Март
Сабота, 1 март
Надежта нема да разочара (Рим. 5:5)
Новиот свет сѐ уште не дошол. Но, размисли за некои од следниве работи — ѕвездите, дрвјата, животните и луѓето. Никој не би се посомневал дека сите овие работи денес постојат, иако едно време не постоеле. Но, тие сега се тука само затоа што Јехова ги создал (1. Мој. 1:1, 26, 27). Нашиот Бог исто така има намера да создаде еден нов свет. Тој сигурно ќе ја оствари таа намера. Во новиот свет, луѓето ќе имаат совршено здравје и вечен живот. Во времето што го одредил Бог, новиот свет ќе стане реалност, исто како што е реалност и универзумот околу нас денес (Иса. 65:17; Отк. 21:3, 4). Во меѓувреме, користи ја секоја можност што ја имаш за да ја зајакнеш својата вера. Секогаш биди благодарен за откупнината. Размислувај за моќта на Јехова. Исполни го твојот живот со духовни активности. Ако го правиш сето ова, ќе бидеш меѓу „оние што поради својата вера и стрпливост го наследуваат она што е ветено“ (Евр. 6:11, 12; w23.04 31, пас. 18-19).
Недела, 2 март
Зарем не ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава? (Јован 11:40)
Исус ги подига очите кон небото и се моли на глас. Тој сака да му ја припише целата заслуга на Јехова за она што ќе се случи потоа. Тогаш Исус извикува: „Лазаре излези!“ (Јован 11:43). И навистина, Лазар излегува од гробот! Така Исус направил нешто што некои мислеле дека е невозможно. Овој извештај ни ја зајакнува верата во воскресение. Како? Сети се на ветувањето што Исус ѝ го дал на Марта: „Твојот брат ќе стане“ (Јован 11:23). Исто како неговиот Татко, Исус има желба и моќ да го исполни тоа ветување. Неговите солзи покажале дека тој има силна желба да ги воскресне мртвите и да ја отстрани тагата што ја предизвикува смртта. А кога Лазар излегол од гробот, Исус докажал дека има моќ да ги воскресне мртвите. Размисли и за потсетувањето што Исус ѝ го дал на Марта спомнато во денешниот стих. Навистина, имаме добри причини да веруваме дека Божјето ветување за воскресение ќе се исполни (w23.04 11-12, пас. 15-16).
Понеделник, 3 март
Јехова е близу до сите што го повикуваат, до сите што го повикуваат во вистина (Пс. 145:18)
Откако појасно ќе ја согледаме Јеховината волја, можеби ќе треба да направиме промена во она за што се молиме. Мора да имаме на ум дека Јехова има намера, и дека ќе ја исполни во времето што го одредил. Дел од таа намера е потполно и трајно да ги отстрани сите проблеми поради кои толку многу страдаме денес, како на пример природните катастрофи, болестите и смртта. Јехова ќе ја исполни својата намера преку своето Царство (Дан. 2:44; Отк. 21:3, 4). Но сѐ дотогаш, Јехова дозволува Сатана да владее со светот (Јован 12:31; Отк. 12:9). Доколку Јехова сега би ги решил проблемите на човештвото, би можело да изгледа дека Сатана добро владее со светот. Значи, иако мора да чекаме да дојде времето кога Јехова ќе исполни одредени ветувања, тоа не значи дека воопшто нема да ни помага. Тој ќе ни ја даде потребната помош (w23.05 8, пас. 4; 9-10, пас. 7-8).
Вторник, 4 март
Да знаете секому да му одговорите како што треба (Кол. 4:6)
Како можеме да им помогнеме на другите да извлечат корист од Спомен-свеченоста? Се разбира, првиот чекор е да ги поканиме. Освен што ќе ги поканиме оние што ги среќаваме во службата на проповедање, можеме да си направиме список за да ги поканиме и оние што ги познаваме. Во овој список може да ги вклучиме нашите роднини, колеги, соученици и други. Дури и ако немаме доволно печатени примероци од поканата, можеме да им испратиме линк од електронското издание. Можеби ќе бидеме изненадени колку многу луѓе ќе одлучат да дојдат (Проп. 11:6). Имај на ум дека оние што ќе ги поканиме можеби ќе имаат прашања, особено ако никогаш не присуствувале на некој од нашите состаноци. Би било добро да размислиме кои прашања би можеле да ни ги постават и да се подготвиме за да им ги одговориме. По Спомен-свеченоста, оние кои за првпат присуствувале можеби ќе имаат и други прашања. Ние сакаме да направиме сѐ што можеме — пред, за време на и по Спомен-свеченоста — за да им помогнеме на оние кои исправно гледаат на вечниот живот да извлечат корист од овој настан (Дела 13:48; w24.01 12, пас. 13, 15; 13, пас. 16).
Среда, 5 март
Зашто сте магла која се појавува за кратко време, па исчезнува (Јак. 4:14)
Во Библијата се запишани осум извештаи за луѓе кои воскреснале за живот на Земјата. Зошто не си поставиш за цел да го проучуваш секој од тие извештаи поединечно? Додека го правиш тоа, труди се да извлечеш важни поуки. Размислувај како во секој од тие извештаи се гледа дека Бог има желба и моќ да ги врати мртвите во живот. Пред сѐ, внимателно размислувај за најважното воскресение — воскресението на Исус. Не заборавај дека неговото воскресение било потврдено од стотици очевидци и дека ни дава цврст темел за нашата вера (1. Кор. 15:3-6, 20-22). Многу сме му благодарни на Јехова што ни ветил дека ќе има воскресение! Можеме да бидеме сигурни дека ова ветување ќе се оствари бидејќи Јехова има и желба и моќ да го исполни. Затоа, да бидеме решени и понатаму да ја зајакнуваме нашата вера во оваа скапоцена надеж. На тој начин, уште повеќе ќе се зближиме со Бог кој, всушност, на секого од нас му ветува: „Твоите сакани ќе станат!“ (Јован 11:23; w23.04 8, пас. 2; 12, пас. 17; 13, пас. 20).
Четврток, 6 март
Скромно оди со твојот Бог (Мих. 6:8)
Скромноста и понизноста се тесно поврзани. Покажуваме дека сме скромни со тоа што имаме исправно гледиште за себеси и за нашите ограничувања. Покажуваме дека сме понизни со тоа што ги почитуваме другите и ги сметаме за поголеми од себе (Фил. 2:3). Општо земено, една скромна личност е и понизна личност. Гедеон бил скромен и понизен човек. Кога еден Јеховин ангел му кажал на Гедеон дека е избран да ги ослободи Израелците од моќните Мадијамци, овој понизен човек го рекол следново: „Мојот род е најслаб во Манасија, а јас сум најмал во куќата на татко ми“ (Суд. 6:15). Гедеон сметал дека не е доволно способен за таа задача, но Јехова знаел дека тој може да го направи тоа. Со помош од Јехова, Гедеон успешно ја извршил својата задача. Старешините даваат сѐ од себе да покажуваат скромност и понизност во сѐ што прават (Дела 20:18, 19). Тие не се гордеат со своите способности или постигнувања, ниту пак мислат дека се безвредни поради некои свои грешки или пропусти (w23.06 3, пас. 4-5).
Петок, 7 март
Тој ќе ти ја смачка главата (1. Мој. 3:15)
Потомството ќе му ја смачка главата на Сатана во иднина, откако ќе поминат повеќе од 1.000 години (Отк. 20:7-10). Пред да се случи тоа, ќе се случат следниве важни настани кои се проречени во Библијата. Најпрво, народите ќе прогласат „мир и сигурност“ (1. Сол. 5:2, 3). Тогаш, народите ќе ги нападнат сите лажни религии, и така ненадејно ќе започне големата неволја (Отк. 17:16). Потоа, Исус ќе им суди на луѓето така што ќе ги одвои овците од јарците (Мат. 25:31-33, 46). За сето тоа време, Сатана ќе продолжи да му се противи на Јехова. Во својата голема омраза тој ќе поттикне една коалиција составена од сите народи, која Библијата ја нарекува Гог од земјата Магог, да го нападне Божјиот народ (Езек. 38:2, 10, 11). Во одреден момент во текот на големата неволја, помазаниците кои сѐ уште ќе бидат на Земјата ќе бидат собрани на небото, каде што заедно со Христос и со неговата небесна војска ќе се борат во војната Армагедон — завршницата на големата неволја (Мат. 24:31; Отк. 16:14, 16). Тогаш ќе започне Христовото илјадагодишно владеење над Земјата (Отк. 20:6; w23.10 20-21, пас. 9-10).
Сабота, 8 март
Твојот слуга се бои од Јехова уште од младоста (1. Цар. 18:12)
Денес, многу слуги на Јехова живеат во земји каде што нашето дело е под забрана. Исто како Авдија, овие драги браќа и сестри покажуваат почит кон световните власти, но и покрај забраната, продолжуваат да му служат на Јехова (Мат. 22:21). Тие покажуваат дека имаат страв од Бог така што му се послушни нему наместо на луѓето (Дела 5:29). Тоа го прават така што продолжуваат да ја објавуваат добрата вест и тајно да ги одржуваат состаноците (Мат. 10:16, 28). Тие даваат сѐ од себе за нивните браќа и сестри да ја добијат духовната храна која им е толку многу потребна. Размисли за примерот на Хенри кој живее во една африканска земја каде што нашето дело некое време било под забрана. За време на забраната, Хенри доброволно се пријавил да им носи библиски публикации на своите соверници. Тој напишал: „По природа, јас сум срамежлив... Јехова ми ја даде потребната храброст“. Што мислиш, дали можеш и ти да бидеш храбар исто како Хенри? Можеш, ако стекнеш исправен страв од Бог (w23.06 15, пас. 9; 16, пас. 11).
Недела, 9 март
Преку еден човек гревот влезе во светот (Рим. 5:12)
Откако Адам и Ева се побуниле, можеби изгледало дека Сатана го спречил Бог да ја исполни својата намера — на Земјата да живеат совршени и послушни луѓе. Сатана можеби мислел дека на Јехова не му остануваат многу опции. Едната опција била да ги уништи Адам и Ева и да создаде нов совршен пар за да ја исполни својата намера со човештвото. Но, ако Бог го направел тоа, Ѓаволот би го обвинил дека е лажливец. Зошто? Бидејќи, како што е запишано во 1. Мојсеева 1:28, Јехова им рекол на Адам и Ева дека нивното потомство ќе ја наполни Земјата. Или, можеби си мислел дека Јехова ќе им дозволи на Адам и на Ева да имаат несовршени потомци кои никогаш нема да можат да станат совршени (Проп. 7:20; Рим. 3:23). Во тој случај, без сомнение, Ѓаволот би го обвинил Јехова дека не успеал да ја исполни својата намера — Земјата да биде полна со совршени луѓе (w23.11 6, пас. 15-16).
Понеделник, 10 март
Не одете преку она што е напишано (1. Кор. 4:6)
Јехова ни дава јасно водство преку својата Реч и преку својата организација. Немаме ниту една причина да додаваме нешто на упатствата што тој ни ги дава (Изр. 3:5-7). Затоа, не одиме преку она што е напишано во Библијата и не им поставуваме правила на соверниците за работи што се оставени на личен избор. Преку „празна измама“ и „начелата на овој свет“, Сатана се обидува да ги заведе луѓето и да создаде поделби меѓу нив (Кол. 2:8). Во првиот век, тој ги користел човечките филозофии, небиблиските еврејски учења и учењето дека христијаните мора да се држат за Мојсеевиот закон. Тие работи биле измама бидејќи им го одвлекувале вниманието на луѓето од Јехова, кој е вистинскиот извор на мудроста. Денес, Сатана ги користи медиумите и социјалните мрежи за да шири теории на заговор и лажни вести кои се поддржани од политички водачи (w23.07 16, пас. 11-12).
Вторник, 11 март
Колку се големи твоите дела, о Јехова! Твоите мисли се многу длабоки (Пс. 92:5)
Јехова се справил со побуната на Сатана и на првите луѓе на начин кој Сатана никогаш не можел да си го замисли. Со тоа што им дозволил на Адам и на Ева да имаат деца, Јехова докажал дека не е лажливец. Исто така, тој докажал дека, кога ќе каже дека ќе направи нешто, ништо не може да го спречи во тоа. Тој се погрижил да се оствари неговата намера така што обезбедил „потомство“ кое ќе ги спаси послушните потомци на Адам и Ева. Тоа „потомство“ ќе го дало својот живот како откупнина за да го спаси човештвото (1. Мој. 3:15; 22:18). Сатана никогаш не очекувал такво решение. Зошто? Бидејќи откупнината се темели на несебична љубов (Мат. 20:28; Јован 3:16). Сатана не ја поседува оваа особина бидејќи е себичен. Што ќе се случи благодарение на откупнината? На крајот од илјадагодишното владеење на Христос, на Земјата, која тогаш ќе биде претворена во рај, ќе живеат совршени и послушни потомци на Адам и Ева — токму како што Јехова имал намера на почетокот (w23.11 6, пас. 17).
Среда, 12 март
Бог ќе им суди (Евр. 13:4)
Ние сме му послушни на Јеховиниот закон во врска со светоста на животот и крвта. Зошто? Затоа што Јехова кажал дека крвта го претставува животот, што е скапоцен дар од него (3. Мој. 17:14). Кога за прв пат им дозволил на луѓето да јадат месо од животни, Јехова им заповедал да не ја јадат крвта (1. Мој. 9:4). Тој ја повторил оваа заповед кога на Израелците им го дал Мојсеевиот закон (3. Мој. 17:10). Исто така, Јехова со својот дух го поттикнал водечкото тело од првиот век да им даде упатство на сите христијани да се воздржуваат од крв (Дела 15:28, 29). Ние цврсто се држиме за оваа заповед кога треба да одлучиме какво лекување ќе прифатиме. Исто така, ние цврсто се држиме за Јеховините високи морални мерила. На сликовит начин, Павле нѐ советува да ги „усмртиме“ деловите на нашето тело, односно да преземеме драстични мерки за да ја отстраниме секоја наша погрешна желба. Затоа, ние ниту гледаме ниту правиме нешто што би можело да води до сексуален неморал (Кол. 3:5; Јов 31:1; w23.07 15, пас. 5-6).
Четврток, 13 март
На крајот ѝ го отвори целото срце (Суд. 16:17)
Самсон можеби толку бил заслепен од љубовта кон Делила што не сфатил каква е нејзината намера. Како и да е, таа постојано му вршела притисок на Самсон да ѝ каже од каде доаѓа неговата сила. На крајот, тој попуштил и ѝ кажал. За жал, поради својата грешка, Самсон некое време ја изгубил својата сила и наклоноста од Јехова (Суд. 16:16-20). Самсон претрпел горки последици бидејќи повеќе ѝ верувал на Делила отколку на Јехова. Филистејците го фатиле Самсон и го ослепиле. Тие го затвориле во Газа и го принудиле да ја врти мелницата во затворот. Потоа, Филистејците го понижиле кога биле собрани на една прослава. Тие му принеле голема жртва на својот лажен бог Дагон бидејќи верувале дека тој им помогнал да го фатат Самсон. Филистејците го извеле Самсон од затворот и го донеле на прославата за да ги забавува со тоа што ќе му се потсмеваат (Суд. 16:21-25; w23.09 5-6, пас. 13-14).
Петок, 14 март
Правете го она што сите луѓе го сметаат за добро (Рим. 12:17)
Можеби некој наш колега или соученик ќе ни приговара затоа што живееме според библиските мерила. Ние ќе се потрудиме најдобро што можеме да ги објасниме нашите верувања. Но, во исто време, ќе покажеме почит кон неговото мислење (1. Пет. 3:15). Наместо да гледаме на неговото прашање како на напад или критика, треба да размислиме како тоа прашање може да ни помогне да дознаеме што му е важно на тоа лице. Без разлика од која причина некој ни поставил прашање, убаво е да одговориме љубезно и благо. На тој начин, нашиот одговор можеби ќе го поттикне да го преиспита своето гледиште. На пример, ако некој колега те праша зошто не славиш роденден, размисли за следново прашање: Дали можеби си мисли дека на Јеховините сведоци не им е дозволено да се забавуваат? Би можел да го пофалиш затоа што сака сите колеги да се чувствуваат убаво. Тоа би можело да ти даде прилика во еден опуштен разговор да му објасниш на твојот колега што дознаваме од Библијата во врска со родендените (w23.09 16-17, пас. 10-11).
Сабота, 15 март
Чувајте се од тие дрски беззаконици за да не ве одвлечат со својата заблуда и да не ја изгубите својата постојаност (2. Пет. 3:17)
Навистина имаме голема чест да го користиме преостанатото време за да им сведочиме на луѓето од сите народи. Апостол Петар нѐ поттикнува да го имаме „на ум Јеховиниот ден“ (2. Пет. 3:11, 12). Како можеме да го правиме тоа? Би било добро — ако е можно и секој ден — да размислуваме за благословите што ќе ги донесе новиот свет. Замисли си како вдишуваш вистински чист воздух, како јадеш здрава храна, како ги пречекуваш своите најблиски кои воскреснале и како ги поучуваш луѓето кои живееле со векови претходно за исполнувањето на библиските пророштва. Ако размислуваш за овие работи, тоа ќе ти помогне со нетрпение да го очекуваш тоа време и да бидеш уверен дека навистина живееме во последните денови. Тоа што однапред знаеме што нѐ очекува во иднина, ќе ни помогне да не бидеме заведени од лажни учители (w23.09 27, пас. 5-6).
Недела, 16 март
Слушајте ги своите родители во Господарот, зашто тоа е праведно (Еф. 6:1)
Младите се опкружени со врсници кои им се „непослушни на родителите“ (2. Тим. 3:1, 2). Зошто многу од нив се непослушни? Некои деца сметаат дека нивните родители се лицемерни затоа што очекуваат од нив да прават нешто што и самите не го прават. Други сметаат дека советите од нивните родители се застарени, непрактични или премногу строги. Ако си млад, дали и ти понекогаш мислиш така? На многумина им е тешко да се држат за заповедта на Јехова запишана во денешниот стих. Што може да ти помогне да бидеш послушен на оваа заповед? Можеш многу да научиш за послушноста од Исус, кој е најдобар пример во тој поглед (1. Пет. 2:21-24). Тој бил совршен човек, а имал несовршени родители. Но, Исус ги почитувал своите родители дури и кога тие правеле грешки и погрешно го разбирале во некои прилики (2. Мој. 20:12; w23.10 7, пас. 4-5).
Понеделник, 17 март
Претходната заповед се укинува поради нејзината слабост и бескорисност (Евр. 7:18)
Апостол Павле објаснил дека жртвите што биле пропишани со Законот не можеле потполно да го отстранат гревот. Од таа причина, Мојсеевиот закон бил укинат. Павле потоа ги поучил за некои подлабоки вистини. Тој ги потсетил своите соверници на „подобрата надеж“ која се темели на жртвата на Исус, која вистински можела да им помогне да му се приближат на Бог (Евр. 7:19). Павле им објаснил на своите браќа со еврејско потекло зошто начинот на кој му служат на Јехова како христијани е многу подобар од начинот на кој му служеле во минатото. Обележјата на еврејската религија биле „само сенка на она што доаѓа, а самата стварност е Христос“ (Кол. 2:17). Сенката од еден предмет е само одраз на вистинскиот изглед на тој предмет. Слично на тоа, начинот на кој Евреите му служеле на Бог во минатото бил само сенка на стварноста што требало да дојде. Ние треба да го разбереме новиот, христијански начин на обожавање што Јехова го воспоставил во првиот век. Треба да го разбереме сето она што Јехова го направил за да ни бидат простени гревовите, и така да можеме да му служиме на исправен начин (w23.10 25, пас. 4-5).
Вторник, 18 март
Во времето на крајот, царот на југот ќе се препира со него, и царот на северот ќе навали врз него (Дан. 11:40)
Во Даниел поглавје 11 се зборува за два цара, или политички сили, кои се борат меѓу себе за светска превласт. Ако го споредиме ова пророштво со другите пророштва од Библијата, сфаќаме дека „царот на северот“ е Русија заедно со нејзините сојузници, а „царот на југот“ е англо-американската светска сила. Божјиот народ кој живее под власта на „царот на северот“ трпи директно прогонство од овој цар. Некои Сведоци биле тепани и фрлени во затвор поради нивната вера. Но, прогонството од „царот на северот“ не ги уплашило нашите браќа, туку напротив, им ја зајакнало верата. Зошто? Бидејќи нашите браќа знаат дека прогонството на Божјиот народ е исполнување на пророштвото од Даниел (Дан. 11:41). Тоа што го знаеме овој факт може да ни помогне да ја задржиме нашата надеж цврста и да му останеме верни на Јехова (w23.08 11, пас. 15-16).
Среда, 19 март
Кој ве допира вас, ја допира зеницата на моето око (Зах. 2:8)
Јехова нѐ споредува со зеницата на своето око. Окото е осетлив и важен дел од нашето тело. Според тоа, со други зборови, Јехова како да ни вели: „Оној што те повредува тебе, народе мој, го повредува она што е скапоцено за мене“. Бидејќи нѐ сака, Јехова забележува како се чувствуваме и има силна желба да нѐ заштити. Кога ние чувствуваме болка, и тој чувствува болка. Затоа, можеме слободно да му се молиме на следниов начин: „Чувај ме како зеницата на окото“ (Пс. 17:8). Јехова сака да бидеш уверен дека те сака тебе лично. Но, знае дека поради твоите искуства од минатото можеби се прашуваш дали тој би можел да те сака. Или, можеби во моментов се наоѓаш во некоја ситуација поради која твојата доверба во Јеховината љубов е ставена на испит. Што ќе ти помогне да си ја зајакнеш довербата? Тоа што ќе дознаеш како Јехова ја изразува својата љубов кон Исус, кон помазаниците и кон сите нас (w24.01 27, пас. 6-7).
Четврток, 20 март
Раката на нашиот Бог беше над нас и тој нѐ избави од раката на непријателите (Езра 8:31)
Езра видел како Јехова му помагал на својот народ во тешко време. Со години претходно, во 484 год. пр.н.е., Езра веројатно живеел во Вавилон кога цар Ахасвер издал наредба да бидат убиени сите Евреи низ Персиското Царство (Ест. 3:7, 13-15). Животот на Езра и на сите Евреи бил во опасност! Кога чуле за таа закана, тие биле толку вознемирени што постеле и плачеле и, без сомнение, го молеле Јехова за помош (Ест. 4:3). Замисли си како се чувствувале Езра и другите Евреи кога оние што го сковале заговорот биле убиени наместо нив! (Ест. 9:1, 2). Она што Езра го доживеал за време на тој тежок период најверојатно го подготвило за идните искушенија и ја зајакнало неговата доверба во Јеховината способност да го заштити својот народ (w23.11 17, пас. 12-13).
Петок, 21 март
Бог го смета за праведен независно од неговите дела (Рим. 4:6)
Апостол Павле главно мислел на „делата пропишани со законот“ — Мојсеевиот закон кој Јехова им го дал на Израелците на планината Синај (Рим. 3:21, 28). Се чини дека во времето на Павле, на некои христијани со еврејско потекло им било тешко да прифатат дека повеќе не треба да се држат за Мојсеевиот закон. Значи, Павле го употребил примерот на Авраам за да докаже дека, за некој да биде прогласен за праведен, не е потребно да ги врши „делата пропишани со законот“, туку треба да има вера. Она што го кажал Павле е охрабрувачки бидејќи нѐ уверува дека е возможно Бог да нѐ смета за праведни. Ако стекнеме вера во Бог и во Христос, тоа ќе ни помогне да го имаме Божјето одобрување. Од друга страна, „делата“ за кои зборувал Јаков во поглавје 2 не се „делата пропишани со законот“ за кои зборувал Павле. Јаков зборувал за делата, односно активностите што христијаните ги прават во нивниот секојдневен живот (Јак. 2:24). Таквите дела покажуваат дали еден христијанин има вистинска вера во Бог или не (w23.12 3, пас. 8; 4-5, пас. 10-11).
Сабота, 22 март
Мажот е глава на жената (Еф. 5:23)
Сестрите кои размислуваат да стапат во брак, треба многу внимателно да го изберат својот брачен другар. Имај на ум дека ќе треба да го почитуваш поглаварството на мажот со кој ќе стапиш во брак (Рим. 7:2; Еф. 5:33). Затоа, прашај се: „Дали тој е зрел христијанин? Дали Јехова му е на прво место во животот? Дали носи мудри одлуки? Дали е спремен да си ги признае грешките? Дали ги почитува жените? Дали ги има потребните вештини за да се грижи за мене во духовен, материјален и емоционален поглед?“ Се разбира, ако сакаш да најдеш добар сопруг, ќе треба да се подготвиш за да бидеш добра сопруга. Една добра сопруга е „помошничка“ на својот сопруг и „негово дополнение“ (1. Мој. 2:18). И, бидејќи го сака Јехова, таа прави сѐ што може за другите да имаат убаво мислење за нејзиниот сопруг (Изр. 31:11, 12; 1. Тим. 3:11). Можеш да се подготвиш за оваа улога така што ќе си ја продлабочуваш љубовта кон Јехова и ќе им помагаш на другите дома и во собранието (w23.12 22-23, пас. 18-19).
Недела, 23 март
Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог (Јак. 1:5)
Јехова ветува дека ќе ни дава мудрост за да носиме добри одлуки. Божјата мудрост ни е особено потребна кога треба да донесеме одлуки кои ќе влијаат врз целиот наш живот. Исто така, тој ни дава сила да истраеме. Исто како што било случај со апостол Павле, Јехова и нам ќе ни дава сила да истраеме во неволјите (Фил. 4:13). Еден начин на кој го прави тоа е преку нашето духовно семејство. Ноќта пред да го жртвува својот живот, Исус се молел сесрдно. Тој го молел Јехова да го поштеди од срамот да умре како богохулник. Јехова не го направил тоа, туку му помогнал на Исус така што испратил еден ангел, односно еден од неговите браќа на небото, за да го зајакне (Лука 22:42, 43). Јехова и нас може да ни помогне така што ќе поттикне некој брат или сестра да нѐ охрабри со тоа што ќе ни се јави преку телефон или ќе нѐ посети. Секој од нас може да бара прилики за да им каже некаков добар збор на своите соверници (Изр. 12:25; w23.05 10-11, пас. 9-11).
Понеделник, 24 март
Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг (1. Сол. 5:11)
Неактивните кои ќе присуствуваат на Спомен-свеченоста можеби се плашат дека нема да наидат на убава реакција од другите. Затоа, немој да им поставуваш прашања со кои ќе ги засрамиш и немој да кажеш нешто со што би можел да ги повредиш. Овие браќа и сестри се наши соверници. Се радуваме што повторно имаме прилика да го обожаваме Јехова заедно со нив! (Пс. 119:176; Дела 20:35). Воопшто не нѐ чуди тоа што Исус рекол секоја година да ја одбележуваме годишнината од неговата смрт. Тоа што присуствуваме на Спомен-свеченоста ни користи и нам и на другите на многу начини (Иса. 48:17, 18). Нашата љубов кон Јехова и кон Исус расте. Покажуваме колку многу сме благодарни за она што го направиле за нас. Стануваме поблиски со нашите браќа и сестри. А можеме да им помогнеме и на другите да дознаат како можат и тие да ги доживеат благословите што ги овозможува откупнината. Затоа, да направиме сѐ што можеме за да се подготвиме за овогодишната Спомен-свеченост — најважниот ден во годината! (w24.01 14, пас. 18-19).
Вторник, 25 март
Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те води (Иса. 48:17)
На кој начин нѐ води Јехова? Првенствено преку неговата Реч, Библијата. Но, тој користи и луѓе. На пример, преку „верниот и разборит роб“ ни дава духовна храна која ни помага да носиме мудри одлуки (Мат. 24:45). Исто така, Јехова користи и други браќа за да ни дава водство. На пример, покраинските надгледници и собраниските старешини нѐ храбрат и ни даваат упатства кои можат да ни помогнат да издржиме во тешки времиња. Ние сме многу благодарни што Јехова ни дава толку добро водство во овие тешки времиња пред да дојде крајот. Тоа ни помага да останеме блиски со Јехова и да останеме на патот што води во живот. Сепак, понекогаш може да ни биде тешко да го следиме водството што ни го дава Јехова, особено кога го добиваме преку несовршени луѓе. Во такви ситуации од голема важност е да имаме доверба дека Јехова е тој што го води својот народ и дека, ако го следиме неговото водство, тоа ќе биде за наше добро (w24.02 20, пас. 2-3).
Среда, 26 март
Да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина! (1. Јов. 3:18)
Нашата љубов кон Бог ќе може да расте ако трудољубиво ја проучуваме неговата Реч. Додека читаш некој дел од Библијата, обиди се да разбереш што открива тој за Јехова. Прашај се: „Како овој извештај ми покажува дека Јехова ме сака? Кои причини ми ги дава за да го сакам Јехова?“ Друг начин на кој можеме да придонесеме нашата љубов кон Јехова да расте е така што редовно ќе му се молиме и ќе му кажуваме како се чувствуваме (Пс. 25:4, 5). А тој ќе одговори на нашите молитви (1. Јов. 3:21, 22). Освен тоа, треба да расте и нашата љубов кон другите. Неколку години откако станал христијанин, апостол Павле го запознал младиот Тимотеј. Тимотеј го сакал Јехова, а ги сакал и луѓето. Павле им кажал на Филипјаните: „Немам никој друг како [Тимотеј], кој вистински би се грижел за вашата благосостојба“ (Фил. 2:20). Павле очигледно бил воодушевен од љубовта што Тимотеј ја покажувал кон браќата и сестрите. Без сомнение, собранијата многу се радувале на посетите од Тимотеј (1. Кор. 4:17; w23.07 9, пас. 7-10).
Четврток, 27 март
Никогаш нема да те напуштам (Евр. 13:5)
Кратко пред Израелците да влезат во Ветената земја, Мојсеј умрел. Дали Јехова престанал да им помага на своите слуги откако тој верен човек умрел? Не. Сѐ додека му биле верни, Јехова се грижел за нив. Пред Мојсеј да умре, Јехова му рекол да го постави Исус Навин за водач на неговиот народ. Мојсеј го обучувал Исус Навин со децении (2. Мој. 33:11; 5. Мој. 34:9). Освен тоа, имало и многу други способни мажи кои предводеле — илјаданачалници, стотници, педесетници, па дури и десетници (5. Мој. 1:15). Божјиот народ бил многу добро згрижен. Слично нешто било и во времето на Илија. Тој со години вложувал голем труд за да им помага на Израелците да го обожаваат Јехова на исправен начин. Но подоцна, Јехова му дал друга задача — да служи во јужниот дел на Јуда (2. Цар. 2:1; 2. Лет. 21:12). Дали верните слуги од десетплеменското царство Израел биле препуштени сами на себе? Не. Илија со години го обучувал Елисеј. Јехова продолжил да ја исполнува својата намера и да се грижи за своите верни слуги (w24.02 5, пас. 12).
Петок, 28 март
Живејте како деца на светлината (Еф. 5:8)
Христијаните од Ефес живееле во склад со Јеховината Реч која била како светлина која ги водела (Пс. 119:105). Овие Ефешани ги оставиле своите лажни верски обичаи и неморалното однесување. Тие се угледале на Бог и правеле сѐ што можеле за да му служат на Јехова и да го радуваат (Еф. 5:1). Слично на тоа, пред да ја дознаеме вистината, и ние сме биле во темнина во духовен и во морален поглед. Некои од нас славеле празници кои се поврзани со лажната религија, а други воделе неморален живот. Но, откако сме дознале за Јеховините мерила за исправно и погрешно, сме направиле промени. Сме почнале да живееме онака како што Бог сака да живееме. Тоа ни користело на многу начини (Иса. 48:17). Но, ние и понатаму се соочуваме со предизвици. Ние треба да се чуваме од темнината која сме ја оставиле и да продолжиме да живееме „како деца на светлината“ (w24.03 21, пас. 6-7).
Сабота, 29 март
Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор (Фил. 3:16)
Можеби мислиш дека сѐ уште не си спремен да се заветуваш и да се крстиш. Можеби треба да направиш уште некои промени во твојот живот за да се држиш за сите Јеховини мерила или можеби ти е потребно уште време за да си ја зајакнеш верата (Кол. 2:6, 7). Не напредуваат сите интересенти со исто темпо, и не се спремни сите млади да се заветуваат и да се крстат на иста возраст. Кога размислуваш за твојот духовен напредок, обиди се да сфатиш кои промени треба да ги направиш ти, без да се споредуваш со некој друг (Гал. 6:4, 5). Дури и ако сфатиш дека сѐ уште не си спремен да му го заветуваш својот живот на Јехова, не се откажувај од таа цел. Моли го Јехова да ти помогне да ги направиш сите потребни промени (Фил. 2:13). Биди сигурен дека тој ќе ги слушне твоите молитви и ќе одговори на нив (1. Јов. 5:14; w24.03 5, пас. 9-10).
Недела, 30 март
Мажи, живејте со своите жени во склад со она што сте го научиле (1. Пет. 3:7)
Во една прилика, Сара била многу вознемирена и отворено му кажала на Авраам како се чувствува, па дури и го обвинила. Авраам знаел дека Сара го почитува и дека ги поддржува неговите одлуки. Тој ја сослушал и се обидел да го реши проблемот (1. Мој. 16:5, 6). Што учиме од ова? Сопрузи, вие имате авторитет да носите одлуки за вашето семејство (1. Кор. 11:3). Сепак, ќе покажете љубов кон вашата сопруга со тоа што ќе ја слушате внимателно и ќе го земете предвид нејзиното мислење пред да донесете некоја одлука, особено ако таа одлука влијае и врз неа (1. Кор. 13:4, 5). Во друга прилика, Авраам решил да им покаже гостопримство на едни неочекувани гости. Тој ѝ рекол на Сара да ја остави работата што ја правела во моментот и да подготви голема количина леб (1. Мој. 18:6). Сара веднаш го направила она што Авраам ѝ го рекол и со тоа ја поддржала неговата одлука. Сопруги, вие можете да го следите примерот на Сара така што ќе ги поддржувате одлуките на вашиот сопруг. Ако го правите тоа, ќе си го зајакнете вашиот брак (1. Пет. 3:5, 6; w23.05 24-25, пас. 16-17).
Понеделник, 31 март
Мудроста одозгора е спремна да послуша (Јак. 3:17)
Откако Гедеон бил поставен за судија, неговата послушност и неговата храброст биле ставени на испит. Тој добил една тешка задача да го разурне жртвеникот на Ваал што го имал поставено татко му (Суд. 6:25, 26). Подоцна, откако ја собрал војската, на Гедеон двапати му било кажано да го намали нејзиниот број (Суд. 7:2-7). На крајот, Јехова му рекол да го нападне непријателскиот логор среде ноќ (Суд. 7:9-11). Старешините треба да го следат начелото од Јаков 3:17, каде што пишува дека мудроста е „спремна да послуша“. Еден послушен старешина спремно ги применува советите од Божјата Реч и упатствата од Божјата организација. На тој начин, тој е добар пример за другите. Сепак, неговата послушност може да биде ставена на испит. На пример, можеби му е тешко да држи чекор со сите упатства што ги добил. Во некои ситуации, може да се прашува дали некое упатство навистина е практично или мудро. Или, може да биде замолен да изврши некоја задача поради која би можел да биде уапсен. Како можат старешините, по примерот на Гедеон, да покажат послушност во вакви ситуации? Внимателно слушај ги упатствата и применувај ги (w23.06 4-5, пас. 9-11).