Како да имаш среќен брак
БРАКОТ може да се спореди со едно авантуристичко патување полно со изненадувања — некои убави, некои болни. Бидејќи „теренот“ е непредвидлив, може ќе наидеш на препреки, и некои од нив ќе ти изгледаат несовладливи. Сепак, за многумина, ова е едно успешно и среќно патување со само неколку мали незгоди. Среќата во бракот не се мери по тоа дали ќе дојде до проблеми, туку како брачните двојки ќе се справат со нив.
Што може да го направи ова „патување“ поуспешно и попријатно? Многу брачни двојки се свесни дека им треба „брачна автокарта“ која ќе им го покажува патот. Најдобрата и најмеродавна „карта“ за бракот ја дал Основачот на оваа заедница — Јехова Бог. Меѓутоа, Неговата вдахновена Реч, Библијата, не е некаква волшебна амајлија, туку книга со практични упатства по кои брачните парови треба да се водат за да имаат среќен брак (Псалм 119:105; Ефешаните 5:21-33; 2. Тимотеј 3:16).
Ќе издвоиме неколку библиски начела — важни „патокази“ — што можат да те водат и да ти помогнат твојот брак да биде успешно и среќно патување.
▸ Не заборавај дека бракот е свет. „Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:6). Творецот го основал бракот кога на Адам му ја дал Ева за жена (1. Мојсеева 2:21-24). Христос Исус, кој бил сведок на склучувањето на овој брак додека бил на небото, потврдил дека брачната врска на Адам и Ева требало да биде трајна. Тој рекол: „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:4-6).
Кога рекол „Бог што составил“, Исус истакнал дека брачната врска треба да се смета за света бидејќи ја основал лично Бог.a
Се разбира, мажот и жената не би сакале да бидат ‚составени‘ во брак кој се сведува само на заедничко живеење без љубов и топлина. Напротив, брачните другари сакаат нивната врска да им донесе радост и на двајцата. Тие можат да имаат среќен брак ако ги применуваат практичните совети од Творецот запишани во Библијата.
Бидејќи сите луѓе се несовршени, неизбежно е да дојде до недоразбирања и несогласици. Меѓутоа, среќата во бракот не зависи толку од тоа дали брачните партнери се слични, туку од тоа колку се трудат да се приспособат на разликите. Затоа, една од најважните вештини во бракот е способноста да се решаваат несогласувањата во љубов, зашто „меѓусебната љубов сврзува во совршена заедница“ (Колошаните 3:14, Добра вест).
▸ Разговарај со почит. „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е лек“ (Изреки 12:18). Истражувачите утврдиле дека повеќето разговори завршуваат онака како што започнале. Според тоа, ако разговорот почне со почит, најверојатно така и ќе заврши. И обратно, знаеш колку боли кога некој твој близок ќе ти каже нешто непромислено. Биди решен да зборуваш со достоинство, почит и љубов, и моли се да успееш во тоа (Ефешаните 4:31). Харукоb од Јапонија, која е во брак веќе 44 години, објаснува: „Иако си ги знаеме мааните, се трудиме да зборуваме со почит и да ги цениме убавите особини кај другиот. Тоа ни помогна да имаме среќен брак“.
▸ Биди љубезен и сочувствителен. „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост“ (Ефешаните 4:32). Кога ќе дојде до сериозни несогласувања, лутината од едниот брачен партнер лесно може да премине и на другиот. Анета од Германија, која е среќно омажена веќе 34 години, признава: „Не е лесно да останеш смирен кога си под притисок — ти доаѓа да му кажеш нешто остро на твојот партнер, но со тоа само би додал дрва на огнот“. Меѓутоа, ако се трудиш да бидеш милостив и сочувствителен, можеш многу да придонесеш за мирот во твојот брак.
▸ Биди понизен. „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“ (Филипјаните 2:3). До многу кавги доаѓа затоа што брачните партнери од гордост си ја префрлаат еден на друг вината за проблемите што ги снашле, наместо понизно да се трудат да си ја олеснат ситуацијата. Понизноста ќе ти помогне да ја совладаш склоноста да докажуваш дека си во право.
▸ Немој лесно да се лутиш. „Немој брзо да се навредуваш“ (Проповедник 7:9). Немој веднаш да го побиваш гледиштето на брачниот другар или да се браниш кога тој ќе ги оспори твоите зборови или постапки. Подобро сослушај го и покажи разбирање за неговите чувства. Добро размисли пред да кажеш нешто. Многу брачни партнери предоцна сфаќаат дека вистински победник е оној што освоил нечие срце, а не оној што го имал последниот збор во некоја караница.
▸ Процени кога е помудро да молчиш. „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Несомнено, добрата комуникација е еден од најважните „патокази“ на патот до среќен брак. Зошто тогаш Библијата ни кажува дека има „време за молчење“? (Проповедник 3:7). За да ги разбереш чувствата на другиот и да сфатиш зошто се чувствува така, потребно е внимателно да го слушаш, што е важен услов за добра комуникација.
▸ Соживеј се додека слушаш. „Радувајте се со оние што се радуваат, плачете со оние што плачат“ (Римјаните 12:15). За да имаш добра комуникација со брачниот другар, мораш да се соживееш со него. Тоа ќе ти помогне да ги почувствуваш неговите најдлабоки емоции и ќе создаде атмосфера во која ќе биде полесно да се покаже почит и да се уважат мислењето и чувствата на другиот. Нела од Бразил, која е во брак 32 години, вели: „Кога дискутираме за проблемите, секогаш слушам многу внимателно за да можам да ги разберам мислите и чувствата на Мануел“. Кога твојот брачен партнер зборува, за тебе тоа може да биде „време за молчење“ — прилика да го сослушаш и да се ставиш во негова кожа.
▸ Стекни навика да покажуваш ценење. „Бидете благодарни!“ (Колошаните 3:15). Карактеристика на еден стабилен брак е тоа што мажот и жената се трудат да покажуваат ценење еден кон друг. Меѓутоа, под влијание на секојдневната рутина, некои брачни партнери го занемаруваат овој важен елемент во комуникацијата под претпоставка дека другиот се чувствува ценет. Д-р Елен Вактел вели: „Повеќето брачни парови би можеле да си покажат ценење ако само им текне да го сторат тоа“.
Особено жената има потреба да чуе од својот сопруг дека ја сака и дека ја цени. Вие, мажи, можете многу да придонесете за квалитетот на вашиот брачен живот и за среќата на двајцата ако редовно ја пофалувате својата сопруга за нејзините убави постапки и особини.
Мажите не треба да го покажуваат своето ценење само со зборови. Со еден бакнеж, љубезен допир и срдечна насмевка ќе ѝ кажеш многу повеќе отколку со едно: ‚Те сакам‘. Таквите гестови ќе ја уверат дека ти значи и дека ти треба. Јави ѝ се или пушти ѝ порака за да ѝ кажеш: „Ми недостигаш“, или „Како си помина денес?“ Ако си имал ваква навика во времето кога сте биле во врска, но си ја изгубил, убаво би било да ја обновиш. Постојано труди се да допреш до срцето на својот брачен другар.
Зборовите на мајка му на Лемуил, царот на древниот Израел, се многу соодветни: „Мажот нејзин станува и ја фали: ‚Многу жени се вредни, но ти ги надминуваш сите‘“ (Изреки 31:1, 28, 29). Кога последен пат си ја пофалил жена ти? Или ако си сопруга, кога последен пат си го пофалила маж ти?
▸ Простувај брзо. „Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“ (Ефешаните 4:26). Грешките во бракот се неизбежни. Затоа е многу важно да бидете спремни да си простувате. Клајв и Моника од Јужноафриканската Република, кои се зеле пред 43 години, увиделе колку е практичен овој совет. Клајв објаснува: „Се трудиме да го следиме начелото од Ефешаните 4:26 и се обидуваме брзо да си простуваме, свесни дека тоа го радува Бог. Кога го правиме тоа, се чувствуваме подобро, си легнуваме со мирна совест и спокојно спиеме“.
Една древна изрека крие длабока мудрост: „Чест му е [на човекот] да премине преку престапот“ (Изреки 19:11). Анета, која веќе ја спомнавме, вели: „Не можеш да имаш добар брак ако не простуваш“. Таа објаснува зошто: „Инаку се јавуваат огорченост и недоверба кои полека го подриваат бракот. Простувањето ја зацврстува врската и ги зближува брачните партнери“.
Ако со нешто си го повредил својот брачен другар, немој само да заклучиш дека тој ќе премине преку тоа. За да се помириш, потребно е да направиш една од најтешките работи во бракот — да признаеш дека си згрешил. Сепак, потруди се понизно да кажеш нешто како: „Извини. Згрешив“. Ако понизно се извиниш, брачниот другар ќе има поголема почит и доверба кон тебе, а ти ќе имаш поголем душевен мир.
▸ Остани верен на брачниот партнер и на брачниот завет. „[Мажот и жената] повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:6). Пред Бог и пред луѓето сте си ветиле дека ќе останете заедно и во добро и во зло.c Меѓутоа, брачниот завет не е само некаква законска обврска. Верноста во бракот е мотивирана од искрена, длабока љубов и е одраз на заемна почит и почит кон Бог. Затоа, никогаш немој да си дозволиш флерт, со што ќе покажеш презир кон светоста на бракот. Твоите романтични чувства му припаѓаат само на твојот брачен другар (Матеј 5:28).
▸ Самопожртвуваноста го зацврстува бракот. „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4). Еден начин да ја зајакнеш врската е потребите и желбите на твојот брачен другар да ти бидат поважни од сопствените. Премџи, кој е во брак 20 години, редовно ѝ помага низ дома на жена си, која е вработена. „Ѝ помагам на Рита околу готвењето, чистењето и другите домашни обврски за да има време да прави нешто што ја опушта.“
Трудот се исплаќа
Понекогаш, некои венчани лица се обесхрабруваат кога ќе сфатат што сѐ треба да сторат за да имаат среќен брак. Меѓутоа, немој да дозволиш тешките моменти во бракот да те наведат да го погазиш својот брачен завет или да се откажеш од сѐ што си вложил во него, по сиот тој пат што сте го поминале заедно.
Сид, кој е среќно оженет веќе 33 години, вели: „Ако даваш сѐ од себе и покажуваш дека сакаш твојот брак да успее, Јехова сигурно ќе те благослови“. Заемната поддршка додека минувате низ тешки периоди и заедничката радост додека ги споделувате пријатните мигови ќе ви го направат пријатно и успешно вашето патување во бракот.
[Фусноти]
a Исус рекол дека единствената основа за развод и за повторно стапување во нов брак е блудот, односно половите односи надвор од бракот (Матеј 19:9).
b Некои имиња во оваа статија се сменети.
c Библијата му препушта на невиниот брачен другар да одлучи дали ќе му прости на својот неверен партнер или не (Матеј 19:9). Види во хрватското издание на Разбудете се! од 8 август 1995, страници 10, 11.
[Истакната мисла на страница 6]
Библијата е како карта што ти помага твојот брак да биде успешно патување
[Рамка/слика на страница 7]
Ако треба да разговарате за некој проблем
◼ Испланирајте термин кога нема да сте уморни и двајцата.
◼ Не се напаѓајте; бидете позитивни еден кон друг.
◼ Не си упаѓајте во збор; едниот нека зборува, а другиот нека слуша, и обратно.
◼ Покажувајте разбирање, секој за чувствата на партнерот.
◼ Покажувајте соживување, дури и кога не се согласувате за нешто.
◼ Бидете разумни и приспособливи.
◼ Понизно извинете се кога не сте во право или кога ќе згрешите.
◼ Изразувајте си ценење и љубов.
[Рамка/слика на страница 8]
Рецепт за среќен брак
◼ Не отстапувајте од библиските начела кои го зацврстуваат бракот.
◼ Посвети му време на бракот и на брачниот другар.
◼ Од тебе нека зрачи срдечност, љубов и наклоност.
◼ Биди достоен за доверба и верен.
◼ Покажувај љубезност и почит.
◼ Помагај низ дома.
◼ Труди се да водиш пријатни разговори.
◼ Внеси хумор во заедничкиот живот и уживај во заедничката рекреација.
◼ Постојано зајакнувај го бракот.
[Рамка/слика на страница 9]
Преиспитај се
◼ На кое подрачје од брачниот живот треба да се подобрам?
◼ Што треба да сторам за да успеам во тоа?