ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 12/07 стр. 22-25
  • Нешто подобро од „совршени бранови“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Нешто подобро од „совршени бранови“
  • Разбудете се! 2007
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Свесен за моите духовни потреби
  • „Имаш ли некои прашања за Библијата?“
  • Зелената Библија
  • Решени да му служиме на Јехова
  • Служба во Бетелот во Бруклин
  • Служба во други земји
  • Не забораваме што ни е најважно
  • Отворена покана!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Да му се служи на Јехова како обединето семејство
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
  • Можеш ли да се ставиш на располагање?
    Нашата служба за Царството 2001
Разбудете се! 2007
g 12/07 стр. 22-25

Нешто подобро од „совршени бранови“

Раскажал Карл Хајнц Шверер

Роден сум во 1952 год. во Питсбург (Пенсилванија, САД), но израснав во Њу Смирна Бич, на Флорида. Кога бев тинејџер, многу сакав да сурфам. Всушност, сурфањето ми стана најважно во животот.

ВО 1970 год. се запишав на Факултетот за воздухопловство Ембри-Ридл во Дејтона Бич, на Флорида, со намера да станам пилот. Меѓутоа, сѐ повеќе се разочарував од владата, која во тоа време ја водеше, како што сметав, неправедната војна во Виетнам. Огорчен на целото општество, како што беа и други млади од тоа време, прекинав со факултетот и станав хипик. Имав долга коса и земав дрога.

По кратко време се запознав со Сузан, темпераментна девојка која беше вистински талент за сликање и фотографирање. Сметав дека, ако живееме скромно, ќе биде доволно да работам како градежен работник шест до осум месеци на Флорида, а другиот дел од годината ќе можеме да кампуваме на плажите на Тихиот Океан во Мексико и во Средна Америка.

Свесен за моите духовни потреби

Навистина беше многу убаво да се живее безгрижно на прекрасните тропски плажи — Сју сликаше и фотографираше, а јас сурфав. Но, по неколку години сфативме дека она што го правиме во животот не нѐ исполнува. Нешто како да ни недостасуваше. Затоа, во средината на 1975 год., додека живеевме на тихоокеанскиот брег на Костарика, почнав да барам духовно просветлување. Читав книги за источните религии и филозофии, кои во тоа време беа многу популарни.

Бидејќи во книгите што ги читав честопати се цитираше Библијата како потврда дека учењата за кои пишува во нив се точни, сфатив дека таа би требало да биде темел за вистината. Затоа разменив неколку халуциногени печурки за еден стар англиски превод на Библијата. Цело утро сурфав, а попладне ја читав Библијата. Меѓутоа, колку и да сакав да ја разберам, не успевав во тоа.

„Имаш ли некои прашања за Библијата?“

Во август 1975 год., кога бевме на пат од Костарика за Соединетите Држави, јас и Сју застанавме во една аптека во Ел Салвадор за да купиме некои лекови. Бидејќи не можевме добро да се разбереме со аптекарот, една муштерика се понуди да ни помогне. Тоа беше 16-годишната Џени, Американка што добро зборуваше шпански. Спомна дека таа и нејзините родители се Јеховини сведоци и дека се преселиле во Ел Салвадор за да ги поучуваат луѓето за Библијата.

Џени ме праша: „Имаш ли некои прашања за Библијата?“

„Секако дека имам“, одговорив. Иако ѝ беше јасно дека сме хипици, Џени веднаш нѐ покани кај неа за да нѐ запознае со своите родители, Џо и Ненси Трембли. Се согласивме да појдеме. Цело попладне поставувавме библиски прашања, и ни остави силен впечаток начинот на кој ни одговараа Џо и Ненси. Секогаш велеа: „Ајде најдете го тој стих во вашата Библија и прочитајте“.

Наскоро се стемни, па нѐ поканија да преспиеме кај нив. Меѓутоа, не ни дозволија мене и на Сју да спиеме во иста соба бидејќи не бевме венчани. Ноќта Сју и Џени останале будни разговарајќи со часови на многу библиски теми — од Адам до Армагедон.

Зелената Библија

Следниот ден, пред да заминеме од градот, Џо и Ненси ни дадоа еден куп списанија Стражарска кула и Разбудете се!, неколку книги и една Библија од преводот Нов свет, кој во тоа време имаше тврди зелени корици. Џо нѐ одведе да ја видиме и Салата на Царството — едноставна, скромна градба каде што Јеховините сведоци се собираат за да ја проучуваат Библијата. Си помислив: ‚Каква разлика од раскошните цркви на христијанските религии, каде што луѓето не учат многу за Библијата!‘

Подоцна истиот ден, кога застанавме на контролниот пункт пред да ја преминеме границата со Гватемала, зелената Библија ги збуни граничарите. Се чудеа затоа што препознаа дека тоа е Библијата која обично ја користат Јеховините сведоци, а ние воопшто не им личевме на Сведоци! И покрај нашиот изглед, граничарите нѐ пуштија за неколку минути. Ова нѐ збуни затоа што обично ни ги пребаруваа колата и багажот за да пронајдат дрога или шверцувана стока. Оттогаш, зелената Библија почнавме да ја сметаме за амајлија.

Продолживме да ја читаме Библијата и библиските публикации, и се уверивме дека ја пронајдовме вистината за Бог. Додека патувавме низ Мексико, едвај чекав да стигнеме во Пуерто Ескондидо — моето омилено место за сурфање — каде што требаше да останеме две седмици. По уживањето во тие „совршени бранови“, бев решен да се вратам на Флорида и да станам Јеховин сведок.

Следните две седмици сурфав секое утро. Попладне останував на плажата и ги читав Библијата и библиските публикации. Едно осумгодишно девојче ја забележа зелената Библија и упорно нѐ викаше вечерта да појдеме некаде со неа. Не можевме да разбереме каде сака да нѐ одведе, но сфативме дека има некаква врска со зелената Библија. Ние не сакавме, но таа беше многу упорна. Конечно, по неколку дена сепак решивме да појдеме со неа. Нѐ одведе во Салата на Царството на Јеховините сведоци, една мала градба направена од бамбус и со сламен покрив. Сите присутни нѐ поздравуваа и нѐ прегрнуваа како да сме стари пријатели.

Ни остави силен впечаток тоа што сите присутни слушаа со големо ценење. Некои деца се загледуваа во нас додека траеше состанокот, веројатно затоа што никогаш порано не виделе луѓе со толку долга руса коса. Родителите мораа постојано да ги опоменуваат да ја следат програмата. А сепак, Јехова употреби дете како нив за да нѐ одведе на нашиот прв состанок.

Решени да му служиме на Јехова

По две седмици сурфање на совршени бранови, ги продадов моите даски за сурфање и се вративме на Флорида. Таму почнавме да ја проучуваме Библијата со Јеховините сведоци и одевме на сите собраниски состаноци. Бидејќи бевме цврсто решени да му служиме на Јехова, јас и Сју повеќе не живеевме заедно и престанавме да се дружиме со нашите поранешни пријатели. Јас се избричив и се потстрижав, а Сју си купи неколку фустани. По четири месеци се венчавме, а во април 1976 год. се крстивме како Јеховини сведоци.

Сега нашиот живот имаше вистинска смисла. Благодарни на Јехова за сѐ што направи за нас, многу сакавме повторно да појдеме во некоја од земјите во кои се зборува шпански јазик за да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство. Но, христијанските старешини во собранието нѐ советуваа: „Рано е да одите. Најнапред зајакнете се духовно за да можете да бидете од помош таму“. Го прифативме овој совет и оттогаш си поставивме за цел да станеме пионери, како што се нарекуваат полновремените проповедници на Јеховините сведоци.

Сју започна со пионерска служба во јануари 1978 год. И јас сакав да бидам пионер, но сѐ уште имав големи долгови затоа што требаше да ја исплаќам школарината за факултетот. Ми падна на ум едно лесно решение. Одлучив да банкротирам за да се ослободам од сите финансиски обврски и да станам пионер.

Но, старешините мудро ме советуваа да не постапам така, и ми објаснија дека тоа не би било во склад со библиските начела, според кои треба „во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18). Затоа продолжив да работам за да си ги исплатам долговите. Конечно, во септември 1979 год., ја постигнав мојата цел и ѝ се придружив на Сју во пионерската служба. Оттогаш живеевме поскромно за да ни стигне платата што ја добивав работејќи само неколку дена седмично.

Служба во Бетелот во Бруклин

Во април 1980 год., по помалку од една година заедничка пионерска служба, нѐ чекаше едно големо изненадување. Кратко пред тоа, кога имаше потреба од градежни работници, дадовме молби за да служиме во Бетел, светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). Сега добивме покана да појдеме во рок од 30 дена! Имавме измешани чувства, бидејќи многу уживавме во пионерската служба. Бидејќи не знаевме што да правиме, разговаравме со двајца старешини, кои ни помогнаа да видиме каква извонредна можност ни се укажува. Тие нѐ советуваа: „Одете, видете како е да се служи во Бетел една година“. И така, продадовме сѐ што имавме и заминавме за Бруклин.

Откако работевме на градба две години, ме викнаа да работам во проектантското одделение, каде што добив обука да бидам архитект. Сју работеше во книговезницата една година, а потоа беше префрлена во графичкото одделение. Секоја година, на нашата годишнина од бракот, размислувавме за претходната година и ги одмерувавме нашите околности и желби. Решивме да продолжиме да служиме во Бетел.

Како што минуваа годините, стекнавме некои блиски и прекрасни пријатели. Освен тоа, бидејќи во Бетел можевме да му служиме на Јехова и на нашето меѓународно братство на еден посебен начин, решивме да останеме. Во 1989 год. почнавме да учиме шпански, па затоа бевме доделени во едно шпанско собрание во Бруклин. Имавме чувство дека ги добивме двете најдобри можни работи — служевме во Бетел и служевме во собрание на странски јазик.

Еднаш Џени нѐ посети во Бетелот во Бруклин и беше интересно да се чуе нејзината приказна за денот кога се запознавме во Ел Салвадор. Таа проучувала со некого тој ден и ѝ се слошило. На пат за дома решила да купи некое лекарство. Но, од некоја причина не отишла во аптеката каде што одела дотогаш туку во друга аптека — и таму нѐ сретна нас.

Служба во други земји

Еден ден во 1999 год., мојот надгледник во Бетел ме изненади со прашањето: „Ќе сакаш ли да одиш во подружницата во Австралија и три месеци да работиш на еден проект во Регионалниот одбор за градба?“

„Да“, одговорив без никакво двоумење. Наскоро бевме на пат за Австралија, каде што останавме да служиме три години. Со задоволство помагавме да се проектираат објектите на подружниците на неколку земји на Ориентот и на Јужниот Пацифик. Кога се вративме во Бруклин во 2003 год., нѐ чекаше уште едно изненадување. Добивме друга доделба во странство — да служиме во Регионалниот одбор за изградба на Сали на Царството, кој се наоѓа во подружницата во Бразил, во близина на големиот град Сао Паоло.

И ден-денес сме овде. Овој одбор ја надгледува изградбата на Сали на Царството во повеќето земји во Јужна Америка. Јас имам задача да патувам за да помагам во градежните работи и да ги охрабрувам оние што работат на многуте проекти — а Сју патува заедно со мене.

Не забораваме што ни е најважно

Морам да кажам дека сѐ уште уживам во сурфањето, но пронајдов нешто подобро од „совршени бранови“. И сурфањето си има свое место — како рекреација. Со љубезна поддршка од Сју, се концентрирав на нешто многу поважно, да му служам на нашиот грижлив Бог, Јехова.

Сега ни е најважно да го користиме својот живот и способности трошејќи се во делото на Царството и во службата за вистинскиот Бог, Јехова. Научивме дека најбитното нешто во животот е да му служиме на Јехова од сѐ срце, сеедно каде сме (Колошаните 3:23).

[Истакната мисла на страница 25]

„Сѐ уште уживам во сурфањето, но пронајдов нешто подобро од ‚совршени бранови‘“

[Слика на страници 22 и 23]

Моја фотографија како сурфам, која се најде на плакатот за Летниот сурф-фестивал

[Слика на страница 23]

Кога имав 13 години

[Слика на страница 23]

Животот на хипик не ме исполнуваше

[Слики на страница 25]

Горе: помагам во изградбата на една Сала на Царството.

Десно: со Сју денес

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели