Конкорд одлета во историјата на авијацијата
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
По 27 години стаж, Конкорд — „единствениот суперсоничен патнички авион во светот“ — замина во пензија. Наведувајќи ги како причина сѐ повисоките трошоци и сѐ помалиот број патници, во октомври 2003 British Airways ја повлече од комерцијална употреба својата последна флота од седум Конкорди. Пет месеци претходно Air France, единствениот друг корисник на овие авиони што имаат карактеристични крила во облик на грчката буква делта, престана да ги користи своите пет авиони.
Така заврши едно поглавје од историјата на авијацијата што започна во 1962, кога неколку британски и француски инженери ги здружија своите сили за да конструираат суперсоничен авион што ќе лета на големи далечини. Првобитните модели ги направија своите први летови во 1969, и комерцијалниот суперсоничен транспорт стана реалност во јануари 1976, со летовите во Бахреин и Рио де Жанеиро.
Конкорд можеби претставуваше технолошки успех, но тој беше комерцијален неуспех. Тешко беше да се прифатат нафтените кризи во 1970-тите, бидејќи овој авион голта преку 25.600 литри гориво на час — трипати повеќе гориво на еден патник отколку што троши стандарден авион. Исто така, хендикеп на Конкорд беше тоа што не можеше да лета на релации подолги од 6.900 километри и имаше многу мал капацитет од само 100 патници. Затоа, не беше економичен за да го користат авионските компании. Друга пречка за зголемувањето на популарноста на Конкорд беше отпорот што се појави во Соединетите Држави уште во почетокот, наводно поради бучавата што ја предизвикува.
Друг проблем беше цената. Билетите чинеа илјадници долари. Затоа, релативно малку патници можеа да си дозволат да летаат со Конкорд. Со своето мени со врвни специјалитети, според кое се служи шампањ, паштета од џигери и кавијар, Конкорд „го овозможуваше најубавото патување што човек може да го доживее“, навел некој бизнисмен. „Тој го нудеше најголемиот луксуз, а тоа е времето. Летот не е баш најудобен. Но, чувството е неверојатно.“
Побрз од сонцето?
Во текот на својата кариера, Конкорд транспортирал речиси четири милиони патници — што и не е толку многу луѓе ако се земе предвид дека светската флота на Боинг 747 транспортира толку луѓе само за неколку недели. Според тоа, зошто Конкорд беше толку посебен авион?
Размислете за ова: Конкорд леташе со брзина од 2.150 километри на час — двапати побрзо од звукот — на надморска височина од 18.000 метри. Се движеше толку брзо што во текот на летот овој авион долг 62 метри се издолжуваше уште за 24 сантиметри поради топлината што се јавува од триењето. Редовното патување со Конкорд од Париз до Њујорк траеше само 3 часа и 55 минути — речиси двапати помалку време од стандарден лет. Летот беше толку брз што поради временската разлика, патниците што летаа на запад, пристигнуваа во Њујорк порано од времето кога тргнале од Париз!
Кариерата на Конкорд е оцрнета само со една фатална несреќа. На 25 јули 2000, еден авион на Air France се урна при полетување од аеродромот Шарл де Гол во Париз, при што загинаа 113 луѓе, вклучувајќи и 4 лица што биле на земја. Откако беа направени различни промени за да се зголеми безбедноста, по една година Конкорд повторно почна да лета. Но, економијата конечно надвладеа.
Конкорд, кој немаше ниту конкурент ниту наследник, ќе ја помине својата заслужена пензија во воздухопловните музеи во светот. Жан-Сирил Спинета, директор на Air France, коментира: „Конкорд никогаш нема навистина да престане да лета затоа што ќе продолжи да живее во фантазијата на луѓето“.
[Слики на страница 18]
Горе: Се служи шампањ
Во средина: Главниот пилот во пилотската кабина
Долу: Првобитен модел на Конкорд, Франција, 1968
[Извор на слика]
Сите фотографии освен првобитниот модел: NewsCast; првобитен модел: AFP/Getty Images