Април
Вторник, 1 април
Што ми направи? Зошто ме измами? (1. Мој. 29:25)
Слугите на Јехова во библиски времиња се соочувале со неочекувани проблеми. Размисли за Јаков. Неговиот татко му заповедал да се ожени со една од ќерките на Лаван, кој им бил роднина и му служел на Јехова. Освен тоа, татко му го уверил дека Јехова богато ќе го благослови (1. Мој. 28:1-4). Јаков го послушал својот татко. Тој ја напуштил ханаанската земја и тргнал на пат кон домот на Лаван, кој имал две ќерки, Лија и Рахела. Јаков се вљубил во Рахела, помладата ќерка на Лаван, и се согласил да работи седум години за нејзиниот татко за да може да се ожени со неа (1. Мој. 29:18). Но, работите не испаднале онака како што Јаков се надевал. Лаван го изиграл и го оженил со неговата постара ќерка, Лија. Лаван му дозволил на Јаков да се ожени со Рахела една седмица подоцна, но под услов да работи за него уште седум години (1. Мој. 29:26, 27). Освен тоа, додека Јаков работел за него, Лаван постапувал нечесно. Всушност, Лаван го искористувал Јаков цели 20 години! (1. Мој. 31:41, 42; w23.04 15, пас. 5).
Среда, 2 април
Излевајте го срцето пред него (Пс. 62:8)
Кому може да му се обратиме кога ни се потребни утеха и водство? Го знаеме одговорот на ова прашање. Можеме да му се обратиме на Јехова Бог во молитва. Јехова нѐ поттикнува да го правиме токму тоа. Во Библијата пишува: „Молете се непрестајно“ (1. Сол. 5:17). Ова ни покажува дека Јехова сака да му се молиме често (Изр. 3:5, 6). Може слободно да зборуваме со него во молитва и да бараме водство за секој аспект од нашиот живот. Бидејќи е великодушен Бог, Јехова не го ограничил бројот на молитвите што ќе му ги упатиме. Исус сфатил дека нашите молитви му се многу важни на Јехова. Долго време пред да дојде на Земјата, тој видел како неговиот Татко одговара на молитвите на своите верни слуги. На пример, Исус бил покрај својот Татко кога Тој одговорил на искрените молитви на Ана, Давид, Илија и многу други (1. Сам. 1:10, 11, 20; 1. Цар. 19:4-6; Пс. 32:5). Затоа не нѐ чуди што Исус ги поучил своите ученици да се молат често и да имаат доверба дека Јехова ќе им одговори на молитвите (Мат. 7:7-11; w23.05 2, пас. 1, 3).
Четврток, 3 април
Кој се тресе од страв од човек, си поставува замка, а кој се надева на Јехова, ќе биде заштитен (Изр. 29:25)
Првосвештеникот Јодај имал страв од Јехова. Ова станало очигледно кога Готолија, ќерката на Језавела, незаконски го презела царскиот престол во Јуда. Таа била толку сурова и алчна за власт што се обидела да ја погуби целата царска лоза — своите сопствени внуци! (2. Лет. 22:10, 11). Едно од тие деца — Јоас, преживеал затоа што Јосавета, жената на Јодај, го спасила. Таа и нејзиниот сопруг го скриле детето и се грижеле за него. На тој начин, Јодај и Јосавета помогнале да се сочува царската лоза на Давид. Јодај му бил верен на Јехова и не се плашел од Готолија. Кога Јоас имал седум години, Јодај повторно докажал дека му е верен на Јехова. Тој смислил план. Доколку планот успеел, Јоас, законскиот наследник на Давид, ќе станел цар. Но, доколку планот пропаднел, Јодај најверојатно ќе го изгубел животот. Со Јеховина помош, планот успеал (w23.06 17, пас. 12-13).
Петок, 4 април
Знај дека Севишниот владее над човечкото царство и го дава кому сака (Дан. 4:25)
Царот Навуходоносор лесно можел да си помисли дека Даниел се бунтува против него и можел да го убие овој Божји слуга. Но, и покрај тоа, Даниел храбро му го протолкувал сонот. Што можеби му помогнало на Даниел да биде храбар во текот на целиот живот? Кога бил мал, Даниел најверојатно учел од примерот на мајка му и татко му (5. Мој. 6:6-9). Даниел не ги знаел само основните работи од Законот, како што биле Десетте заповеди, туку знаел и многу детали од Законот. На пример, знаел што смеат, а што не смеат Израелците да јадат (3. Мој. 11:4-8; Дан. 1:8, 11-13). Исто така, Даниел ја познавал историјата на Божјиот народ и знаел што се случувало со Божјите слуги кога тие не му биле послушни на Јехова (Дан. 9:10, 11). Поради сето она што го доживеал во својот живот, Даниел бил уверен дека Јехова и неговите моќни ангели ќе му помагаат (Дан. 2:19-24; 10:12, 18, 19; w23.08 3, пас. 5-6).
Сабота, 5 април
Мудроста е кај скромните (Изр. 11:2)
Ревека била мудра жена која во текот на целиот свој живот носела храбри одлуки и знаела кога и како да дејствува (1. Мој. 24:58; 27:5-17). Сепак, таа покажувала почит и била спремна да следи водство (1. Мој. 24:17, 18, 65). Ако си понизна како Ревека и ако ги поддржуваш оние на кои Јехова им ја дал одговорноста да предводат, ќе бидеш добар пример за сите во твоето семејство и во твоето собрание. Скромноста е особина што им е потребна на сите зрели христијани. Естира била скромна и верно му служела на Бог. Бидејќи била скромна, не се вообразила кога станала царица. Таа го послушала советот на нејзиниот постар братучед Мардохеј (Ест. 2:10, 20, 22). Можеш да покажеш скромност како Естира така што ќе бараш мудри совети и ќе ги применуваш (Тит 2:3-5). Естира покажала скромност на уште еден начин. Иако имала „убава става и убаво лице“, сепак не привлекувала непотребно внимание кон себеси (Ест. 2:7, 15; w23.12 19-20, пас. 6-8).
Недела, 6 април
Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ (1. Јов. 3:20)
Претераното чувство на вина е товар што Јехова не сака да го носиме. Ако сме го признале нашиот грев, ако сме се покајале и ако сме презеле чекори кои ќе нѐ спречат да го повториме тој грев, можеме да бидеме уверени дека Јехова ни простил (Дела 3:19). Откако сме го направиле сето ова, Јехова не сака и понатаму да нѐ измачуваат чувства на вина. Тој знае колку многу тоа може да ни наштети (Пс. 31:10). Ако дозволиме да нѐ скрши преголема тага, би можело да се случи да се откажеме од нашата трка за живот (2. Кор. 2:7). Ако постојано те измачуваат претерани чувства на вина, мисли на „вистинското простување“ од Бог (Пс. 130:4). Кога им простува на оние што искрено се каат, тој го дава следново ветување: „Повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Ерем. 31:34). Ова значи дека Јехова никогаш повеќе нема да помисли на гревовите што ти ги простил. Немој да се осудуваш себеси ако, поради своите грешки во минатото, во моментов не можеш да извршуваш некои задачи во службата за Јехова. Тој не размислува повеќе за твоите гревови, а не треба да го правиш тоа ни ти (w23.08 30, пас. 14-15).
Понеделник, 7 април
Бидете постојани, непоколебливи (1. Кор. 15:58)
За време на пандемијата со КОВИД-19, Јеховините сведоци кои го следеа водството од Божјата организација, беа поштедени од непотребни грижи кои ги имаа оние што поверуваа во дезинформации (Мат. 24:45). Не смееме да изгубиме од вид „што е најважно“ (Фил. 1:9, 10). Кога нешто ни го одвлекува вниманието, губиме многу време и сила кои би можеле да ги искористиме за покорисни работи. Секојдневните активности како што се јадењето, пиењето, рекреацијата и работата, би можеле да ни го одвлечат вниманието ако тие ни станат најважното нешто во животот (Лука 21:34, 35). Освен тоа, секој ден сме бомбардирани со вести за разни протести и политички прашања. Не смееме да си дозволиме овие работи да ни го одвлечат вниманието. Во спротивно, би можеле да почнеме во нашето срце и во нашиот ум да заземаме страни. Сатана користи различни методи за да ја ослабне нашата решеност да го правиме она што е исправно (w23.07 16-17, пас. 12-13).
Вторник, 8 април
Правете го ова за мој спомен! (Лука 22:19)
За Јеховиниот народ, Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт е најважниот ден во годината. Тоа е единствениот настан за кој Исус конкретно им заповедал на своите следбеници да го одбележуваат (Лука 22:19, 20). Овој настан нѐ потсетува на кои начини можеме да го покажеме нашето ценење за жртвата на Исус (2. Кор. 5:14, 15). Исто така, ни дава прилика „заемно да се охрабриме“ со нашите браќа и сестри (Рим. 1:12). А голем број заинтересирани лица се воодушевени од она што ќе го видат и чујат на Спомен-свеченоста и се поттикнати да почнат да ја проучуваат Библијата. Исто така, размисли на кој начин Спомен-свеченоста го обединува нашето меѓународно братство. Сосема е разбирливо што Спомен-свеченоста има посебно место во нашето срце! (w24.01 8, пас. 1-3).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 9 нисан) Лука 19:29-44
Среда, 9 април
Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот (Јован 3:16)
Колку повеќе размислуваме за цената што ја платиле Јехова и Исус, толку повеќе сфаќаме колку многу го сакаат секој еден од нас (Гал. 2:20). Откупнината е подарок што Јехова го дал од љубов. Тој ја докажал својата љубов кон нас така што го жртвувал она што му било најскапоцено — Исус. Јехова дозволил неговиот Син да страда и да умре за нас. Јехова не само што чувствува љубов кон нас туку и ја изразува на срдечен начин (Ерем. 31:3, фус.). Тој нѐ привлекол кон себе бидејќи нѐ сака. (Спореди со 5. Мојсеева 7:7, 8.) Никој и ништо не може да нѐ одвои од таа љубов (Рим. 8:38, 39). Како се чувствуваш ти поради тоа што знаеш дека Јехова те сака? (w24.01 28, пас. 10-11).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 10 нисан) Лука 19:45-48; Матеј 21:18, 19; 21:12, 13
Четврток, 10 април
Дадена е надеж дека самото создание ќе биде ослободено (Рим. 8:20, 21)
Помазаните христијани ја ценат надежта што ја имаат да живеат на небото. Еден од нив, брат Фредерик Франц, во 1991 год. кажал што чувствува во врска со својата надеж: „Нашата надеж е сигурна и потполно ќе се исполни на секој од 144-те илјади членови на малото стадо, и тоа во многу поголема мера од она што си го замислуваме... [Ние] сѐ уште многу ја цениме нашата надеж... Колку повеќе ја очекуваме, толку повеќе ја цениме. Вреди да ја чекаме... Јас ја ценам нашата надеж повеќе од кога и да било порано“. Без разлика дали се надеваме на вечен живот на небото или на Земјата, ние имаме прекрасна надеж која ни дава причина за радост. А оваа надеж може да станува сѐ поцврста (w23.12 9, пас. 6; 10, пас. 8).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 11 нисан) Лука 20:1-47
Петок, 11 април
Крвта на јунци и јарци не може да ги однесе гревовите (Евр. 10:4)
Пред влезот на светиот шатор имало бакарен жртвеник на кој му биле принесувани животински жртви на Јехова (2. Мој. 27:1, 2; 40:29). Но, тие жртви не можеле да овозможат потполно простување на гревовите на луѓето (Евр. 10:1-3). Постојаното принесување животински жртви во светиот шатор укажувало на жртвата која потполно ќе ги очисти луѓето од гревот. Исус знаел дека Јехова го пратил на Земјата за да го даде својот живот како откупнина за човештвото (Мат. 20:28). Кога се крстил, Исус покажал дека е спремен да ја врши Божјата волја (Јован 6:38; Гал. 1:4). Тој го принел својот живот како жртва „еднаш засекогаш“ за трајно да ги очисти или покрие гревовите на секој што ќе покаже вера во него (Евр. 10:5-7, 10; w23.10 26-27, пас. 10-11).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 12 нисан) Лука 22:1-6; Марко 14:1, 2, 10, 11
СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТ
по зајдисонце
Сабота, 12 април
Дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар (Рим. 6:23)
Никој од нас не може да плати откупнина за да се ослободи од гревот и смртта (Пс. 49:7, 8). Затоа, Јехова се погрижил Исус да го даде својот живот како откупнина за нас. И двајцата направиле голема жртва. Колку повеќе размислуваме за тоа што жртвувале за нас Јехова и Исус, толку повеќе ќе ја цениме откупнината. Кога Адам згрешил, тој ја изгубил можноста за вечен живот не само за себе туку и за сите свои деца. Со цел да го откупи она што Адам го изгубил, Исус спремно го дал својот совршен живот како жртва. Во текот на целиот свој живот на Земјата, Исус не направил грев, ниту пак се нашла „измама во неговата уста“ (1. Пет. 2:22). Кога умрел, Исус бил совршен, исто како што бил и Адам пред да згреши. Затоа, со тоа што го жртвувал својот живот, Исус можел да ја плати цената за она што го изгубил Адам (1. Кор. 15:45; 1. Тим. 2:6; w24.01 10, пас. 5-6).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 13 нисан) Лука 22:7-13; Марко 14:12-16 (настани по зајдисонце: 14 нисан) Лука 22:14-65
Недела, 13 април
Еднаш засекогаш влезе во светото место, но не со крвта на јарци и јунци, туку со својата крв, и така ни прибави вечно избавување (Евр. 9:12)
Откако воскреснал, Исус влегол во Светињата над светињите на духовниот храм. Од ова јасно се гледа колку е подобар новиот начин на обожавање што Јехова го овозможил на темел на откупната жртва и свештеничката служба на Исус Христос. Првосвештеникот во Израел влегувал во Светињата над светињите, која била направена од човек, со крвта од животинските жртви. Но, Исус влегол во самото небо, најсветото место, за да се појави пред Јехова. Таму ја принел вредноста на својот совршен човечки живот кој го дал за нас „за да го отстрани гревот со својата жртва“ (Евр. 9:24-26). Без разлика дали имаме надеж за живот на небото или на Земјата, сите можеме да го обожаваме Јехова во неговиот духовен храм (w23.10 28, пас. 13-14).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 14 нисан) Лука 22:66-71
Понеделник, 14 април
Затоа, да пристапиме со слобода на говорот кон престолот на незаслужената доброта (Евр. 4:16)
Размисли за улогата што Исус ја има на небесата како наш Цар и сочувствителен Првосвештеник. Преку него, во молитва можеме да пристапиме кон Божјиот престол на незаслужената доброта и да го молиме за милост и помош кога тоа ќе ни биде потребно (Евр. 4:14, 15). Да не дозволиме да помине ниту еден ден без да размислуваме за она што Јехова и Исус го направиле и сѐ уште го прават за нас. Нивната љубов кон нас треба да влијае врз нашето срце и да нѐ поттикне ревносно да му служиме на Јехова (2. Кор. 5:14, 15). Еден од најдобрите начини на кој можеме да ја покажеме нашата благодарност е да им помагаме на другите да станат Сведоци на Јехова и ученици на Исус (Мат. 28:19, 20). Токму тоа го направил апостол Павле. Тој знаел дека Јеховина волја е „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:3, 4; w23.10 22-23, пас. 13-14).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 15 нисан) Матеј 27:62-66
Вторник, 15 април
Смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка (Отк. 21:3, 4).
Многумина од нас им ги читаат овие стихови на луѓето во служба за да ги утешат и за да им покажат каков ќе биде животот во рајот. Како можеме да ги увериме другите, а и себеси, дека благословите што се опишани во Откровение 21:3, 4 навистина ќе се исполнат? Освен што ни го дал ова прекрасно ветување, Јехова ни дал и уверливи причини зошто можеме да имаме доверба дека тоа ќе се исполни. Во стиховите што следат потоа, наоѓаме причини зошто можеме да веруваме во Јеховиното ветување за рај. Таму читаме: „Оној што седи на престолот рече: ’Гледај, правам сѐ ново!‘ Уште рече: ’Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни!‘ И ми рече: ’Се исполнија! Јас сум алфа и омега, почетокот и крајот‘“ (Отк. 21:5, 6а; w23.11 3, пас. 3-5).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 16 нисан) Лука 24:1-12
Среда, 16 април
Помладите мажи поттикнувај ги да бидат разборити (Тит 2:6)
Еден млад брат покажува дека стекнал способност за расудување така што носи добри одлуки во поглед на облекувањето и изгледот. Честопати, модните трендови ги создаваат и ги рекламираат луѓе кои немаат почит кон Јехова или кои живеат неморално. Поради нивниот неморален начин на размислување, тие создаваат облека што е премногу тесна или облека што ги прави мажите да изгледаат како жени. Кога одлучува што ќе облече, еден млад брат кој напредува кон христијанска зрелост се води според библиските начела и според добрите примери во собранието. Тој може да се праша: „Дали од моите одлуки се гледа дека имам способност за расудување и дека покажувам обѕир кон другите? Дали од мојот начин на облекување другите можат јасно да видат дека му служам на Бог?“ (1. Кор. 10:31-33). Еден млад брат со способност за расудување ќе ја стекне почитта не само од своите браќа и сестри, туку и од својот небесен Татко (w23.12 26, пас. 7).
Четврток, 17 април
Моето царство не е дел од овој свет. Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа (Јован 18:36)
Во минатото, „царот на југот“ го прогонувал Јеховиниот народ (Дан. 11:40). На пример, во текот на првата половина од 20 век, многу браќа биле ставени во затвор поради својата неутралност, а некои од децата на Сведоците биле избркани од училиште од истата причина. Но во последните децении, Јеховините слуги кои живеат под власта на „царот на југот“ се соочуваат со подмолни испити на нивната вера. На пример, за време на предизборни кампањи, еден христијанин може да биде на искушение да поддржи некоја политичка партија или некој кандидат. Тој христијанин можеби нема да оди да гласа, но во својот ум и во своето срце, можеби ќе заземе страна. За да останеме потполно неутрални, мора да внимаваме не само на нашите постапки туку и на нашите мисли и чувства! (Јован 15:18, 19; w23.08 12, пас. 17).
Петок, 18 април
Нека е благословен Јехова, кој секој ден ни го носи товарот (Пс. 68:19)
Додека сме во трката за живот, мора да трчаме со цел да ја освоиме наградата (1. Кор. 9:24). Исус рекол дека би можеле да бидеме „оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и... со животните грижи“ (Лука 21:34). Овој и други стихови можат да ти помогнат да сфатиш кои промени можеби треба да ги направиш додека трчаш во трката за живот. Можеме да бидеме сигурни дека ќе победиме во таа трка бидејќи Јехова ќе ни ја дава потребната сила (Иса. 40:29-31). Затоа, немој да успоруваш! Следи го примерот на апостол Павле, кој дал сѐ од себе за да ја освои наградата што била пред него (Фил. 3:13, 14). Никој не може да трча во оваа трка наместо тебе. Но, со помошта од Јехова ти можеш да успееш. Тој може да ти помогне да го носиш својот товар и да го симнеш непотребниот товар. Ако Јехова е покрај тебе, ќе успееш со истрајност да ја трчаш твојата трка и да извојуваш победа! (w23.08 31, пас. 16-17).
Сабота, 19 април
Почитувај ги татка си и мајка си (2. Мој. 20:12)
Кога после еден празник се враќале од Ерусалим, Јосиф и Марија не забележале дека Исус, кој тогаш имал 12 години, го нема (Лука 2:46-52). Се разбира, нивна била одговорноста да проверат дали сите нивни деца се во групата со која патувале. Кога Јосиф и Марија конечно го нашле Исус, Марија го обвинила него дека им направил проблем. Тој можел да им каже дека тоа не е праведно. Наместо тоа, Исус им одговорил едноставно и со почит. Но, Јосиф и Марија не ги разбрале зборовите што им ги кажал. И покрај тоа, Исус и понатаму им бил послушен. Млади, дали ви е тешко да им бидете послушни на вашите родители кога ќе направат некоја грешка, или пак погрешно ќе ве разберат за нешто? Што може да ви помогне? Мислете на тоа како се чувствува Јехова. Во Библијата пишува дека кога сте им послушни на вашите родители, „тоа му се допаѓа на Господарот“ (Кол. 3:20). Јехова знае дека понекогаш вашите родители не ве разбираат во потполност и дека понекогаш ви поставуваат правила кои не се лесни. Но, ако и покрај тоа одлучите да им бидете послушни, ќе го радувате Јехова (w23.10 7, пас. 5-6).
Недела, 20 април
Бидете разумни, сосема благи спрема сите луѓе (Тит 3:2)
Некој твој соученик може да тврди дека Јеховините сведоци треба да го сменат своето гледиште за хомосексуалноста. Можеби ќе треба да го увериме дека ние го почитуваме правото на секој човек сам да носи одлуки за себе (1. Пет. 2:17). Потоа, можеби ќе ни се укаже прилика да му кажеме што вели Библијата и како нејзините мерила ни помагаат да имаме подобар живот. Кога некој има цврст став и не се согласува со некое наше верување, не треба веднаш да заклучиме дека ние знаеме во што верува тој. На пример, што ако некој твој соученик вели дека е бесмислено да се верува во Бог? Дали треба да заклучиш дека тој цврсто верува во еволуција и дека знае многу работи во врска со неа? Всушност, тој можеби не ни размислувал многу околу тоа, туку само го повторува она што го чул. Би можел да го упатиш на нашата страница jw.org каде што може да најде повеќе информации за творештвото. Можеби подоцна ќе сака да разговарате за некоја статија или видеоклип што се наоѓа таму. Ако зборуваш со почит, тоа можеби ќе го поттикне да дознае нешто повеќе за Библијата (w23.09 17, пас. 12-13).
Понеделник, 21 април
Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш, голема е твојата милост кон сите што те повикуваат (Пс. 86:5)
Можеме да бидеме уверени дека, дури и ако сме направиле грешки, Јехова ќе нѐ користи и ќе нѐ благословува доколку даваме сѐ од себе за да се поправиме и доколку продолжиме да се потпираме на него (Изр. 28:13). Самсон не бил совршен. Сепак, не се откажал, туку продолжил да му служи на Јехова дури и откако ја направил грешката со Делила. А и Јехова не се откажал од него. Бог уште еднаш го употребил Самсон на моќен начин. Јехова сѐ уште го сметал за човек со извонредна вера и дозволил да биде спомнат меѓу верните Божји слуги кои се запишани во Евреите поглавје 11. Колку е охрабрувачки што знаеме дека му служиме на нашиот небесен Татко кој е полн со љубов и кој многу сака да нѐ зајакне, особено кога сме слаби. Затоа, исто како Самсон, да го молиме Јехова: „Сети се на мене, те молам, и дај ми сила“ (Суд. 16:28; w23.09 7, пас. 18-19).
Вторник, 22 април
Имајте го на ум Јеховиниот ден (2. Пет. 3:12)
Бидејќи го имаме на ум Јеховиниот ден, ние сме поттикнати да им ја објавуваме добрата вест на другите. Но, понекогаш можеби немаме храброст да го правиме тоа. Зошто? Затоа што може да подлегнеме на стравот од човек. Тоа му се случило на Петар. Ноќта кога било судењето на Исус, Петар се плашел да каже дека е ученик на Исус и три пати рекол дека воопшто не го познава (Мат. 26:69-75). Но, истиот овој апостол подоцна можел со увереност да каже: „Не плашете се од она од кое се плашат тие и не вознемирувајте се“ (1. Пет. 3:14). Зборовите на Петар нѐ уверуваат дека и ние можеме да го совладаме стравот од човек. Што може да ни помогне во тоа? Петар ни го дава одговорот: „Христос, како Господар, нека биде свет во вашите срца“ (1. Пет. 3:15). Можеме да се потсетуваме дека Исус Христос е нашиот Цар и дека тој има голема моќ (w23.09 27-28, пас. 6-8).
Среда, 23 април
Блуд и секаква нечистотија дури да не се спомнуваат меѓу вас (Еф. 5:3)
Ние мора и понатаму да внимаваме да не се вплеткаме во „бесплодните дела на темнината“ (Еф. 5:11). Искуството покажува дека, колку повеќе едно лице гледа, слуша или зборува нечисти и неморални работи, толку поголема е веројатноста дека ќе постапи неисправно (1. Мој. 3:6; Јак. 1:14, 15). Светот на Сатана сака да нѐ измами — да нѐ наведе да веруваме дека она што Јехова го нарекува неморално и нечисто воопшто не е погрешно (2. Пет. 2:19). Една од тактиките кои Ѓаволот долго време ги користи е да ги збуни луѓето за да не можат да разликуваат што е исправно, а што неисправно (Иса. 5:20; 2. Кор. 4:4). Не е чудо што во многу филмови, телевизиски програми и интернет-страници се шират ставови кои не се во склад со Јеховините праведни мерила! Сатана сака да нѐ наведе да мислиме дека нечистите постапки и неморалниот начин на живот се безопасни (Еф. 5:6; w24.03 22, пас. 8-10).
Четврток, 24 април
Тие му служат на Бог на место кое е слика и сенка на она небесното (Евр. 8:5)
Израелците го носеле светиот шатор секаде каде што се селеле. Тие го користеле речиси 500 години, сѐ додека не бил изграден храм во Ерусалим (2. Мој. 25:8, 9; 4. Мој. 9:22). Светиот шатор бил местото каде што Израелците се собирале за да го обожаваат Бог и да му принесуваат жртви (2. Мој. 29:43-46). Но, шаторот исто така претставувал нешто многу поголемо. Тој бил „сенка на она небесното“ и го претставувал Јеховиниот голем духовен храм. Апостол Павле рекол: „Тој шатор е слика за времето кое веќе дојде“ (Евр. 9:9). Значи, до времето кога тој им го напишал писмото на Евреите, духовниот храм веќе станал стварност за христијаните. Почнал да постои во 29 год. од н.е. Таа година Исус се крстил и почнал да служи како „возвишен првосвештеник“ на Јехова во духовниот храм (Евр. 4:14; Дела 10:37, 38; w23.10 26, пас. 6-7).
Петок, 25 април
Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе (Фил. 4:5)
Како христијани, мора да бидеме флексибилни за да можеме да продолжиме со радост да му служиме на Јехова. Како можеме да го постигнеме ова? Мора да бидеме разумни така што ќе се приспособиме кога ќе ни се сменат околностите и така што ќе ги почитуваме гледиштата и одлуките на другите. Како слуги на Јехова, ние сакаме да бидеме разумни. Исто така, сакаме да бидеме понизни и сочувствителни. Јехова е наречен „Карпа“ бидејќи е постојан, непоколеблив (5. Мој. 32:4). Но, тој исто така е и разумен. Како што се менуваат работите во светот, Јехова е флексибилен, односно постојано се приспособува со цел да се оствари неговата намера. Јехова ги создал луѓето според својот лик, со способност да се приспособуваат на нови околности. Тој ни дал јасни библиски начела кои ни помагаат да носиме мудри одлуки без разлика со какви предизвици можеби ќе се соочиме. Со својот пример и со начелата што ни ги дал, Јехова ни помага да сфатиме дека, освен што е „Карпа“, тој е и разумен (w23.07 20, пас. 1-3).
Сабота, 26 април
Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата (Пс. 94:19)
Во Библијата, Јехова се споредува себеси со мајка која е полна со сочувство (Иса. 66:12, 13). Замисли си една мајка која со љубов се грижи за своето мало детенце и која се труди да му го обезбеди она што му е потребно. Кога ние имаме некоја мака, можеме да сметаме на Јеховината љубов. Тој не крева раце од нас кога ќе направиме нешто погрешно (5. Мој. 32:4). Израелците го разочарувале Јехова одново и одново. Сепак, кога тие ќе се покаеле, тој ги уверувал во својата верна љубов. На пример, во една прилика тој му кажал на својот народ: „Бидејќи си драгоцен во моите очи, достоен си за чест и јас те сакам“ (Иса. 43:4, 5). Јехова чувствува иста таква љубов и кон нас денес. Дури и ако сме направиле сериозни грешки, ќе видиме дека Јехова сѐ уште нѐ сака доколку се покаеме и му се вратиме. Тој ветува дека ќе ни прости великодушно (Иса. 55:7). Библијата вели дека тогаш за нас ќе дојдат „времиња на закрепнување од лицето на Јехова“ (Дела 3:19; w24.01 26-27, пас. 4-5).
Недела, 27 април
Раката на Јехова, мојот Бог, беше над мене (Езра 7:28)
Јехова може да ни помогне кога сме во тешка ситуација. На пример, кога го прашуваме нашиот работодавач дали ќе може да нѐ ослободи од работа за да присуствуваме на конгрес или кога прашуваме за промена во работното време за да можеме да бидеме присутни на сите состаноци, тоа ни дава можност да ја видиме Јеховината рака во нашиот живот. Можеби работите ќе излезат подобро отколку што очекуваме. Како резултат на тоа, нашата доверба во Јехова ќе стане уште посилна. Езра понизно му се молел на Јехова за помош. Секогаш кога бил загрижен во врска со одговорностите што ги имал, Езра понизно му се молел на Јехова (Езра 8:21-23; 9:3-5). Тоа што се потпирал на Јехова, ги поттикнало и другите да го поддржат и да се угледаат на неговата вера (Езра 10:1-4). Кога сме оптоварени од грижите во врска со материјалните потреби или безбедноста на нашето семејство, мора со доверба да го молиме Јехова за помош (w23.11 18, пас. 15-17).
Понеделник, 28 април
Аврам му поверува на Јехова, а тој го сметаше за праведен поради тоа (1. Мој. 15:6)
Јехова не вели дека, ако сакаме да бидеме прогласени за праведни, мора да ги правиме истите работи што ги правел Авраам. Всушност, има многу начини на кои можеме нашата вера да ја покажеме преку нашите дела. Можеме да им изразиме добредојде на новите во собранието, да им помагаме на браќата и сестрите кои имаат потреба и да им правиме добро на членовите на нашето семејство. Ако го правиме сето тоа, ќе го радуваме Бог и тој ќе нѐ благослови (Рим. 15:7; 1. Тим. 5:4, 8; 1. Јов. 3:18). Еден од најважните начини на кои можеме да покажеме дека имаме вера е така што ревносно ќе им ја проповедаме добрата вест на другите (1. Тим. 4:16). Секој од нас со своите дела може да покаже дека има вера дека ветувањата на Јехова ќе се исполнат и дека неговите мерила се најдобри. Ако со нашите дела покажеме дека имаме вера, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе нѐ смета за праведни и дека ќе бидеме негови пријатели (w23.12 2, пас. 3; 6, пас. 15).
Вторник, 29 април
Браќа, не бидете деца во разборитоста, туку во разборитоста бидете возрасни (1. Кор. 14:20)
Апостол Павле ги поттикнал Коринќаните да го прават она што е запишано во денешниот стих. Сите браќа денес треба да го применат овој совет. За да успеат во тоа, тие мора да научат да им бидат послушни на Божјите закони и да ги применуваат библиските начела во секој аспект од нивниот живот (Лука 2:52). Зошто е толку важно младите браќа да станат зрели христијани? Мажите кои му служат на Јехова имаат важни улоги и во семејството и во собранието. Млади браќа, без сомнение, вие сте размислувале за одговорностите што можеби ќе ги имате во иднина. Можеби имаш цел да служиш како пионер, како слуга-помошник, а во иднина и како старешина. Исто така, можеби сакаш да стапиш во брак и да имаш деца (Еф. 6:4; 1. Тим. 3:1). За да ги постигнеш овие цели и да бидеш успешен, потребна ти е христијанска зрелост (w23.12 24, пас. 1-2).
Среда, 30 април
Нема да имам доволно време ако почнам да раскажувам за Гедеон (Евр. 11:32)
Старешините во христијанското собрание имаат одговорност да се грижат за Јеховините скапоцени овчички. Овие верни браќа многу го ценат тоа што Јехова им доверил одговорност да им служат на своите браќа и сестри, и затоа тие даваат сѐ од себе да бидат пастири според Божјето срце (Ерем. 23:4; 1. Пет. 5:2). Колку сме благодарни што имаме такви браќа во нашите собранија! Старешините можат да учат од примерот на судијата Гедеон (Евр. 6:12). Тој го штител и го пасел Божјиот народ (Суд. 2:16; 1. Лет. 17:6). Исто како Гедеон, Бог ги поставил старешините да се грижат за неговиот народ во едно особено тешко време (Дела 20:28; 2. Тим. 3:1). Сите ние можеме да учиме од скромноста, понизноста и послушноста на Гедеон. Неговата истрајност била ставена на испит додека ги извршувал своите задачи. Без разлика дали служиме како старешини или не, сите ние можеме во уште поголема мера да покажуваме ценење кон нашите старешини. Со тоа што ќе ги поддржуваме, можеме да им помогнеме на овие духовни браќа кои вложуваат голем труд за да се грижат за собранието (Евр. 13:17; w23.06 2, пас. 1; 3, пас. 3).