Воспитување тинејџери — улогата на мудроста
„Даваме сѐ од себе за да ги изведеме синот и ќерката на прав пат, но ни се чини дека постојано ги караме за нешто. Понекогаш не сме сигурни дали им ја градиме или им ја рушиме самодовербата. Тешко ни е да најдеме некаква средина“ (Џорџ и Лорен, Австралија).
ДА СЕ ВОСПИТА тинејџер не е лесна задача. Освен проблемите што постојано им ги прави детето, родителите мора да ги надминат и своите грижи поврзани со фактот дека нивното дете расте. „Нѐ растажува и самата помисла дека еден ден децата ќе си заминат од дома“, признава Френк, еден татко од Австралија. „Не е лесно да се прифати фактот дека повеќе немаш контрола над нивниот живот.“
Лија, која веќе ја цитиравме, се согласува со тоа. „Тешко ми е да постапувам со син ми како со возрасен човек. За мене тој сѐ уште е моето мало синче“, вели таа. „Како вчера да беше кога тргна на училиште!“
Тинејџерите не се повеќе мали деца, сеедно колку ти е тешко да го прифатиш тоа. Тие се во еден ‚период на транзиција‘, на пат да станат возрасни луѓе, а родителите и наставниците имаат улога да ги водат низ тој период. Меѓутоа, како што претходно спомнаа Џорџ и Лорен, родителите можат да му ја изградат, но и да му ја срушат самодовербата на детето. Како родителите да најдат една златна средина? Во Библијата има совети што можат да им помогнат (Исаија 48:17, 18). Да разгледаме некои од нив.
Неопходна е добра комуникација
Библијата ги советува христијаните да бидат ‚брзи на слушање‘ и ‚бавни на зборување‘ (Јаков 1:19). Иако овој совет е добар за родители на деца на која било возраст, особено е важен за оние родители чии деца се тинејџери. Но, за тоа е потребен голем напор.
„Кога моите синови влегоа во пубертет, морав да научам повешто да комуницирам со нив“, вели Питер, еден татко од Британија. „Кога беа помали, јас и жена ми само ќе им кажевме што да сторат, и тие ќе нѐ послушаа. Но, бидејќи сега се поголеми, мораме да расудуваме со нив, да разговараме и да им помогнеме самите да сфатат што треба да сторат. Со други зборови, треба да им допреме до срцето“ (2. Тимотеј 3:14).
Особено е важно да се слуша кога ќе дојде до несогласување (Изреки 17:27). Даниела од Британија го потврдува тоа од лично искуство. Таа раскажува: „Со една од ќерките имав проблем бидејќи дрско ми одвраќаше секојпат кога ќе ѝ кажев да направи нешто. Но, таа ми рече дека постојано ѝ викам и ѝ командувам. Проблемот го решивме дури откако седнавме и внимателно се сослушавме. Таа ми опиша како се чувствува поради начинот на кој ѝ се обраќам, а јас ѝ објаснив какви се моите впечатоци и чувства“.
Бидејќи била ‚брза на слушање‘, Даниела сфатила кој бил вистинскиот проблем. Таа вели: „Сега се обидувам да бидам стрплива со ќерка ми и да разговарам со неа откако ќе ми помине лутината... Почнавме подобро да се сложуваме“.
Во Изреки 18:13 читаме: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“. Грег, еден татко од Австралија, се уверил во тоа. „Понекогаш доаѓаше до несогласување со децата бидејќи, наместо најпрвин да ги сослушаме и да се потрудиме да сфатиме низ што минуваат, јас и жена ми веднаш почнувавме да им држиме лекции“, вели тој. „Сега, дури и ако воопшто не ни се прифатливи нивните ставови, сфативме колку е важно да им дозволиме да си ги изразат чувствата пред да почнеме да ги исправаме или да ги советуваме.“
Колкава слобода да им се даде?
Најчеста причина за несогласување меѓу родителите и тинејџерите се ставовите околу тоа колку треба да им се допушти на децата. „Дај ѝ прст, ќе побара цела рака“, вели еден татко за својата ќерка.
Јасно е дека ќе има лоши последици ако на младите им се даде неограничена слобода. „Дете распуштено ја срамоти мајка си“, предупредува Библијата (Изреки 29:15). На младите им се потребни јасни семејни правила, без разлика на која возраст се, а родителите треба со љубов — но и доследно — да се грижат истите да се почитуваат (Ефешаните 6:4). Сепак, на младите треба да им се допушти извесна слобода за да научат како да донесуваат мудри одлуки кога ќе пораснат.
Размисли за ова — како си научил да одиш. Кога си бил мало бебе, морале да те носат. По некое време си почнал да лазиш и, на крајот, да одиш. Се разбира, на едно детенце што проодило сѐ уште му треба заштита. Затоа, родителите те пазеле, а на опасните места, на пример кај скалите, ставиле дури и ограда за да не паднеш. Сепак, ти дозволувале да се движиш и сам за да можеш, по многу неизбежни падови, да научиш да одиш без никаков проблем.
Ова можеме да го споредиме со начинот на кој родителите им помагаат на своите деца да се осамостојат. На почетокот, тие „ги носат“ своите деца, односно донесуваат одлуки наместо нив. Подоцна, кога децата ќе покажат дека станале позрели, родителите им дозволуваат да „лазат“, т.е. им допуштаат некои одлуки да ги донесат сами, иако притоа им поставуваат и ограничувања кои се за нивно добро. Колку повеќе децата созреваат толку почесто родителите ќе им дозволуваат да „одат“ сами. На тој начин, кога ќе станат возрасни, ќе бидат способни да си ‚го носат својот товар‘ (Галатите 6:5).
Корисен библиски пример
Имаме причини да веруваме дека, кога Исус имал 12 години, неговите родители му дале извесна слобода. Меѓутоа, тој не ја злоупотребил. Напротив, ‚им бил послушен‘ додека ‚растел, напредувал во мудроста и уживал сѐ поголема наклоност кај Бог и кај луѓето‘ (Лука 2:51, 52).
Родителите би можеле да го следат овој пример ако на детето му дадат слобода според неговата зрелост. Разгледај ги следниве изјави од неколку родители што го сториле тоа.
„Порано се трудев да ја контролирам секоја постапка на моите деца. Подоцна почнав да ги поучувам за начела и им дозволував да донесуваат одлуки во склад со она што го знаат. По извесно време забележав дека размислуваат повнимателно пред да донесат некоја одлука“ (Су Хјун, Кореја).
„Мене и маж ми секогаш нѐ фаќа страв кога треба да им дадеме на децата поголема слобода за нешто, но не дозволуваме поради стравот да им ја скратиме таа слобода, бидејќи покажале дека ја заслужуваат“ (Дарија, Бразил).
„Сфатив дека е многу важно да го пофалувам мојот 17-годишен син секогаш кога ќе покаже дека исправно ја користи слободата што му ја давам. Исто така, и самата ги почитувам правилата што му ги поставувам. На пример, му кажувам каде ќе одам и што ќе правам. Секогаш кога доцнам, му се јавувам за да не ме мисли“ (Ана, Италија).
„На нашите синови често им ставаме на знаење дека самостојноста не е нешто на кое имаат право, туку нешто што ќе треба да го заслужат“ (Питер, Британија).
Нема бегање од последиците
Библијата вели: „Добро е човек да го носи јаремот во младоста своја“ (Плач Еремиин 3:27). Еден од најдобрите начини на кои некој младинец може да го носи јаремот на одговорноста е преку искуство да се увери дека „човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7).
Некои добронамерни родители ги штитат своите деца од последиците што ги носат непромислените одлуки. На пример, да претпоставиме дека едно дете трошело пари за глупости и заглавило во долг. Каква поука би му дале родителите ако едноставно му го исплатат долгот? Од друга страна, што ќе научи ако му помогнат да смисли план за да може самиот да се оддолжи?
Родителите им прават на своите деца лоша услуга кога не им дозволуваат самите да научат какви се последиците од неодговорните постапки. Наместо да стане позрело, детето ќе научи дека секогаш ќе има кој да го извлече од некоја лоша ситуација, да ги отстрани тешките последици и да ја поправи бељата. Многу подобро би било родителите да им дадат шанса на своите деца да го пожнеат она што го посеале и да научат како да ги решаваат проблемите. Ова е многу важно за нивната ‚моќ на согледување преку искуство да биде извежбана да разликуваат добро и зло‘ (Евреите 5:14).
„Личност во развој“
Неоспорно е дека родителите на деца на тинејџерска возраст имаат една тешка задача. Понекогаш, додека се трудат да ги воспитаат своите деца ‚со стега од Јехова, помагајќи им да го усвојат неговиот начин на размислување‘, тие се толку разочарани што плачат (Ефешаните 6:4).
Но, имај на ум дека добар родител не е оној што го контролира своето дете, туку оној што го поучува и му помага да стекне исправни ставови (5. Мојсеева 6:6-9). Се разбира, ова е полесно да се рече отколку да се стори. „Станува збор за личност во развој“, вели Грег, кој беше цитиран претходно. „Тоа значи дека ќе мора постојано да ја запознаваме оваа нова личност и да се усогласуваме со неа.“
Труди се да ги следиш библиските начела што беа обработени во оваа статија. Имај разумни очекувања од своите деца и секогаш биди им најдобриот пример на кој ќе се угледаат. Библијата вели: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“ (Изреки 22:6).
[Истакната мисла на страница 7]
Децата треба да се осамостојуваат постепено, како кога проодувале
[Истакната мисла на страница 8]
На 12-годишна возраст, Исус имал извесна мера слобода
[Рамка на страница 7]
„Кој ги држи конците в рака“
Ако твоето дете не сака ограничувања, тоа не значи дека треба да престанеш да му ги поставуваш. Не заборавај дека тинејџерите немаат речиси никакво животно искуство и дека ним сѐ уште им треба водство (Изреки 22:15).
Во својата книга, Џон Розмонд вели: „Поради емоционалните промени кај децата, родителите се чувствуваат принудени да им дадат поголеми одговорности што тие не можат да ги исполнат, само за да не дојдат во судир со нив. Токму тогаш би требало да го сторите спротивното — да им покажете кој ги држи конците в рака, наместо да им дозволите да прават што сакаат. Иако е сигурно дека тоа нема да им одговара, ставете им на знаење дека, сепак, вие го имате последниот збор“ (New Parent Power!).
[Рамка на страница 9]
Дали заслужува поголема слобода?
Има тинејџери што бараат повеќе слобода, но не ја заслужуваат, а има и такви што би можеле да ја имаат, но родителите неправедно им ја скратуваат. Некаде помеѓу овие две крајности може да се најде златната средина. Како можеш да го сториш тоа? За почеток, разгледај го списокот подолу и размисли на кои подрачја твоето дете покажува дека е одговорно.
□ Друштво
□ Избор на гардероба
□ Располагање со парите
□ Враќање дома навреме
□ Домашни обврски
□ Училиште
□ Извинување
□ Разно ․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․․
Ако твоето дете покажува зрелост на неколку од овие подрачја, зошто да не му дадеш поголема слобода?
[Слика на страница 7]
Дозволи им да си ги изразат чувствата пред да почнеш да ги исправаш или да ги советуваш
[Слика на страници 8 и 9]
Родителите треба да направат од своите деца одговорни луѓе