Стравот — денес вообичаен, но не засекогаш!
ИСТРАЖУВАЧИТЕ на Божјата Реч не се изненадени што стравот денес е толку вообичаен. Како што Јеховините сведоци објавувале надалеку во својата служба, постои јасен доказ дека живееме во едно значајно време од човечката историја. Очигледно е дека тоа е одбележано со широко распространетиот страв. Но, уште одамна Исус го одбележал, односно укажал на нашето време. Тоа го сторил кога им одговорил на прашањата на апостолите во врска со неговата присутност и завршетокот на системот на ствари, односно ‚свршетокот на светот‘ (Матеј 24:3).
Еве еден дел од она што го прорекол Исус:
„Ќе се крене народ против народ и царство против царство; а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото“ (Лука 21:10, 11).
Дали го забележа овој коментар во врска со „стравотиите“? Подоцна во истиот тој одговор, Исус дал една друга значајна забелешка во врска со стравот кој може директно и фатално да те погоди и тебе и твоите сакани. Но, пред да го насочиме вниманието на тоа, да се осврнеме накратко на некои дополнителни докази за тоа дека живееме во последните денови (2. Тимотеј 3:1).
Оправдан страв од војна
Воените судири опустошиле многу делови од Земјата. На пример, нафтените извори кои биле оставени да горат на крајот на неодамнешниот конфликт на Средниот Исток, списанието Geo ги нарекло „најголема еколошка катастрофа што некогаш била предизвикана од човечка рака“. Војните убиле или осакатиле десетици милиони луѓе. Освен милионите војници и цивилните жртви во I светска војна, 55 милиони биле убиени во II светска војна. Сети се, како дел од знакот за тоа дека крајот на светот е близу, Исус рекол дека „ќе се крене народ против народ и царство против царство“.
Исто така, не можеме да ги превидиме ни човековите обиди да изврши геноцид — уништување на цели раси или народи. Смртта на милиони Ерменци, Камбоџани, Евреи, Руанѓанци, Украинци и други, допринела кон шокантната вина за крв на човештвото во текот на XX век. Крвопролевањето продолжува во земјите каде што етничката омраза е потпалувана од страна на религиозните екстремисти. Да, војните сѐ уште ја натопуваат Земјата со човечка крв.
Современите војни земаат жртви дури и откако борбата ќе престане. На пример, размисли за хаотичното „сеење“ на копнени бомби. Според еден извештај од страна на организацијата за истражување Human Rights Watch, „околу 100 милиони мини ширум светот се закана за цивилите“. Ваквите мини продолжуваат да претставуваат опасност за недолжните мажи, жени и деца, уште долго по војната во која тие биле употребени. Се вели дека секој месец илјадници се осакатени или убиени од копнените мини во повеќе од 60 земји. Зошто оваа закана, која може да предизвика смрт или сериозни повреди, постепено не се отстрани? Весникот New York Times забележал: „Секојдневно се поставуваат многу повеќе мини отколку што се деактивираат во операциите за отстранување на мини, па така ‚данокот во крв‘ е во постојан пораст“.
Таа новинска статија од 1993 извести дека продавањето на овие мини станало бизнис кој „годишно носи профит и до 200 милиони американски долари“. Тоа вклучува „околу 100 фирми и владини агенции во 48 земји“, кои „извезувале 340 различни видови“ мини. На ѓаволски начин, некои мини се дизајнирани да изгледаат како играчки за да бидат привлечни за децата! Замисли, намерно нишанење во невини деца за да бидат осакатени и убиени! Една уводна статија под наслов „100 милиони пеколни машини“, тврдела дека мините „убиле или осакатиле повеќе луѓе отколку хемиското, биолошкото и нуклеарното оружје“.
Но, копнените мини не се единствените смртоносни производи кои се продаваат на светските пазари. Лакомите трговци со оружје вршат мултимилијардерски-доларски бизнис ширум светот. The Defense Monitor, што го издава Центарот за заштита на информации, известува: „Во текот на изминатата деценија, [една водечка нација] извезе оружје во вредност од 135 милијарди американски долари.“ Оваа моќна нација исто така „ја ополномошти продажбата на оружје, воени згради и обука на 142 нации, во вредност од вчудовидувачки 63 милијарди долари.“ Така било посеано семето за идни војни и човечки страдања. Според The Defense Monitor, „само во 1990, војните држеле 5 милиони луѓе под оружје, што чинело повеќе од 50 милијарди долари, и убиле четвртина милион луѓе, од кои повеќето биле цивили“. Сигурно можеш да се сетиш на бројните војни кои се разбеснија од таа година наваму, носејќи страв и смрт за натамошни милиони луѓе!
Уште поголемо уништување на Земјата и животот на неа
Професорот Бери Комонер предупредува: „Верувам дека ако континуираното загадување на Земјата не се контролира, со текот на времето тоа ќе ја уништи погодноста на оваа планета како место за човечки живот“. Тој понатаму вели дека проблемот не е во незнаењето, туку во своеглавата лакомост. Дали мислиш дека нашиот Бог кој е праведен и полн со љубов бескрајно ќе ја толерира оваа ситуација, препуштајќи нѐ на зголемениот страв од загадување? Ограбената Земја плаче по пресметка со ограбувачите и по божествена обнова на планетата, која ќе следи потоа. Тоа е дел од она на кое се осврнал Исус во својот одговор на апостолите во врска со „свршетокот на светот“.
Пред да разгледаме како Бог ќе ја направи таа пресметка, да го разгледаме понатаму човековиот запис. Дури и само еден делумен попис на човечката немарност изгледа жалосен: кисели дождови и лакомите практики на сечење дрва со што се уништуваат цели шуми; неодговорното фрлање на нуклеарен отпад, отровни хемикалии и непрочистени отпадни води; оштетувањето на заштитниот озонски слој и неодговорната употреба на хербициди и пестициди.
За да се здобијат со профит, комерцијалните интереси ја загадуваат Земјата на други начини. Тони отпадоци секојдневно се фрлаат во реките, океаните, воздухот и во почвата. Научниците го полнат небото со вселенски отпад, не чистејќи зад себе. Земјата брзо станува обвиткана со ѓубре кое кружи околу неа. Доколку не би постоеле природните процеси кои Бог ги создал, кои ѝ овозможуваат на Земјата сама да се обновува, нашиот земски дом немало да може да го поддржува животот, а човекот уште многу одамна би се задушил во сопствениот отпад.
Човекот се загадува дури и самиот себе. Земи го на пример, пушењето како и други видови злоупотреба на дрога. Во САД, ваквата злоупотреба на опојни средства била означена како „државен непријател број еден, во здравството“. Тоа ја чини земјата 238 милијарди долари годишно, од кои 34 милијарди се потрошени на „непотребна [односно, која може да се избегне] медицинска нега“. Што мислиш, која е цената на тутунот пресметана во пари и човечки животи, во земјата во која живееш?
Попустливиот и изопачен начин на живот, на кој многумина инсистираат како на свое право, произвел еден застрашувачки плод на сексуално преносливи смртоносни болести, водејќи многумина во прерана смрт. Забележано е дека некролозите во списанијата на поголемите градови сега покажуваат пораст во бројот на оние кои умираат во своите 30-ти и 40-ти години. Зошто? Честопати затоа што на крајот подлегнуваат на смртоносните последици на нивните навики. Ваквиот трагичен пораст на сексуално преносливите и другите болести, исто така, одговара на Исусовото пророштво, бидејќи тој рекол дека ќе има „помор“.
Меѓутоа, најлошото загадување е загадувањето на човековиот ум и дух, односно неговиот став. Ако се осврнеш на сите видови загадувања кои ги споменавме досега, зарем не е вистина дека повеќето од нив се резултат на загадениот ум? Погледни го опустошувањето што го предизвикуваат болните умови, кое се рефлектира во вид на убиства, силувања, кражби и други видови насилства, што луѓето си ги нанесуваат еден на друг. Многумина сфаќаат дека и милионите абортуси кои се вршат секоја година, се знак за ментална и духовна загаденост.
Многу може да се види во ставот на младите. Непочитувањето кон родителскиот и кон друг вид авторитет придонесува за распад на семејството и бунтување против законот и редот. Овој недостиг на здрав страв спрема авторитетот е директно поврзан со недостигот на духовност кај младите. Според тоа, оние кои поучуваат за еволуцијата, атеизмот и другите теории кои ја уништуваат верата, во голема мера се виновни за тоа. Исто така, виновни се и многуте религиозни учители кои, во своите настојувања да бидат прифатени како современи и „коректни“, ѝ го свртеле грбот на Божјата Реч. Тие, а и другите кои се задоени со световната мудрост, научуваат контрадикторни човечки филозофии.
Резултатите се видливи денес. Луѓето се управувани, не од љубов кон Бог и ближниот, туку од лакомост и омраза. Лошиот плод од сето тоа е насекаде раширениот неморал, насилство и очај. За жал, ова предизвикува страв кај искрените луѓе, вклучувајќи го и стравот дека човекот ќе се уништи и самиот себе и планетата.
Дали ќе биде подобро или полошо?
Што ни носи блиската иднина, што се однесува до стравот? Дали тој ќе продолжи да расте или ќе биде надминат? Да се осврнеме уште еднаш на она што Исус им го рекол на своите апостоли.
Тој укажал на нешто што лежи во блиска иднина — на големата неволја. Еве ги неговите зборови: „И веднаш, по маките на тие дни, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина, и ѕвездите ќе попаѓаат од небото, и силите небески ќе попуштат. Тогаш ќе се јави на небото знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небеските облаци, со голема слава и сила“ (Матеј 24:29, 30).
Според тоа, може да очекуваме дека наскоро ќе започне големата неволја. Другите библиски пророштва покажуваат дека нејзиниот прв дел ќе вклучува одмазда врз лажната религија ширум светот. Тогаш ќе следи шокантниот развој на настаните кој беше наведен пред малку, вклучувајќи и некој вид небески феномени. Каков ќе биде ефектот врз милиони луѓе?
Па, разгледај еден паралелен извештај на Исусовиот одговор, каде што наоѓаме засилени пророчки коментари:
„И ќе има знаци на сонцето, и на месечината, и на ѕвездите; а на земјата — тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите; луѓето, пак, ќе умираат [ќе се онесвестуваат, НС] од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небески ќе попуштат“ (Лука 21:25, 26).
Тоа лежи пред нас. Но, сите луѓе нема да бидат во таков страв што ќе се онесвестуваат од тоа. Напротив, Исус рекол: „А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение“ (Лука 21:28).
Тој ги упатил овие охрабрувачки зборови до своите вистински следбеници. Наместо да се онесвестуваат или да бидат стаписани од страв, тие ќе имаат причина бестрашно да ги подигнат своите глави, иако знаат дека кулминацијата на големата неволја непосредно претстои. Зошто не се плашат?
Затоа што Библијата јасно вели дека ќе има преживеани од целата оваа „голема неволја“ (Откровение 7:14, НС). Извештајот кој го ветува ова вели дека ако сме меѓу преживеаните, ќе може да уживаме неспоредливи благослови од Божјата рака. Тој завршува со гаранцијата дека Исус ќе „ги пасе и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни“ (Откровение 7:16, 17).
Оние — меѓу кои можеме да бидеме вклучени и ние — кои ќе ги уживаат таквите благослови, нема да ги имаат стравовите кои ги измачуваат луѓето денес. Но сепак, тоа не значи дека тие воопшто нема да имаат никаков страв, бидејќи Библијата покажува дека постои еден добар и здрав страв. Следнава статија ќе разгледа каков е тој страв и како би требало да влијае на нас.
[Слика на страница 8]
Јеховините обожаватели радосно го очекуваат новиот свет кој се приближува
[Извор на слика на страница 7]
Загадување: Фотографија — Godo-Foto; ракета: U.S. Army photo; дрвја во пламен: Richard Bierregaard, Smithsonian Institution