СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 20
ПЕСНА 7 Јехова е нашата сила
Барај утеха од Јехова
Нека е благословен Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха (2. КОР. 1:3)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да извлечеме поуки од тоа како Јехова ги тешел Евреите кои биле во изгнанство во Вавилон.
1. Каков им бил животот на Евреите кои биле во изгнанство во Вавилон?
ЗАМИСЛИ како се чувствувале Евреите кои биле во изгнанство во Вавилон. Тие со свои очи виделе како Вавилонците ја уништуваат нивната татковина. Поради нивните гревови и гревовите на нивните прататковци, Евреите биле одведени во ропство во Вавилон (2. Лет. 36:15, 16, 20, 21). Точно е дека тие имале одредена слобода да водат нормален живот (Ерем. 29:4-7). Сепак, животот не им бил лесен и тие самите сигурно не би избрале да живеат така. Како се чувствувале поради нивната ситуација? Забележи што кажал еден од нив: „Крај вавилонските реки седевме и плачевме кога ќе се сетевме на Сион“ (Пс. 137:1). На Евреите навистина им била потребна утеха, но кој можел да им ја даде?
2-3. а) Што направил Јехова за Евреите кои биле во изгнанство? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Јехова е „Богот на секоја утеха“ (2. Кор. 1:3). Тој ги сака своите слуги и со задоволство им ја пружа потребната утеха. Јехова знаел дека некои од изгнаниците ќе го прифатат неговиот укор и ќе почнат исправно да му служат (Иса. 59:20). Затоа, повеќе од 100 години пред да бидат одведени во изгнанство во Вавилон, Јехова со светиот дух го поттикнал пророкот Исаија да ја напише книгата што го носи неговото име. Со која цел? Исаија напишал: „’Тешете го, тешете го мојот народ!‘ — вели вашиот Бог“ (Иса. 40:1). Преку книгата на Исаија, Јехова им ја дал потребната утеха на Евреите кои биле во изгнанство.
3 Исто како на тие Евреи, и нам одвреме-навреме ни е потребна утеха. Во оваа статија, ќе разгледаме три начини на кои Јехова ги тешел изгнаниците: 1) ветил дека ќе им прости на оние што ќе се покаат, 2) им дал надеж на своите слуги и 3) им помогнал да не се плашат. Додека ги разгледуваме овие работи, забележи како можеме и ние да извлечеме корист од утешните зборови на Јехова.
ЈЕХОВА МИЛОСРДНО НИ ПРОСТУВА
4. Како Јехова покажал дека е милосрден Бог? (Исаија 55:7).
4 Јехова е „Таткото на милосрдноста“ (2. Кор. 1:3). Тој ја покажал оваа особина кога им простил на изгнаниците кои се покајале. (Прочитај Исаија 55:7.) Јехова рекол дека поради својата лојална љубов ќе биде милосрден кон нив (Иса. 54:8, фус.). Како Јехова ќе им покажел милосрдност? Точно е дека, како казна за нивната непослушност, Евреите требало да бидат во Вавилон многу години. Но, Јехова им ветил дека нема да останат таму засекогаш (Иса. 40:2). Ова сигурно било многу утешно за Евреите кои се покајале и кои сакале да го радуваат Јехова!
5. Во споредба со еврејските изгнаници, зошто ние можеме да бидеме уште посигурни дека Јехова ни простува?
5 Која е поуката за нас? Јехова е спремен потполно да им прости на своите слуги. Во споредба со Евреите кои биле во Вавилон, ние денес можеме да бидеме уште посигурни во овој факт. Зошто? Бидејќи знаеме што направил Јехова за да може да ни прости. Стотици години откако било запишано пророштвото на Исаија, Јехова го испратил својот сакан Син на Земјата за да обезбеди откупнина за сите грешници кои се каат. Бидејќи Исус умрел за нас, Јехова може да ни ги „избрише“, односно потполно да ни ги прости гревовите (Дела 3:19; Иса. 1:18; Еф. 1:7). Колку милосрден е Богот на кој му служиме!
6. Зошто е утешно да размислуваме за милосрдноста на Јехова? (Види ја и сликата.)
6 Зборовите на Јехова кои се запишани во Исаија 55:7 можат да нѐ утешат ако сме оптоварени од чувства на вина. Некои од нас можеби и понатаму чувствуваат вина поради некоја грешка што ја направиле во минатото, дури и откако се покајале. Тоа може да биде случај особено ако сѐ уште ги трпиме последиците од нашата грешка. Сепак, ако сме ги признале нашите гревови и ако сме престанале да постапуваме погрешно, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ни простил. А кога Јехова простува, тој одлучува повеќе да не се сеќава на нашиот грев. (Спореди со Еремија 31:34.) Значи, ако Јехова не размислува повеќе за гревовите што сме ги направиле во минатото, ниту ние не треба да размислуваме за нив. На Јехова му е важно што правиме сега, а не какви грешки сме направиле во минатото (Езек. 33:14-16). Исто така, наскоро, нашиот милосрден Татко потполно ќе нѐ ослободи од последиците на нашите грешки.
На Јехова му е важно што правиме сега, а не какви грешки сме направиле во минатото (види во пасус 6)
7. Што може да нѐ поттикне да побараме помош ако криеме дека сме направиле грев?
7 Што треба да правиме ако чувствуваме грижа на совест поради тоа што криеме дека сме направиле некој сериозен грев? Библијата нѐ поттикнува да побараме помош од старешините (Јак. 5:14, 15). Сепак, можеби нема да ни биде лесно да го признаеме нашиот престап. Но, ако се каеме и ако имаме на ум дека Јехова ги користи овие браќа за да ни помогне и дека тие ќе постапат со нас милосрдно и со љубов, тоа ќе нѐ поттикне да зборуваме со нив. Да видиме како Јехова ги употребил старешините за да утеши еден брат по име Артур,a кого совеста многу го измачувала. Тој вели: „Околу една година гледав порнографија. Но, откако слушнав еден говор во врска со совеста, им го признав мојот грев на мојата сопруга и на старешините. Откако зборував со нив, конечно почувствував олеснување, но сѐ уште се измачував поради она што го направив. Старешините ме потсетија дека Јехова сѐ уште сака да бидам негов пријател. Тој нѐ укорува бидејќи нѐ сака. Љубезните зборови на старешините ме допреа до срце и ми помогнаа да сфатам дека Јехова навистина ми простил“. Денес, Артур служи како пионер и како слуга-помошник. Многу е утешно да знаеме дека, ако се каеме за грешките што сме ги направиле, Јехова е секогаш спремен да ни прости!
ЈЕХОВА НИ ДАВА НАДЕЖ
8. а) Каква надеж им дал Јехова на еврејските изгнаници? б) Според Исаија 40:29-31, какво влијание можела да има надежта врз Евреите кои се покајале?
8 Од човечка гледна точка, еврејските изгнаници биле во безнадежна ситуација. Како светска сила, Вавилон бил познат по тоа што не ги ослободувал своите заробеници (Иса. 14:17). Но, Јехова им дал надеж на своите слуги. Тој ветил дека ќе ги ослободи и ништо не можело да го спречи во тоа (Иса. 44:26; 55:12). Во Јеховини очи, Вавилон бил како прав (Иса. 40:15). Само еднаш да дувнеш и правот ќе го снема. Толку лесно ќе му било на Јехова да ги ослободи своите слуги од Вавилон. Како можела да влијае оваа надеж врз Евреите? Можела да ги утеши, но можела да направи и повеќе од тоа. Исаија напишал: „Оние што се надеваат на Јехова добиваат нова сила“. (Прочитај Исаија 40:29-31.) Таквата надеж ќе им ја обновела силата на Евреите и тие ќе биле „како орли [кои] се подигаат на крилја“.
9. Каков доказ имале Евреите дека ветувањата на Јехова ќе се исполнат?
9 Јехова им дал на Евреите и доказ дека она што го ветил ќе се исполни. Каков доказ им дал? Размисли за пророштвата за кои тие знаеле дека веќе се исполниле. На пример, знаеле дека Асирија го освоила десетплеменското царство Израел и го одвела народот во изгнанство (Иса. 8:4). Виделе како Вавилонците го уништуваат Ерусалим и како ги водат неговите жители во изгнанство (Иса. 39:5-7). Освен тоа, тие биле живи кога вавилонскиот цар го ослепел цар Седекија и го одвел во Вавилон (Ерем. 39:7; Езек. 12:12, 13). Сѐ што прорекол Јехова се исполнило (Иса. 42:9; 46:10). Сето ова сигурно им ја зајакнало верата дека ќе се исполни и ветувањето на Јехова дека ќе ги ослободи!
10. Што ќе ни помогне јасно да ја имаме на ум нашата надеж во овие последни денови?
10 Која е поуката за нас? Кога сме потиштени, надежта за иднината може да нѐ утеши и да ни даде сила. Условите во светот сѐ повеќе се влошуваат и се соочуваме со многу моќни непријатели. Но, не смееме да паднеме во очај. Јехова ни дал прекрасна надеж дека ќе живееме во рај во кој ќе владеат вистински мир и сигурност. Мора јасно да ја имаме на ум таа надеж. Во спротивно, може да се случи нашата надеж да се замагли и да биде како да гледаме прекрасен пејзаж низ валкан прозорец. Како би можеле „да го исчистиме прозорецот“, односно јасно да ја имаме на ум нашата надеж? Можеме редовно да одвојуваме време за да си замислуваме колку ќе биде прекрасен животот во новиот свет. Можеме да читаме статии, да гледаме видеоклипови и да слушаме песни во врска со нашата надеж. Исто така, во молитва можеме да му кажеме на Јехова кои ветувања едвај чекаме да се исполнат во рајот.
11. Што ѝ дава сила на една сестра која има сериозни здравствени проблеми?
11 Размисли за тоа како надежта ја теши и ѝ дава сила на една сестра по име Џој, која има хронични здравствени проблеми. Таа вели: „Кога се чувствувам оптоварена од проблеми, му ги кажувам на Јехова моите најдлабоки чувства и знам дека тој ме разбира. Во таквите моменти, Јехова ми дава ’сила, која ја надминува нормалната‘“ (2. Кор. 4:7). Џој исто така се замислува себеси во новиот свет, каде што „никој од жителите нема да рече: ’Болен сум‘“ (Иса. 33:24). Ако и ние му ги кажуваме на Јехова нашите најдлабоки чувства и ако се концентрираме на нашата надеж, ќе имаме сила да истраеме во нашите неволји.
12. Зошто можеме да имаме доверба дека ветувањата на Јехова ќе се исполнат? (Види ја и сликата.)
12 Исто како што било случај со еврејските изгнаници, Јехова и нам ни дал многу причини да имаме доверба во неговите ветувања. Размисли за пророштвата кои гледаме дека се исполнуваат. На пример, ја гледаме англо-американската светска сила која е делумно цврста, а делумно кршлива (Дан. 2:42, 43). Исто така, слушаме за „земјотреси на разни места“ и им ја проповедаме добрата вест „на сите народи“ (Мат. 24:7, 14). Исполнувањето на овие и на многу други пророштва нѐ уверува дека ќе се исполни и сето она што Јехова го ветил за иднината.
Пророштвата кои се исполнуваат пред наши очи ни помагаат да имаме доверба во Јеховините ветувања (види во пасус 12)
ЈЕХОВА НИ ПОМАГА ДА НЕ СЕ ПЛАШИМЕ
13. а) Со какви проблеми ќе се соочеле Евреите во времето на нивното ослободување? б) Според Исаија 41:10-13, како Јехова ги утешил Евреите што биле во изгнанство?
13 Иако Јехова ги утешил Евреите со прекрасна надеж, тој знаел дека во времето на нивното ослободување тие ќе имаат проблеми. Јехова прорекол дека кратко пред Евреите да бидат ослободени, еден моќен цар прво ќе ги нападне народите околу Вавилон, а потоа и самиот Вавилон (Иса. 41:2-5). Дали Евреите требало да се плашат? Многу години пред ова да се случи, Јехова го утешил својот народ. Тој рекол: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог!“ (Прочитај Исаија 41:10-13.) Што сакал Јехова да каже со зборовите: „Јас сум твојот Бог“? Тој не сакал да ги потсети Евреите дека треба да го обожаваат него — тие веќе го знаеле тоа. Всушност, сакал да ги потсети дека тој сѐ уште е на нивната страна (Пс. 118:6).
14. На кој друг начин Јехова им помогнал на Евреите да не се плашат?
14 Јехова им помогнал на Евреите да не се плашат и со тоа што ги потсетил дека има неограничена моќ и знаење. Тој им рекол да погледнат кон ѕвезденото небо и им кажал дека не само што ги создал ѕвездите туку ги знае и по име (Иса. 40:25-28). Ако Јехова го знае името на секоја ѕвезда, тогаш без сомнение го знае името и на секој од своите слуги! Освен тоа, ако Јехова имал моќ да ги создаде ѕвездите, тогаш нема сомнение дека има моќ да му помогне на својот народ. Навистина, Евреите кои биле во изгнанство немале никаква причина да се плашат.
15. Како Бог ги подготвил Евреите што биле во изгнанство за она што им претстоело?
15 Јехова ги подготвил своите слуги и за она што им претстоело. Преку книгата на Исаија, Бог му рекол на својот народ: „Влези во своите соби, каде што ќе бидеш на сигурно, и затвори ги вратите зад себе! Скриј се за миг дури да мине гневот!“ (Иса. 26:20). Овој стих можеби за првпат се исполнил кога цар Кир го освоил Вавилон. Грчкиот историчар Ксенофон напишал дека, кога Кир влегол во Вавилон, „им заповедал [на своите војници] да го убијат секого што ќе го најдат надвор“. Замисли колку исплашени мора да биле жителите на Вавилон! Но, еврејските изгнаници веројатно биле поштедени бидејќи ги послушале упатствата од Јехова.
16. Зошто не треба да се плашиме од она што ќе се случи за време на големата неволја? (Види ја и сликата.)
16 Која е поуката за нас? Наскоро ќе се соочиме со најголемата неволја во човечката историја. Кога таа ќе започне, луѓето во светот ќе бидат збунети и исплашени. Но не и Јеховиниот народ. Ние знаеме дека Јехова е нашиот Бог. Ќе бидеме храбри бидејќи ќе знаеме дека „се приближува [нашето] избавување“ (Лука 21:28). Дури и кога ќе нѐ нападне една коалиција од сите народи, ние и понатаму ќе имаме доверба во Јехова. Јехова ќе нѐ заштити преку ангелите и ќе ни даде упатства кои ќе ни го спасат животот. Како ќе ги добиеме тие упатства? Ќе мора да почекаме за да видиме. Но, такви упатства веројатно ќе добиеме преку нашите собранија. Можеби тие ќе бидат нашите „соби“ каде што ќе бидеме на сигурно. Како можеме да се подготвиме за она што ни претстои? Мора да станеме уште поблиски со нашите браќа и сестри, да бидеме послушни на теократските упатства и да бидеме уверени дека Јехова ја води нашата организација (Евр. 10:24, 25; 13:17).
Тоа што ќе размислуваме за моќта на Јехова и за неговата способност да нѐ спаси, ќе ни помогне да не се плашиме за време на големата неволја (види во пасус 16)b
17. Како можеш да бараш утеха од Јехова?
17 Иако животот на Евреите во Вавилон не бил лесен, Јехова им ја дал потребната утеха. Тој ќе го стори тоа и за нас. Затоа, без разлика со што ќе се соочиш во иднина, продолжи да бараш утеха од Јехова. Имај доверба дека тој вистински им простува на своите верни слуги и дека се грижи за тебе. Одржи ја силна твојата надеж. И никогаш не заборавај дека нема од што да се плашиш бидејќи Јехова е твојот Бог!
ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба
a Некои имиња се сменети.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Една мала група соверници се собрани заедно. Тие се уверени дека Јехова има моќ и способност да ги заштити своите слуги без разлика каде живеат на Земјата.