Што ќе му речеш на некој Евреин?
1 Во првиот век, многумина од „синовите Израилеви“ со ценење реагирале на проповедањето на Исус и на неговите апостоли (Дела 10:36). Исто како што било случај тогаш, така и денес голем број искрени Евреи со цело срце ја прифаќаат вистината — не само во Израел туку и во Русија, Соединетите Држави и во други земји. Дали би сакал да бидеш поуспешен кога им сведочиш на луѓе кои се Евреи? Следниве предлози ќе ти помогнат да им дадеш тактично сведоштво и на религиозните и на нерелигиозните Евреи.
2 Кога им се сведочи на религиозни Евреи: Треба да се запомни дека религиозните Евреи честопати се позаинтересирани за запазување на традициите на рабините отколку за дефинирање на специфични доктрини. Всушност, тие обично сметаат дека традицијата има подеднаков авторитет како и Писмото. Значи, тие не се секогаш заинтересирани да дискутираат за длабоки библиски теми. Исто така, тие се склони да ја сметаат Библијата за христијанска книга. Од таа причина, обично е најдобро кога ја спомнуваме Библијата да ги користиме термините „Хебрејски списи“, „Тората“ или „Писмото“. Една извонредна публикација подготвена особено за еврејското население е брошурата Ќе постои ли некогаш свет без војни?
3 Кои теми би можеле да ги интересираат религиозните Евреи? Па, тие веруваат дека постои само еден Бог, кој е искрено заинтересиран за човекот. Исто така, тие веруваат дека Бог не се меша во работите на луѓето. Би можел да ги употребиш овие мисли за да поставиш заедничка основа. Освен тоа, повеќето Евреи се добро запознати со страдањето на нивниот народ во текот на II светска војна. Тие се прашуваат зошто Бог допуштил толкава неправда и кога ќе му дојде крај на злото. Добро сме подготвени да одговориме на овие прашања, осврнувајќи се, на пример, на она што го доживеале нашите браќа за време на холокаустот.
4 Се разбира, за да не го одвратиме станарот, најдобро е да не го покренеме прашањето за идентитетот на Месијата прерано во разговорот. Наместо тоа, би можеле да дискутирате за улогата на Мојсеј во историјата на Израел и да го прашате станарот дали верува дека учењата на Мојсеј имаат значење и денес. Кога изгледа дека е згодно да се дискутира за идентитетот на Месијата, би можел прво да прочиташ 5. Мојсеева 18:15, кој гласи: „Господ, твојот Бог, ќе ти издигне пророк од браќата твои, како мене, — Него слушајте Го“. Прашај го станарот кого го имал Мојсеј на ум кога зборувал за пророк како него. Потоа обработи неколку мисли од брошурата Свет без војни, страница 14, пасуси 17 и 18.
5 Нерелигиозните Евреи гледаат поинаку на тоа: Сите оние што се идентификуваат како Евреи не ги прифаќаат учењата на јудаизмот. Многу Евреи имаат нерелигиозни гледишта. Тие се позаинтересирани за ширење на посебен еврејски идентитет, култура, традиција и образование, отколку за практикувањето на еврејската религија. Некои нерелигиозни Евреи се агностичари — некои се дури и атеисти. Како прво, малку ќе постигнеш ако цитираш многу од Хебрејските списи. Би било покорисно да го започнеш разговорот како што би дискутирал со некој човек кој не е религиозен. На пример, би можел да објасниш во кој поглед Библијата е практична за нашево време. Ако станарот не верува дека Библијата е инспирирана, некои мисли од брошурата Свет без војни би можеле да бидат од помош, особено оние што се наоѓаат во делот на страница 3, со наслов „Дали Библијата е вдахновена од Бог?“
6 Кога му сведочиш на некој Евреин, би можел да речеш:
◼ „Повеќето од нас го доживеале тажното искуство на загуба на некој сакан. Што мислите, што се случува со нас кога ќе умреме?“ Дозволи одговор. Тогаш насочи го станарот на рамката со наслов „Што се смртта и душата?“ на страница 22 од брошурата Свет без војни. Рамката прави споредба помеѓу она што го вели Писмото за животот после смртта и она што го поучуваат рабините. Потоа сврти на пасус 17 на страница 23 и покажи дека, според Писмото, ‚мртвите ќе бидат воскреснати за живот на една рајска земја. Понуди ја брошурата. При подготовката за повторна посета, би можел да спомнеш дека патријархот Јов ја негувал надежта за воскресение. Осврни се на стиховите што се цитирани на крајот од пасус 17 и понуди да се вратиш и да дискутирате за нив.
7 Во книгите Матеј, Марко, Лука, Јован и Дела се запишани искуства на Евреи кои ја слушале вистината и постапувале според неа. Јехова сѐ уште го оставил отворен патот до вечен живот. Голем број искрени Евреи сѐ уште можат да научат за Јехова, вистинскиот Бог, па и тие да можат да живеат засекогаш во Божјиот нов свет (Мих. 4:1—4).