Што вели Библијата
Самоодбрана — кога е оправдана?
СРЕД ноќ те буди ненадеен, силен звук. Слушаш чекори. Некој ти провалил во куќата. Чиниш срцето ќе ти излета од гради. Сиот испаничен, не знаеш што да направиш.
Секој може да се најде во ваква ситуација. Криминалот, па дури и насилните злосторства, повеќе не се карактеристика само за некои земји или за поголемите градови. Уплашени од ваквата појава, многу луѓе купуваат оружје или учат боречки вештини со цел да се заштитат. Во некои земји законот дозволува убиство во самоодбрана. Но, што вели Библијата? Дали е оправдано да се послужиш со насилство за да се одбраниш себеси или своето семејство?
Бог го мрази насилството
Библијата го осудува насилството, но и оние што го вршат. Во врска со Јехова, псалмистот Давид рекол: „Душата Негова многу го мрази оној што го сака насилството“ (Псалм 11:5). Бог осудил неколку древни народи, меѓу кои и неговиот сопствен народ, бидејќи биле виновни за насилство и крвопролевање (Јоил 3:19; Михеј 6:12; Наум 3:1). Според законот што му бил даден на Израел, дури и ненамерното убиство се сметало за големо злосторство (5. Мојсеева 22:8).
Библијата нѐ поттикнува да живееме мирољубиво, со што ќе се избегнат многу причини за насилство. Насилните пресметки честопати започнуваат со караници. Библијата вели: „Кога снемува дрва, огнот згаснува, и кога нема клеветник, караницата престанува“ (Изреки 26:20). Ако останеш смирен, тоа може да го стивне гневот и да спречи да дојде до физичка пресметка. Апостол Павле напишал: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18).
Кога животот ти е во опасност
Мирољубивоста не е гаранција дека никогаш нема да доживееш физички напад. Верните Божји слуги отсекогаш биле жртви на насилни злосторства (1. Мојсеева 4:8; Јов 1:14, 15, 17). Што да направи некој што е жртва на вооружен грабеж? Исус рекол: „Не спротивставувајте му се на оној што е злобен“ (Матеј 5:39). „На оној што ти ја зема горната облека, не прикратувај му ја ни долната“ (Лука 6:29). Тој не одобрувал употреба на оружје за да се заштитат материјалните поседи. Ако некој е нападнат од вооружен крадец, најмудро би било да му ги отстапи своите скапоцености. Животот вреди многу повеќе од нив!
Но, што ако постои опасност напаѓачот да ти го одземе животот? Повеќе за тоа можеме да дознаеме од еден закон што Бог му го дал на древниот Израел. Оној што дење ќе убиел крадец фатен на дело, одговарал за убиство. Освен тоа, можело да се дознае кој е крадецот и да биде казнет според Законот. Но, ако натрапникот бил убиен ноќе, домаќинот бил ослободен од казна бидејќи во мракот не можел да види што прави провалникот и да процени каква му е намерата. Домаќинот со право можел да заклучи дека семејството му е во опасност и да стори нешто за да го одбрани (2. Мојсеева 22:2, 3).
Тоа покажува дека, во случај на физички напад, Библијата допушта човек да се брани себеси или своето семејство. Тој може да ги спречи ударите, да го фати напаѓачот, па дури и да му нанесе удар за да го зашемети или да го онеспособи. Целта е да се стивне гневот на напаѓачот или да се запре нападот. Од таа причина, ако во таква ситуација напаѓачот добие сериозни повреди или биде убиен, неговата смрт ќе се смета за случајна, а не за намерна.
Најдобрата заштита
Јасно е дека разумната самоодбрана е оправдана во некои околности. Секој има право да се заштити себеси и своите најблиски од физички напад или од смртна опасност. Никаде во Библијата нема заповед што забранува да се браниме во разумна мера. Сепак, би било мудро да сториме сѐ што можеме за да избегнеме ситуации што можат да водат до физичка пресметка (Изреки 16:32).
Библијата нѐ поттикнува да ‚бараме мир‘ и да ‚одиме по него‘ (1. Петрово 3:11). Ова е многу практичен совет што ни помага да останеме во мир со другите.
ШТО МИСЛИШ?
◼ Зошто треба да избегнуваме насилство? (Псалм 11:5).
◼ Што е најмудро да сториме ако сме жртва на вооружен грабеж? (Изреки 16:32; Лука 12:15).
◼ Кој став кон насилството ќе ни помогне да не се најдеме во опасност? (Римјаните 12:18).
[Истакната мисла на страница 11]
Во случај на физички напад, Библијата допушта лицето да се брани себеси или своето семејство