Кој ќе ги заштити нашите деца?
ОХРАБРУВАЧКИ е да се знае дека злоупотребата на деца сега се признава како проблем од светски размери. Плановите за помош како што е Стокхолмскиот конгрес против комерцијална сексуална експлоатација на децата, на кој присуствуваа претставници од 130 земји, му посветија внимание на овој проблем.
Освен тоа, некои земји сега донесуваат закони кои го забрануваат секс туризмот и детската порнографија. Други, пак, прават попис на познати педофили, со што го ограничуваат нивниот лесен пристап до децата.
Потоа, има и такви кои се залагаат за подобар живот на децата со тоа што донесуваат закони за нивна заштита. Освен тоа, некои земји, како и поединци, одбиваат да купуваат производи добиени со користење детски труд.
Иако, без сомнение, ги поздравуваме таквите напори да се ослободи општеството од злоупотреба на деца, мораме да бидеме реални и да признаеме дека злоупотребата на деца има многу длабоки корени во човечкото општество. Би било наивно да се мисли дека едно толку едноставно решение како што е некој закон, би обезбедило целосна заштита на децата. Веќе се изгласани многу закони, но проблемот и понатаму постои. Самото тоа што природното право на детство мора да се штити со долга низа закони, веќе е вистинска осуда за возрасните делинквенти во светот.
Законите не се конечна заштита за децата. Треба само да ги погледнеме резултатите од такви значајни законодавства како што се Конвенцијата за правата на детето при ОН, што ја потпишаа многу влади. Добро е документирано дека многу и од овие влади, притиснати од економските ограничувања, не прават доволно за да ја запрат експлоатацијата на нивните деца. Злоупотребата на деца и понатаму е голем меѓународен проблем.
Родителите можат да направат многу
Успешното родителство е напорна работа. За него е потребно жртвување. Но, грижливите родители треба да се погрижат да не бидат жртви нивните деца. Списанието Maclean’s забележува дека честопати „на родителството се гледа како на хоби“. Една играчка може да се отфрли или некое хоби да се прекине, но родителството е одговорност дадена од Бог.
Тоа што ќе бидете добар родител е еден од најскапите подароци што можете да му ги дадете на своето дете, бидејќи така ќе му помогнете да има среќно, сигурно детство. Таквата сигурност не зависи од социјалниот или од економскиот статус во животот. На Вашето дете сте му потребни Вие — Вашата љубов и наклоност, Вашето смирување кога се чувствува загрозено, и Вашето време. Детето сака да Ви го слуша гласот кога раскажувате приказни, сака Вие да му бидете пример за имитирање и ја сака Вашата стега полна со љубов.
Што се однесува до сексуалниот морал — родители, одржувајте ги вашите семејни односи со скромност и почит кон мислите и телото на вашите деца. Децата многу брзо учат кои постапки ги преминуваат моралните граници што им ги поставуваат родителите. Треба да бидат поучени како да се однесуваат и внатре и надвор од домот. Ако пропуштите вие да ги поучите, тогаш некој друг ќе го направи тоа наместо вас, а резултатот можеби нема да ви се допадне. Поучете ги децата како да реагираат ако некогаш некој им се заканува во морален поглед. Нека научат зошто служат интимните делови на телото и поучете ги дека тие не треба да бидат злоупотребени. Кажете им како да реагираат ако им пристапи некој кој сака да ги искористи.
Во секое време бидете информирани каде се Вашите деца и кој е со нив. Кои се блиските пријатели на Вашето дете? Кои се тие што се грижат за детето додека не сте дома? Можете ли да имате доверба во нив? Се разбира, тоа не значи дека родителот мора да се сомнева во секого. Исправно проценете ги возрасните кои се вклучени во животот на Вашето дете, гледајќи под надворешниот изглед.
Помислете на длабоката болка на родителите кои предоцна откриле дека нивните деца биле злоупотребувани од свештеници, наставници, па дури и од блиски членови на семејството во кои имале доверба. Би било добро Вие како родител да се запрашате: ‚Дали мојата црква толерира или прикрива злоупотреба на деца? Дали мојата религија цврсто се држи за високи морални начела?‘ Одговорите на ваквите прашања можат да Ви помогнат да направите мудар избор при заштитата на Вашите деца.
Над сѐ, обидете се да им помогнете да ги запознаат и да ги засакаат начелата на Творецот, кои ќе им помогнат да се заштитат од лошо. Кога децата ќе видат како нивните родители ги почитуваат високите морални начела, тие поспремно ќе го следат нивниот добар пример.
Единственото вистинско решение
Се разбира, ниту законите ниту потешките казни нема сами по себе да ги заштитат нашите деца. Творецот лично, преку својата инспирирана Реч, Библијата, може успешно да спроведе чисто однесување, променувајќи го размислувањето на ѕверските луѓе во размислување на љубезни и морални членови на секоја заедница.
Веќе се покажало дека ова е возможно. Многумина прекинале со поранешниот сладострастен живот. Сега тие даваат жив доказ за моќта на Божјата реч. Но, иако ова е еден чекор во исправен правец, повеќето од изопачените престапници нема да се променат. Тоа е причината зошто Јехова Бог ветил дека сите кои ги искористуваат нашите деца наскоро ќе бидат отстранети од земјата — заедно со нивните филозофии, страсти и алчност (1. Јованово 2:15—17).
Потоа, во Божјиот нов свет, кога повеќе нема да има сиромаштија, сите деца ќе се радуваат на неизбрзано и немалтретирано детство, кое е право што им го дал Бог. Тоа нема да значи само крај на злоупотребата на деца туку и крај на сите болни сеќавања кои денес ги нарушуваат животите на луѓето: „Поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат“ (Исаија 65:17).
Значи, во Божјиот нов свет, на еден величествен начин зборовите на Исус Христос ќе добијат вистинско значење: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно [влада над Земјата, рајскиот дом на човештвото]“ (Матеј 19:14).
[Слика на страница 9]
Помогнете им на своите деца да ги научат намерите и начелата на Творецот
[Слика на страница 9]
Тактично поучете ги своите деца како да реагираат ако некој сексуално им се заканува
[Слика на страница 9]
Тоа што ќе бидете добар родител е скапоцен подарок за Вашите деца
[Слики на страница 10]
Во Божјиот нов свет, сите деца целосно ќе уживаат во своето детство