Да му го принесеме на Јехова нашето најдобро
1 Јеховиниот закон за Израел пропишувал дека животните што нему му се принесувале како жртва морале да бидат „без недостаток“. Животно со недостаток не било прифатливо (Лев. 22:18—20; Мал. 1:6—9). Освен тоа, кога се принесувала жртва, целото сало — најдобриот дел — му припаѓало на Јехова (Лев. 3:14—16). Како Татко и Господар на Израел, Јехова го заслужувал најдоброто.
2 Како во древни времиња, и денес Бог е силно заинтересиран за квалитетот на нашите приноси. Нашата служба треба да одразува соодветно длабоко почитување за Јехова. Се разбира, секој човек се наоѓа во различни околности. Сепак, имаме добра причина да се преиспитаме за да се увериме дали му го даваме нашето најдобро (Ефеш. 5:10).
3 Служба со сето срце: За да му донесе чест на Јехова и да допре до срцата на оние што нѐ слушаат, нашата служба не смее да биде механичка. Нашите изрази за Бог и за неговите величествени намери треба да извираат од нашето срце што се прелева од благодарност (Псал. 145:7). Ова нагласува колку е важно да одржуваме добра програма на лично читање и проучување на Библијата (Посл. 15:28).
4 Да му го даваме на Јехова нашето најдобро вклучува и да ја имитираме неговата љубов кон луѓето (Ефеш. 5:1, 2). Љубовта кон луѓето ќе нѐ мотивира да се обидеме да достигнеме колку што е можно повеќе луѓе со животодавната порака за вистината (Мар. 6:34). Таа нѐ поттикнува да покажеме личен интерес за оние со кои разговараме. Нѐ тера да продолжиме да размислуваме за нив откако првпат сме ги посетиле и нѐ поттикнува пак да се вратиме. Нѐ тера да правиме сѐ што можеме за да им помогнеме духовно да напредуваат (Дела 20:24; 26:28, 29).
5 „Жртва на фалба“: Друг начин на кој му го даваме на Јехова нашето најдобро е нашата марливост во службата. Кога сме добро организирани и сосредоточени на делото што е пред нас, можеме најмногу да направиме во времето што го имаме (1. Тим. 4:10). Добрата подготовка нѐ оспособува да зборуваме јасно и уверливо, со што се зголемува веројатноста за поволен одѕив (Посл. 16:21). Кога ја споделуваме добрата вест со другите, нашите искрени изрази со право можат да се наречат „жртва на фалба“ (Евр. 13:15).