Трубадурите — повеќе од пејачи на љубовни песни
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
ТРУБАДУРИ и патувачки пејачи — каква претстава Ви создаваат овие зборови? Можеби песни за дворска љубов и витештво. Точно, но трубадурите биле нешто повеќе отколку само тоа. Иако тие веројатно се најпознати по нивните кансо д’амур, односно љубовни песни — поради што најчесто се прикажани со лира во раката пеејќи ѝ серенади на некоја дама, љубовта не била нивниот единствен интерес. Трубадурите биле вклучени во голем дел од општествените, политичките и религиозните прашања од нивното време.
Трубадурите биле во својот полн цут во 12 и 13 век, ширум денешна јужна Франција. Тие биле поети-музичари кои пишувале на оној што бил најелегантен од сите народни романски јазици. Тој јазик бил наречен окa — обичниот јазик на речиси цела Франција јужно од реката Лоара и на граничните области со Италија и Шпанија.
За потеклото на зборот „трубадур“ се дебатира многу, но изгледа дека доаѓа од окитанскиот глагол тробар, кој значи „да компонира, изумува или пронаоѓа“. Така, трубадурите можеле да го пронајдат соодветниот збор или рима за да се вклопат во нивниот елегантен стих. Нивната поезија била пренесена во музика и се пеела. Патувајќи од град во град, честопати придружени од професионални артисти наречени жонглери, трубадурите ги изведувале своите песни во придружба на харфа, гусла, флејта, лира или гитара. Во салоните на богатите луѓе, како и на пазарите или на турнирите, панаѓурите, прославите или гозбите, музичката изведба обично била дел од секоја свечена приредба.
Различни заднини
Трубадурите имале различни заднини. Некои биле родени во истакнати семејства; неколкумина биле цареви; а други биле со поскромно потекло и се издигнале до рангот на трубадури. Некои постигнале висок статус. Многумина биле високообразовани и многу патувале. Сите добиле опсежна обука во правилата на галантност, формите на пристојност, поезијата и музиката. Еден извор вели дека од еден добар трубадур се очекувало „совршено да ги знае сите актуелни новости, да ги повторува сите значајни тези од универзитетите, да биде добро информиран за дворските скандали . . . да може за кратко време да компонира стихови за некој лорд или дама, како и да свири најмалку на два инструмента кои тогаш биле омилени на дворот“.
Развојот на трговијата во 12 век многу ги збогатил јужните области на Франција. Со просперитетот дошле слободното време, образованието и култивираните вкусови за уметноста и елегантниот начин на живот. Големите лордови и дами од Лангдок и Прованса биле најоддадени покровители на трубадурите. Поетите станале високоценети и почнале да имаат големо влијание врз вкусот, модата и манирите на аристократијата. Тие станале татковци на европските балски танци. Меѓутоа, The New Encyclopædia Britannica вели дека „нивното големо достигнување било во тоа што околу дворските дами создале ореол на префинетост и пријатност кој никој дотогаш не го достигнал“.
Ново почитување кон жените
Кога еден маж ќе ѝ отвори врата на некоја жена, ќе ѝ го придржи капутот или ќе направи некаков облик на учтивост во стилот „прво дамите“, кој со векови се запазува во земјите на Западна Европа, тој продолжува еден обичај кој по сѐ изгледа го започнале трубадурите.
Врз средновековните ставови кон женскиот род многу влијаеле црковните учења, според кои жената е одговорна за тоа што мажот паднал во грев и бил протеран од рајот. На неа се гледало како на заводничка, ѓаволско средство, нужно зло. Бракот честопати се сметал за понижена состојба во животот. Црковниот закон допуштал тепање на жените и бркање, што придонело за понижувањето и подјармувањето на жената. Речиси во секој поглед жената се сметала за поинфериорна од мажот. Но, со доаѓањето на трубадурите, мислењата на мажите почнале да се менуваат.
Првиот познат трубадур бил Вилијам IX, војводата од Акитен. Неговата поезија била прва што содржела елементи кои го карактеризирале трубадурскиот единствен концепт на љубовта, кој бил наречен дворска љубов. Провансалските поети ја нарекувале verai’amors (вистинска љубов) или fin’amors (добра љубов). Тоа било нешто револуционерно, бидејќи жената повеќе не била ставана во положба на презрена инфериорност во однос на мажот.
Поезијата на трубадурите ја опсипувала жената со големо достоинство, чест и почит. Таа станала олицетворение на благородните и доблесни особини. Во некои песни се оплакувала студената рамнодушност на дамата кон восхитениот поет. Барем теоретски, љубовта на трубадурот требало да остане чиста. Негова првенствена цел не била поседување на дамата туку, напротив, моралното облагородување што го влевала во него неговата љубов кон неа. За да се направи достоен, амбициозниот поет бил присилен да негува понизност, самосовладување, стрпливост, лојалност и сите благородни особини што ги поседувала таа. Така, љубовта можела да ги преобликува дури и најнекултивираните мажи.
Трубадурите верувале дека дворската љубов е изворот на социјалното и моралното оплеменување, дека учтивите постапки и благородните дела произлегуваат од љубовта. Со проширувањето на оваа идеја, таа станала основата за еден цел кодекс на однесување кое, со текот на времето, било попримено во обичните општествени слоеви. За разлика од феудалното општество, кое било грубо и брутално, започнал еден нов начин на живот. Сега жените очекувале нивните мажи да бидат самопожртвувани, обѕирни и љубезни — да бидат џентлмени.
Наскоро, голем дел од Европа се оддал на вештината на трубадурите. Шпанија и Португалија ги прифатиле нивните теми. Северна Франција ги имала своите трувери; Германија нејзините минесингерси; Италија своите троватори. Темите на трубадурите за дворска љубов, заедно со идеалите за кавалерство, создале еден литературен стил познат како романса.b На пример, спојувајќи го идеалот за дворската љубов со легендите на келтска Бретања, трубадурот Кретјен де Труа ги олицетворил доблестите на великодушноста и заштитата на слабите во сказните за царот Артур и витезите на тркалезната маса.
Нивното влијание во општеството
Иако повеќето трубадурски песни ги величале доблестите на дворската љубов, во други станувало збор за општествените и политичките спорни прашања од тоа време. Мартин Орел, француски автор на La vielle et l’épée (Гуслата и мечот), објаснил дека трубадурите ‚активно учествувале во борбите кои ги раздвојувале нивните современици и дека преку своите композиции трубадурите придонеле дури и за успехот на оваа или онаа фракција‘.
Коментирајќи за единствената положба на трубадурите во средновековното општество, Роберт Сабатиер изјавува: „Никогаш порано на поетите не им бил придаван толкав углед; никогаш порано никој немал толкава слобода на говор. Тие величале и прекорувале, тие се направиле себеси глас на народот, влијаеле врз државната политика и станале носители на нови идеи“ (La Poésie du Moyen Age).
Преносители на вести во нивното време
Со право може да се рече дека долго време пред изумувањето на печатарската преса, трубадурите и другите патувачки пејачи служеле како пренесувачи на вести во нивното време. Средновековните пејачи биле меѓународни патници. Низ сите европски дворови — од Кипар до Шкотска и од Португалија до Источна Европа, каде и да оделе — тие собирале вести и изменувале приказни, мелодии и песни. Ширејќи се брзо по усмен пат од жонглер до жонглер, луѓето ги учеле певливите мелодии на трубадурските песни, што многу влијаело врз јавното мислење и ги потстрекнувало широките народни маси на една или на друга страна.
Една од многуте поетски форми што ги користеле трубадурите е наречена сирвант, што дословно значи „песна на слугата“. Некои од нив ја разобличувале неправдата на владетелите. Други ги прославувале јуначките дела, самопожртвуваноста, великодушноста и милоста, додека ја критикувале варварската суровост, плашливоста, лицемерноста и самозаинтересираноста. Сирвентите од раниот 13 век им даваат на историчарите еден поглед во политичката и религиозната клима на Лангдок во времето на еден голем пресврт.
Критикувањето на Црквата
Со неуспехот на крстоносните војни, многу луѓе почнале да се сомневаат во духовната и световната власт на Католичката црква. Свештенството тврдело дека го претставува Христос, но нивните постапки биле далеку од христијански. Нивната лицемерност, лакомост и корупција станале општо познати. Секогаш барајќи повеќе богатство и политичка моќ, црквените епископи и свештеници им удоволувале на богатите. Со нивното запоставување на духовните потреби на сиромашните и на средната класа, тие неизбежно потстрекнувале разидување.
Во Лангдок многу луѓе од средните класи, како и од благородништвото, биле образовани. Историчарот Х. Р. Тревор-Ропер забележал дека пописмените лаици откриле дека Црквата од 12 век „била многу поинаква од древните модели за кои тврдела дека ги имитира“. Тој додава дека многу луѓе почнувале да си мислат: „Колку само поинаква . . . беше неутврдената Црква пред Константин, Црквата на апостолите . . . на прогонствата: Црква без папа ниту феудални епископи, ниту богати донации, ниту пагански доктрини ниту, пак, нови одредби со цел да го зголемат нејзиното богатство и моќ!“
Лангдок била земја на толеранција. Грофовите од Тулуз и другите јужни владетели му дале религиозна слобода на народот. Валдензитеc ја превеле Библијата на јазикот ок и ревносно ја проповедале, двајца по двајца, низ таа област. Катарите (наречени и албижани) исто така ја ширеле својата доктрина и стекнувале многу преобратеници од редовите на благородништвото.
Многу од трубадурските сирвенти го одразувале разочарувањето на народот од католичкото свештенство, како и непочитувањето и одвратноста кон нив. Една сирвента од Ги де Кавајон го осудува свештенството за тоа што „го напуштило својот првобитен позив“ заради посветовни интереси. Трубадурските стихови на песната го исмевале пеколниот оган, крстот, исповедањето и „светата вода“. Се подбивале на индулгенциите и реликвиите и пишувале сатири за неморалните свештеници и корумпираните бискупи како да се „предавници, лажливци и лицемери“.
Борбата на Црквата против слободата
Но, Римската црква се сметала себеси дека е над секоја империја и царство. Војната станала нејзино средство за моќ. Папата Инокент III го ветил богатството на целиот Лангдок на секоја војска која ќе можела да ги совлада принцевите и да го скрши секое разидување во француските јужни области. Она што следело било еден од најкрвавите периоди на мачење и убивање во француската историја. Тоа станало познато како Албижанска крстоносна војна (1209—1229).d
Трубадурите ја нарекле Лажна крстоносна војна. Нивните песни ја одразувале гневноста поради грубото постапување на црквата со одметниците и поради тоа што папата ги нудел истите индулгенции за убивањето на француските одметници како што нудел и за убивањето на муслиманите, кои се сметале за неверници. Црквата многу се збогатила во текот на Албижанската крстоносна војна и Инквизицијата што следела. На семејствата им било одземено наследството, а нивната земја и домовите биле конфискувани.
Обвинети дека се катарски еретици, повеќето трубадури побегнале во помалку непријателските земји. Оваа крстоносна војна го означила крајот на окитанската цивилизација, нејзиниот начин на живот, нејзината поезија. Инквизицискиот закон прогласил дека е противзаконски да се пее, па дури и да се потпевнува некоја трубадурска песна. Но, нивната оставнина продолжила да живее. Всушност, нивните антиклерикални песни го подготвиле тлото за она што ќе стане реформација. Навистина, трубадурите можат да се запомнат по нешто повеќе освен по нивните љубовни песни.
[Фусноти]
a Латинскиот кој е наследен од римските легиони, наречен римски, до тоа време се развил во два народни јазика на Франција: Во Јужна Франција се зборувал јазикот ок (познат и како окитански, односно провансалски), додека во Северна Франција се зборувал јазикот оил (ран облик на францускиот кој понекогаш е наречен старофранцуски). Овие два јазика се разликувале еден од друг по зборот што се користел за „да“. На југот тоа бил ок (од латинското hoc); на северот оил (од латинското hoc ille), кој станал современото француско oui.
b Секое дело напишано на северниот или на јужниот народен јазик било наречено роман. Бидејќи во многу од овие витешки раскази се зборувало за чувството на дворската љубов, тие станале стандард за сѐ што се сметало за романса или за нешто романтично.
c Види Стражарска кула од 1 јануари 1982, страници 14—17 (срп.), издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Извор на слика на страница 18]
Printer’s Ornaments/by Carol Belanger Grafton/Dover Publications, Inc.
Bibliothèque Nationale, Paris
[Слика на страница 19]
Минијатура од еден манускрипт од 12 век
[Извор на слика]
Bibliothèque Nationale, Paris