Младите прашуваат . . .
Зошто ми е толку тешко да живеам со мојот цимер?
„Јас сум уреден, многу уреден. Но, кога ќе се вратам дома, мојот цимер е испружен на подот и гледа ТВ — а насекаде има хартии и пуканки. Секогаш кога одам дома, пред очи ми е сликата на тоа што ќе го видам, и си велам: ‚Не ми се влегува внатре‘“ (Дејвид).
„Мојата цимерка беше разгалено детиште. Мислам дека си замислуваше дека со нас живеат слугинка и батлер. И секогаш сакаше сѐ да биде по нејзино“ (Рене).a
„ТОА што ќе научиме да ги толерираме специфичностите на некој туѓинец може да нѐ научи . . . на флексибилност и на уметност на компромис“, навела една статија во U.S.News & World Report. „Но, процесот на учење честопати е болен“. Оние што некогаш имале цимер ќе се согласат со тоа.
Многу студенти живеат со цимер за да ги намалат високите трошоци на школувањето. Други млади се преселуваат да живеат со цимер затоа што сакаат да бидат независни од своите родители. Меѓу младите христијани, многу избрале да живеат со цимер за да се грижат за духовните интереси (Матеј 6:33). Тие утврдуваат дека поделбата на животните трошоци со некого им помага да служат како полновремени евангелизатори. Исто така, животот со цимер понекогаш е дел од мисионерскиот живот и од службата во различни подружници на канцелариите на Јеховините сведоци.b
Разбудете се! разговараше со повеќе млади мажи и жени што живееле со цимери. Сите се согласуваат дека цимерот може да биде многу повеќе отколку само некој што помага да се плати киријата — цимерот може да биде извор на друштво, некој со кого ќе се разговара и заедно ќе се прави нешто. „Останувавме будни и си правевме женски муабети или едноставно гледавме филмови“, се сеќава Лин. „Цимерот може и да те охрабри“, вели Рене. „Понекогаш кога одиш на работа, се трудиш да ги платиш сите свои сметки и да проповедаш, убаво е да имаш цимер што ќе те охрабри.“
Па сепак, да се живее со цимер — особено со некој што воопшто не го познаваш — може да претставува голем предизвик. U.S.News & World Report забележува во врска со средината во колеџите: „И покрај обемните напори што ги прават многу училишта да изберат соодветни цимерски двојки, вообичаени се незадоволителни исходи“. Всушност, познато е дека конфликтите меѓу цимери на колеџ се заостриле до степен на насилство! Затоа се појавија Интернет Веб-сајтови што им овозможуваат на учениците да ги излеат своите навидум бескрајни фрустрации во врска со своите цимери. Зошто честопати е тешко да се живее со цимер?
Да се живее со некој што не го познаваш
„Животот со цимер е донекаде интересно искуство“, вели Марк. „Не знаеш каков навистина ќе биде тој.“ Всушност, помислата да се живее со некој со кого имаш малку или ништо заедничко може да биде прилично вознемирувачка. Навистина, христијаните би требало да имаат многу заеднички нешта и многу работи за разговор. Сепак, Дејвид признава: „Многу се плашев од помислата дека ќе имам цимер“.
Меѓутоа, испаднало дека Дејвид и неговиот цимер имале слично минато. Но, не се вклопуваат толку добро сите парови. Марк вели: „Мојот прв цимер едноставно не зборуваше многу. Кога живееш со некого, навистина треба да разговараш. Но, тој не разговараше. Тоа навистина ме нервираше“.
Разликите во потеклото можат да предизвикаат и други стресови и напнатости. Лин вели: „Кога првпат почнуваш да живееш самостојно, сакаш сѐ да биде по твое. Но, наскоро откриваш дека треба да мислиш и на други луѓе“. Всушност, излегувањето од сигурното засолниште на домот на твоето семејство може да претставува вистински шок кога ќе откриеш колку поинакви гледишта можат да имаат другите луѓе.
Различно потекло, различни начини
Многу зависи од воспитувањето — или невоспитувањето — што некој го добил од своите родители (Пословици 22:6). Младиот Фернандо вели: „Јас сум уреден, а мојот цимер беше неуреден. Да го земеме за пример шифоњерот: Тој сакаше да ги расфрла работите. Јас сакав да ми висат на закачалка“. Понекогаш разликите во мерилата одат од една во друга крајност.
Рене се сеќава: „Имав цимерка чија спална дословно личеше на магацин! Имав и цимерки што не ја чистеа масата по оброкот или ги оставаа чиниите во мијалникот два или три дена“. Да, кога станува збор за работата низ дома, некои цимери изгледаат како отелотворение на зборовите од Пословици 26:14: „Како што вратата се врти на своите стожери, така и мрзливиот на својата постела“.
Од друга страна, пак, можеби не е толку забавно да се живее и со некого што е претерано уреден. Младата Ли вели за една своја цимерка: „Што се однесува до неа, требаше да се чисти секој час. Во никој случај не сум неуредна, но понекогаш оставав на креветот некои работи, на пример книги. А таа сметаше дека треба да ја контролира ситуацијата“.
Цимерите можат да имаат и свои сфаќања за личната хигиена. Марк објаснува: „Мојот цимер станува во последен момент. Трча до лавабото, ја попрскува косата со вода и излегува низ врата“.
Разликите во потеклото и личноста можат да влијаат врз изборот на забавата и рекреацијата. „Не сакаме иста музика“, вели Марк за својот цимер. Меѓутоа, онаму каде што има заемна почит таквите разлики можат да бидат корисни и можеби ќе им помогнат на двата цимера да ги збогатат своите вкусови. Но, најчесто таквите разлики водат до расправии. „Јас сакам шпанска музика“, вели Фернандо, „но мојот цимер секогаш ја критикува.“
Телефонот — проблем
Користењето на телефонот може да биде една од најголемите причини за расправија. Марк вели: „Јас сакам да си легнам. Но, мојот цимер останува до доцна и разговара по телефон. По некое време тоа може да почне да те нервира“. И Лин се сеќава: „Понекогаш пријателките на мојата цимерка се јавуваа во три или четири часот наутро. Ако не беше дома таа, морав да станам јас и да одговорам“. Решението? „Секоја си набави свој телефон“.
Меѓутоа, не можат сите млади да си дозволат да имаат свој телефон и многу од нив се присилени да си го делат истиот. Тоа може да ја постави сцената за некои многу напнати моменти. Рене се сеќава: „Една моја цимерка одеше со еден дечко и честопати со часови висеше на телефон. Еден месец направи сметка од 90 долари. Таа очекуваше секоја од нас да плати дел бидејќи бевме договорени сите подеднакво да си ја делиме сметката“.
И самото доаѓање на ред на телефон може да биде уште едно спорно прашање. „Бев цимерка со една девојка што беше постара од мене“, се сеќава Ли. „А имавме само еден телефон. Јас висев на телефон цело време затоа што имав многу пријатели. Таа никогаш не велеше ништо. Си мислев дека, ако сака да го користи телефонот, ќе ми каже. Сега сфаќам дека сум била безобѕирна.“
Недостиг на приватност
„На секого му треба време само за себе“, вели Дејвид. „Понекогаш имам потреба само да лежам и да не правам ништо“. Меѓутоа, да се најдат моменти на приватност може да биде предизвик кога го делиш својот стан со некого. „Сакам да имам време да бидам сам“, се согласува Марк. „Затоа, мене најтешко ми паѓаше недостигот на приватност. Мојот цимер и јас имаме ист распоред. Така, тешко ми е да најдам приватност.“
Дури и на Исус Христос понекогаш му требало време за да биде сам (Матеј 14:13). Затоа, може да биде фрустрирачки кога, поради присуството на цимерот, е тешко, ако не и невозможно, да читаш, да проучуваш или да медитираш. Марк вели: „Тешко е да проучуваш затоа што секогаш се случува нешто. Тој има покането пријатели, зборува по телефон, гледа ТВ или слуша радио“.
Сепак, колку и да е тешко да се справуваш со цимер, илјадници млади успешно го направиле тоа. Натамошните статии од оваа серија дискутираат за некои практични начини како да се направи успешен животот со некого.
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Иако овие совети им се упатени на младите, можат да бидат корисни и за постарите луѓе што живеат со цимер откако им се промениле околностите како, на пример, откако им умрел брачниот другар.
[Слика на страници 16 и 17]
Различните вкусови во музиката можат да претставуваат предизвик
[Слика на страница 18]
Недостигот на обѕир може да создаде напнати односи