Јануари
Среда, 1 јануари
Изнесуваа мртовец, син единец на својата мајка, која беше вдовица (Лука 7:12)
Исус прво ја здогледал ужалената мајка, а потоа се сожалил на неа (Лука 7:13). Но, Исус не само што чувствувал жал за мајката, туку и покажал сочувство кон неа. Тој ѝ се обратил, без сомнение со топлина во гласот, велејќи: „Не плачи“. Потоа презел нешто за да ѝ помогне. Тој го воскреснал момчето и го предал на мајка му (Лука 7:14, 15). Што учиме од чудото на Исус кога го воскреснал синот на вдовицата? Учиме дека треба да покажуваме сочувство кон оние што се ужалени. Исто како него, можеме да развиваме сочувство за ужалените со тоа што внимателно ќе набљудуваме. Можеме да преземеме иницијатива и да покажеме сочувство така што со нашите зборови и постапки ќе сториме сѐ што можеме за да им помогнеме и да ги утешиме (Изр. 17:17; 2. Кор. 1:3, 4; 1. Пет. 3:8). Дури и едноставните зборови и некој мал љубезен гест можат многу да им значат (w23.04 5-6, пас. 13-15).
Четврток, 2 јануари
Оваа болест не е за умирање, туку за слава Божја (Јован 11:4)
И покрај тоа што знае дека неговиот пријател само што умрел, Исус останува таму каде што е уште два дена, а потоа тргнува за Витанија. Значи, кога Исус пристигнува во Витанија, Лазар е мртов веќе четири дена. Исус има намера да направи нешто за својот пријател што ќе му донесе слава на Јехова (Јован 11:6, 11, 17). Од овој извештај учиме нешто и за пријателството. Размисли за следново: Кога Марија и Марта ја испратиле пораката до Исус, тие не го замолиле да дојде во Витанија. Тие само му пренеле дека неговиот драг пријател е болен (Јован 11:3). Кога Лазар умрел, Исус можел да го воскресне и покрај тоа што се наоѓал на друго место. Сепак, Исус решил да оди во Витанија за да биде со своите пријателки Марија и Марта. Дали имаш пријател кој е спремен да ти помогне без да го бараш тоа од него? Ако да, тогаш знаеш дека можеш да сметаш на неговата помош секогаш кога си во неволја (Изр. 17:17). По примерот на Исус, и ние да им бидеме такви пријатели на другите (w23.04 10, пас. 10-11).
Петок, 3 јануари
Зашто е верен оној што го дал ветувањето (Евр. 10:23)
Додека трае некоја тешка ситуација, можеби имаме чувство дека новиот свет никогаш нема да дојде. Дали ова значи дека имаме слаба вера? Не мора да значи. Да разгледаме една споредба. Среде една многу ладна зима, може да ни се чини дека летото никогаш нема да дојде. Но, летото сепак ќе дојде. Слично на тоа, кога сме многу обесхрабрени, може да имаме чувство дека новиот свет никогаш нема да дојде. Но, кога нашата вера е силна, ние знаеме дека Божјите ветувања ќе се исполнат (Пс. 94:3, 14, 15; Евр. 6:17-19). Ако имаме таква доверба, тогаш обожавањето на Јехова и понатаму ќе го ставаме на прво место во животот. Размисли за уште едно подрачје на кое ни е потребна силна вера — проповедничкото дело. Многу луѓе сметаат дека добрата вест за Божјиот нов свет е премногу добра за да биде вистинита (Мат. 24:14; Езек. 33:32). Никогаш да не дозволиме нивното сомневање да ја поткопа нашата доверба во ветувањето на Јехова. За да не ни се случи тоа, мора постојано да си ја зајакнуваме верата (w23.04 27, пас. 6-7; 30, пас. 14).
Сабота, 4 јануари
Знаеме дека ќе го добиеме она што сме го барале, зашто тоа сме го барале од него (1. Јов. 5:15)
Дали некогаш си се прашувал: „Одговара ли Јехова на моите молитви?“ Ако да, тогаш не си единствениот. Многу браќа и сестри си го поставувале ова прашање, особено додека минувале низ некој тежок период. Кога имаме некоја мака, можеби и нам ни е тешко да увидиме на кој начин Јехова одговара на нашите молитви. Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова одговара на молитвите на своите слуги? Библијата нѐ уверува дека Јехова многу нѐ сака и дека сме скапоцени за него (Агеј 2:7; 1. Јов. 4:10). Токму затоа, тој нѐ поттикнува да бараме помош од него во молитва (1. Пет. 5:6, 7). Јехова сака да ни помогне да останеме блиски со него и успешно да се справиме со тешкотиите. Во Библијата има многу примери од кои се гледа дека Јехова одговара на молитвите на своите слуги. Можеш ли да се сетиш на некој таков пример? (w23.05 8, пас. 1-4).
Недела, 5 јануари
Марија рече: „Мојата душа го велича Јехова“ (Лука 1:46)
Марија имала близок личен однос со Јехова. Нејзината вера не зависела од она што го правел Јосиф. Таа добро ги познавала светите списи. Исто така, таа си одвојувала време за длабоко да размислува (Лука 2:19, 51). Без сомнение, тоа што Марија била духовна личност ѝ помогнало да биде одлична сопруга. Денес, многу сопруги се трудат да постапуваат како Марија. На пример, една сестра по име Емико, вели: „Пред да стапам во брак, си имав свој план за духовните активности. Но откако се омажив, сфатив дека мојата вера почна да зависи од она што го правеше мојот сопруг бидејќи тој се молеше за нас и предводеше во духовните активности. Сфатив дека самата морам да се погрижам да останам блиска со Јехова. Затоа, сега си одвојувам време за да бидам насамо со мојот Бог — да се молам, да ја читам Библијата и длабоко да размислувам за она што го читам“ (Гал. 6:5). Сопруги, ако продолжите да си го зајакнувате своето пријателство со Јехова, вашиот сопруг ќе има уште повеќе причини да ве фали и да ве сака (Изр. 31:30; w23.05 22, пас. 6).
Понеделник, 6 јануари
Ќе ве научам да се боите од Јехова (Пс. 34:11)
Ние не се раѓаме со страв од Јехова — мора да го развиеме. Еден начин на кој можеме да го постигнеме тоа е така што ќе го набљудуваме творештвото. Колку повеќе ги гледаме мудроста, моќта и љубовта на Бог во работите што ги создал, толку повеќе ќе растат нашата почит и нашата љубов кон него (Рим. 1:20). Друг начин на кој може да стекнеме страв од Бог е така што редовно ќе се молиме. Колку повеќе му се молиме на Јехова, толку пореален ни станува. Секојпат кога го молиме да ни даде сила за да истраеме во некоја неволја, се потсетуваме колку голема моќ има. Секогаш кога му благодариме на Јехова за тоа што го дал неговиот Син како жртва за нас, се потсетуваме колку многу нѐ сака. А кога сесрдно го молиме да ни помогне да се справиме со некој проблем, одново се потсетуваме колку мудар е тој. Ваквите молитви уште повеќе ја продлабочуваат нашата почит кон Јехова. Освен тоа, тие ја зголемуваат нашата решеност да избегнуваме сѐ што би можело да му наштети на нашето пријателство со него (w23.06 15, пас. 6-7).
Вторник, 7 јануари
Јехова е наш Законодавец (Иса. 33:22)
Јехова секогаш му давал на својот народ јасни закони. На пример, водечкото тело од првиот век кажало на кои три начини христијаните мора да покажат цврст став: 1) така што ќе го отфрлат идолопоклонството и ќе го обожаваат само Јехова, 2) така што ќе ја почитуваат светоста на крвта и 3) така што ќе живеат според библиските високи морални мерила (Дела 15:28, 29). Како можат христијаните денес да покажат цврст став на овие три подрачја? Со тоа што ќе го обожаваат Јехова и ќе му бидат послушни. Тој им заповедал на Израелците да му покажуваат оддаденост само нему (5. Мој. 5:6-10). А кога бил искушуван од Ѓаволот, Исус јасно кажал дека мора да го обожаваме само Јехова (Мат. 4:8-10). Затоа, ние не обожаваме никакви идоли. Исто така, не идолизираме луѓе, односно не гледаме на нив како да се богови — без разлика дали се верски водачи, политички владетели или ѕвезди од светот на спортот и забавата. Ние го обожаваме само оној кој создал сѐ (Отк. 4:11; w23.07 14-15, пас. 3-4).
Среда, 8 јануари
Од страв од Јехова човекот се трга од злото (Изр. 16:6)
Светот на Сатана е опседнат со сексуален неморал и порнографија (Еф. 4:19). Затоа, мора да развиваме страв од Бог и да се тргаме од злото. Во Изреки поглавје 9, читаме за две симболични жени. Едната ја претставува мудроста, а другата ја претставува глупавоста. И двете им упатуваат една покана на неискусните, односно на неразумните. Секоја од нив, на некој начин, вели: „Дојди во мојата куќа и јади“ (Изр. 9:1, 4-6). Но, оние што треба да одлучат која покана ќе ја изберат, на крај имаат сосем различни резултати во зависност од изборот што го направиле. Размисли за поканата на „глупавата жена“ (Изр. 9:13-18). Таа бесрамно ги кани оние што се неразумни да дојдат во нејзината куќа и да бидат на гозба со неа. Кој е резултатот? „Нејзините гости се во длабочините на гробот.“ Библијата нѐ предупредува да се чуваме од „блудница“ и од „прељубница“. Во неа е запишано: „Нејзината куќа тоне во смртта“ (Изр. 2:11-19). Во Изреки 5:3-10 има предупредување во врска со една друга „блудница“, чии „нозе слегуваат кон смртта“ (w23.06 22, пас. 6-7).
Четврток, 9 јануари
Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе (Фил. 4:5)
Старешините мора да остават добар пример со својата разумност (1. Тим. 3:2, 3). На пример, еден старешина не треба да очекува дека неговото мислење секогаш ќе биде прифатено само затоа што е постар од другите старешини. Тој има на ум дека Јеховиниот дух може да поттикне кој и да било старешина да каже нешто со што ќе помогне да се донесе мудра одлука. Ако повеќето старешини се согласуваат околу некоја одлука со која не се крши библиско начело, еден разумен старешина ќе ја поддржи таа одлука дури и ако тој лично има поинакво мислење. Кога сме разумни, тоа ни користи на многу начини. Имаме подобри односи со браќата и сестрите, а во собранието владее мир. Се радуваме што во Божјиот народ има луѓе со различни карактери и од различни култури, но сите заедно обединето му служиме на Јехова како семејство. А што е најважно, среќни сме што знаеме дека на тој начин го следиме примерот на нашиот разумен Бог, Јехова (w23.07 25, пас. 16-17).
Петок, 10 јануари
Ќе разберат оние што се разборити (Дан. 12:10)
Даниел ги проучувал пророштвата со исправен мотив — сакал да ја знае вистината. Исто така, Даниел бил понизен и знаел дека Јехова ќе им помогне да ги разберат пророштвата на оние што го познаваат и што живеат според неговите мерила (Дан. 2:27, 28). Тој покажал дека е понизен со тоа што барал помош од Јехова (Дан. 2:18). Освен тоа, Даниел бил темелен. Тој ги истражувал светите списи кои постоеле во негово време (Ерем. 25:11, 12; Дан. 9:2). Како можеш да го следиш примерот на Даниел? Преиспитај ги твоите мотиви. Дали ги проучуваш библиските пророштва затоа што имаш силна желба да ја знаеш вистината? Ако да, Јехова ќе ти помогне (Јован 4:23, 24; 14:16, 17). Некои луѓе можеби го прават тоа со надеж дека ќе најдат докази дека Библијата не е книга од Бог. Тие мислат дека, ако Библијата не е од Бог, тогаш можат самите да одлучуваат што е исправно, а што погрешно. Но, ние треба да проучуваме од исправен мотив (w23.08 9, пас. 7-8).
Сабота, 11 јануари
Ако се обесхрабриш, ќе ослаби твојата сила (Изр. 24:10)
Може да се оптовариме себеси со нереалистични очекувања доколку се споредуваме со другите (Гал. 6:4). Ако го правиме тоа, би можеле да станеме завидливи и да почнеме да се натпреваруваме со нив (Гал. 5:26). Трудејќи се да го постигнеме она што другите го постигнале, би можеле да си наштетиме бидејќи би правеле нешто што е над нашите можности или нешто што околностите не ни го дозволуваат. Ако „од предолго исчекување се разболува срцето“, тогаш колку повеќе ќе бидеме обесхрабрени доколку имаме очекувања кои никогаш не можеме да ги исполниме (Изр. 13:12). Тоа може да ни ја исцрпи силата и да нѐ успори во нашата трка за живот. Не очекувај од себеси повеќе отколку што очекува Јехова од тебе. Тој никогаш не очекува да му дадеш нешто што немаш (2. Кор. 8:12). Биди сигурен дека Јехова не го споредува она што ти го правиш со она што го прават другите (Мат. 25:20-23). Тој ги цени твојата служба што ја вршиш со сета душа, твојата верност и твојата истрајност (w23.08 29, пас. 10-11).
Недела, 12 јануари
Зар сега да умрам од жед? (Суд. 15:18)
Јехова одговорил на молитвата на Самсон така што со чудо направил извор од кој потекла вода. Извештајот вели: „Кога Самсон се напи, му се врати силата и живна“ (Суд. 15:19). По сѐ изгледа, овој нов извор постоел и со години подоцна, кога пророкот Самоил под водство на светиот дух ја напишал книгата за Судиите. Кога ќе го виделе тој извор, Израелците можеби се потсетувале дека, ако се потпираат на Јехова, тој ќе им помага на своите верни слуги кога имаат некаква потреба. И ние треба да бараме помош од Јехова без разлика какви способности или таленти имаме и без разлика што сме постигнале во службата за него. Треба да бидеме скромни и да признаеме дека ќе можеме да го направиме она што Јехова го бара од нас само ако се потпираме на него за помош. Исто како што Самсон добил сила кога се напил од водата што Јехова му ја дал, и ние ќе бидеме духовно зајакнати ако го користиме сето она што Јехова ни го дава за да ни помага (Мат. 11:28; w23.09 4, пас. 8-10).
Понеделник, 13 јануари
Благиот одговор го смирува гневот, а остриот збор предизвикува лутина (Изр. 15:1)
Што може да правиме кога ќе се најдеме во некоја напната ситуација, како на пример кога некој кажува лоши работи за нашиот Бог или ја исмева Библијата? Треба да го молиме Јехова да ни даде свет дух и мудрост за да реагираме на благ начин. Што може да правиме ако подоцна сфатиме дека не сме реагирале исправно? Можеме повторно да се молиме во врска со тоа и да размислиме како би можеле следен пат да постапиме на подобар начин. За возврат, Јехова ќе ни даде свет дух за да можеме да останеме смирени и да покажеме благост. Некои библиски стихови можат да ни помогнат да зборуваме смирено кога се наоѓаме во тешки ситуации. Божјиот дух може да нѐ потсети на тие стихови (Јован 14:26). На пример, начелата што се наоѓаат во книгата Изреки можат да ни помогнат да бидеме благи (Изр. 15:18). Оваа библиска книга исто така ни помага да сфатиме зошто е добро за нас да останеме смирени во стресни ситуации (Изр. 10:19; 17:27; 21:23; 25:15; w23.09 15, пас. 6-7).
Вторник, 14 јануари
Секогаш ќе ве потсетувам на ова (2. Пет. 1:12)
Апостол Петар верно му служел на Јехова многу години. Тој го придружувал Исус додека проповедал, го започнал проповедничкото дело меѓу не-Евреите, а подоцна станал член на водечкото тело. Кон крајот на неговиот живот, кога бил свесен дека наскоро ќе умре, Јехова му дал уште една задача. Во периодот околу 62-64 год. од н.е., под водство на светиот дух, тој напишал две писма — библиските книги Прво и Второ Петрово (2. Пет. 1:13-15). Петар ги напишал своите писма во време кога неговите соверници биле разжалостени поради разни искушенија (1. Пет. 1:6). Злобни луѓе се обидувале да воведат лажни учења и нечисто однесување во христијанското собрание (2. Пет. 2:1, 2, 14). Христијаните кои живееле во Ерусалим наскоро ќе се соочеле со „крајот на сѐ“ — уништувањето на тој град и неговиот храм од страна на римската војска (1. Пет. 4:7). Без сомнение, писмата на Петар им помогнале на христијаните да сфатат што можат да прават за да останат верни и покрај искушенијата што ги имале, и како да се подготват за идните искушенија (w23.09 26, пас. 1-2).
Среда, 15 јануари
[Христос] се научи на послушност од она што го претрпе (Евр. 5:8)
Слично како Исус, и ние честопати се учиме на послушност кога сме во тешки околности. На пример, на почетокот од пандемијата со КОВИД-19, добивме упатство да не ги одржуваме состаноците во нашите сали и да прекинеме да проповедаме од куќа до куќа. Дали ти беше тешко да го послушаш ова упатство? Сепак, твојата послушност те заштити, придонесе да се зачува единството во собранието и го радуваше Јехова. Сега, сите ние сме подобро подготвени за да го послушаме кое и да било упатство што ќе го добиеме за време на големата неволја. Нашиот живот ќе зависи од тоа! (Јов 36:11). Ние избираме да му бидеме послушни на Јехова првенствено затоа што го сакаме и имаме желба да го радуваме (1. Јов. 5:3). Никогаш нема да можеме да му се оддолжиме на Јехова за сето она што тој го направил за нас (Пс. 116:12). Но, можеме да му бидеме послушни нему и на оние кои имаат авторитет над нас. Ако сме послушни, покажуваме дека сме мудри, а кога сме мудри, го радуваме Јеховиното срце (Изр. 27:11; w23.10 11, пас. 18-19).
Четврток, 16 јануари
Обожавајте го оној што ги создаде небото и земјата! (Отк. 14:7, фус.)
Доколку некој ангел би зборувал со тебе, дали би слушал што има да ти каже? Денес, еден ангел му зборува „на секој народ и племе и јазик и народност“. Што им вели тој? „Бојте се од Бог и оддајте му слава... Обожавајте го оној што ги создаде небото и земјата“ (Отк. 14:6, 7, фус.). Јехова е единствениот вистински Бог кому секој треба да му служи. Многу сме му благодарни што ни ја дал скапоцената можност да му служиме во неговиот голем духовен храм! Што точно е духовниот храм, и каде можеме да најдеме повеќе информации за него? Духовниот храм не е дословна градба. Тој го претставува сето она што Јехова го овозможил преку жртвата на Исус Христос за да можат луѓето да му служат на исправен начин. Апостол Павле објаснил нешто повеќе во врска со ова во писмото што им го напишал на христијаните со еврејско потекло кои живееле во Јудеја во првиот век (w23.10 24, пас. 1-2).
Петок, 17 јануари
„Не со воена сила, ниту со моќ, туку со мојот дух“, вели Јехова (Зах. 4:6)
Во 522 год. пр.н.е, непријателите на Евреите успеале да ја убедат персиската власт да ја забрани изградбата на Јеховиниот храм. Но, Захарија ги уверил Евреите дека Јехова ќе го употреби својот моќен свет дух за да ја отстрани секоја пречка. Во 520 год. пр.н.е., цар Дариј ја укинал забраната и им дозволил на Евреите да продолжат со изградбата на храмот, па дури им ги дал и потребните средства за тоа. Исто така, тој им наредил на локалните управители да им ја пружат потребната помош (Езра 6:1, 6-10). Јехова му ветил на својот народ дека ќе ја има неговата поддршка ако во својот живот на прво место ја стави изградбата на храмот (Агеј 1:8, 13, 14; Зах. 1:3, 16). Охрабрени од пророците, Евреите што се вратиле во Ерусалим почнале повторно да го градат храмот во 520 год. пр.н.е. и за помалку од пет години завршиле со работата. Бидејќи Евреите ја ставиле Јеховината волја на прво место и покрај многуте проблеми што ги имале, Јехова им помогнал. Како резултат на тоа, тие му служеле на Јехова со радост (Езра 6:14-16, 22; w23.11 15, пас. 6-7).
Сабота, 18 јануари
Оди по стапките на таа вера, која ја имаше нашиот татко Авраам (Рим. 4:12)
Иако многу луѓе слушнале за Авраам, повеќето не знаат многу работи за него. Но, ти знаеш многу за овој Божји слуга. На пример, знаеш дека Авраам е наречен „татко на сите што веруваат“ (Рим. 4:11). Сепак, можеби се прашуваш: „Можам ли да одам по стапките на Авраам и да имам вера како неговата?“ Секако дека можеш! Еден начин на кој можеме да развиеме вера каква што имал Авраам е така што ќе го проучуваме неговиот пример. Авраам секогаш го правел она што Бог го барал од него — се преселил во далечна земја, со години живеел во шатори и бил спремен да го жртвува својот сакан син Исак. Авраам ги направил сите овие работи бидејќи имал силна вера во Јехова. Со својата вера и со своите дела, Авраам го стекнал одобрувањето од Јехова и затоа станал негов пријател (Јак. 2:22, 23). Јехова сака сите ние — вклучувајќи те и тебе — да ги доживееме истите благослови. Од таа причина, со својот свет дух, Јехова ги поттикнал библиските писатели Павле и Јаков да се осврнат на примерот на Авраам (w23.12 2, пас. 1-2).
Недела, 19 јануари
Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување (Јак. 1:19)
Сестри, треба да научите добро да комуницирате со другите. За христијаните ова е многу важно. Во врска со ова, Јаков ни дал добар совет кога ги напишал зборовите од денешниот стих. Кога внимателно слушаш додека другите зборуваат, покажуваш сочувство кон нив (1. Пет. 3:8). Ако не си сигурна дали добро си разбрала што ти кажал некој или како се чувствува, постави му соодветни прашања. Потоа, застани за момент и размисли пред да кажеш нешто (Изр. 15:28). Прашај се: „Дали она што ќе го кажам е вистина и дали е охрабрувачки? Дали со тоа ќе покажам почит и дали е обѕирно?“ Учи од зрелите сестри кои добро комуницираат со другите (Изр. 31:26). Обрни внимание на начинот на кој тие зборуваат. Колку подобро ќе ги научиш овие вештини, толку полесно ќе ти биде да се спријателиш со другите и да бидеш во мир со нив (w23.12 21, пас. 12).
Понеделник, 20 јануари
Оној што се изолира, се спротивставува на секоја мудрост (Изр. 18:1)
Денес, Јехова може да ни ја даде потребната поддршка преку семејството, пријателите или старешините. Сепак, кога имаме некоја емоционална болка, можеби сакаме да се изолираме и да бидеме сами. Тоа е нормална реакција. Што можеме да правиме за да ја добиеме Јеховината поддршка? Бори се против желбата да се изолираш. Кога се изолираме, може да почнеме да мислиме само на себе и на проблемите низ кои минуваме. Овој начин на размислување може да влијае врз одлуките што ги носиме. Се разбира, сите ние имаме потреба понекогаш да бидеме сами, особено кога ќе доживееме нешто трагично. Но, ако се изолираме подолг временски период би можело да се случи да ја отфрлиме помошта од луѓето кои Јехова ги користи за да ни помогне. Затоа, колку и да ти е тешко во такви моменти, прифати ја помошта од твоето семејство, од пријателите и од старешините. Гледај на нив како на некој што Јехова го користи за да ти помогне (Изр. 17:17; Иса. 32:1, 2; w24.01 24, пас. 12-13).
Вторник, 21 јануари
Брич да не поминува по неговата глава (4. Мој. 6:5)
Назарејците се заветувале дека нема да ја потстрижуваат косата. Тоа било еден начин на кој покажувале дека му се потполно оддадени на Јехова. За жал, во израелската историја имало периоди кога назарејците не биле ценети ниту поддржувани. Понекогаш, назарејците требало да бидат многу храбри за да се држат за својот завет и да се разликуваат од другите (Амос 2:12). Бидејќи одлучуваме да му бидеме послушни на Јехова, и ние се разликуваме од другите. Потребна ни е храброст за да им кажеме на нашите соученици или колеги дека сме Јеховини сведоци. Како што условите во светот и однесувањето на луѓето сѐ повеќе се влошуваат, веројатно ќе ни биде сѐ потешко да живееме во склад со библиските начела и да им ја проповедаме добрата вест на другите (2. Тим. 1:8; 3:13). Но, секогаш имај на ум дека ние го радуваме срцето на Јехова кога сме храбри и кога се разликуваме од оние кои не му служат (Изр. 27:11; Мал. 3:18; w24.02 16, пас. 7; 17, пас. 9).
Среда, 22 јануари
Примајте се еден со друг (Рим. 15:7)
Размисли за разликите кои постоеле во собранието во Рим. Во него имало Евреи кои од мали биле воспитувани да му бидат послушни на Мојсеевиот закон. Но, во него имало и луѓе од други народи кои растеле во друга култура и имале поинакви обичаи. Некои христијани веројатно биле робови, други биле слободни луѓе, а трети, пак, дури имале и свои робови. Како овие христијани успеале да ги надминат разликите и да ја зајакнат својата љубов? Апостол Павле им го дал следниов поттик: „Примајте се еден со друг“. Што мислел со тоа? Изразот кој овде е преведен со „примајте се“ значи да му се покаже некому љубезност и гостољубивост — на пример, да го примиме во нашиот дом или да го прифатиме во нашиот круг на пријатели. Во една прилика, Павле му кажал на Филимон како да го прими неговиот роб Онисим, кој избегал откај него: „Прими го убаво“ (Филим. 17). Исто така, иако Аполо знаел помалку за христијанството од Прискила и Акила, тие го примиле така што го повикале кај себе (Дела 18:26). Тие христијани не дозволиле нивните разлики да бидат причина за поделби меѓу нив туку, напротив, се примале еден со друг (w23.07 6, пас. 13).
Четврток, 23 јануари
Ќе му ги исполнам на Јехова своите завети (Пс. 116:14)
Главната причина зошто треба да му го заветуваш твојот живот на Јехова е затоа што го сакаш. Твојата љубов не треба да се темели само на чувства. Ти си го засакал Јехова бидејќи добро си ги запознал него и неговата намера (Кол. 1:9). Тоа што си ја проучувал Библијата те уверило 1) дека Јехова навистина постои, 2) дека Библијата е вдахновена од Бог и 3) дека тој ја користи својата организација за да ја оствари својата намера. Кога некој ќе реши да му го заветува својот живот на Јехова, тој треба да ги знае основните учења од Библијата и да живее според Божјите мерила. Во склад со своите околности, тој го споделува со другите она што го научил (Мат. 28:19, 20). Неговата љубов кон Јехова пораснала и тој има искрена желба да му служи само нему. Дали ова е случај и со тебе? (w24.03 4-5, пас. 6-8).
Петок, 24 јануари
Тие двајцата ќе станат едно тело (1. Мој. 2:24)
Авигеја била во брак со Навал, за кого Библијата вели дека бил „груб и зол“ човек (1. Сам. 25:3). На Авигеја сигурно ѝ било многу тешко да живее со таков маж. Дали Авигеја имала можност да му стави крај на нејзиниот брак? Да, таква можност имала кога Давид, идниот цар на Израел, дошол да го убие нејзиниот маж затоа што ги навредил него и неговите луѓе (1. Сам. 25:9-13). Авигеја можела да побегне и да му дозволи на Давид да го спроведе својот план. Но, таа не го направила тоа, туку го убедила Давид да му го поштеди животот на Навал (1. Сам. 25:23-27). Зошто го направила тоа? Авигеја го сакала Јехова и ги почитувала неговите мерила за бракот. Таа знаела дека за Јехова бракот е свет. Авигеја сакала да го радува Бог и тоа ја поттикнало да направи сѐ што може за да ги спаси своите домашни, вклучувајќи го и нејзиниот сопруг. Таа брзо реагирала за да го спречи Давид да го убие Навал (w24.03 16, пас. 9-10).
Сабота, 25 јануари
Јас ќе ве зајакнев со зборовите на својата уста (Јов 16:5)
Дали во твоето собрание има некој што се обидува да си го поедностави животот за да може во уште поголема мера да учествува во теократските активности? Дали познаваш некои млади кои покажуваат храброст со тоа што се разликуваат од останатите во нивното училиште иако тоа не им е лесно? Дали некои можеби се борат да му останат верни на Јехова бидејќи се соочуваат со противење од семејството? Да ја користиме секоја прилика за да ги охрабриме таквите драги лица така што ќе им кажеме колку многу ги цениме поради тоа што се самопожртвувани и храбри (Филим. 4, 5, 7). Јехова е уверен дека имаме искрена желба да му угодиме и дека спремно правиме жртви за да живееме во склад со заветот што сме му го дале. Тој ни укажува чест така што ни дава можност самите да избереме на кој начин ќе ја изразиме нашата љубов кон него (Изр. 23:15, 16). Затоа, да бидеме решени да продолжиме да му служиме на Јехова така што од срце ќе му го даваме нашето најдобро (w24.02 18, пас. 14; 19, пас. 16).
Недела, 26 јануари
Минуваше низ земјата, правејќи добро и лекувајќи (Дела 10:38)
Замисли си дека е есен 29 год. од н.е., кога Исус започнал со својата служба. Тој и неговата мајка, Марија, се поканети на свадба во Кана. Марија помага околу послужувањето на гостите. Но, во текот на свадбата се појавува еден проблем — снемува вино. Марија брзо оди кај нејзиниот син и му вели: „Немаат вино“ (Јован 2:1-3). Што прави Исус? Со чудо ја претвора водата во квалитетно вино (Јован 2:9, 10). Исус направил и многу други чуда за време на својата служба. Својата моќ да прави чуда, Исус ја користел за да им помогне на десетици илјади луѓе. На пример, само во две од своите чуда — при што во едното нахранил 5.000 мажи, а во другото 4.000 мажи — вкупно можеби нахранил повеќе од 27.000 луѓе, ако ги вклучиме жените и децата кои исто така биле присутни (Мат. 14:15-21; 15:32-38). И во двете прилики, Исус излекувал и многу болни (Мат. 14:14; 15:30, 31; w23.04 2, пас. 1-2).
Понеделник, 27 јануари
Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: „Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“ (Иса. 41:13)
Откако ќе доживееме некој трагичен настан, можеби ќе има денови во кои ќе се чувствуваме физички и емоционално исцрпени. Исто како Илија, можеби ни е претешко да станеме. Можеби само сакаме да спиеме (1. Цар. 19:5-7). Можеби ќе ни биде потребна помош за да останеме активни во службата за Јехова. Во таквите моменти, Јехова нѐ уверува дека ќе ни помогне како што пишува во денешниот стих. Цар Давид ја почувствувал ваквата помош. Кога се соочил со проблеми и со непријатели, тој му рекол на Јехова: „Твојата десница ме поддржува“ (Пс. 18:35). Јехова честопати нѐ поддржува така што ги поттикнува другите да ни помогнат. На пример, кога во една прилика Давид се чувствувал емоционално исцрпен, неговиот пријател Јонатан го посетил за да го зајакне и да го охрабри (1. Сам. 23:16, 17). Слично на тоа, Јехова го избрал Елисеј за да му пружи практична помош на Илија (1. Цар. 19:16, 21; 2. Цар. 2:2; w24.01 23-24, пас. 10-12).
Вторник, 28 јануари
Јехова дава мудрост, од неговата уста доаѓаат знаењето и проникливоста (Изр. 2:6)
Од примерот на жената во Изреки поглавје 9, која ја претставува „вистинската мудрост“, учиме дека Јехова е великодушен и дека ни дава изобилство добри работи. Во извештајот пишува дека оваа жена поканила гости во својата куќа за да јадат вкусно месо и за да пијат вино што самата ги подготвила (Изр. 9:2). Потоа, во стиховите 4 и 5 за неа читаме: „[Вистинската мудрост] на неразумниот му вели: ’Дојди, јади од мојот леб‘“. Зошто треба да одиме во куќата на „вистинската мудрост“ и да го јадеме јадењето што таа ни го нуди? Јехова сака неговите деца да бидат мудри и безбедни. Тој не сака да учиме на потешкиот начин — не сака да направиме грешки поради кои ќе трпиме горки последици и ќе се измачуваме. Токму затоа, „тој им помага на чесните да постапуваат мудро“ (Изр. 2:7). Ако имаме исправен страв од Јехова, ќе сакаме да го радуваме. А ако ги слушаме неговите мудри совети и ако ги применуваме, ќе бидеме среќни (Јак. 1:25; w23.06 23-24, пас. 14-15).
Среда, 29 јануари
Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело (Евр. 6:10)
Дури и ако не можеме да го правиме сето она што би сакале во службата за Јехова, можеме да бидеме сигурни дека тој го цени она што од срце го правиме за да го радуваме. Од каде го знаеме тоа? Во времето на Захарија, Јехова му рекол на својот пророк да направи круна од златото и среброто што го испратиле изгнаниците во Вавилон (Зах. 6:11). „Раскошната круна“ требало да служи како „спомен“ за нивните великодушни прилози (Зах. 6:14). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова никогаш нема да го заборави трудот што со сето срце го вложуваме за да му служиме во овие тешки времиња. Без сомнение, во овие последни денови и понатаму ќе се соочуваме со тешки ситуации, а во иднина условите можеби и ќе се влошуваат (2. Тим. 3:1, 13). Сепак, не треба да бидеме претерано загрижени. Добро е да ги имаме на ум зборовите што Јехова им ги кажал на своите слуги во времето на Агеј: „Јас сум со вас... Не плашете се!“ (Агеј 2:4, 5). И ние можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе биде со нас сѐ додека даваме сѐ од себе за да ја вршиме неговата волја (w23.11 19, пас. 20-21).
Четврток, 30 јануари
Грешен човек сум (Лука 5:8)
Јехова можел да одлучи во Библијата да не бидат запишани грешките што ги направил апостол Петар. Но, Јехова се погрижил тие да бидат запишани за наша поука (2. Тим. 3:16, 17). Тоа што ќе дознаеме нешто повеќе за овој човек кој имал слабости и чувства како нашите, ќе ни помогне да сфатиме дека Јехова не очекува совршенство од нас. Тој сака да продолжиме да му служиме и покрај нашите слабости. Зошто ова е важно? Дури и кога мислиме дека сме надминале некоја слабост, може повторно да ја направиме истата грешка. Сепак, ќе продолжиме да работиме на нашата цел. Сите ние кажуваме или правиме работи за кои подоцна жалиме, но ако не се откажеме, Јехова ќе ни помогне да стануваме сѐ подобри (1. Пет. 5:10). Сочувството што Исус го покажал кон Петар и покрај неговите пропусти може да нѐ поттикне да продолжиме да му служиме на Јехова (w23.09 20-21, пас. 2-3).
Петок, 31 јануари
Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре (Јован 11:21)
Точно е дека Исус можел да го излекува Лазар, како што рекла Марта во денешниот стих. Но, тој имал намера да направи нешто уште позначајно. Исус ѝ го дава следново ветување: „Твојот брат ќе стане“. Освен тоа, тој ѝ вели: „Јас сум воскресението и животот“ (Јован 11:23, 25). Бог му дал моќ на Исус да воскреснува мртви. Претходно, тој воскреснал едно девојче кратко откако умрело. Исто така, тој воскреснал и едно младо момче, по сѐ изгледа, истиот ден кога починало (Лука 7:11-15; 8:49-55). Но, дали Исус може да воскресне некој кој е мртов веќе четири дена и чие тело веќе почнало да се распаѓа? Марија, другата сестра на Лазар, оди да го пресретне Исус. Таа го кажува истото што го кажала и сестра ѝ: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“ (Јован 11:32). Кога гледа како Марија и другите околу неа плачат, Исус многу се растажува. Од жал за своите пријатели, тој почнува да плаче. Исус разбира колкава болка носи смртта на некој близок. Нема сомнение, тој едвај чека да ја отстрани причината за нивната тага! (w23.04 10-11, пас. 12-13).