ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es25 стр. 47-57
  • Мај

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Мај
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2025
  • Поднаслови
  • Четврток, 1 мај
  • Петок, 2 мај
  • Сабота, 3 мај
  • Недела, 4 мај
  • Понеделник, 5 мај
  • Вторник, 6 мај
  • Среда, 7 мај
  • Четврток, 8 мај
  • Петок, 9 мај
  • Сабота, 10 мај
  • Недела, 11 мај
  • Понеделник, 12 мај
  • Вторник, 13 мај
  • Среда, 14 мај
  • Четврток, 15 мај
  • Петок, 16 мај
  • Сабота, 17 мај
  • Недела, 18 мај
  • Понеделник, 19 мај
  • Вторник, 20 мај
  • Среда, 21 мај
  • Четврток, 22 мај
  • Петок, 23 мај
  • Сабота, 24 мај
  • Недела, 25 мај
  • Понеделник, 26 мај
  • Вторник, 27 мај
  • Среда, 28 мај
  • Четврток, 29 мај
  • Петок, 30 мај
  • Сабота, 31 мај
Секојдневно истражување на Писмото — 2025
es25 стр. 47-57

Мај

Четврток, 1 мај

Ќе завладее голем глад (Дела 11:28)

Христијаните што живееле во првиот век, не биле поштедени кога по целиот свет завладеал глад. Без сомнение, родителите биле загрижени како да обезбедат храна за своето семејство. А како им било на оние млади кои си поставиле за цел да проповедаат во поголема мера? Дали можеби си мислеле дека треба да почекаат гладот да заврши, па потоа да ја зголемат својата служба? Без разлика во какви околности се наоѓале, христијаните се приспособувале. Тие продолжиле да ја вршат службата на оние начини на кои можеле да го прават тоа. И спремно го делеле она што го имале во материјален поглед со своите соверници во Јудеја (Дела 11:29, 30). Оние кои добиле храна и други неопходни работи од прва рака виделе како Јехова им помага (Мат. 6:31-33). Тие сигурно се чувствувале уште поблиски со своите браќа и сестри кои им помогнале. А оние кои давале прилози или учествувале во акцијата за помагање на некој друг начин, можеле да ја почувствуваат радоста од давањето (Дела 20:35; w23.04 16, пас. 12-13).

Петок, 2 мај

Знаеме дека ќе го добиеме она што сме го барале, зашто тоа сме го барале од него (1. Јов. 5:15)

Понекогаш Јехова одговара на молитвите на своите слуги така што поттикнува некои луѓе кои не му служат да дејствуваат во корист на неговиот народ. На пример, тој го поттикнал цар Артаксеркс да го одобри барањето на Неемија да се врати во Ерусалим за да помогне околу обновата на градот (Неем. 2:3-6). И денес, Јехова може да поттикне дури и некој кој не му служи да ни помогне кога имаме потреба од тоа. Обично, не добиваме спектакуларен одговор на нашите молитви. Но, одговорите што ги добиваме се токму она што ни е потребно за да му останеме верни на нашиот небесен Татко. Затоа, труди се да забележиш како Јехова одговара на твоите молитви. Одвреме-навреме, одвој си време за да размислиш како Јехова одговара на твоите молитви (Пс. 66:19, 20). Ние мора да покажуваме вера не само со тоа што ќе му се молиме на Јехова туку и со тоа што ќе го прифаќаме одговорот на нашите молитви, без разлика каков е тој (Евр. 11:6; w23.05 11, пас. 13; 12, пас. 15-16).

Сабота, 3 мај

Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој (Пс. 40:8)

Кога сме му се заветувале на Јехова, ние сме му ветиле дека ќе му служиме само нему и дека ќе ја вршиме неговата волја. Ние мора да живееме според тој завет. Тоа не е товар што не можеме да го носиме бидејќи Јехова нѐ создал со цел да ја вршиме неговата волја (Отк. 4:11). Тој всадил во нас духовни потреби и нѐ создал според својот лик. Како резултат на тоа, ние можеме да се зближиме со него и со задоволство да ја вршиме неговата волја. Исто така, кога ја вршиме Божјата волја и го следиме Божјиот Син, наоѓаме „поткрепа за своите души“ (Мат. 11:28-30). Затоа, зајакнувај ја љубовта кон Јехова така што ќе размислуваш за сите добри работи што тој ги направил за тебе и за благословите што ќе ти ги даде во иднина. Колку повеќе расте твојата љубов кон Бог, толку полесно ќе ти биде да му бидеш послушен (1. Јов. 5:3). Исус успешно ја вршел Божјата волја бидејќи го молел Јехова за помош и мислел на наградата (Евр. 5:7; 12:2). Исто како Исус, моли го Јехова за сила и постојано имај ја на ум надежта за вечен живот (w23.08 27, пас. 4-5).

Недела, 4 мај

Или, можеби го презираш богатството на неговата добрина и воздржливост и долготрпеливост, не сфаќајќи дека Божјата добрина сака да те доведе до покајание? (Рим. 2:4)

Сите ние ги цениме оние што се стрпливи. Имаме почит кон оние што можат стрпливо да чекаат без да се изнервираат. Многу ни значи што другите се стрпливи со нас кога ќе направиме некоја грешка. Исто така, благодарни сме му на оној што нѐ поучувал за Библијата затоа што бил стрплив со нас додека сме се труделе да научиме, прифатиме или примениме некое библиско учење. И пред сѐ, многу сме благодарни што Јехова Бог е стрплив со нас! Иако ја цениме стрпливоста на другите, нам лично можеби не ни е секогаш лесно да бидеме стрпливи. На пример, може да ни биде тешко да останеме смирени ако сме заглавени во сообраќајот, особено ако доцниме некаде. Може да се разгневиме кога другите нѐ нервираат. А понекогаш може да ни е тешко да продолжиме да го чекаме новиот свет што ни го ветил Јехова. Сепак, во сите овие ситуации, треба да бидеме пострпливи (w23.08 20, пас. 1-2).

Понеделник, 5 мај

Тој ги испрати останатите Израелци да си одат секој во својата куќа. Задржа триста луѓе (Суд. 7:8)

Јехова побарал од Гедеон да ја намали својата војска за повеќе од 99 отсто. Тој можеби си мислел: „Дали оваа промена навистина е потребна? Дали ќе успееме да извојуваме победа?“ Без разлика какви прашања му се вртеле низ главата, Гедеон послушал. Старешините денес го следат примерот на Гедеон така што послушно ги следат новите упатства што ги добиваат од организацијата (Евр. 13:17). Гедеон му бил послушен на Јехова дури и кога бил уплашен, па дури и кога требало да изврши некоја задача во која животот му бил во опасност (Суд. 9:17). Откако неколку пати Јехова му кажал дека ќе биде со него, Гедеон бил потполно уверен дека тој ќе го поддржува додека го штити Божјиот народ. Старешините кои живеат на места каде што делото е под забрана, го следат примерот на Гедеон. Тие храбро предводат на состаноците и во службата и покрај тоа што можат да ја изгубат работата, да бидат уапсени, испрашувани или тепани. Во текот на големата неволја, на старешините ќе им биде потребна храброст за да можат послушно да ги следат упатствата што ќе ги добијат без разлика колку тоа ќе изгледа опасно (w23.06 5-6, пас. 12-13).

Вторник, 6 мај

Јас им укажувам чест на оние што мене ми укажуваат чест (1. Сам. 2:30)

Јехова одлучил добрите дела што ги направил Јодај да бидат запишани во Библијата за наша поука (Рим. 15:4). А кога Јодај умрел, му била укажана посебна чест. Во Божјата Реч пишува: „Го погребаа со царевите во Давидовиот град, зашто правеше добро во Израел, добро му служеше на вистинскиот Бог и добро служеше во неговиот дом“ (2. Лет. 24:15, 16). Извештајот за Јодај може да ни помогне на сите нас да стекнеме страв од Бог. Старешините можат да го следат примерот на Јодај со тоа што будно ќе внимаваат на Божјето стадо и ќе прават сѐ што е потребно за да го заштитат (Дела 20:28). Постарите браќа и сестри можат да научат една важна поука од Јодај — кога имаат страв од Јехова и кога му остануваат верни, тој може да ги користи за да ја исполни својата намера. Помладите можат да учат од тоа како Јехова постапувал со Јодај и потоа да го следат неговиот пример така што ќе постапуваат со постарите достоинствено и со почит, особено со оние што долги години верно му служат на Јехова (Изр. 16:31). Сите ние верно да ги поддржуваме оние што го предводат Божјиот народ и да им бидеме послушни (Евр. 13:17; w23.06 17, пас. 14-15).

Среда, 7 мај

Усните на праведникот хранат мнозина (Изр. 10:21, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013)

На состаноците треба да бидеме обѕирни кога одлучуваме колку често ќе кренеме рака за да коментираме. Ако премногу често креваме рака, водителот можеби ќе се чувствува под притисок дека мора да нѐ крене повеќе пати, иако други сѐ уште немале можност да коментираат. Поради тоа, другите можат да се обесхрабрат и повеќе да не креваат рака (Проп. 3:7). Кога многу објавители креваат рака во текот на некој дел од состанокот со прашања и одговори, можеби нема да имаме прилика да коментираме толку често колку што би сакале. Понекогаш, водителот нема да може воопшто да не крене за да коментираме. Тоа може да нѐ разочара, но сепак треба да се трудиме да не се навредиме поради тоа (Проп. 7:9). Ако не можеш да коментираш толку често колку што би сакал, би можел внимателно да ги слушаш другите додека коментираат и по состанокот да ги пофалиш за нивниот коментар. Пофалбата што ќе им ја дадеш на твоите браќа и сестри може да ги охрабри исто толку колку што би ги охрабрил твојот коментар (w23.04 23-24, пас. 14-16).

Четврток, 8 мај

Моето срце е постојано, Боже (Пс. 57:7)

Проучувај ја Божјата Реч и длабоко размислувај за неа. Едно дрво што има длабоки корени е цврсто и не може лесно да падне. Слично на тоа, ако имаме силна вера која се темели на Божјата Реч, ќе можеме да останеме цврсти. Како што дрвото расте, тоа пушта сѐ подлабоки корења. Кога ја проучуваме Библијата и длабоко размислуваме за неа, си ја зајакнуваме верата и сѐ повеќе се уверуваме дека Божјите патишта се најдобри (Кол. 2:6, 7). Размислувај за тоа како Јехова ги водел, советувал и штител своите слуги во минатото. На пример, во едно видение, Езекиел внимателно набљудувал додека еден ангел прецизно го мерел храмот. Ова видение го зајакнало Езекиел и ни дава практични поуки за тоа како можеме да се држиме за мерилата на Јехова за да го обожаваме на исправен начин (Езек. 40:1-4; 43:10-12). И ние ќе извлечеме голема корист ако одвојуваме време да ги проучуваме подлабоките работи од Божјата Реч и да размислуваме за нив. Ние можеме да имаме постојано срце и да имаме потполна доверба во Јехова (Пс. 112:7; w23.07 18, пас. 15-16).

Петок, 9 мај

Зачувај ја способноста за расудување (Изр. 3:21)

Во Библијата има многу добри примери што младите браќа можат да ги следат. Овие мажи од минатото го сакале Бог и извршувале различни одговорности додека се грижеле за неговиот народ. Добри примери можеш да најдеш и меѓу зрелите христијани во твоето семејство и во твоето собрание (Евр. 13:7). А можеш да учиш и од совршениот пример на Исус Христос (1. Пет. 2:21). Додека внимателно ги проучуваш овие примери, размислувај за нивните прекрасни особини (Евр. 12:1, 2). Потоа одлучи на кој начин би можел да го следиш нивниот пример. Еден човек со способност за расудување внимателно размислува пред да направи нешто. Многу е важно да вложуваш труд за да ја стекнеш и за да ја зачуваш оваа способност. Почни така што ќе размислуваш за библиските начела и за тоа зошто се корисни. Потоа, користи ги тие начела за да можеш да носиш одлуки што ќе го радуваат Јехова (Пс. 119:9). Тоа многу ќе ти помогне да станеш зрел христијанин (Изр. 2:11, 12; Евр. 5:14; w23.12 24-25, пас. 4-5).

Сабота, 10 мај

Бидете спремни за одбрана пред секој што од вас бара да ја образложите надежта која е во вас, но тоа правете го благо и со длабока почит (1. Пет. 3:15)

Родителите можат делотворно да ги поучат своите деца како да одговорат на благ начин кога ќе треба да ги одбранат своите верувања (Јак. 3:13). Некои родители, за време на Семејната вечер, прават практични вежби во врска со тоа. Заедно со своите деца, тие разгледуваат теми кои би можеле да се појават на училиште, разговараат и вежбаат за тоа како да дадат одговор на некое прашање, и ги поучуваат своите деца како да зборуваат на благ и љубезен начин. Ваквите практични вежби можат да им помогнат на младите христијани да изнесат уверливи аргументи, а и самите да се уверат дека имаат цврст темел за своите верувања. Во серијата „Младите прашуваат“ на jw.org има и работни листови за тинејџери. Нивна цел е да им помогнат на младите да ја зајакнат својата вера и да подготват одговори со свои зборови. Тоа што ќе ги проучуваме овие рубрики како семејство, ќе ни помогне на сите нас да научиме да ја браниме нашата вера на благ и љубезен начин (w23.09 16, пас. 10; 18, пас. 15-16).

Недела, 11 мај

Да не се откажеме од правење добро, бидејќи, ако не се умориме, ќе жнееме кога ќе дојде време (Гал. 6:9)

Дали некогаш си поставил некоја духовна цел, но ти било тешко да ја оствариш? Ако е така, не си единствениот. На пример, Филип сакал да ги подобри своите молитви и да се моли почесто, но му било тешко да најде време да го прави тоа. Ерика имала за цел навреме да доаѓа на состаноците за проповедање. Сепак, таа и понатаму доцнела скоро на секој состанок. Ако во моментов имаш некоја цел што сѐ уште не си ја остварил, немој да се обесхрабруваш. Дури и ако треба да постигнеме некоја помала цел, тоа честопати бара време и многу труд. Но фактот дека сѐ уште сакаш да ја постигнеш твојата цел покажува дека го цениш твоето пријателство со Јехова и дека сакаш да му го дадеш најдоброто. Јехова го цени твојот труд. Се разбира, тој не очекува од тебе повеќе од она што можеш да го дадеш (Пс. 103:14; Мих. 6:8). Затоа, поставувај си разумни цели кои се во склад со твоите можности (w23.05 26, пас. 1-2).

Понеделник, 12 мај

Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас? (Рим. 8:31)

Еден храбар човек може да чувствува страв, но не дозволува таквиот страв да го спречи да постапува исправно. Даниел бил многу храбро младо момче. Тој го проучувал она што го запишале Божјите пророци, меѓу кои биле и пророштвата на Еремија. Благодарение на тоа проучување, Даниел подоцна сфатил дека му се ближи крајот на долгогодишното ропство на Евреите во Вавилон (Дан. 9:2). Тоа што видел како библиските пророштва се исполнуваат, без сомнение, ја зајакнало довербата на Даниел во Јехова, а оние што имаат силна доверба во Бог можат да бидат многу храбри. (Спореди со Римјаните 8:32, 37-39.) А што е најважно, Даниел често му се молел на својот небесен Татко (Дан. 6:10). Тој му ги признавал своите гревови и му кажувал како се чувствува. Исто така, Даниел го молел Јехова за помош (Дан. 9:4, 5, 19). Тој бил човек како нас, што значи дека не бил храбар од раѓање. Оваа особина ја стекнал благодарение на тоа што проучувал, се молел и имал доверба во Јехова (w23.08 3, пас. 4; 4, пас. 7).

Вторник, 13 мај

Нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко, кој е на небесата (Мат. 5:16)

Кога сме им послушни на властите, тоа ни користи и нам и на другите. На кој начин? Како прво, се поштедуваме од казната која обично им следува на оние кои не му се послушни на законот (Рим. 13:1, 4). Кога секој од нас е послушен на властите, со тоа придонесува тие да имаат добро мислење за Јеховините сведоци како целина. На пример, во Нигерија, пред неколку децении, за време на еден собраниски состанок, во една сала на Јеховините сведоци влегле војници кои барале бунтовници што не сакаат да плаќаат даноци. Но, офицерот им рекол на војниците да си заминат, велејќи им: „Јеховините сведоци секогаш ги плаќаат даноците“. Секојпат кога си му послушен на законот, придонесуваш да се зачува доброто име на Јеховините сведоци. Таквото добро име еден ден може да послужи како заштита за твоите браќа и сестри (w23.10 9, пас. 13).

Среда, 14 мај

Истрајноста ви е потребна за, извршувајќи ја Божјата волја, да го примите она што е ветено (Евр. 10:36)

Некои слуги на Јехова веќе долго време го чекаат крајот на овој свет. Од човечка гледна точка можеби изгледа дека исполнувањето на Божјето ветување доцни. Така се чувствувал и пророкот Авакум. Затоа, Јехова го уверил со следниве зборови: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него. Видението брза кон крајот и нема да излаже. Дури и да се забави, чекај го, зашто бездруго ќе се исполни. Нема да задоцни“ (Авак. 2:3). Дали Бог со овие зборови го зајакнал само Авакум? Или, пак, неговите зборови важат и за нас денес? Под водство на светиот дух, апостол Павле им ги упатил овие зборови на христијаните кои едвај чекаат да дојде новиот свет (Евр. 10:37). Дури и ако ни се чини дека ветеното избавување од Јехова доцни, можеме да бидеме сигурни дека „бездруго ќе се исполни“ и дека „нема да задоцни“ (w23.04 30, пас. 16).

Четврток, 15 мај

Сите синови на Израел мрмореа против Мојсеј (4. Мој. 14:2)

Израелците го отфрлиле јасниот доказ дека Јехова го користи Мојсеј како свој претставник (4. Мој. 14:10, 11). Одново и одново, тие одбивале да ја прифатат улогата на Мојсеј. Поради тоа, Јехова не им дозволил на тие Израелци да влезат во Ветената земја (4. Мој. 14:30). Сепак, некои Израелци го следеле водството од Јехова. На пример, Јехова рекол: „Халев... ме слушаше во сѐ“ (4. Мој. 14:24). Бог го наградил Халев, па дури и му дозволил да избере каде ќе живее во Ветената земја (Ис. Нав. 14:12-14). Израелците на кои им било дозволено да влезат во Ветената земја исто така оставиле добар пример со тоа што го следеле Јеховиното водство. Кога Исус Навин бил поставен за водач на Израелците на местото на Мојсеј, тие длабоко го почитувале до крајот на неговиот живот (Ис. Нав. 4:14). Како резултат на тоа, Јехова ги благословил и им ја дал земјата што им ја ветил (Ис. Нав. 21:43, 44; w24.02 21, пас. 6-7).

Петок, 16 мај

Оној што го сака Бог, треба да го сака и својот брат (1. Јов. 4:21)

Кога ни го проверува пулсот, докторот може да открие колку ни е силно срцето. На сличен начин, ние можеме да откриеме колку ни е силна љубовта кон Бог со тоа што ќе провериме колку ни е силна љубовта кон другите. Ако забележиме дека нашата љубов кон браќата и сестрите некако ослабнала, тоа може да биде знак дека и нашата љубов кон Бог ослабнала. Но, ако постојано им покажуваме љубов на браќата и сестрите, тоа е знак дека нашата љубов кон Бог е силна. Ако љубовта кон браќата и сестрите почнала да ни слабее, тоа треба да нѐ загрижи. Зошто? Затоа што тоа покажува дека нашето пријателство со Јехова е во опасност. Апостол Јован јасно го кажал тоа со следниве зборови: „Кој не го сака својот брат, кого го гледа, не може да го сака Бог, кого не го гледа“ (1. Јов. 4:20). Која е поуката за нас? Ќе му угодиме на Јехова само ако „се сакаме еден со друг“ (1. Јов. 4:7-9, 11; w23.11 8, пас. 3; 9, пас. 5-6).

Сабота, 17 мај

Ќе се веселат татко ти и мајка ти (Изр. 23:25)

Кога бил млад, цар Јоас донел мудра одлука. Бидејќи немал татко, тој го следел водството на првосвештеникот Јодај, кој бил верен Божји слуга. Овој свештеник го поучувал Јоас како да е негов сопствен син. Како резултат на тоа, Јоас донел мудра одлука да му служи на Јехова и да му помага на народот да го прави истото. Јоас дури се погрижил да биде обновен Јеховиниот храм (2. Лет. 24:1, 2, 4, 13, 14). Ако твоите родители, или некој друг, те поучуваат да го сакаш Јехова и да живееш според неговите мерила, тогаш си добил еден скапоцен подарок (Изр. 2:1, 10-12). Родителите можат да те поучуваат на многу начини. Твоите родители ќе бидат многу среќни ако ги применуваш библиските совети што ти ги даваат. Што е уште поважно, ќе го радуваш Бог, и твоето пријателство со него ќе стане уште поцврсто (Изр. 22:6; 23:15, 24). Ова навистина се добри причини поради кои треба да го следиш примерот што го оставил Јоас кога бил млад (w23.09 8-9, пас. 3-5).

Недела, 18 мај

Јас ќе ве слушам (Ерем. 29:12)

Јехова ни ветува дека ќе ги слуша нашите молитви. Нашиот Бог нѐ сака бидејќи му служиме верно, и затоа тој секогаш ќе обрнува внимание на нашите молитви (Пс. 10:17; 37:28). Но, ова не значи дека тој ќе го исполни секое наше барање. За некои од работите за кои го молиме можеби ќе треба да чекаме дури до новиот свет. Кога ги слуша нашите молитви, Јехова ја зема предвид својата намера (Иса. 55:8, 9). Дел од неговата намера е Земјата да биде полна со луѓе кои со радост ќе му бидат послушни како на свој Владетел. Но, Сатана тврди дека луѓето ќе бидат посреќни ако тие владеат (1. Мој. 3:1-5). За да докаже дека она што го тврди Ѓаволот е лага, Јехова им дозволил на луѓето да владеат. Но, човечкото владеење предизвикало многу од проблемите што ги имаме денес (Проп. 8:9). Свесни сме дека Јехова нема да ги отстрани сите овие проблеми веднаш (w23.11 21, пас. 4-5).

Понеделник, 19 мај

Те поставувам за татко на многу народи (Рим. 4:17)

Јехова ветил дека преку Авраам ќе бидат благословени „многу народи“. Сепак, кога тој имал 100 години, а Сара 90, тие сѐ уште го немале добиено ветениот син. Од човечка гледна точка, се чинело невозможно Авраам и Сара да имаат син. Тоа било голем испит за Авраам. Сепак, за него читаме: „Тој имаше надеж, па поверува дека ќе стане татко на многу народи“ (Рим. 4:18, 19). На крајот, она на што Авраам се надевал се остварило — му се родил Исак, синот кој толку долго го очекувал! (Рим. 4:20-22). Исто како Авраам, и ние можеме да имаме одобрување од Бог, да бидеме праведни во негови очи и да бидеме негови пријатели. Токму тоа го нагласил Павле кога напишал: „Но, дека го ’сметаше за праведен‘ не е напишано само поради [Авраам] туку и поради нас на кои ни е одредено да бидеме сметани за праведни, бидејќи веруваме во оној што го воскресна од мртвите Исус, нашиот Господар“ (Рим. 4:23, 24). Исто како Авраам, и ние треба да имаме вера, да правиме добри дела и да имаме надеж (w23.12 7, пас. 16-17).

Вторник, 20 мај

Ти погледна на мојата неволја. Ти ги знаеш маките на мојата душа (Пс. 31:7)

Кога минуваш низ некоја неволја поради која си исплашен, не заборавај дека Јехова ја гледа твојата неволја и знае како се чувствуваш поради неа. На пример, освен што бил свесен за малтретирањето што го трпеле Израелците во Египет, Јехова бил свесен и за „нивните болки“ (2. Мој. 3:7). Сепак, додека минуваш низ некоја застрашувачка ситуација, можеби се прашуваш на кој начин Јехова те поддржува. Затоа, моли го да ти помогне да согледаш на кој начин го прави тоа (2. Цар. 6:15-17). Потоа, размисли за следниве прашања: Дали си бил зајакнат од некој говор или коментар што си го чул на некој собраниски состанок? Дали си бил охрабрен од некоја публикација, од некој видеоклип или од некоја од нашите песни? Дали некој споделил со тебе охрабрувачка мисла или библиски стих? Лесно може да се случи да ги земеме здраво за готово нашето братство и духовната храна што ја добиваме. Но, да не заборавиме дека тие се извонредни подароци од Јехова (Иса. 65:13; Мар. 10:29, 30). Тие се доказ дека тој се грижи за тебе (Иса. 49:14-16). Исто така, тие се доказ дека тој ја заслужува твојата доверба (w24.01 4-5, пас. 9-10).

Среда, 21 мај

Дај им на своите слуги и понатаму да ја зборуваат твојата реч со сета смелост (Дела 4:29)

Кратко пред да се вознесе на небото, Исус ги потсетил своите ученици на нивната задача да сведочат за него „во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8; Лука 24:46-48). Кратко потоа, еврејските верски водачи ги фатиле апостолите Петар и Јован, ги извеле пред Судскиот совет и им наредиле да престанат да проповедаат, па дури и им се заканиле (Дела 4:18, 21). Петар и Јован им рекле: „Пресудете сами дали е праведно пред Бог да ве слушаме вас, а не Бог! Ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4:19, 20). Откако Петар и Јован биле ослободени, учениците сесрдно му се помолиле на Јехова за да можат да ја вршат неговата волја. Јехова одговорил на таа искрена молитва (Дела 4:31; w23.05 5, пас. 11-12).

Четврток, 22 мај

Ова е мојот сакан Син (Мат. 17:5)

Низ вековите, помеѓу Јехова и неговиот сакан Син се развила нераскинлива врска на љубов. Никој друг во универзумот не поминал толку време заедно. Јехова јасно ја изразил својата љубов кон Исус. Тоа го дознаваме од денешниот стих. Јехова можел едноставно да каже: „Ова е оној кој е по мојата волја“. Но, тој сакал да знаеме колку многу го сака Исус, и затоа го нарекол „мојот сакан Син“. Јехова се гордеел со Исус, особено поради тоа што бил спремен да го жртвува својот живот (Еф. 1:7). А Исус не се сомневал дека неговиот Татко го сака. Јеховината љубов била толку реална за Исус што можел да ја почувствува длабоко во себе. Во повеќе прилики, тој ја изразил својата увереност дека Таткото го сака (Јован 3:35; 10:17; 17:24; w24.01 28, пас. 8).

Петок, 23 мај

Подобро е да избереш добро име отколку големо богатство (Изр. 22:1)

Замисли дека, некој што многу ти значи, кажува нешто многу лошо за тебе. Ти знаеш дека тоа е лага, но сепак некои веруваат во неа. Што е уште пострашно, тие ја шират таа лага и како резултат на тоа и многу други почнуваат да веруваат во неа. Како би се чувствувал? Сигурно ќе се чувствуваш лошо поради таа клевета. Оваа замислена ситуација може да ни помогне да разбереме како се чувствувал Јехова кога бил нарушен неговиот углед. Еден ангел ѝ кажал лага на првата жена Ева во врска со Јехова. И таа поверувала во неа. Поради таа лага, Адам и Ева се побуниле против Јехова. Како резултат на тоа, гревот и смртта влегле во човештвото (1. Мој. 3:1-6; Рим. 5:12). Сите проблеми што ги гледаме во светот, како што се смртта, војните и страдањата, постојат поради лагите што Сатана ги раширил. Дали Јехова чувствува болка поради сите тие лаги и поради проблемите што настанале поради нив? Без сомнение чувствува болка. Сепак, тој не е огорчен. Напротив, Јехова и понатаму е „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11; w24.02 8, пас. 1-2).

Сабота, 24 мај

Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог? (1. Мој. 39:9)

Како можеш по примерот на Јосиф да покажеш дека си решен да му останеш верен на Бог кога ќе се соочиш со некое искушение? Можеш уште сега да одлучиш како ќе постапиш во таква ситуација. Научи веднаш да ги отфрлаш работите што Јехова ги мрази, па дури немој ни да размислуваш за нив (Пс. 97:10; 119:165). Тоа ќе ти помогне да не направиш грев кога ќе се најдеш во искушение. Можеби знаеш дека си ја нашол вистината и сакаш да му служиш на Јехова со сето срце, но сепак сметаш дека сѐ уште не си спремен да му се заветуваш и да се крстиш. Можеш да го следиш примерот на цар Давид и да го молиш Јехова: „Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат, и води ме по патот вечен!“ (Пс. 139:23, 24). Јехова ги благословува „оние што ревносно го бараат“. Тоа што работиш на твојата цел да му го заветуваш животот на Јехова и да се крстиш, покажува дека го правиш токму тоа (Евр. 11:6; w24.03 6, пас. 13-15).

Недела, 25 мај

Тој не треба секојдневно да принесува жртви (Евр. 7:27)

Првосвештеникот бил овластен да го претставува народот пред Бог. Првиот првосвештеник на Израел, Арон, бил поставен од Јехова кога светиот шатор бил посветен. Меѓутоа, како што објаснил апостол Павле, мнозина морале да ја преземат оваа свештеничка служба бидејќи смртта ги спречувала свештениците трајно да останат во таа служба (Евр. 7:23-26). И бидејќи биле несовршени, тие првосвештеници морале да принесуваат жртви за своите сопствени гревови. Ова е значајна разлика меѓу израелските првосвештеници и возвишениот првосвештеник, Исус Христос. Како наш првосвештеник, Исус Христос е „слуга кој за луѓето служи... во вистинскиот шатор што го подигна Јехова, а не човек“ (Евр. 8:1, 2). Павле објаснил и дека „поради тоа што [Исус] живее засекогаш, никој нема да ја преземе“ неговата свештеничка служба. Павле додал дека Исус е „неизвалкан, одвоен од грешниците“ и дека, за разлика од првосвештениците во Израел, „не треба секојдневно... да принесува жртви“ за своите сопствени гревови (w23.10 26, пас. 8-9).

Понеделник, 26 мај

Поранешното небо и поранешната земја исчезнаа (Отк. 21:1)

„Поранешното небо“ се однесува на сите човечки влади што се под влијание на Сатана и демоните (Мат. 4:8, 9; 1. Јов. 5:19). Кога се користи во Библијата, зборот „земја“ може да се однесува на луѓето (1. Мој. 11:1; 1. Лет. 16:31). Според тоа, „поранешната земја“ се однесува на денешното злобно човечко општество. Јехова нема само да ги подобри или поправи постоечките „небо“ и „земја“. Наместо тоа, тој потполно ќе ги отстрани. Јехова ќе ги замени сегашното небо и сегашната земја со „ново небо и нова земја“, односно со нова влада и ново човечко општество. Тој ќе ги направи Земјата и луѓето како нови во таа смисла што ќе ги доведе до совршенство. Како што прорекол Исаија, Јехова ќе ја претвори целата Земја во едно прекрасно место слично на еденската градина. Исто така, секој од нас лично ќе доживее обнова така што Јехова потполно ќе нѐ излекува. Слепите, глувите и сакатите ќе бидат излекувани, па дури и мртвите ќе бидат вратени во живот (Иса. 25:8; 35:1-7; w23.11 4, пас. 9-10).

Вторник, 27 мај

Бидете подготвени (Мат. 24:44)

Големата неволја ќе започне ненадејно (Мат. 24:21). Но, за разлика од многу други катастрофи, кога ќе започне големата неволја, нема сите да бидат неподготвени. Пред околу 2.000 години, Исус ги предупредил своите следбеници да бидат подготвени за тој ден. Ако сме подготвени, ќе ни биде полесно да истраеме во тоа тешко време и да им помогнеме и на другите да истраат (Лука 21:36). Ќе ни треба истрајност за да му бидеме послушни на Јехова имајќи доверба дека тој ќе нѐ заштити. Што ќе правиме ако нашите браќа изгубат дел од нивните материјални работи, или пак ако изгубат сѐ? (Авак. 3:17, 18). Ќе ни биде потребно сочувство кое ќе нѐ поттикне да им помогнеме. Како ќе реагираме ако, поради нападот од коалицијата од сите народи, некое време ќе треба да престојуваме со повеќе наши браќа и сестри во една иста просторија? (Езек. 38:10-12). Ќе треба да имаме силна љубов кон нив за да можеме да истраеме во тој тежок период (w23.07 2, пас. 2-3).

Среда, 28 мај

Добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Откупувајте си време (Еф. 5:15, 16)

Брачните парови можат многу да научат од примерот на Акила и Прискила, еден брачен пар кој бил почитуван од многу христијани во првиот век (Рим. 16:3, 4). Тие работеле заедно, проповедале заедно и им помагале на другите заедно (Дела 18:2, 3, 24-26). Всушност, секаде во Библијата, Акила и Прискила се спомнати заедно. Како може брачните парови да го следат нивниот пример? Размисли за многуте обврски што ги имате ти и твојот сопружник. Дали би можеле некои од тие обврски да ги завршите заедно како пар наместо поединечно? На пример, Акила и Прискила проповедале заедно. Дали и вие имате план редовно да одите заедно во служба? Исто така, Акила и Прискила работеле заедно. Можеби ти и твојот сопружник немате исто работно место, но дали можете заедно да ги вршите домашните обврски? (Проп. 4:9). Кога си помагате еден на друг додека извршувате некоја обврска, имате повеќе можности да соработувате како тим и да разговарате (w23.05 22-23, пас. 10-12).

Четврток, 29 мај

Кога ќе се исплашам, во тебе ќе имам доверба (Пс. 56:3)

Секој од нас понекогаш чувствува страв. На пример, кога цар Саул го прогонувал Давид со цел да го убие, Давид одлучил да побегне во филистејскиот град Гат. Ахис, царот на Гат, набрзо дознал дека Давид е моќен воин кој во една песна бил фален поради тоа што погубил „десетици илјади“ Филистејци. Поради тоа, Давид многу се исплашил (1. Сам. 21:10-12). Бил загрижен за тоа што би можел да му направи Ахис. Како Давид ги победил своите стравови? Во Псалм 56, Давид напишал како се чувствувал додека бил во Гат. Тој псалм ни ги открива стравовите на Давид, но исто така ни открива и како ги победил тие стравови. Кога чувствувал страв, Давид имал доверба во Јехова (Пс. 56:1-3, 11). Неговата доверба не била залудна. Со помош од Јехова, смислил еден необичен план — се преправал дека е луд! И таквиот план навистина успеал. Ахис повеќе не гледал на Давид како на закана, туку како на обичен лудак од кој сакал да се ослободи. И така, Давид имал можност да побегне (1. Сам. 21:13 — 22:1; w24.01 2, пас. 1-3).

Петок, 30 мај

Ќе ги победат и оние што со него се повикани и избрани и верни (Отк. 17:14)

Кои се оние што се спомнати во стихот за денес? Помазаниците. Значи, кога и последниот од нив ќе биде земен на небото кон крајот на големата неволја, една од нивните први задачи ќе биде да се борат. Откако ќе бидат воскреснати за живот на небото, тие ќе се борат заедно со Христос и со неговите свети ангели во последната војна против Божјите непријатели. Размисли што значи ова. Некои од помазаните христијани кои се на Земјата се стари, па дури и изнемоштени. Но, откако ќе воскреснат за живот на небото, тие ќе бидат моќни и бесмртни духовни суштества и ќе имаат задача да се борат заедно со нивниот Цар и Воин, Исус Христос. Откако ќе заврши војната Армагедон, тие ќе соработуваат со Исус за да им помогнат на луѓето да станат совршени. Без сомнение, од небото тие ќе можат да направат многу повеќе за своите сакани браќа и сестри на Земјата отколку што можеле како обични и несовршени луѓе! (w24.02 6-7, пас. 15-16).

Сабота, 31 мај

Живејте според духот, па нема да им угодувате на желбите на телото (Гал. 5:16)

Некои се подготвени да му го заветуваат својот живот на Јехова и да се крстат, но сѐ уште се двоумат да го сторат тоа. Тие можеби се прашуваат: „Што ако по крштавањето направам сериозен грев и ме отстранат од собранието?“ Ако и ти се плашиш од истото, биди уверен дека Јехова ќе ти даде сѐ што ти е потребно за да водиш живот достоен на него и така потполно да му угодиш (Кол. 1:10). Тој исто така ќе ти дава сила да го правиш она што е исправно. Јехова веќе докажал дека може да го направи тоа така што им помогнал на многумина (1. Кор. 10:13). Ова е една причина зошто релативно мал број лица се исклучени од христијанското собрание. Јехова навистина им помага на своите слуги да му останат верни. Секој несовршен човек е на искушение да прави нешто погрешно (Јак. 1:14). Сепак, ти треба да одлучиш како ќе постапиш кога ќе се соочиш со некое искушение. Факт е дека на крајот на краиштата ти имаш контрола врз тоа како ќе живееш. Некои луѓе тврдат дека ние немаме контрола врз нашите чувства и постапки. Но, тоа не е точно. Ти можеш да научиш да ги држиш под контрола погрешните желби (w24.03 5, пас. 11-12).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели