СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 46
ПЕСНА 17 „ Сакам“
Нашиот сочувствителен Првосвештеник Исус
Нашиот првосвештеник не е некој што не може да сочувствува со нас во нашите слабости (ЕВР. 4:15)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме зошто може да кажеме дека Исус е најдобриот Првосвештеник што можеме да го имаме, и како ни помага на различни начини денес.
1-2. а) Зошто Јехова го испратил својот Син на Земјата? б) Што ќе разгледаме во оваа статија? (Евреите 5:7-9).
ПРЕД околу 2.000 години, Јехова Бог го испратил својот најскапоцен Син на Земјата. Зошто? Една причина била да го ослободи човештвото од гревот и од смртта и да ја отстрани сета штета што ја предизвикал Сатана (Јован 3:16; 1. Јов. 3:8). Исто така, Јехова знаел дека она што Исус ќе го доживее како човек ќе го подготви да стане наш сочувствителен Првосвештеник. Исус почнал да служи во таа улога по неговото крштавање во 29 год. од н.е.a
2 Во оваа статија ќе видиме како тоа што Исус живеел како човек на Земјата го подготвило да биде сочувствителен Првосвештеник. Многу е важно да го разбереме ова бидејќи така ќе ни биде полесно да му се молиме на Јехова и да бидеме блиски со него, особено кога сме обесхрабрени поради нашите гревови или слабости. (Прочитај Евреите 5:7-9.)
БОЖЈИОТ САКАН СИН ДОАЃА НА ЗЕМЈАТА
3-4. Какви големи промени доживеал Исус кога дошол на Земјата?
3 Многумина од нас доживеале некаква промена на околностите. На пример, можеби сме морале да се отселиме од својот дом и да ги оставиме семејството и пријателите кои многу ги сакаме. Не е лесно да се направат такви промени. Но, ниту еден човек не доживеал толку големи промени како Исус. Тој бил првиот и најважниот ангел на небото. Исус се чувствувал многу сакано од Јехова и секогаш бил радосен бидејќи соработувал директно со својот Татко (Пс. 16:11; Изр. 8:30). Сепак, во Филипјаните 2:7 пишува дека спремно „се [одрекол] од самиот себе“, односно се одрекол од својата возвишена положба на небото за да живее меѓу несовршени луѓе на Земјата.
4 Исто така, размисли за првите години од животот на Исус на Земјата. Тој се родил во сиромашно семејство. Тоа се гледа од скромната жртва што ја принеле неговите родители по неговото раѓање (3. Мој. 12:8; Лука 2:24). Кога дознал дека се родил Исус, злобниот цар Ирод се обидел да го убие. За да го спаси животот на Исус, семејството побегнало во Египет и останало таму некое време (Мат. 2:13, 15). Навистина, животот на Исус на Земјата сосема се разликувал од неговиот живот на небото!
5. Што видел Исус додека бил на Земјата, и како тоа го подготвило за неговата улога како Првосвештеник? (Види ја и сликата.)
5 Додека бил на Земјата, Исус насекаде гледал луѓе кои страдаат. Тој на своја кожа почувствувал што значи да ти почине некој близок, како на пример неговиот очув Јосиф. Освен тоа, Исус сретнал луѓе кои биле лепрозни, слепи, парализирани, како и родители чии деца починале и тој сочувствувал со нив (Мат. 9:2, 6; 15:30; 20:34; Мар. 1:40, 41; Лука 7:13). Точно е дека Исус видел луѓе кои страдаат уште додека бил на небото, но како човек на Земјата можел подобро да разбере како тие се чувствуваат (Иса. 53:4). Она што го доживеал на Земјата, му помогнало да ги разбере чувствата и болките на луѓето. Самиот тој почувствувал што значи да се биде уморен, вознемирен и тажен, нешто што е вообичаено за луѓето.
Исус имал длабоко сочувство кон луѓето околу него и бил заинтересиран низ што минуваат (види во пасус 5)
ИСУС ПОКАЖУВА СОЧУВСТВО КОН ЛУЃЕТО
6. Што учиме од пророштвото на Исаија за сочувството на Исус? (Исаија 42:3).
6 Во текот на својата служба, Исус покажувал големо сочувство кон немоќните и обесправените. Со тоа исполнил едно пророштво. Во Хебрејските списи, успешните и силни луѓе понекогаш се споредени со добро наводнета градина или со високи и силни дрвја (Пс. 92:12; Иса. 61:3; Ерем. 31:12). Но оние што биле сиромашни, беспомошни и со кои се постапувало неправедно, се споредени со згазена трска и со фитил што тлее. (Прочитај Исаија 42:3; Мат. 12:20.) Под водство на светиот дух, пророкот Исаија ги користел овие примери за да прорече каква љубов и сочувство ќе им покаже Исус на луѓето од обичниот народ кои другите ги сметале за безвредни.
7-8. Како Исус го исполнил пророштвото на Исаија?
7 Во своето евангелие, Матеј ги применил на Исус следниве зборови од Исаија: „Згмечена трска нема да здроби и фитилот што тлее нема да го угасне“. Исус направил многу чуда за оние што биле малтретирани од другите и се чувствувале како згмечена трска и за оние што биле безнадежни и се чувствувале како фитил што тлее. На пример, Исус сретнал еден човек кој бил полн со лепра. Тој човек сигурно немал никаква надеж дека некогаш ќе биде излекуван или дека некогаш повторно ќе може да биде заедно со своето семејство и со пријателите (Лука 5:12, 13). Во друга прилика, Исус сретнал човек што бил глув и имал говорна маана. Замисли како се чувствувал тој човек кога гледал како другите разговараат, а не можел ништо да разбере (Мар. 7:32, 33). Но, тоа не е сѐ.
8 Во времето на Исус, многу Евреи верувале дека оние што страдале од некоја болест или хендикеп се всушност казнети за своите или за гревовите на своите родители (Јован 9:2). Поради ваквото погрешно верување, тие честопати биле презирани од другите и сигурно се чувствувале безвредно. Исус ги излекувал тие луѓе и им ја разгорел надежта дека Бог се грижи за нив, и така го исполнил пророштвото на Исаија. Во што нѐ уверува ова?
9. Како зборовите од Евреите 4:15, 16 покажуваат дека нашиот Првосвештеник навистина сочувствува со несовршените луѓе?
9 Прочитај Евреите 4:15, 16. Можеме да бидеме сигурни дека Исус секогаш ќе биде сочувствителен кон нас. Што значи ова? Оној што е сочувствителен е трогнат од страдањата и болката на другите. Грчкиот збор преведен со „сочувствува“ значи навистина да ја почувствуваш тагата и болката на другите. (Види и Евреите 10:34, каде што Павле го користи истиот грчки глагол.) Извештаите за чудата на Исус откриваат колку длабоко сочувство имал тој кон другите. Исус не ги лекувал луѓето само од чувство на должност. Тој вистински се грижел за нив и сакал да им помогне. На пример, Исус можел да го излекува лепрозниот од далеку. Но, наместо тоа, бил поттикнат да го допре тој човек. И, веројатно тоа бил првиот човечки допир што лепрозниот го почувствувал по многу години. Исус покажал обѕир кон глувиот човек со тоа што го тргнал настрана и го излекувал на тивко место каде што немало други луѓе. Исто така, размисли што се случило кога една жена што се покајала за своите гревови му ги измила нозете на Исус со своите солзи. Еден фарисеј бил груб со таа жена, но Исус ја заштитил и строго го прекорил фарисејот (Мат. 8:3; Мар. 7:33; Лука 7:44). Исус никогаш не ги избегнувал оние што биле болни или направиле сериозни гревови. Напротив, ги викал да дојдат кај него и им покажувал дека ги сака. Можеме да бидеме сигурни дека Исус е исто толку сочувствителен и кон нас.
ДА ГО СЛЕДИМЕ ПРИМЕРОТ НА НАШИОТ ПРВОСВЕШТЕНИК
10. Што можеме да користиме денес за да им помогнеме на глувите и на слепите лица? (Види ги и сликите.)
10 Бидејќи сакаме да го следиме примерот на Исус, ние многу се трудиме да покажуваме љубов и сочувство кон другите (1. Пет. 2:21; 3:8). Иако не можеме со чудо да ги излекуваме глувите и слепите, сепак можеме да им помогнеме во духовен поглед. На пример, библиските публикации се сега достапни на преку 100 знаковни јазици. А за оние кои се слепи или со оштетен вид, достапни се публикации на Брајово писмо на преку 60 јазици. Исто така, на преку 100 јазици се достапни видеоклипови со аудиоопис, односно со глас додаден на видеоклипот кој објаснува што се случува на екранот. Сето ова се прави за да им се помогне глувите и слепите лица да се зближат со Јехова и со неговиот Син.
Нашите публикации кои се темелат на Библијата се достапни на повеќе од 1.000 јазици
лево: Преку 100 знаковни јазици
десно: Преку 60 јазици на Брајово писмо
(види во пасус 10)
11. Како Јеховината организација го следи примерот на Исус и покажува сочувство кон најразлични луѓе? (Дела 2:5-7, 33; види ги и сликите).
11 Јеховината организација вложува голем труд за да им помогне на најразлични луѓе. Сети се дека по неговото воскресение, Исус го излеал светиот дух за да можат сите оние кои присуствувале на празникот Педесетница да ја чујат добрата вест на својот јазик. (Прочитај Дела 2:5-7, 33.) Под водство на Исус, организацијата денес обезбедува библиски публикации на повеќе од 1.000 јазици, а некои од нив се јазици што ги зборуваат мал број луѓе. На пример, некои индијански јазици ги зборуваат прилично мал број на луѓе кои живеат во Северна и Јужна Америка. Сепак, организацијата обезбедува публикации на повеќе од 160 такви јазици за да можат колку што е можно повеќе луѓе да ја чујат добрата вест. Исто така, нашите публикации се достапни на повеќе од 20 ромски јазици. Илјадници луѓе кои ги зборуваат тие јазици почнале да му служат на Јехова.
лево: Преку 160 индијански јазици
десно: Преку 20 ромски јазици
(види во пасус 11)
12. Каква друга практична помош обезбедува Јеховината организација?
12 Освен што им помага на луѓето да ја дознаат добрата вест, Јеховината организација им пружа помош на оние што доживеале природни катастрофи. За таа цел, илјадници доброволци се ставаат на располагање за да им помагаат на своите соверници кои имаат потреба. Исто така, организацијата помага да се обезбедат скромни места каде што луѓето ќе можат да се соберат за да учат повеќе за Божјата љубов кон нив.
НАШИОТ ПРВОСВЕШТЕНИК МОЖЕ ДА ТИ ПОМОГНЕ
13. Кои се некои начини на кои Исус ни помага?
13 Како наш добар пастир, Исус се грижи да бидат задоволени духовните потреби на секој од нас поединечно (Јован 10:14; Еф. 4:7). Понекогаш, поради околностите во животот, може да се чувствуваме како фитил што тлее или како згмечена трска. Можеме многу да се обесхрабриме поради некоја тешка болест, некоја грешка што сме ја направиле или поради несогласување со некој соверник. Можеби ни е тешко да се концентрираме на нашата надеж за иднината бидејќи постојано мислиме на болката што ја чувствуваме во моментот. Но, не заборавај дека Исус гледа низ што минуваш и дека ги разбира твоите најдлабоки чувства. Сочувството го поттикнува да преземе нешто за да ти помогне. На пример, тој може да го употреби светиот дух за да ти влее сила кога си слаб (Јован 16:7; Тит 3:6). Освен тоа, Исус може да ги употреби старешините кои се „луѓе како дарови“, како и други соверници за да те охрабри и да ти помогне (Еф. 4:8).
14. Што може да правиме кога сме обесхрабрени?
14 Ако си обесхрабрен, размислувај за улогата на Исус како наш Првосвештеник. Не заборавај дека Јехова го испратил на Земјата не само за да го даде својот живот како откупнина, туку и за да му помогне подобро да ги разбере проблемите со кои се соочуваат несовршените луѓе. Кога сме обесхрабрени поради нашите гревови или слабости, Исус е спремен и сака да ни помогне (Евр. 4:15, 16).
15. Што му помогнало на еден брат повторно да се врати во собранието?
15 Исто така, Исус го води својот народ за да им помогне на оние кои го напуштиле Јехова да се вратат кај него (Мат. 18:12, 13). Размисли за она што го доживеал Стефано.b Откако 12 години бил отстранет од собранието, одлучил да присуствува на еден состанок. Тој вели: „Не ми беше лесно, но сакав повторно да бидам дел од Јеховиното семејство кое е полно со љубов. Старешините кои се состанаа со мене направија да се чувствувам добредојдено. Понекогаш, чувствата на безвредност повторно испливуваа на површина и сакав да се откажам. Но старешините ме потсетуваа дека Јехова и Исус сакаат да истраам. Кога повторно бев примен во собранието, сите браќа и сестри покажаа многу љубов кон мене и кон моето семејство. Подоцна, мојата сопруга почна да ја проучува Библијата и денес му служиме на Јехова како семејство“. Нашиот Првосвештеник кој е полн со љубов сигурно многу се радува кога гледа како оние што се каат ја добиваат помошта што им е потребна за да се вратат во собранието!
16. Зошто си благодарен што имаме еден толку сочувствителен Првосвештеник?
16 Во текот на својот живот на Земјата, Исус им помогнал на многу луѓе кога им била потребна помош. Денес можеме да бидеме потполно сигурни дека тој ќе ни помогне секогаш кога ќе ни биде потребна помош. А во новиот свет кој наскоро ќе дојде тој ќе им помогне на послушните луѓе потполно да се ослободат од влијанието на гревот и на несовршеноста. Многу сме му благодарни на нашиот Бог Јехова кој толку многу нѐ сака што го дал својот Син како наш сочувствителен Првосвештеник!
ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример
a За да дознаеш повеќе за тоа како улогата на Исус како Првосвештеник ја заменила улогата на еврејските првосвештеници, види ја статијата „Цени ја честа да служиш во Јеховиниот духовен храм“ во Стражарска кула од октомври 2023, стр. 26, пас. 7-9.
b Името е сменето.