Треба ли да престанам да возам?
МОЖЕБИ возиш веќе со децении. Убаво ти е што можеш да имаш свое возило и да одиш каде сакаш и кога сакаш. Но твоето семејство и пријателите се загрижени и би сакале да размислиш дали сѐ уште треба да возиш. Не можеш да сфатиш зошто се загрижени.
Дали и ти се наоѓаш во слична ситуација? Ако да, што може да ти помогне да одлучиш дали треба да продолжиш да возиш?
Во некои земји, кога еден возач ќе достигне одредена возраст и сака да ја обнови својата возачка дозвола, мора да добие одобрување од лекар за да може да продолжи да вози. Христијаните кои живеат во овие земји се послушни на законите и на оние што се овластени од државата да носат одлуки (Рим. 13:1). Но дури и ако нема вакви закони таму каде што живееш, има некои предлози кои ќе ти помогнат да процениш дали е безбедно да возиш.
ПРОЦЕНИ ГО ТВОЕТО ВОЗЕЊЕ
Според Националниот институт за стареење во САД, првото нешто што би можел да го направиш е да си ги поставиш следниве прашања:
Дали тешко ги препознавам знаците на патот или дали навечер не гледам толку добро?
Дали ја губам флексибилноста, што ми отежнува да ја завртам главата и да погледнам во ретровизорите и во мртвите агли?
Дали ми е тешко да реагирам брзо, на пример, кога треба да ја преместам ногата од педалата за гас на педалата за кочење?
Дали возам толку бавно што го попречувам сообраќајот?
Дали во последно време повеќе пати ми се случило за малку да предизвикам сообраќајка, или дали на моето возило има вдлабнатини и гребнатини поради тоа што сум удрил во нешто?
Дали ме има запрено полиција поради моето возење?
Дали ми се има случено да задремам додека возам?
Дали земам лекови кои би можеле да влијаат на возењето?
Дали членовите на моето семејство или пријателите се загрижени поради тоа како возам?
Доколку одговори со „да“ на едно или на две од овие прашања, можеби ќе сакаш да размислиш дали треба да направиш некои промени. На пример, можеби ќе одлучиш да возиш помалку, особено навечер. Редовно прави проценка на твоето возење. Би можел да прашаш некој член на семејството или пријател да ти каже што мисли за тоа како возиш. Исто така, размисли дали би можел да одиш на курс за безбедно возење. Сепак, доколку одговори со „да“ на неколку од прашањата наведени погоре, можеби најдобро би било да престанеш да возиш.a
ДОЗВОЛИ ДА ТЕ ВОДАТ БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА
Можеби не ни е лесно да увидиме дека веќе не сме толку добри возачи како порано. И, идејата да престанеме да возиме можеби е нешто за кое не сакаме ниту да размислуваме ниту да зборуваме. Но, како може библиските начела да ти помогнат да гледаш објективно на твојата ситуација и да донесеш мудра одлука? Да разгледаме две такви начела.
Остани скромен (Изр. 11:2). Како што старееме, нашиот вид, слух, мускули и рефлекси ослабуваат. На пример, како што навлегуваат во години, повеќето луѓе престануваат да играат некои спортови затоа што сфаќаат дека полесно би можеле да се повредат. Нешто слично важи и за возењето. Во одреден момент, едно лице можеби ќе покаже скромност и ќе одлучи да престане да вози поради својата лична безбедност (Изр. 22:3). И, доколку другите му кажат дека се загрижени поради неговото возење, едно скромно лице ќе биде спремно да го земе тоа предвид и да послуша. (Спореди со 2. Самоилова 21:15-17.)
Внимавај да не бидеш виновен за крв (5. Мој. 22:8). Еден автомобил може да биде опасно оружје кога не се управува на безбеден начин. Оној што продолжува да вози и покрај тоа што веќе не е добар возач го изложува на ризик и својот живот и животот на другите. И, доколку предизвика сообраќајна незгода со смртен исход, би можел да биде виновен за крв.
Можеби ти е тешко да донесеш одлука дали да престанеш да возиш. Но, немој да мислиш дека, ако повеќе не возиш, ќе го изгубиш своето достоинство или дека другите нема да те почитуваат. Јехова те сака поради твоите убави особини, меѓу кои се и скромноста, понизноста и грижата за доброто на другите. И, тој ветува дека ќе те поддржува и дека ќе те теши (Иса. 46:4). Јехова никогаш нема да те напушти. Затоа, моли го да ти помогне да се водиш по библиските начела и да постапиш мудро кога одлучуваш дали треба да престанеш да возиш.
a За повеќе информации, види во статијата „Сообраќајни несреќи — дали сте безбедни?“, која излезе во Разбудете се! од 22 август 2002.