3. Дај им приоритет на поважните работи
„Нон-стоп бев уморна — мислев како да најдам време за сѐ, за работата, за воспитувањето на децата, за нашите духовни активности, за домашните работи и за сѐ друго“ (ЈОКО, ЈАПОНИЈА).
Предизвик
„Најголемиот предизвик“, вели Миранда која има два сина, „е да бидеш вработена мајка и да им обезбедиш сѐ на децата — во физички, психички, емоционален и духовен поглед — без помошта на сопружникот.“
Предлози
Одлучи што е навистина важно за тебе и за децата и дај им приоритет на тие работи.
Не дозволувај други работи да ги истиснат поважните и научи да си ги организираш времето и парите во склад со нив. Еве еден пример: Здравјето на твоите деца е многу важно, затоа користи ги своите тешко заработени пари за да купуваш здрава храна. Тоа е подобро отколку да ги трошиш за лекување. Пред да одиш да пазаруваш, направи си список. Така нема да купуваш непотребни работи. „Сакам да готвам“, вели Роберто, кој живее во САД со своите четири деца. Тој додава: „Научив да се концентрирам на она што ни треба — не на она што го посакуваме — на она што вистински ни треба секој ден“.
Користи ги своите тешко заработени пари за да купуваш здрава храна. Тоа е подобро отколку да ги трошиш за лекување
Фрли ги или дај ги работите што никогаш не ги користиш — книги, облека, разни уреди. Една самохрана мајка вели: „Повеќе работи, повеќе стрес. Колку повеќе работи имаш толку повеќе мораш да чистиш, да поправаш и да одржуваш. Помалку работи, поедноставен живот“.
Учи ги децата да си ја суредат собата секоја вечер. Не дозволувај домот да ти стане хаос. Таквото домашно воспитание ги учи децата да бидат одговорни за својата соба, па дури и за целиот дом. Се разбира, твојот добар пример ќе им даде поголема тежина на твоите зборови.
Иако можеби си многу зафатена, мораш да минуваш време со децата — не само неколку кратки мигови, туку колку што можеш повеќе време. На твоите деца им треба твоето време и твоето внимание (5. Мојсеева 6:7).
Јадете барем еднаш дневно како семејство и труди се тоа да биде во пријатна атмосфера. Колет, мајка со три деца, вели: „Одлучивме вечерата, време кога сите сме дома, да биде прилика кога ќе можеме да зборуваме за тоа што нѐ мачи или радува и за духовни работи. Тој оброк беше и сѐ уште е посебно време за нашето семејство“.