Февруари
Сабота, 1 февруари
Јас ќе ве слушам (Ерем. 29:12)
Кога цар Езекија бил многу болен, го молел Јехова да му помогне да оздрави. Јехова одговорил на неговата молитва така што го излекувал (2. Цар. 20:1-6). Од друга страна, кога апостол Павле го молел Јехова да го отстрани неговиот „трн во телото“, Јехова не го сторил тоа (2. Кор. 12:7-9). Цар Ирод сакал да ги убие апостолите Јаков и Петар. Јаков бил убиен, а Петар бил спасен со чудо (Дела 12:1-11). Можеби се прашуваме: „Зошто Јехова го спасил Петар, но не и Јаков?“ Библијата не ни кажува. Но, можеме да бидеме сигурни дека Јехова никогаш не постапува неправедно (5. Мој. 32:4). Понекогаш, Јехова можеби нема да одговори на нашите молитви онака како што сме очекувале. Но, бидејќи сме уверени дека Јехова секогаш постапува праведно и со љубов, ние не го доведуваме во прашање начинот на кој тој решава да одговори на нашите молитви (Јов 33:13; w23.11 21, пас. 6).
Недела, 2 февруари
Мудроста одозгора е спремна да послуша (Јак. 3:17)
Под водство на светиот дух, Јаков напишал дека една мудра личност е „спремна да послуша“. Размисли што значи тоа. Треба да имаме желба да им бидеме послушни на оние на кои Јехова им доверил одредена мера авторитет и треба да го правиме тоа спремно. Се разбира, Јехова не очекува да му бидеме послушни на некој што од нас бара да постапиме спротивно на Божјите заповеди (Дела 4:18-20). Можеби ни е полесно да му бидеме послушни на Јехова отколку на некој човек. Тоа е така затоа што Јехова секогаш ни дава совршено водство (Пс. 19:7). Но, тоа не е случај и со луѓето кои имаат некаков авторитет. Сепак, нашиот небесен Татко им дал одредена мера авторитет на родителите, властите и старешините (Изр. 6:20; 1. Сол. 5:12; 1. Пет. 2:13, 14). Кога сме им послушни ним, всушност, ние сме му послушни на Јехова (w23.10 6, пас. 2-3).
Понеделник, 3 февруари
Овие зборови се вистинити и верни! (Отк. 21:5)
Еден начин на кој може да си ја зајакнеме верата е така што ќе размислуваме за моќта на Јехова. Тој има моќ да го исполни секое свое ветување — тој е Семоќен Бог (Јов 42:2; Мар. 10:27; Еф. 3:20). Јехова им кажал на Авраам и на Сара дека ќе добијат син на стари години (1. Мој. 17:15-17). Исто така, на Авраам му кажал дека на неговите потомци ќе им ја даде ханаанската земја. Во текот на многуте години додека биле робови во Египет, на потомците на Авраам — Израелците — сигурно им се чинело дека тоа ветување нема никогаш да се оствари. Но, сепак се остварило. Јехова ѝ кажал на Марија, која била девица, дека ќе го роди неговиот Син. Со тоа ќе се исполнело едно ветување кое Јехова го дал илјадници години претходно во еденската градина (1. Мој. 3:15). Кога размислуваме за сите ветувања што ги дал Јехова и за тоа како ги исполнил, сфаќаме дека тој има огромна моќ. Така се зајакнува нашата вера во неговото ветување за новиот свет (Ис. Нав. 23:14; Иса. 55:10, 11; w23.04 28, пас. 10-12).
Вторник, 4 февруари
О Јехова, чуј ја мојата молитва, ислушај ја мојата сесрдна молба! (Пс. 143:1)
Јехова одговарал на молитвите на Давид и го избавувал (1. Сам. 19:10, 18-20; 2. Сам. 5:17-25). И ние можеме да бидеме уверени во истото (Пс. 145:18). Јехова можеби нема да одговори на нашите молитви онака како што сме очекувале. Павле го молел Бог да му отстрани еден „трн во телото“. Во три прилики, Павле конкретно се молел во врска со овој тежок проблем. Дали Јехова одговорил на тие молитви? Да, но не онака како што Павле се надевал. Јехова не го отстранил проблемот, туку му дал сила за да може да продолжи верно да му служи (2. Кор. 12:7-10). Понекогаш и нам Јехова можеби нема да ни одговори онака како што сме очекувале. Но, може да бидеме сигурни дека тој најдобро знае како да ни помогне. Јехова дури може „да направи неизмерно повеќе од сѐ што молиме или што ќе го замислиме“ (Еф. 3:20). Од таа причина, одговорот на нашите молитви може да дојде во време кога не очекуваме и на неочекуван начин (w23.05 8-9, пас. 4-6).
Среда, 5 февруари
Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат (Јован 5:28, 29)
Одвреме-навреме, добро е сите ние да размислуваме за библиското ветување за воскресение. Зошто? Бидејќи на секој од нас може да му се случи ненадејно да се разболи од некоја тешка болест или да му почине некој од најблиските (Проп. 9:11; Јак. 4:13, 14). Нашата надеж во воскресение може да ни помогне во таквите тешки моменти (1. Сол. 4:13). Библијата нѐ уверува дека нашиот небесен Татко добро нѐ познава и многу нѐ сака (Лука 12:7). Помисли колку добро мора да нѐ познава Јехова за да може повторно да нѐ создаде со истите карактерни црти и сеќавања. Колку голема љубов покажал Јехова со тоа што ни дал можност да живееме вечно! Па дури и ако умреме, тој ќе нѐ воскресне. Зошто може да бидеме уверени дека ќе се исполни ветувањето за воскресение? Затоа што сме уверени дека оној што го дава ветувањето има желба, но и моќ, односно способност да го исполни (w23.04 8-9, пас. 2-4).
Четврток, 6 февруари
[Јосиф и Марија] секоја година одеа во Ерусалим на празникот Пасха (Лука 2:41)
Јосиф и Марија заеднички се труделе да останат блиски со Јехова. Тие сфатиле колку е важно да го обожаваат Јехова заедно како семејство (Лука 2:22-24; 4:16). Колку убав пример за брачните парови денес! Ако и вие имате деца, исто како Јосиф и Марија, можеби не ви е лесно да присуствувате на состаноците или да одвоите време за Семејната вечер посветена на Јехова. А можеби ви е уште потешко да одвоите време за да проучувате или да се молите како брачен пар. Сепак, имајте на ум дека ако заедно го обожавате Јехова, ќе станете поблиски со него, а ќе се зближите и еден со друг. Затоа, обожавањето на Јехова нека ви биде најважното нешто. Ако имате проблеми во вашиот брак, тогаш можеби не ви е баш пријатно заедно да ја одржувате Семејната вечер. Ако е така, за почеток разгледајте нешто кратко во кое и двајцата уживате. Тоа ќе ви помогне да си го подобрите односот меѓу себе и ќе ви ја зголеми желбата заедно да учествувате во духовните активности (w23.05 22, пас. 7-8).
Петок, 7 февруари
Авдија се боеше многу од Јехова (1. Цар. 18:3)
Како исправниот страв влијаел врз Авдија? Како прво, тоа му помогнало да биде чесен и достоен за доверба. Затоа царот го поставил да биде управител на царскиот дворец. (Спореди со Неемија 7:2.) Исто така, стравот од Бог му помогнал на Авдија да покаже извонредна храброст — особина која сигурно му била многу потребна. Тој живеел за време на владеењето на злобниот цар Ахав (1. Цар. 16:30). Исто така, неговата жена Језавела, која го обожавала Ваал, толку многу го мразела Јехова што се обидела да го искорени обожавањето на вистинскиот Бог од северното царство Израел. Таа дури убила многу од Божјите пророци (1. Цар. 18:4). Кога Језавела почнала да ги бара Божјите пророци за да ги погуби, Авдија скрил 100 од нив — по 50 во една пештера — и им носел леб и вода (1. Цар. 18:13, 14). Ако бил откриен, храбриот Авдија сигурно ќе бил убиен. Се разбира, Авдија бил само човек и не сакал да умре. Но, тој ги сакал Јехова и оние што му служат повеќе од својот сопствен живот (w23.06 15-16, пас. 9-10).
Сабота, 8 февруари
Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те води (Иса. 48:17)
Јехова продолжува да го води својот народ денес како што го правел тоа и во минатото. Тој го прави тоа преку неговата Реч и преку неговиот Син, кој е глава на собранието. Можеме ли да видиме докази дека Јехова и денес користи луѓе за да ни дава водство? Да. На пример, размисли што се случувало кон крајот на 19 век. Чарлс Расел и неговите соработници почнале да сфаќаат дека 1914 год. ќе биде важна година за Божјето Царство (Дан. 4:25, 26). Тие дошле до овој заклучок на темел на библиските пророштва. Дали Јехова ги водел додека ја истражувале Библијата? Нема сомнение. Настаните што се случувале во светот во 1914 год. биле доказ дека Божјето Царство почнало да владее. Избувнала Првата светска војна и имало смртоносни зарази, земјотреси и глад (Лука 21:10, 11). Јехова навистина ги користел овие искрени истражувачи на Библијата за да му помогне на својот народ (w24.02 22, пас. 11).
Недела, 9 февруари
Многу неволји има праведникот, но Јехова го избавува од сите нив (Пс. 34:19)
Како слуги на Јехова, ние знаеме дека тој нѐ сака и дека ни го посакува најдобриот можен начин на живот (Рим. 8:35-39). Исто така, уверени сме дека, кога ги применуваме библиските начела, тоа секогаш е за наше добро (Иса. 48:17, 18). Но, како треба да реагираме ако неочекувано ни се појават некои проблеми? На пример, некој член од семејството може со нешто да нѐ разочара. Можеби имаме некој сериозен здравствен проблем поради кој не можеме да правиме онолку колку што би сакале во службата за Јехова. Можеби сме погодени од некоја природна катастрофа. Можеби сме прогонувани поради нашите верувања. Кога имаме вакви неволји, можеби се прашуваме: „Зошто ова ми се случува мене? Дали сум направил нешто погрешно? Дали ова значи дека Јехова не ме благословува?“ Ако и ти некогаш си се чувствувал така, не се обесхрабрувај. И многу други верни слуги на Јехова се бореле со слични чувства (Пс. 22:1, 2; Авак. 1:2, 3; w23.04 14, пас. 1-2).
Понеделник, 10 февруари
Го насочив своето срце да ги извршува твоите уредби довека (Пс. 119:112)
Кога ќе се соочиме со искушение да направиме нешто погрешно, ние веднаш ја отфрламе секоја мисла и секоја постапка што би можела да го наруши нашето пријателство со Бог. Јехова очекува да му бидеме послушни од срце (Рим. 6:17). Ние мора да им бидеме послушни на сите заповеди од Јехова — тоа не е прашање на избор. Исто така, треба да имаме на ум дека неговото водство е секогаш за наше добро (Иса. 48:17, 18; 1. Кор. 6:9, 10). Ѓаволот користи насилство и емоционален притисок за да ја ослабне нашата решителност да му останеме верни на Јехова. Негова цел е да нѐ проголта, односно да го уништи нашето пријателство со Јехова (1. Пет. 5:8). Христијаните во првиот век добивале закани и биле тепани и убивани поради тоа што биле решени да останат цврсти (Дела 5:27, 28, 40; 7:54-60). Сатана и денес продолжува да се служи со прогонство. Ова се гледа од суровиот начин на кој противниците постапуваат со нашите браќа и сестри во Русија и во други земји. Освен тоа, во други земји противниците ги прогонуваат нашите браќа и сестри на различни начини. Покрај директни напади, Сатана користи и сплетки (Еф. 6:11; w23.07 15-16, пас. 6-9).
Вторник, 11 февруари
Се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да расте (Фил. 1:9)
Колку повеќе ја проучуваш Божјата Реч, толку повеќе расте твојата љубов кон Јехова. А таа љубов те поттикнува да го применуваш она што го учиш. На темел на библиските начела, почнуваш да носиш подобри одлуки. Правиш промени во своето размислување и во постапките бидејќи сакаш да му угодиш на Бог. Исто како што едно дете се труди да постапува по примерот на својот грижлив родител и ти се трудиш да постапуваш како твојот небесен Татко (Еф. 5:1, 2). Би можеле да се прашаме: „Дали мојата љубов кон Јехова е посилна сега отколку кога станав христијанин? Дали откако се крстив станав посличен на Јехова, особено во покажувањето љубов кон браќата и сестрите?“ Ако сфатиш дека твојата љубов кон Јехова и кон другите не е силна како порано, немој да се обесхрабруваш. Нешто слично им се случило и на христијаните во првиот век. Исус не се откажал од нив, а не се откажува ниту од нас (Отк. 2:4, 7). Тој знае дека можеме повторно да ја разгориме љубовта што сме ја чувствувале кога првпат сме ја дознале вистината (w23.07 8, пас. 2-3).
Среда, 12 февруари
Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш (Пс. 86:5)
Апостол Петар направил неколку грешки. Прво, Петар покажал преголема самоувереност, фалејќи се дека тој ќе му остане верен на Бог дури и ако другите апостоли го напуштат Исус (Мар. 14:27-29). Потоа, Петар неколкупати заспал и покрај тоа што Исус јасно им кажал на своите ученици да бдеат (Мар. 14:32, 37-41). Освен тоа, кога една толпа луѓе дошле да го уапсат Исус, Петар го напуштил (Мар. 14:50). На крајот, Петар трипати одрекол дека го познава Исус, па дури и се заколнал дека е така (Мар. 14:66-71). Како реагирал Петар кога сфатил колку тежок грев направил? Тој бил скршен и силно заплакал (Мар. 14:72). Исус не го укорил својот пријател Петар за неговите грешки, туку му кажал дека ќе добие поголеми одговорности (Јован 21:15-17). Петар знаел дека направил голем грев, но продолжил да го прави она што е исправно. Зошто? Бидејќи бил уверен дека неговиот Господар, Исус, не се откажал од него. Што учиме од ова? Јехова сака да бидеме уверени дека нѐ сака и дека е спремен да ни прости (Рим. 8:38, 39; w24.03 18-19, пас. 13-15).
Четврток, 13 февруари
Голем е бројот на оние што ги уби (Изр. 7:26)
Сексуалниот неморал може да предизвика чувства на срам и безвредност, а може да доведе и до несакана бременост и до распад на семејствата. Сосема е јасно дека е мудро да не ја прифатиме поканата на „глупавата жена“. Освен што доживуваат смрт во духовен поглед, голем број луѓе кои прават неморал се заразуваат со сексуално преносливи болести што водат до дословна смрт (Изр. 7:23). Затоа, Изреки 9:18 го дава следниов заклучок: „Нејзините гости се во длабочините на гробот“. Тогаш, зошто многумина ја прифаќаат поканата на „глупавата жена“ која води во трагедија? (Изр. 9:13-18). Една вообичаена стапица е порнографијата. Некои си мислат дека гледањето порнографија е безопасно. Но напротив, порнографијата е штетна, го нарушува достоинството и создава зависност. Неморалните слики остануваат во умот и тешко можат да се избришат. Што е уште полошо, порнографијата не ги усмртува погрешните желби, туку ги разгорува (Кол. 3:5; Јак. 1:14, 15). Многумина кои гледаат порнографија, обично потоа прават и неморал (w23.06 23, пас. 10-11).
Петок, 14 февруари
Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека (Дан. 2:44)
И покрај тоа што другите народи понекогаш можеби ќе ѝ се противат на англо-американската светска сила, тие нема да ја заменат. Ова го знаеме затоа што „каменот“ што го претставува Божјето Царство ќе ги здроби стапалата — делот од кипот што ја претставува англо-американската светска сила (Дан. 2:34, 35, 44, 45). Дали си уверен дека пророштвото на Даниел за стапалата од железо и глина навистина се исполнува? Ако да, тоа ќе влијае врз твојот начин на живот. Нема да бараш материјална сигурност во овој свет кој наскоро ќе биде уништен (Лука 12:16-21; 1. Јов. 2:15-17). Исто така, тоа што го разбираш ова пророштво ќе ти помогне да сфатиш колку е важно проповедничкото дело (Мат. 6:33; 28:18-20). Откако ќе го проучуваш ова пророштво, би можел да си го поставиш следново прашање: „Дали моите одлуки покажуваат дека сум уверен дека Божјето Царство наскоро ќе им стави крај на сите човечки влади?“ (w23.08 11, пас. 13-14).
Сабота, 15 февруари
Секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог (Рим. 14:12)
Биди скромен и прифати го фактот дека поради возраста, здравјето или околностите не можеш да правиш сѐ што би сакал да правиш. Како Варзелај, биди спремен да одбиеш некоја задача што ќе ти биде тешко да ја извршуваш поради твоите физички ограничувања (2. Сам. 19:35, 36). Исто како Мојсеј, прифати помош и довери им одговорности на другите кога тоа е соодветно (2. Мој. 18:21, 22). Тоа што ќе си скромен ќе ти помогне да немаш нереалистични очекувања кои би можеле да ти ја одземат силата. Исто така, не треба да се чувствуваме одговорни за лошите одлуки на другите. Ние не можеме да носиме одлуки наместо другите. Освен тоа, не можеме секогаш да ги заштитиме од последиците што произлегуваат од нивните лоши одлуки. На пример, во некое семејство синот или ќерката можеби ќе одлучи да престане да му служи на Јехова. Таквата одлука може да им нанесе неопислива тага на родителите. Сепак, родителите кои се обвинуваат себеси за лошите одлуки на нивното дете си ставаат огромен товар. Јехова не очекува да го носат тој товар (w23.08 29, пас. 11-12).
Недела, 16 февруари
[Самсон] се вљуби во една жена која се викаше Делила (Суд. 16:4)
Самсон бил несовршен човек како нас. Затоа понекогаш носел лоши одлуки. Особено една од тие лоши одлуки водела до трагични последици. Откако некое време служел како судија, Самсон се вљубил во една жена од долината на Сорек која се викала Делила. Претходно, Самсон сакал да се ожени со една Филистејка. Јехова го водел Самсон да го направи тоа за да може да влезе во судир со Филистејците. Подоцна, Самсон влегол во куќата на една блудница во филистејскиот град Газа. Во таа прилика, Бог му дал сила на Самсон да ги откорне градските порти и да ги однесе на врвот на една планина оставајќи го градот без заштита (Суд. 14:1-4; 16:1-3). Но, случајот со Делила бил поинаков, бидејќи таа веројатно била Израелка. Делила прифатила голема сума пари од Филистејците за да го предаде Самсон (w23.09 5, пас. 12-13).
Понеделник, 17 февруари
Разбирањето го спречува човекот да се гневи (Изр. 19:11)
Разбирањето, односно проникливоста може да ни помогне да бидеме благи. Оној што е прониклив, покажува самоконтрола кога некој сака да се расправа со него околу неговите верувања. Некои прашања или приговори се како санта мраз — поголемиот дел се крие под површината. На пример, кога некој ќе постави некое прашање, тоа можеби го прави затоа што нешто го загрижува или има некој скриен мотив. Затоа, пред да одговориме, би било добро да имаме на ум дека можеби не знаеме што го поттикнало лицето да го постави прашањето (Изр. 16:23). Размисли како им одговорил Гедеон на луѓето од племето на Ефрем. Тие гневно му приговарале затоа што не ги повикал порано да му се придружат во битката против непријателите на Израел. Но, која била вистинската причина зошто биле толку гневни? Дали можеби им била повредена гордоста? Која и да била причината, Гедеон постапил мудро така што ги зел предвид нивните чувства и им одговорил на благ начин. Кој бил резултатот? Во Библијата пишува: „Кога им ги кажа тие зборови, стивна нивниот гнев“ (Суд. 8:1-3; w23.09 15-16, пас. 8-9).
Вторник, 18 февруари
Му бев посебна радост, од ден на ден (Изр. 8:30)
Јехова и Исус ја имаат најблиската врска што може да ја имаат еден татко и еден син. Без сомнение, Јехова чувствувал голема болка кога гледал како неговиот Син е малтретиран, отфрлен и колку многу страда. Секој родител кому му починало дете знае колку голема тага причинува таквата загуба. Ние имаме силна вера во воскресение, но тоа не ја отстранува болката што ја чувствуваме кога ќе ни почине некој од нашите најблиски. Овој пример ни помага да сфатиме како Јехова веројатно се чувствувал кога гледал дека неговиот сакан Син страда и умира тој пролетен ден во 33 год. од н.е. (Мат. 3:17). Периодот пред Спомен-свеченоста би можел да го искористиш за повеќе да проучуваш за откупнината во текот на твоето лично проучување или на Семејната вечер. А на денот на Спомен-свеченоста, не заборавај да ја гледаш посебната утринска програма. Ако го подготвиме нашето срце за овој важен настан, ќе можеме да им помогнеме и на другите да извлечат корист од него (Езра 7:10; w24.01 11, пас. 10-12).
Среда, 19 февруари
Тој ќе ве зацврсти (1. Пет. 5:10)
Еден начин на кој можеме да добиеме сила од Јехова е така што ќе му се молиме. Како одговор на нашите молитви, Јехова може да ни даде „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7). Исто така, можеме да бидеме зајакнати ако ја читаме неговата Реч и ако размислуваме за неа (Пс. 86:11). Јеховината порака до нас, која е запишана во Библијата, е делотворна, односно има голема моќ (Евр. 4:12). Ако му се молиме на Јехова и ја читаме неговата Реч, ќе ја добиеме силата што ни е потребна за да истраеме, за да ја зачуваме радоста или за да извршиме некоја тешка задача. Да разгледаме како Јехова го зајакнал пророкот Јона. Кога Јехова му дал една тешка задача, тој се исплашил, се качил на брод и отпловил на друго место. Како резултат на тоа, Јона за малку ќе го изгубел својот живот во една силна бура, а го довел во опасност и животот на сопатниците. Кога бил фрлен во морето, се нашол на едно необично место — во стомакот на една голема риба. Што направил Јона за да добие сила додека се наоѓал на тоа осамено, изолирано место? Тој се молел (Јона 2:1, 2, 7; w23.10 13, пас. 4-6).
Четврток, 20 февруари
Се приближи крајот на сѐ (1. Пет. 4:7)
Иако апостол Петар ги напишал овие писма за христијаните во првиот век, Јехова се погрижил тие да бидат дел од неговата Реч. Затоа, ние денес можеме да извлечеме корист од тие писма (Рим. 15:4). Живееме во свет во кој повеќето луѓе не веруваат во библиските пророштва. Некои противници нѐ исмејуваат бидејќи веќе со години го очекуваме крајот. А некои луѓе тврдат дека тој никогаш нема да дојде (2. Пет. 3:3, 4). Кога слушаме вакви изјави од некој кому му проповедаме, од некој колега или член на семејството, нашата вера може да се разниша. Петар објаснил што може да ни помогне. На некои можеби им се чини дека Јехова премногу чека за да му стави крај на овој злобен свет. Зборовите на Петар можат да ни помогнат да задржиме исправен став бидејќи нѐ потсетуваат дека Јеховиното гледиште за времето многу се разликува од гледиштето на луѓето (2. Пет. 3:8, 9). За Јехова, илјада години се како еден ден. Тој е стрплив и не сака никој да биде уништен. Но, кога ќе дојде Јеховиниот ден, на овој свет ќе му дојде крајот (w23.09 26-27, пас. 2-5).
Петок, 21 февруари
Треба да му обрнеме посебно внимание на она што сме го чуле, за да не бидеме одвлечени од верата (Евр. 2:1)
Зошто апостол Павле им напишал писмо на христијаните со еврејско потекло во Јудеја? Веројатно од две главни причини. Прво, за да ги охрабри. Пред да станат христијани, повеќето од нив припаѓале на еврејската религија, односно на јудаизмот. Нивните поранешни верски водачи можеби ги исмевале затоа што станале христијани. Од која причина ги исмевале? Бидејќи христијаните немале ниту величествен храм, ниту жртвеник на кој ќе му принесуваат жртви на Бог, ниту свештеници. Ова можело да ги обесхрабри Христовите ученици и да им ја ослабне верата (Евр. 3:12, 14). Некои од нив можеби дури биле и на искушение да се вратат во јудаизмот. Второ, Павле сакал да ги поттикне христијаните со еврејско потекло да вложуваат поголем труд за да ги разберат новите, односно длабоките учења — „тврдата храна“ која се наоѓа во Божјата Реч (Евр. 5:11-14). Очигледно, некои од нив сѐ уште се држеле за Мојсеевиот закон (w23.10 24-25, пас. 3-4).
Сабота, 22 февруари
Со помладите жени [однесувај се] како со сестри — со сета чистота (1. Тим. 5:2)
Некои сестри одлучуваат да не стапат во брак (Мат. 19:10-12). Биди сигурна дека Јехова и Исус не гледаат со потценување на самците. Низ целиот свет, немажените сестри прават многу за собранието. Бидејќи ги сакаат другите и искрено се грижат за нив, овие христијанки им стануваат духовни сестри и мајки на многумина (Мар. 10:29, 30). Некои започнуваат со полновремена служба. Христијанките имаат огромен придонес во проповедничкото дело низ целиот свет (Пс. 68:11). Би можела ли уште сега да си поставиш за цел да почнеш со полновремена служба? На пример, би можела да служиш како пионер, како доброволец за изградба или да служиш во Бетел. Моли се во врска со својата цел. Зборувај со други кои веќе оствариле некоја од тие цели и дознај што треба да правиш за да ги исполниш условите за таа цел. Потоа направи си реалистичен план. Тоа што ќе ја оствариш твојата цел, ќе ти отвори и други прекрасни можности во службата за Јехова (w23.12 22, пас. 16-17).
Недела, 23 февруари
Најпрво мора да се проповеда добрата вест (Мар. 13:10)
Бидејќи големата неволја е толку близу, многу е важно да имаме на ум дека треба да бидеме послушни на заповедта да ја проповедаме добрата вест. Сепак, може да ни биде тешко да останеме сконцентрирани на нашата служба ако имаме финансиски проблеми или ако наидуваме на противење додека проповедаме. Што може да ни помогне на прво место да ни биде извршувањето на Божјата волја? Тоа што ќе останеме уверени дека „Јехова над војските“ е на наша страна. Тој ќе ни помага ако и понатаму ни биде поважно да ја вршиме неговата волја отколку нашата. Според тоа, немаме никаква причина да се плашиме (Агеј 2:4). Јехова сака да се концентрираме на проповедничкото дело со кое се спасуваат животи. Агеј го поттикнал Јеховиниот народ повторно да почне да работи на храмот. Јехова им ветил на своите слуги дека, ако повторно почнат со изградбата, тој ќе им го дава својот благослов (Агеј 2:18, 19). И ние можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе го благослови нашиот труд ако и нам ни биде најважно да ја вршиме задачата што ни ја дал (w23.11 16, пас. 8; 17, пас. 11).
Понеделник, 24 февруари
Сите згрешија (Рим. 3:23)
Во своето писмо до Римјаните, апостол Павле рекол дека сите луѓе се грешници. Тогаш, како може некој да биде праведен или беспрекорен во очите на Јехова и со тоа да го стекне неговото одобрување? За да им помогне на сите искрени христијани да го разберат одговорот на ова прашање, Павле го посочил Авраам како пример. Јехова го прогласил Авраам за праведен додека живеел во ханаанската земја. Зошто Јехова можел да го смета Авраам за праведен? Дали затоа што Авраам совршено му бил послушен на Мојсеевиот закон? Секако дека не (Рим. 4:13). Јехова му го дал Законот на израелскиот народ повеќе од 400 години откако го прогласил Авраам за праведен. Тогаш, зошто Бог го прогласил Авраам за праведен? Јехова му покажал незаслужена доброта на Авраам и го прогласил за праведен поради неговата вера (Рим. 4:2-4; w23.12 3, пас. 4-5).
Вторник, 25 февруари
Направи сѐ што ти лежи на срце (1. Лет. 17:2)
Истата ноќ кога пророкот Натан му ги кажал овие зборови на цар Давид, Јехова му кажал на Натан дека Давид нема да биде тој што ќе го изгради храмот (1. Лет. 17:3, 4, 11, 12). Како реагирал Давид кога го слушнал ова? Почнал да собира финансиски средства и градежни материјали кои ќе му биле потребни на неговиот син Соломон за изградбата на храмот (1. Лет. 29:1-5). Веднаш откако му кажал на Давид дека тој нема да го гради храмот, Јехова склучил сојуз со него. Тој му ветил на Давид дека еден од неговите потомци ќе владее засекогаш (2. Сам. 7:16). Во новиот свет, во текот на илјадагодишното владеење, Давид ќе биде многу радосен кога ќе дознае дека Царот е Исус, еден од неговите потомци. Овој извештај ни помага да сфатиме дека, дури и ако не можеме да го правиме сето она што би сакале во службата за Јехова, нашиот Бог можеби за нас чува други благослови кои не би можеле ни да си ги замислиме (w23.04 15-16, пас. 8-10).
Среда, 26 февруари
Јехова нема да го остави својот народ (Пс. 94:14)
Некои делови од Библијата можат особено да те утешат кога си исплашен. На пример, охрабрување можеш да најдеш во книгите Јов, Псалми и Изреки, како и во зборовите на Исус кои се запишани во Матеј поглавје 6. Додека му се молиш на Јехова и ја читаш неговата Реч, ќе почувствуваш како тој те теши. Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе биде покрај нас дури и во најмрачните периоди од нашиот живот. Ние никогаш нема да бидеме сами (Пс. 23:4). Јехова ветува дека ќе нѐ чува, ќе ни помага да задржиме стабилност, ќе нѐ поддржува и ќе нѐ теши. Во Исаија 26:3 за Јехова пишува: „Ќе ги чуваш во траен мир оние чие срце е постојано, зашто имаат доверба во тебе“. Затоа, имај доверба во Јехова и прави сѐ што можеш за да извлечеш корист од сето она што тој го користи за да ти помогне. Ако го правиш тоа, ќе добиеш нови сили дури и во тешки времиња (w24.01 25, пас. 16-17).
Четврток, 27 февруари
Никакво оружје направено против тебе нема да успее (Иса. 54:17)
Пророчките зборови од денешниот стих се исполнуваат денес. Следниве утешни зборови исто така се исполнуваат во наше време: „Сите твои синови ќе бидат поучени од Јехова, и голем мир ќе имаат твоите синови. Ќе бидеш втемелена на правдата... Нема да се плашиш од никого, а [ќе бидеш] и далеку од стравотиите, зашто нема да ти се приближат“ (Иса. 54:13, 14). Дури ни „богот на овој свет“, самиот Сатана, не може да го спречи делото на поучување што го врши Јеховиниот народ (2. Кор. 4:4). Обожавањето на вистинскиот Бог е обновено и никогаш повеќе нема да биде извалкано. Тоа ќе постои во сета вечност. Никакво оружје направено против нас нема да успее! (w24.02 4, пас. 10).
Петок, 28 февруари
Кој го сака својот татко или својата мајка повеќе отколку мене, не е достоен за мене (Мат. 10:37)
Како христијани, ние гледаме сериозно на заветот што сме му го дале на Јехова. Ова влијае врз тоа какви одлуки ќе носиме и како ќе постапуваме во одредени ситуации во кои е вклучено нашето семејство. Ние вложуваме голем труд за да ја исполнуваме библиската одговорност да се грижиме за членовите на семејството, но никогаш не ги ставаме нивните желби пред она што Јехова го бара од нас (Мат. 10:35, 36; 1. Тим. 5:8). Понекогаш, можеби ќе треба да донесеме одлуки кои не им се допаѓаат на нашите роднини, но го радуваат Јехова. Тој е основачот на семејството, и сака да имаме среќно семејство (Еф. 3:14, 15). Ако сакаме да бидеме вистински среќни, треба да ги правиме работите онака како што ни вели Јехова. Биди уверен дека Јехова многу ги цени жртвите што ги правиш за да му служиш додека истовремено се грижиш за членовите на твоето семејство и се однесуваш кон нив со љубов и почит (Рим. 12:10; w24.02 17, пас. 11; 18, пас. 13).