Помош за жртвите на тортура
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ДАНСКА
„ПОЛЕСНО Е ДА СЕ ИЗЛЕЧАТ СКРШЕНИ КОСКИ ОТКОЛКУ ДА СЕ ИЗЛЕЧИ СКРШЕНА ДУША“ (Д-р Инге Генефке).
ЕДЕН млад човек се шета по мирната улица во еден европски град и застанува пред некој излог за да го разгледа. Одеднаш, рацете му затреперуваат. Колената му се тресат. Се фаќа за вратот како да се гуши. На стаклото штотуку го видел одразот на двајца полицајци во униформа. Младиот човек не прекршил ниеден закон и нема причина да се плаши. Сепак, самата глетка на луѓе во униформа го враќа на едно место оддалечено илјадници километри и во едно време пред многу години, кога бил жртва на тортура.
Можеби е ваква приказната на милиони мажи, жени, па дури и деца. Таква би можела да биде и приказната на некого што го познавате. Жртвата на сурово малтретирање можеби е бегалец или имигрант кој се преселил во Вашето соседство. Неговите деца можеби одат на училиште заедно со Вашите. Можеби го познавате како тивок, мирен, пристоен сосед кој обично е повлечен. Но, надворешниот изглед може да измами; тој може да ги крие внатрешниот немир на жртва која се бори со сеќавањата на физичко или душевно страдање во минатото. Секоја глетка — или звук — може да предизвика во мислите да му се вратат ужасите од минатото. Една таква жртва објаснува: „Секогаш кога ќе чујам како плаче некое бебе, помислувам на луѓето што ги слушав како плачат во затворот. Секогаш кога ќе чујам фучење во воздухот, се сеќавам на стапот што замавнуваше горе долу — на звукот што го правеше пред да ме удри“.
Тортурата не спаѓа само во доменот на политичките екстремистички и терористички групи. Во некои земји ја користат воените и полициските сили. Зошто? Тортурата може да биде брз и ефикасен начин за да се добијат информации, да се извлече признание, да се дојде до обвинувачко сведоштво или да се изврши одмазда. Според д-р Инге Генефке од Данска, водечки експерт на полето на тортурата, во некои случаи владите „дошле на власт и ја одржуваат својата позиција служејќи се со тортура“. Една жртва се изразила вака: „Тие сакаа да ме скршат за да можат другите да видат што им се случува на оние што ја критикуваат владата“.
Мислата за тортура на други човечки суштества, многу луѓе стриктно ги потсетува на Средниот век. Во 1948, Обединетите нации ја усвоија Универзалната декларација за човековите права, која наведува: „Никој нема да биде предмет на тортура или на сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување“ (член 5). Меѓутоа, некои експерти веруваат дека 35 проценти од бегалците во светот доживеале тортура. Зошто тортурата е толку раширена? Како влијае врз жртвите и што можеме да направиме за да им помогнеме?
Последиците
Не изненадува тоа што многу жртви на тортура бегаат од својата татковина за да започнат нов живот на некое друго место. Но, иако местото може да се промени, страдањето — физичко и психичко — продолжува. На пример, жртвата може да има чувства на вина затоа што не можела да ги заштити пријателите или роднините од малтретирање. Исто така, може да стекне длабока недоверба во другите, плашејќи се дека секој што ќе го сретне би можел да биде поткажувач. „Жртвата на тортура засекогаш ќе биде туѓинец“, вели писателот Карстен Јенсен. „Засекогаш ја изгубила довербата во светот.“
Резултатот е една комбинација од физичка и душевна траума која може да ја збуни жртвата и секого што ќе се обиде да ѝ помогне. Понекогаш физичките проблеми можат лесно да се излечат, но тоа не е случај и со психичките проблеми. „На почетокот мислевме: ‚Добро, ќе им ги составиме коските и потоа можат да си заминат дома‘“, признава д-р Генефке. „Но, наскоро сфативме дека нив ги измачува болката во срцето.“ Меѓутоа, д-р Генефке забележува: „Се изненадивме кога сфативме дека е возможно да им се олесни и да им се помогне на жртвите, дури и ако поминале многу години“.
Во 1982, во Државната болница во Копенхаген, заедно со други дански лекари, д-р Генефке отвори едно мало одделение за лекување бегалци кои биле жртви на тортура. Од тие мали почетоци израсна една глобална мрежа која е позната под името Меѓународен совет за рехабилитација на жртвите на тортура (IRCT). Од своето седиште во Копенхаген, советот раководи со работата на укажување помош во повеќе од 100 центри ширум светот. Во текот на годините, советот научи многу во врска со лекувањето на жртвите на тортура.
Како да се даде поддршка
Честопати е корисно жртвите да зборуваат за она што го доживеале. „Пред околу 20 години“, вели еден информативен весник на IRCT, „жртвите на тортура честопати биле жртви во двојна смисла. Прво, со тоа што биле изложени на физички/психички чин на тортура, и второ, со тоа што не можеле да зборуваат за тоа.“
Точно, не е пријатно да се зборува за една толку болна тема како што е тортурата. Но, ако настраданиот сака да му се довери на некој пријател, а пријателот одбива да слуша, тогаш настраданиот би можел да западне во уште подлабок очај. Затоа, важно е жртвата да биде уверена во тоа дека некој се грижи за неа. Се разбира, никој не треба да се меша во личните работи на другиот. На крајот, самата жртва треба да одлучи дали, кога и кому ќе му се довери (Изреки 17:17; 1. Солуњаните 5:14).
Повеќето експерти препорачуваат да се обрне внимание не само на физичките туку и на душевните аспекти на тортурата. Кај некои жртви, во рехабилитацијата е потребна професионална помош. Начините на лекување вклучуваат вежби на дишење и комуникација.a Обично, прво треба да се излечат чувствата на срам. Еден терапевт ѝ рекол на една жена која повеќепати била силувана и тепана: „Нормално и разбирливо е да чувствувате срам. Но, запомнете дека не треба да се срамите Вие. Тоа е срам на луѓето кои Ви го направиле тоа“.
Преживеани од концентрационите логори
За време на II светска војна, милиони луѓе трпеа ужасни понижувања во Хитлеровите концентрациони логори. Меѓу нив имаше илјадници Јеховини сведоци кои беа прогонувани заради тоа што одбиваа да се откажат од своите религиозни верувања. Нивната вера непобитно им помогна да истраат во тие мачни околности. Како?
Долго време пред да бидат затворени, овие христијани биле внимателни проучувачи на Божјата реч. Затоа, тие не биле збунети кога се појавиле испити ниту, пак, го обвинувале Бог кога нивното страдање не престанувало. Проучувајќи ја Библијата, Сведоците дознале зошто Бог го допушта злото и дека ќе му стави крај во свое време. Библиската студија ги научила дека Јехова „ја сака правдата“ и дека се гневи кога луѓето ги малтретираат другите луѓе (Псалм 36:28; Захарија 2:8, 9).
Се разбира, многу од оние што ги преживеале концентрационите логори, морале да се справат со трауматичните последици од нивното премреже. При тоа, тие биле многу зајакнати затоа што го следеле советот на апостол Павле. Додека Павле венеел во еден римски затвор, што е ситуација која сигурно му донела голема вознемиреност, тој им напишал на соверниците: „За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 1:13; 4:6, 7).
Проучувајќи ја Библијата, овие чувари на интегритетот разбрале дека Бог ветил дека ќе ја претвори земјата во рај, каде што конечно ќе бидат избришани болните последици на понижувањата како што е тортурата.
Јеховините сведоци им ја пренесуваат оваа библиски заснована надеж на своите ближни во повеќе од 230 земји. Немирните услови во светот ги доведуваат во контакт со многумина кои страдале заради тоа што човекот постапувал нечовечно со другите луѓе. Кога ќе сретнат жртви на тортура, Сведоците настојуваат да им го пренесат на овие поединци библиското ветување за една светла иднина. Колку само се среќни што ја пренесуваат радосната вест за едно време во иднината кога тортурата ќе биде работа на минатото! (Исаија 65:17; Откровение 21:4).
[Фуснота]
a Разбудете се! не препорачува некое посебно лекување. Христијаните треба да бидат сигурни дека некое лекување што го применуваат не е во спротивност со библиските начела.
[Истакната мисла на страница 24]
„НИКОЈ НЕМА ДА БИДЕ ПРЕДМЕТ НА ТОРТУРА ИЛИ НА СУРОВО, НЕЧОВЕЧНО ИЛИ ПОНИЖУВАЧКО ПОСТАПУВАЊЕ ИЛИ КАЗНУВАЊЕ“ (член 5, Универзална декларација за човековите права).
[Рамка на страница 25]
КАКО МОЖЕТЕ ДА ПОМОГНЕТЕ
АКО ПОЗНАВАТЕ НЕКОГО КОЈ СЕ ОПОРАВУВА ОД ПОСЛЕДИЦИТЕ НА ТОРТУРА, МОЖАТ ДА ВИ КОРИСТАТ СЛЕДНИВЕ ПРЕДЛОЗИ:
● Покажете соживување. Би можеле да речете: „Знам дека има многу неволји во земјата од која доаѓате. Како излегувате на крај?“ (Матеј 7:12; Римјаните 15:1).
● Не мешајте се и не бидете премногу упорни за да помогнете. Наместо тоа, бидете љубезни и обѕирни. Жртвата нека знае дека сте спремни да ја сослушате (Јаков 1:19).
● Избегнувајте да бидете премногу услужливи. Не лишувајте го настраданиот од неговата самопочит или од неговата приватност. Целта е да го поделите товарот со оној што страда, а не да се обидувате сосема да го носите.