Зошто е потребно сега да се плашиме од вистинитиот Бог?
„Бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот“ (ПРОПОВЕДНИК 12:13).
1, 2. Зошто е соодветен пригодниот страв од Бог?
ЗДРАВИОТ страв од Бог, полн со почитување, е добар за човекот. Да, иако голем број човечки стравувања се емоционално вознемирувачки, па дури и штетни за нашата благосостојба, за нас е добро да се плашиме од Јехова Бог (Псалм 111:1; Проповедник 8:12).
2 Творецот го знае тоа. Од љубов кон своите творби, тој им заповеда на сите да се плашат од него и да го обожаваат. Читаме: „И видов друг ангел како лета посреде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: ‚Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата‘“ (Откровение 14:6, 7).
3. Што сторил Творецот за нашите прародители?
3 Секако дека не треба да го игнорираме Творецот на сите ствари, Изворот на животот, бидејќи тој нѐ поседува и нас и оваа планета (Псалм 23:1). Како израз на неговата огромна љубов, Јехова им дал на своите земни деца живот и ги опремил со едно извонредно место за живеење — прекрасен рај. Сепак, овој прекрасен подарок не бил безусловен. Всушност, тој бил даден на чување. Нашите прародители требало да се грижат за својот дом и да го прошируваат сѐ додека ја населат и подложат сета Земја. Тие имале предности и одговорности кон земните животни, птиците и рибите — кон сите други живи творби кои би ја делеле Земјата со нив и со нивното потомство. За оваа голема доверба човекот требало да биде одговорен.
4. Што сторил човекот со Божјата творба?
4 И покрај тој извонреден почеток, погледни што сторил човекот за да го загади својот прекрасен земен дом! Презриво занемарувајќи го Божјето сопствеништво над овој скапоцен камен, луѓето ја загадиле Земјата. Загадувањето стигнало до тој степен што му се заканува на постоењето на сѐ повеќе и повеќе видови животни, птици и риби. Нашиот праведен Бог кој е полн со љубов нема бесконечно да го толерира ова. Пљачкањето на Земјата бара да се положи сметка, што на многумина им влева страв. Од друга страна, за оние кои со почит ја ставаат довербата во Бог, утешно е да знаат што ќе се случи. Јехова навистина ќе бара да се положи сметка, а Земјата навистина ќе биде обновена. Ова секако е радосна вест за сите добронамерни на Земјата.
5, 6. Како ќе одговори Јехова на она што човекот го сторил со Неговото творештво?
5 На кој начин Бог ќе го изврши својот суд? Преку Исус Христос, кој веќе е востоличен како Цар на Божјето небесно Царство. Преку тој небесен Син, Јехова ќе го доведе до крај сегашниот нечист, бунтовен систем (2. Солунјаните 1:6-9; Откровение 19:11). На тој начин ќе им донесе олеснување на оние кои се плашат од него и, истовремено, ќе го спаси и сочува нашиот земен дом.
6 Како ќе се случи тоа? Библијата ни кажува за доаѓањето на една голема неволја која ќе достигне кулминација во војната од Армагедон (Откровение 7:14; 16:16). Тоа ќе биде Божји суд против овој загаден систем на ствари и против оние кои го загадуваат. Дали ќе има преживеани? Да! Тоа ќе бидат оние кои имаат не некаков морбиден, нездрав страв од Бог, туку страв кој е полн со почитување и чест. Таквите лица ќе бидат спасени (Изреки 2:21, 22).
Зачудувачки израз на моќ
7. Зошто Бог интервенирал во корист на Израел во времето на Мојсеј?
7 Оваа драматична акција на Јехова Бог била предвестена околу 1.500 години пред нашата ера со едно моќно дело кое тој го извршил во полза на неговите обожаватели. Големата воена сила на Египет ја поробила доселената израелска работна сила и имала намера дури и да изврши еден вид геноцид кога египетскиот владетел, фараонот, наредил да бидат убиени сите новородени машки Израелчиња. Божјиот триумф над Египет требало да му донесе на Израел ослободување од тој угнетувачки политички систем и слобода од една нација која била загадена со обожавање на многу богови.
8, 9. Како реагирале Мојсеј и Израелците на Божјата интервенција?
8 Втора Мојсеева, поглавје 15, известува како реагирал Израел на ослободувањето од Египет. Ако го проанализираме овој извештај, тоа ќе ни помогне да сфатиме како можат христијаните да бидат ослободени од сегашниот систем кој е загаден и духовно и физички. Да го разгледаме 15. поглавје од 2. Мојсеева и да се сосредоточиме на избрани стихови за да научиме зошто треба да избереме да се плашиме од Јехова, вистинитиот Бог. Ќе почнеме со стихови 1 и 2:
9 „Тогаш, Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, велејќи: ‚Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњите и коњаниците ги фрли в море. Помошник и закрилник ми беше во спасението‘“.
10. Што довело до тоа Бог да ја уништи египетската војска?
10 Луѓето ширум светот се запознаени со извештајот за начинот на кој Јехова го ослободил Израел од Египет. Тој ѝ нанесувал неволји на таа моќна светска сила сѐ додека фараонот најпосле им дозволил на Израелците да си заминат. Но, тогаш војските на фараонот тргнале во потера по овој незаштитен народ така што се чинело дека ги стигнале на брегот од Црвеното Море. Иако изгледало дека израелските синови брзо ќе ја изгубат својата новостекната слобода, Јехова имал на ум нешто друго. Тој на чудесен начин отворил пат преку морето и го извел својот народ на сигурно. Додека Египќаните ги следеле, тој го затворил над нив Црвеното Море при што биле удавени фараонот и неговите воени сили (2. Мојсеева 14:1-31).
11. До што довела Божјата постапка против Египет?
11 Со уништувањето на египетските воени сили, Јехова бил возвишен во очите на неговите обожаватели, а неговото име било нашироко објавено (Исус Навин 2:9, 10; 4:23, 24). Да, неговото име било воздигнато над немоќните, лажни египетски богови, кои се покажале неспособни да ги ослободат своите обожаватели. Довербата во нивните божества, во смртниот човек и во воената сила довеле до горко разочарување (Псалм 145:3). Не е ни чудо што Израелците биле поттикнати да пеат фалби кои одразувале здрав страв од живиот Бог кој моќно го ослободува својот народ!
12, 13. Што треба да научиме од Божјата победа кај Црвеното Море?
12 На сличен начин, треба да сфатиме дека никаков лажен бог од нашево време и никаква суперсила, дури ни со нуклеарно вооружување, не може да се мери со Јехова. Тој може и ќе го ослободи својот народ. „Он дејствува според Својата волја како во небесната војска, така исто и меѓу живите на земјата и нема никој што би можел да се противи на раката Негова и да му рече: што направи Ти?“ (Даниил 4:32). Кога потполно ќе ја сфатиме смислата на овие зборови, и ние ќе бидеме поттикнати радосно да ги пееме неговите фалби.
13 Победничката песна кај Црвеното Море продолжува: „Јехова е воин. Јехова е неговото име“. Затоа, овој непобедлив Борец не е некаква анонимна измислица на човечката фантазија. Тој има име! Тој е ‚Оној кој предизвикува да настане‘, Големиот Создател, Оној „чие име е Јехова, . . . Највишиот над целата Земја“ (2. Мојсеева 3:14, НС; 15:3-5; Псалм 83:18, НС). Зарем не се сложуваш и ти дека ќе било мудро тие древни Египќани да покажеле разумен страв со почит пред Семоќниот, а не да му пркосат?
14. Како била покажана вредноста на побожниот страв кај Црвеното Море?
14 Како Конструктор на Земјата, Создателот на морето поседува потполна контрола над водените маси (2. Мојсеева 15:8). Користејќи ја својата контрола и над ветрот, тој го постигнал она што изгледало невозможно. Ја разделил водената длабочина на едно одредено место и ја повлекол во спротивни правци за да создаде премин среде водата низ кој ќе помине неговиот народ. Замисли си ја сцената: милиони тони морска вода насобрани угоре во паралелни ѕидови кои оформуваат заштитен пат за бегство на Израелците. Да, тие кои покажале здрав страв од Бог, добиле заштита. Потоа Јехова ја ослободил водата така што таа навалила назад како некој силен потоп, проголтувајќи ги силите на фараонот сосе сета нивна опрема. Каков израз на божествената моќ над безвредните богови и човечката воена сила! Секако, Јехова е оној од кого треба да се плашиме, зарем не? (2. Мојсеева 14:21, 22, 28; 15:8).
Да го покажеме нашиот страв од Бог
15. Каква треба да биде нашата реакција на Божјите моќни спасувачки дела?
15 Да сме стоеле и ние на безбедно заедно со Мојсеј, сигурно би биле мотивирани да пееме: „Кој е како Тебе меѓу боговите, Господи? Кој е како Тебе прославен во светоста Своја, прекрасен во славата Своја и Творец на чудеса?“ (2. Мојсеева 15:11). Оттогаш па наваму, таквите чувства биле изразувани низ сите векови. Во последната книга од Библијата, апостол Јован опишува една група од верни помазани Божји слуги: „Ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Агнецот“. Каква е таа голема песна? „Големи и чудни се делата Твои, Господи Боже Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите! Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Оти само Ти си свет!“ (Откровение 15:2-4).
16, 17. Какви извонредни настани се случуваат денес пред нашите очи?
16 Исто така, и денес постојат ослободени обожаватели кои ги ценат не само Божјите дела на создавање туку и неговите одредби. Луѓе од сите народи се духовно ослободени, одвоени од овој загаден свет, затоа што ги признаваат и ги спроведуваат во дело Божјите праведни одредби. Секоја година, стотици илјади побегнуваат од овој расипан свет за да живеат со чистата, исправна организација на Јеховини обожаватели. Наскоро, откако ќе бидат извршени Божјите огнени пресуди над лажната религија и над остатокот од овој злобен систем, тие ќе живеат засекогаш во еден праведен нов свет.
17 Во склад со Откровение 14:6, 7, човештвото сега слуша една предупредувачка порака на пресуда што ја објавуваат Јеховините сведоци под ангелско водство. Минатата година, во преку 230 земји, околу пет милиони Сведоци ја објавувале добрата вест за Божјето Царство и за неговиот час на пресуда. За да ги поучат своите ближни како да преживеат, Сведоците вршеле редовни посети во домовите на луѓето и воделе библиски студии. Така, секоја година, стотици илјади учат да се плашат на разумен начин од вистинитиот Бог, да му ги предадат своите животи и да се крстат. Колку само е радосно што таквите лица почнале да се плашат од вистинитиот Бог! (Лука 1:49-51; Дела 9:31; спореди Евреите 11:7, НС).
18. Што илустрира дека во нашето проповедање се вклучени и ангелите?
18 Точно ли е дека во ова проповедничко дело се вклучени и ангели? Па, сосема е јасно дека ангелското водство честопати ги одвело Јеховините сведоци до некој дом каде што некоја вознемирена душа копнеела, па дури и се молела за духовна помош! На пример, двајца Јеховини сведоци, со кои било и едно дете, ја објавувале добрата вест на еден карипски остров. Како што наближувало пладне, двајцата одлучиле да завршат со службата за тој ден. Но, детето било необично желно да ја посетат следната куќа. Кога видело дека возрасните во тој момент не биле расположени за такво нешто, самото отишло и тропнало. Една млада госпоѓа ја отворила вратата. Кога возрасните го виделе тоа, ѝ пришле и разговарале со неа. Таа ги поканила внатре, објаснувајќи им дека токму во моментот кога го слушнала чукањето на вратата, таа се молела Бог да ги испрати Сведоците за да ја поучат за Библијата. Биле направени подготовки за библиска студија.
19. На што би можеле да укажеме како на корист од стравот од Бог?
19 Додека верно ја соопштуваме пораката за Божјиот суд, ние поучуваме и за неговите праведни одредби. Кога тие ќе се применат во животите на луѓето, тоа донесува и физички и духовни благослови. На пример, Библијата е сосема јасна кога го осудува секој вид на сексуален неморал (Римјаните 1:26, 27, 32). Денес во светот божествените мерила нашироко се игнорираат. Со какви последици? Браковите се распаѓаат. Деликвенцијата е во пораст. Се шират и осакатувачки или смртоносни сексуално преносливи болести, кои станале пандемични во овој XX век. Всушност, застрашувачката болест СИДА во голема мера се шири преку сексуален неморал. Но, зарем пристојниот страв од Бог не се покажал како голема заштита за вистинските обожаватели? (2. Коринтјаните 7:1; Филипјаните 2:12; види и Дела 15:28, 29).
Сегашни резултати од стравот од Бог
20. Што илустрира дека на другите им е позната репутацијата на Јеховините сведоци?
20 За оние кои се плашат од Бог и ги следат неговите одредби, благословите се изобилни. Разгледај еден настан кој илустрира како сѐ повеќе се признава фактот дека Јеховините сведоци претставуваат едно мирољубиво братство од морално чесни христијани. Извесен број Сведоци, делегати на еден меѓународен конгрес во Јужна Америка, отседнале во еден хотел каде истата ноќ биле сместени и лица кои не биле Сведоци, заради некаков собир на којшто требало да зборува претседателот на нацијата. Кога една група од обезбедувањето забрзано го придружувала претседателот кон лифтот, една жена Сведок која не знаела кој е во лифтот, влегла внатре, на изненадување на луѓето од обезбедувањето! Сфаќајќи што сторила, сестрата се извинила за сметањето. Ја покажала својата конгресна значка која ја идентификувала како Сведок и рекла дека таа не претставува никаква закана за претседателот. Со насмевка, еден од обезбедувањето рекол: „Да беа сите луѓе како Јеховините сведоци, не ќе ни требаше вакво обезбедување“ (Исаија 2:2-4).
21. Кои правци на постапување им се отворени на луѓето денес?
21 Токму ваквите видови луѓе Јехова ги собира сега и ги подготвува ‚да излезат од големата неволја‘ која ќе му стави крај на овој систем (Откровение 7:9, 10, 14, НС). Тоа преживување нема да биде случајност. За да преживее, лицето мора да се плаши од Јехова, да го признава како законски Суверен и да му биде предадено. Сепак, факт е дека повеќето нема да сакаат да го негуваат таквиот страв со кој ќе заслужат заштита (Псалм 2:1-6). Според сите расположливи докази, Јеховиниот избран Владетел, Исус Христос, владее како Цар од критичната 1914 година. Тоа значи дека брзо истекува времето кое им преостанува на поединците да развијат и да покажуваат здрав страв од Јехова. Па сепак, нашиот Творец им допушта на поединци, па дури и на такви кои се на моќни положби, да се оѕвијат, велејќи: „И сега цареви, вразумете се; поучите се, судии земни! Служете Му на Господа со страв и радувајте се со трепет. Почитувајте го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои на Него се надеваат“ (Псалм 2:7-12).
22. Што ќе им донесе иднината на оние кои сега се плашат од Бог?
22 Да се најдеме и ние меѓу оние кои ќе го фалат нашиот Творец како Оној кој нѐ спасил. Но, тоа бара да се плашиме уште сега од вистинитиот Бог! (Спореди Псалм 2:11; Евреите 12:28; 1. Петрово 1:17.) Мораме да продолжиме да учиме за неговите праведни одредби и да ги слушаме. Песната на Мојсеј и на Јагнето, запишана во Откровение 15:3, 4, ќе достигне кулминација кога Јехова ќе го избрише сето зло од Земјата и кога ќе го излечи човекот и неговиот земен дом од загадувачките последици на гревот. Тогаш, со сето свое срце, ќе запееме: „Големи и чудни се делата Твои, Господи Боже Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите! Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое?“
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто Јехова заслужува да имаме здрав страв од него?
◻ Што било покажано со Божјите подвизи кај Црвеното Море?
◻ Какви се користите ако имаме страв со почит од Јехова?
◻ Каква иднина ги очекува оние кои сега се плашат од вистинитиот Бог?