус Христос ја пофалил таа вдовица, скоро после илјада години! (Лука 4:25, 26).

И покрај тоа, можеби изгледа чудно што Јехова барал толку многу од жена која имала толку малку. Ова е особено така кога разгледуваме една молитва која еднаш ја изрекол еден многу истакнат човек. Собирањето прилози од страна на цар Давид за да ги употреби неговиот син Соломон при изградбата на храмот, поттикнало голема великодушност. Изразено денес, тие приложени дарови биле вредни милијарди долари! Но, во молитва на Јехова, Давид му рекол: „Кој сум јас, и кој е мојот народ, та можеме да жртвуваме толку? Но од Тебе е сѐ, и добиеното од Твојата рака Ти го дадовме“ (1. Летописи 29:14). Како што рекол Давид, сѐ му припаѓа на Јехова. Затоа, кога даваме за да го унапредуваме чистото обожавање, ние едноставно му го враќаме на Јехова она што веќе е негово (Псалм 49:10). Затоа, се појавува прашањето: ‚Зошто Јехова воопшто сака да даваме?

Неопходен дел од вистинското обожавање

Наједноставниот одговор е дека уште од рани времиња Јехова го направил давањето неопходен дел од чистото обожавање. Верниот човек Авел жртвувал за Јехова нешто од својот драгоцен добиток. Патријарсите Ное, Авраам, Исак, Јаков и Јов дале слични приноси (1. Мојсеева 4:4; 8:20; 12:7; 26:25; 31:54; Јов 1:5).

Мојсеевиот закон наложил, па дури и го регулирал давањето прилози на Јехова. На пример, на сите Израелци им бил заповедан десеток, т. е. да приложат десетти дел од родот на земјата и од порастот на нивниот добиток (4. Мојсеева 18:25—28). Други прилози не биле толку тесно регулирани. На пример, од секој Израелец се барало да му ги даде на Јехова првите плодови од неговиот добиток и од родот (2. Мојсеева 22:29, 30; 23:19). Сепак, Законот му оставал на секој поединец да одреди колку ќе даде од своите први плодови, сѐ додека го давал најдоброто. Законот исто така давал можност за благодарни и заветни приноси, кои биле сосема доброволни (3. Мојсеева 7:15, 16). Јехова го охрабрил својот народ да дава, во зависност од начинот на кој Тој го благословил (5. Мојсеева 16:17). Како што било со изградбата на табернакулот и подоцна храмот, секој давал онолку колку што срцето го поттикнувало да дава (2. Мојсеева 35:21; 1. Летописи 29:9). Сигурно дека таквите доброволни прилози му биле многу угодни на Јехова!

Под „законот Христов“, сето давање требало да биде доброволно (Галатјаните 6:2; 2. Коринтјаните 9:7). Тоа не значело дека следбениците на Христос престанале да даваат или дека давале помалку. Напротив! Додека Исус и неговите апостоли проповедале во Израел, една група жени ги следеле и им служеле трошејќи ги сопствените имоти (Лука 8:1—3). На сличен начин, апостол Павле примал дарови кои го поддржувале неговото мисионерско дело, а тој за возврат охрабрил некои собранија да даваат парични средства за другите во случаи на потреба (2. Коринтјаните 8:14; Филипјаните 1:3—5). Водечкото тело во Ерусалим одредило одговорни мажи да се уверат дека приложените средства се поделени на сиромашните (Дела 6:2—4). Јасно, раните христијани гледале на тоа како на предност за да го поддржуваат чистото обожавање на такви начини.

И покрај тоа, можеби се прашуваме зошто Јехова прави токму давањето да биде дел од неговото обожавање. Разгледај четири причини.

Зошто даваме

Прво, Јехова прави давањето да биде дел од вистинското обожавање затоа што, ако правиме така, тоа ќе биде добро за нас. Тоа го подвлекува нашето ценење за Божјата доброта. На пример, ако едно дете му купи или му подари нешто на својот родител, зошто родителот зрачи од радост? Дали подарокот задоволува некоја крајна потреба што родителот не би можел да ја задоволи поинаку? Веројатно не. Наместо тоа, родителот е задоволен поради тоа што гледа како детето развива дух на ценење и давање. Од слични причини, Јехова нѐ охрабрува да даваме и е радосен кога го правиме тоа. На тој начин, му покажуваме дека навистина ја цениме сета негова неограничена љубезност и великодушност кон нас. Тој е дарител на „секој добар дар и секој совршен подарок“, па затоа никогаш нема да ни недостигаат причини за да му благодариме (Јаков 1:17). Над сѐ, Јехова го дал неговиот љубен Син, дозволувајќи да умре за да можеме ние да живееме засекогаш (Јован 3:16). Би можеле ли некогаш да му заблагодариме во доволна мера?

Второ, ако си создадеме навика на давање, со тоа учиме да го имитираме Јехова и неговиот Син Исус Христос, во еден најважен аспект. Јехова дава доследно, постојано великодушно. Како што вели Библијата, тој ни дарува „живот, дишење и сѐ“ (Дела 17:25). Ние можеме со право да му благодариме за секој здив што го вдишуваме, за секој залак храна што го уживаме, за секој среќен и задоволувачки момент во животот (Дела 14:17). Исус, како и неговиот Татко, покажал дух на давање. Тој неограничено се давал себеси. Дали си знаел дека кога Исус извршувал чуда, го правел тоа по цена на самиот себе? Повеќе од еднаш, Писмото ни кажува дека кога лекувал болни луѓе, ‚од Него излегувала‘ сила (Лука 6:19; 8:45, 46). Исус бил толку великодушен што дури ја излеал и својата душа, својот живот, до самата смрт (Исаија 53:12).

Затоа, кога даваме, без разлика дали е тоа нашето време, нашата енергија или нашите поседи, го имитираме Јехова и го радуваме неговото срце (Изреки 27:11; Ефесјаните 5:1). Исто така, го следиме совршениот модел за човечко однесување што ни го оставил Исус Христос (1. Петрово 2:21).

Трето, давањето задоволува вистински и важни потреби. Точно е дека Јехова би можел лесно да ги задоволи потребите за интересите на Царството без наша помош, како што би можел да среди камењата да викаат наместо да нѐ користи нас за да се проповеда речта (Лука 19:40). Но, тој избрал да нѐ удостои со овие предности. Затоа, кога ние даваме од нашите средства за да ги унапредуваме интересите на Царството, имаме големо задоволство од сознанието дека имаме вистински удел во најважното дело што се одвива во светот (Матеј 24:14).

Нема потреба да се каже дека се потребни пари за да се финансира светското дело на Јеховините сведоци. Во текот на 1995 службена година, Друштвото потроши скоро 60 милиони долари за грижа само за специјалните пионери, мисионерите и патувачките надгледници на нивните доделби во службата на подрачјето. Меѓутоа, тоа е релативно мал трошок во споредба со изградбата и функционирањето на канцелариите на подружниците и на објектите за печатење ширум светот. Сепак, сето ова е овозможено преку доброволните прилози!

Јеховиниот народ, општо земено, не претпоставува дека ако самите тие не се имушни, ќе можат едноставно да дозволат другите да го носат товарот. Таквиот став би можел да нѐ доведе да го пропуштиме овој аспект од нашето обожавање. Според апостол Павле, христијаните во Македонија страдале од „голема сиромаштија“. Сепак, тие молеле за предноста да даваат. И она што го дале, посведочил Павле, било ‚преку нивните можности‘ (2. Коринтјаните 8:1—4).

Четврто, Јехова го направил давањето дел од вистинското обожавање поради тоа што давањето ќе ни помогне да бидеме среќни. Самиот Исус рекол: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“ (Дела 20:35). Така нѐ конструирал Јехова. Тоа е уште една причина зошто можеби мислиме дека, без разлика колку му даваме, ние никогаш не би можеле да го измериме ценењето што го чувствуваме кон него во нашите срца. Но, на среќа, Јехова од нас не очекува повеќе отколку што ние можеме да дадеме. Можеме да бидеме сигурни дека тој е задоволен кога ние радосно го даваме она што можеме! (2. Коринтјаните 8:12; 9:7).

Произлегуваат благослови кога се покажува дух на давање

Да се вратиме на нашиот почетен пример. Замисли си дека вдовицата од Сарепта си ги поедноставувала работите, дека некој друг би можел да се погрижи за потребата на Илија за оброк. Тогаш, каков само благослов би пропуштила!

Нема сомнение дека Јехова ги благословува оние кои покажуваат дух на давање (Изреки 11:25). Вдовицата од Сарепта не морала да страда заради тоа што го дала, за кое мислела дека е нејзин последен оброк. Јехова ја наградил со чудо. Како што ветил Илија, нејзините сандаци со брашно и масло не се истрошиле, сѐ додека не поминала сушата. Но, таа добила уште поголема награда. Кога нејзиниот син се разболел и умрел, Илија, човекот на вистинскиот Бог, повторно ѝ го вратил. Колку тоа мора духовно да ја изградило! (3. Царства 17:16—24).

Денес, ние не очекуваме да бидеме благословени со чуда (1. Коринтјаните 13:8). Но, Јехова нѐ уверува дека ќе ги поддржува оние кои му служат со цела душа (Матеј 6:33). Затоа, во тој поглед можеме да бидеме како вдовицата од Сарепта, давајќи обилно, сигурни дека Јехова ќе се грижи за нас. На сличен начин, можеме да се радуваме на големи духовни награди. Ако нашето давање е дел од една редовна рутина, наместо да е повремена, импулсивна работа, тоа ќе ни помогне да го задржиме своето око едноставно и сосредоточено на интересите на Царството, како што препорачал Исус (Лука 11:34; спореди 1. Коринтјаните 16:1, 2). Исто така, тоа ќе ни помогне да се чувствуваме поблиски со Јехова и со Исус, како нивни соработници (1. Коринтјаните 3:9). А тоа ќе го зголеми великодушниот дух на давање што веќе ги обележува Јеховините обожаватели ширум светот.

[Рамка на страница 31]

НАЧИНИ НА КОИ НЕКОИ ИЗБИРААТ ДА ДАВААТ

ПРИЛОЗИ ЗА СВЕТСКОТО ДЕЛО

Мнозина ставаат настрана или планираат од својот буџет некој износ што го пуштаат во кутиите за прилог со натпис: „Прилози за светското дело на Друштвото — Матеј 24:14“. Секој месец собранијата го испраќаат овој износ до локалната канцеларија на Подружницата.

Доброволните парични донации можат, исто така, да се испраќаат директно до: Јеховини сведоци, Христијанска верска заедница, п. ф. 800, 91000 Скопје. Може да се дарува и накит или, пак, други вредности. Ваквите прилози треба да бидат проследени со кратко писмо со кое се наведува дека се работи за целосен подарок.

ПОДГОТОВКА ЗА УСЛОВНО ДАРУВАЊЕ

На Друштвото можат да му се доверат пари на чување сѐ до смртта на донаторот, со клаузула дека во случај на лична потреба, ќе му се вратат на донаторот. За повеќе информации, те молиме контактирај со канцеларијата на Подружницата, на адресата која е дадена погоре.

ПЛАНИРАНО ДАРУВАЊЕ

Освен целосните подароци во вид на пари и условното дарување пари, постојат други методи на дарување во корист на службата на Царството ширум светот. Тоа вклучува:

Осигурување: Друштвото може да биде именувано како корисник на полиса за животно осигурување или на план за пензиско осигурување. Друштвото треба да биде информирано за секој таков договор.

Банковни сметки: На Друштвото можат да му се дадат на чување банковни сметки, уверенија за депозити или поединечни пензиски сметки, или да се направат наплатливи по смртта, во согласност со локалните банкарски барања. Друштвото треба да биде информирано за секој таков договор.

Вредносни хартии и обврзници: Вредносни хартии и обврзници можат да му се подарат на Друштвото, било како целосен подарок или под договор, според кој приходот и понатаму му се исплаќа на донаторот.

Недвижен имот: На Друштвото можат да му се подарат недвижнини што можат да се продадат, било како целосен подарок или како имот со право да се задржи на доживотно користење од страна на донаторот. Лицето треба да го извести Друштвото пред да му препише каков и да е недвижен имот.

Тестаменти и полномоштија: На Друштвото може да му се остави во наследство имот или пари со законски верифициран тестамент, или тоа да биде назначено како корисник на договор за ополномоштување. Полномоштијата, чиј корисник е верска организација, можат да овозможат извесни даночни погодности. Една копија од тестаментот или полномоштието треба да се испрати до Друштвото.

Оние кои се заинтересирани за која и да било од овие подготовки за планирано дарување треба да контактираат со канцеларијата на Подружницата што служи во својата земја, на адресата што е наведена долу.

Друштвото има подготвено брошура на англиски јазик, со наслов Планирано дарување. Тие информации можат да им користат на оние од САД кои планираат да му подарат сега некаков посебен дар на Друштвото или по смртта да му остават нешто во наследство. Ова особено важи ако сакаат да постигнат некоја семејна цел или планирање на имот, додека ги користат даночните погодности за да ги минимизираат трошоците на подарокот или наследството.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели