Јуни
Недела, 1 јуни
Во Божјето царство ќе влеземе преку многу неволји (Дела 14:22)
Јехова ги благословувал христијаните во првиот век додека се приспособувале на новите околности. Тие честопати биле прогонувани, а понекогаш кога најмалку го очекувале тоа. Размисли што им се случило на Варнава и на апостол Павле додека проповедале во околината на Листра. На почеток, луѓето биле љубезни со нив и ги слушале. Но подоцна, под влијание на противниците, некои од истите луѓе кои претходно го слушале Павле, сега го каменувале речиси до смрт (Дела 14:19). Но, Варнава и Павле продолжиле да проповедаат на друго место. Кој бил резултатот? Тие направиле многу ученици, и со своите зборови и со својот пример ги зајакнале браќата и сестрите (Дела 14:21, 22). Тоа што Павле и Варнава не престанале да проповедаат и покрај тоа што ненадејно се соочиле со прогонство, им користело на многумина. Сѐ додека и ние продолжуваме да го извршуваме делото што Јехова ни го доверил, тој ќе нѐ благословува (w23.04 16-17, пас. 13-14).
Понеделник, 2 јуни
Приклони го увото кон мојата молитва, о Јехова, слушни го гласот на моите сесрдни молитви! Ќе те повикам во денот на својата неволја, зашто ти ќе ме услишиш (Пс. 86:6, 7)
Во текот на својот живот, цар Давид честопати морал да се соочи со моќни непријатели и затоа многупати барал помош од Јехова во молитва. Давид бил уверен дека Јехова ги слуша неговите молитви и дека одговара на нив. И ти можеш да бидеш уверен во истото. Библијата нѐ уверува дека Јехова може да ни даде мудрост и сила да истраеме. Тој може да ги употреби нашите духовни браќа и сестри, па дури и оние кои во моментот не му служат, за да ни помогнат на некој начин. Иако Јехова можеби нема секогаш да одговори на нашите молитви онака како што ние очекуваме, сепак знаеме дека тој ќе одговори на нив. Тој ќе ни го даде токму она што ни е потребно, и тоа во вистинското време. Затоа, продолжи да се молиш и имај вера дека Јехова ќе се грижи за тебе сега, и дека во претстојниот нов свет „ќе ја задоволи желбата на сѐ што е живо“ (Пс. 145:16; w23.05 8, пас. 4; 13, пас. 17-18).
Вторник, 3 јуни
Со што да му возвратам на Јехова за сите добра што ми ги направи? (Пс. 116:12)
Добро е да се концентрираме на благословите што ќе ги добиеме ако се трудиме да постигнеме некоја цел. На кои благослови би можел да се концентрираш ти? Ако твојата цел е поврзана со читањето на Библијата или со молитвата, размислувај како таа цел ќе го зајакне твоето пријателство со Јехова (Пс. 145:18, 19). Ако имаш цел да развиеш некоја христијанска особина, концентрирај се на тоа како таа особина ќе ти помогне да ги подобриш своите односи со другите (Кол. 3:14). Би можел да си ги запишеш сите причини поради кои би сакал да ја оствариш твојата цел, а потоа редовно потсетувај се што си запишал. Исто така, поминувај време со оние што ќе те мотивираат (Изр. 13:20). Но, да бидеме реални, има денови кога немаме мотивација. Дали ова значи дека не можеме да работиме на нашата цел? Не. Ние може да продолжиме да работиме на нашата цел дури и кога не сме мотивирани. Се разбира, ова нема да биде лесно и ќе ни биде потребно самодисциплина. Но, тоа што ќе ја оствариме нашата цел ќе ни донесе радост (w23.05 27-28, пас. 5-8).
Среда, 4 јуни
Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее (Гал. 6:7)
Тоа што знаеме дека сме одговорни за одлуките што сме ги донеле може да нѐ поттикне да ги признаеме нашите гревови, да ги поправиме нашите грешки и да не ги повторуваме. Тоа што ќе ги преземеме сите овие чекори може да ни помогне да останеме во трката за живот. Ако веќе си донел некоја лоша одлука, прифати ја реалноста. Немој да трошиш време и сила така што ќе бараш изговори за својата грешка, ниту пак така што ќе се обвинуваш себеси или ќе ги обвинуваш другите. Наместо тоа, признај ги своите грешки и прави сѐ што можеш во своите моментални околности. Ако чувствуваш вина за она што си го направил, понизно обрати му се на Јехова во молитва, признај му ја својата грешка и моли го да ти прости (Пс. 25:11; 51:3, 4). Извини им се на оние што си ги повредил и, ако е потребно, барај помош од старешините (Јак. 5:14, 15). Учи од своите грешки и труди се да не ги повторуваш. Додека го правиш ова, можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ти покаже милост и дека ќе ти ја даде потребната помош (Пс. 103:8-13; w23.08 28-29, пас. 8-9).
Четврток, 5 јуни
Јоас го правеше она што е исправно во Јеховини очи за сето време додека беше поучуван од свештеникот Јодај (2. Цар. 12:2)
Јодај извршил позитивно влијание врз цар Јоас. Како резултат на тоа, додека бил млад, царот сакал да му угоди на Јехова. Но, откако Јодај умрел, Јоас почнал да ги слуша отпадничките кнезови (2. Лет. 24:4, 17, 18). Длабоко повреден, Јехова им ги праќал своите пророци за да се обратат кон него, но тие не сакале да слушаат. Не го слушале ниту Захарија, синот на Јодај, кој не само што бил Јеховин пророк и свештеник туку бил и близок роднина на Јоас. Всушност, цар Јоас дури и го убил Захарија (2. Лет. 22:11; 24:19-22). Јоас не задржал исправен страв кон Јехова. Јехова го кажал следново: „Оние што ме презираат, ќе бидат презрени“ (1. Сам. 2:30). Подоцна, една мала сириска војска ја поразила бројната војска на Јоас и го оставиле „да страда со тешки рани“ (2. Лет. 24:24, 25, Превод на Санде Тодоровски). Јоас бил убиен од своите сопствени слуги затоа што го убил Захарија (w23.06 18, пас. 16-17).
Петок, 6 јуни
Некогаш бевте темнина, а сега сте светлина (Еф. 5:8)
Апостол Павле некое време бил во Ефес, каде што проповедал и ги поучувал другите за добрата вест (Дела 19:1, 8-10; 20:20, 21). Тој многу ги сакал браќата и сестрите и сакал да им помогне да му останат верни на Јехова. Ефешаните на кои Павле им пишувал едно време им робувале на лажни верски учења и суеверија. Жителите на Ефес биле познати по своето крајно неморално и бесрамно однесување. Непристојниот говор бил вообичаен во театарските претстави, па дури и во верските прослави (Еф. 5:3). Многумина од Ефешаните „изгубиле секакво чувство за тоа што е морално“, израз кој дословно значи „престанале да чувствуваат болка“ (Еф. 4:17-19, фус.). Пред да ги дознаат Јеховините мерила за исправно и погрешно, нивната совест не ги измачувала кога ќе направеле нешто погрешно. Затоа, Павле можел да каже за нив дека се „со замрачен ум и отуѓени од животот што го дава Бог“. Но, некои од Ефешаните не останале во темнина (w24.03 20, пас. 2, 4; 21, пас. 5-6).
Сабота, 7 јуни
Оние што се надеваат на Јехова добиваат нова сила и не се уморуваат (Иса. 40:31)
Задачата на Гедеон да служи како судија вклучувала и физичко напрегање. Кога Мадијамците бегале за време на ноќната битка, Гедеон ги гонел од Језраелската долина сѐ до реката Јордан (Суд. 7:22). Дали Гедеон застанал кај реката Јордан? Не. Иако бил уморен, сепак ја преминал реката заедно со неговите 300 луѓе и продолжил со потерата. На крајот, тие ги фатиле Мадијамците и ги поразиле (Суд. 8:4-12). Гедеон имал доверба дека Јехова ќе му даде сила, и Јехова навистина го направил тоа (Суд. 6:14, 34). Еднаш, Гедеон и неговите луѓе трчајќи гонеле два мадијамски цара, кои веројатно јавале на камили (Суд. 8:12, 21). Но, со помош од Бог, овие решителни Израелци ги фатиле и победиле во битката. Слично како Гедеон, и старешините можат да се потпрат на Јехова, кој никогаш „не се уморува и не папсува“. Тој ќе им ја даде потребната сила (Иса. 40:28, 29; w23.06 6, пас. 14; 7, пас. 16).
Недела, 8 јуни
[Јехова] нема да те напушти и нема да те остави (5. Мој. 31:6)
Ние можеме да имаме постојано срце без разлика со какви испити на верата ќе се соочиме. Затоа, имај доверба во Јехова. Размисли како му користело на Варак тоа што имал доверба во водството од Јехова. И покрај тоа што во целиот Израел никој немал ни штит ни копје, Јехова му рекол на Варак да тргне во битка против ханаанската војска која ја предводел Сисара и која била многу добро вооружена (Суд. 5:8). Пророчицата Девора му рекла на Варак да се симне од планината во долината и таму да се бори со Сисара и неговите 900 бојни коли. Иако знаел дека ханаанската војска ќе биде во предност на рамен терен поради своите брзи коли, Варак сепак послушал. Додека војниците се симнувале од планината Тавор, Јехова предизвикал да врне силен дожд. Бојните коли на Сисара се заглавиле во калта, и Јехова му дал победа на Варак (Суд. 4:1-7, 10, 13-16). Слично на тоа, Јехова и нам ќе ни помогне да извојуваме победа ако имаме доверба во него и во упатствата што ни ги дава преку својата организација (w23.07 19, пас. 17-18).
Понеделник, 9 јуни
Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен (Мат. 24:13)
Ако сакаме да добиеме вечен живот, неопходно е да бидеме стрпливи. Исто како верните Божји слуги во минатото, и ние треба стрпливо да чекаме Бог да ги исполни своите ветувања (Евр. 6:11, 12). Библијата ја споредува нашата ситуација со работата на еден земјоделец (Јак. 5:7, 8). Еден земјоделец напорно работи за да го засади и наводнува својот посев, но не знае кога точно ќе никне. Затоа, земјоделецот чека стрпливо, со доверба дека ќе жнее плод. Слично на тоа, ние сме зафатени со духовни активности иако не знаеме „во кој ден доаѓа [нашиот] Господар“ (Мат. 24:42). Ние чекаме стрпливо, уверени дека Јехова ќе го исполни она што го ветил во времето што тој го одредил. Ако станеме нестрпливи, би можеле да се умориме од чекање и постепено да се оддалечиме од вистината. Исто така, нашето време би можеле да почнеме да го трошиме на работи што може да ни дадат само краткотрајно задоволство. Но, ако сме стрпливи, ќе можеме да истраеме до крајот и да бидеме спасени (Мих. 7:7; w23.08 21, пас. 7).
Вторник, 10 јуни
Прстите на стапалата се делумно од железо, а делумно од глина (Дан. 2:42)
Ако го споредиме пророштвото од Даниел 2:41-43 со други пророштва од книгите Даниел и Откровение, можеме да дојдеме до заклучок дека стапалата ја претставуваат англо-американската светска сила, која е најмоќната светска сила денес. Во врска со неа, Даниел напишал: „Царството ќе биде делумно цврсто, а делумно кршливо“. Зошто делумно кршливо? Бидејќи обичниот народ, кој е спореден со „влажна глина“, ја намалува способноста на ова царство да дејствува со железна цврстина. Од описот што Даниел го дал во врска со кипот од сонот на Навуходоносор може да научиме неколку важни вистини. Прво, англо-американската светска сила ја покажала својата моќ на неколку начини. На пример, меѓу земјите кои извојувале победа во Првата и Втората светска војна, таа имала клучна улога. Меѓутоа, оваа светска сила ослабнала и ќе продолжи да ослабнува поради конфликтите што постојат меѓу нејзините граѓани. Второ, англо-американската светска сила ќе биде последната светска сила која ќе владее пред Божјето Царство да им стави крај на сите човечки царства (w23.08 10-11, пас. 12-13).
Среда, 11 јуни
Во својата неволја го повикував Јехова, го викав својот Бог за помош. Тој го слушна мојот глас од својот храм (Пс. 18:6)
Понекогаш, Давид се чувствувал вознемирено поради проблемите и неволјите со кои се соочувал (Пс. 18:4, 5). Сепак, љубовта и грижата од Јехова го зајакнале. Јехова го водел својот исцрпен пријател на „зелени пасишта“ и на „почивалишта обилни со вода“. Тоа му помогнало на Давид да си ја обнови силата и да продолжи да му служи на Јехова со радост (Пс. 18:28-32; 23:2). Слично како Давид, Јеховината лојална љубов ни помага и нам денес да истраеме кога се соочуваме со проблеми во животот (Плач 3:22; Кол. 1:11). Животот на Давид честопати бил во опасност и имал голем број моќни непријатели. Сепак, затоа што знаел дека Јехова го сака, Давид се чувствувал безбедно и заштитено. Тој можел да почувствува дека Јехова е со него во секоја ситуација, и тоа му влевало храброст. Затоа, во врска со Јехова, Давид во песна рекол: „Од сите мои стравови ме ослободи“ (Пс. 34:4). Иако понекогаш бил многу исплашен, Давид можел да ги надмине своите стравови бидејќи знаел дека Јехова го сака (w24.01 30, пас. 15-17).
Четврток, 12 јуни
Ако грешниците се обидат да те заведат, не согласувај се (Изр. 1:10)
Учи од лошите одлуки на Јоас. Откако Јодај умрел, Јоас си избрал лошо друштво (2. Лет. 24:17, 18). Тој одлучил да ги слуша кнезовите на Јуда кои не го сакале Јехова. Веројатно се согласуваш дека Јоас требало да стои настрана од нив бидејќи тие правеле лоши работи. Наместо тоа, тој ги слушал нивните лоши совети. Всушност, кога Захарија, кој му бил роднина, сакал да го исправи, Јоас наредил да биде убиен (2. Лет. 24:20, 21; Мат. 23:35). Колку ужасна и безумна постапка! Животот на Јоас имал добар почеток, но за жал тој станал отпадник и убиец. На крајот бил убиен од неговите сопствени слуги (2. Лет. 24:22-25). Колку подобар живот ќе имал доколку продолжел да ги слуша Јехова и оние што го сакале Бог (w23.09 9, пас. 6).
Петок, 13 јуни
Не плаши се! (Лука 5:10)
Исус знаел дека апостол Петар може да остане верен. Затоа, Исус благо му рекол: „Не плаши се“. Довербата што Исус ја покажал кон него, од корен му го сменила животот на Петар. Подоцна, тој и неговиот брат Андреј го оставиле рибарењето и постојано го придружувале Исус во службата — одлука што им донела прекрасни благослови (Мар. 1:16-18). Како следбеник на Исус, Петар доживеал голем број прекрасни искуства. Тој гледал како Исус лекува болни, истерува демони, па дури и воскреснува мртви (Мат. 8:14-17; Мар. 5:37, 41, 42). Исто така, Петар имал можност да биде сведок на едно видение за идната улога на Исус како Цар на Божјето Царство. Тој настан оставил силен впечаток врз Петар! (Мар. 9:1-8; 2. Пет. 1:16-18). Доколку не го следел Исус, тој никогаш немало да ги види овие работи. Сигурно му било многу мило што не дозволил негативните чувства што ги имал за себе да го спречат да ги доживее тие благослови! (w23.09 21, пас. 4-5).
Сабота, 14 јуни
Исус му рече: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесет и седум пати“ (Мат. 18:22)
Во своето прво писмо, апостол Петар го употребил изразот „горливо сакајте се“. Таквата силна љубов не покрива само неколку гревови туку покрива „мноштво гревови“ (1. Пет. 4:8). Можеби Петар се присетил на поуката во врска со простувањето што Исус му ја дал неколку години претходно. Во тоа време, Петар веројатно си мислел дека е великодушен кога рекол дека би му простил на својот брат „до седум пати“. Но, Исус го поучил него — а и нас — да простуваме „до седумдесет и седум пати“, односно без ограничување (Мат. 18:21). Ако ти е тешко да го примениш овој совет, не се обесхрабрувај! На сите несовршени слуги на Јехова понекогаш им е тешко да простуваат. Но, многу е важно да направиш сѐ што можеш за да му простиш на твојот брат и да се смириш со него (w23.09 29, пас. 12).
Недела, 15 јуни
Го повикав Јехова, и тој ме услиши (Јона 2:2)
Во стомакот на рибата, Јона се покајал и бил уверен дека Јехова ќе ја слушне неговата молитва и дека ќе му помогне. Подоцна, откако Јехова го спасил, Јона бил спремен да ја прифати и изврши следната задача (Јона 2:10 — 3:4). Кога се соочуваш со некоја неволја, дали си толку загрижен што ти е тешко да му се молиш на Јехова? Дали се чувствуваш премногу исцрпен за да проучуваш? Не заборавај дека Јехова потполно ја разбира твојата ситуација. Дури и ако му се помолиш со само неколку зборови, можеш да бидеш уверен дека тој ќе ти го даде токму она што ти е потребно (Еф. 3:20). Ако ти е тешко да читаш и да проучуваш бидејќи си болен, уморен или вознемирен, би можел да слушаш аудиоснимки од Библијата или од нашите публикации. Може да ти помогне и тоа што ќе ги слушаш нашите песни или тоа што ќе гледаш некој видеоклип на jw.org. Јехова сака да те зајакне и тој ќе го направи тоа ако му се молиш и ако го бараш одговорот на твоите молитви во Библијата и во сето она што тој ни го обезбедува (w23.10 13, пас. 6; 14, пас. 9).
Понеделник, 16 јуни
Светиот дух јасно покажува дека патот во светото место уште не беше отворен додека стоеше првиот шатор (Евр. 9:8)
Светиот шатор и храмовите што подоцна биле изградени во Ерусалим биле многу слични одвнатре. Внатре имало две простории — „Светиња“ и „Светиња над светињите“ — кои биле одвоени со завеса (Евр. 9:2-5; 2. Мој. 26:31-33). Во Светињата имало златен светилник, жртвеник за палење темјан и маса со изложени лебови. Само на оние кои биле „помазани свештеници“ им било дозволено да влезат во Светињата за да ја вршат својата света служба (4. Мој. 3:3, 7, 10). Во Светињата над светињите се наоѓал златниот ковчег на сојузот со кој било претставено присуството на Јехова (2. Мој. 25:21, 22). Само првосвештеникот смеел да влезе зад завесата, во Светињата над светињите, еднаш годишно на Денот на очистувањето (3. Мој. 16:2, 17). Тој влегувал со животинска крв за да изврши очистување за своите сопствени гревови и за гревовите на целиот народ. Со текот на времето, Јехова разјаснил што вистински претставувале деловите на светиот шатор (Евр. 9:6, 7; w23.10 27, пас. 12).
Вторник, 17 јуни
Сакајте се еден со друг! (Јован 15:17)
На повеќе места во Божјата Реч ја наоѓаме заповедта: „Сакајте се еден со друг“ (Јован 15:12; Рим. 13:8; 1. Сол. 4:9; 1. Пет. 1:22; 1. Јов. 4:11). Но, љубовта извира од срцето, а ниту еден човек не може да види што имаме внатре во него. Тогаш, како другите можат да видат дека ги сакаме? Од нашите зборови и постапки. Има разни начини на кои можеме да им покажеме на нашите браќа и сестри дека ги сакаме. Еве неколку примери: „Зборувајте ја вистината еден со друг!“ (Зах. 8:16). „Бидете во мир еден со друг“ (Мар. 9:50). „Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Рим. 12:10). „Примајте се еден со друг“ (Рим. 15:7). „Спремно простувајте си еден на друг“ (Кол. 3:13). „Носете ги бремињата еден на друг“ (Гал. 6:2). „Тешете се еден со друг“ (1. Сол. 4:18). „Изградувајте се еден со друг“ (1. Сол. 5:11). „Молете се еден за друг“ (Јак. 5:16; w23.11 9, пас. 7-8).
Среда, 18 јуни
Радувајте се во надежта (Рим. 12:12)
Секој ден носиме одлуки за кои е потребна силна вера. На пример, носиме одлуки во врска со друштвото, забавата, образованието, бракот, децата и вработувањето. Добро е да се прашаме: „Дали моите одлуки покажуваат дека сум уверен дека наскоро ќе му дојде крај на овој свет и дека ќе биде заменет со Божјиот нов свет? Или, пак, врз моите одлуки влијаат луѓето кои сметаат дека смртта е крај на сѐ?“ (Мат. 6:19, 20; Лука 12:16-21). Ќе можеме да носиме најдобри одлуки ако си ја зајакнеме верата дека новиот свет е на самиот праг. Силна вера ни е потребна и за да истраеме во разни неволји. Можеби се соочуваме со прогонство, хронична болест или други тешкотии поради кои може да се обесхрабриме. На почеток, можеби си мислиме дека ќе можеме да се справиме со некоја тешкотија. Но ако таквата ситуација потрае, како што обично се случува, тогаш ќе ни треба силна вера за да истраеме и да продолжиме да му служиме на Јехова со радост (1. Пет. 1:6, 7; w23.04 27, пас. 4-5).
Четврток, 19 јуни
Молете се непрестајно (1. Сол. 5:17)
Јехова очекува да постапуваме во склад со нашите молитви. На пример, некој брат можеби го моли Јехова да му помогне да добие слободни денови од работа за да може да присуствува на регионален конгрес. Како би можел Јехова да одговори на таа молитва? Може да му даде на братот храброст да зборува со работодавачот. Сепак, братот ќе мора да оди кај работодавачот и да го праша. Можеби ќе треба да зборува со него повеќе пати. Можеби дури ќе треба и да предложи да се замени со некој колега или може да предложи да земе неплатени слободни денови. Јехова очекува да се молиме повеќе пати во врска со она што нѐ загрижува. Како што се гледа од она што го кажал Исус, некои од работите за кои се молиме нема да ги добиеме веднаш (Лука 11:9). Затоа, не се откажувај! Моли се сесрдно и повеќе пати (Лука 18:1-7). Кога го правиме тоа, му покажуваме на Јехова дека нашето барање не е само некоја минлива желба. Исто така, на тој начин покажуваме вера дека тој може да ни помогне (w23.11 22, пас. 10-11).
Петок, 20 јуни
Надежта нема да разочара (Рим. 5:5)
Јехова му ветил на својот пријател Авраам дека преку неговото потомство ќе бидат благословени сите народи на Земјата (1. Мој. 15:5; 22:18). Бидејќи имал силна вера во Бог, Авраам бил уверен дека Божјето ветување ќе се исполни. Сепак, кога Авраам имал 100 години, а неговата жена 90, овие верни Божји слуги сѐ уште немале син (1. Мој. 21:1-7). Но, во Библијата пишува: „[Авраам] имаше надеж, па поверува дека ќе стане татко на многу народи, како што беше речено“ (Рим. 4:18). Знаеме дека надежта што ја имал Авраам се остварила — му се родил Исак, синот кој толку долго го очекувал. Зошто Авраам бил уверен дека Јехова ќе го исполни своето ветување? Затоа што бил близок пријател со Јехова, Авраам бил потполно уверен дека ќе се исполни „она што [Бог] го ветил“ (Рим. 4:21). Поради својата вера, Авраам го стекнал Божјето одобрување, и Јехова го сметал за праведен (Јак. 2:23; w23.12 8, пас. 1-2).
Сабота, 21 јуни
Кој е верен во најмалото, верен е и во многу, а кој е неправеден во најмалото, неправеден е и во многу (Лука 16:10)
Една млада личност која е достојна за доверба, трудољубиво ги извршува сите свои одговорности. Размисли за совршениот пример на Исус. Тој никогаш не бил невнимателен или неодговорен кога ги извршувал задачите што му ги дал Јехова. Напротив, Исус правел сѐ што Јехова ќе побарал од него, дури и кога тоа било тешко. Тој ги сакал луѓето, особено своите ученици, и спремно го дал својот живот за нив (Јован 13:1). По примерот на Исус, давај сѐ од себе за да ја извршиш секоја задача што ќе ја добиеш. Ако не си сигурен како да ја извршиш, биди понизен и побарај помош од зрели браќа. Немој да бидеш задоволен само со тоа што ќе вложиш минимален труд (Рим. 12:11). Наместо тоа, секоја твоја задача извршувај ја „како за Јехова, а не како за луѓето“ (Кол. 3:23). Се разбира, ти не си совршен. Затоа, биди скромен и признај ја секоја грешка што ќе ја направиш (Изр. 11:2; w23.12 26, пас. 8).
Недела, 22 јуни
Благословен да е човекот што се надева на Јехова (Ерем. 17:7)
Секој од нас чувствувал голема радост кога се крстил и станал дел од Јеховиното семејство. Оние што ја имаат честа да бидат пријатели со Јехова се согласуваат со псалмистот Давид, кој рекол: „Среќен е оној кого ти [Јехова] ќе го одбереш и кому му дозволуваш да ти се приближи, за да живее во твоите дворови“ (Пс. 65:4). Кому Јехова му дозволува да живее во неговите дворови, односно да биде негов пријател? Тој избира да се зближи со оние што ќе покажат дека сакаат да бидат блиски со него (Јак. 4:8). Кога ќе му го заветуваш својот живот на Јехова и ќе се крстиш, можеш да бидеш сигурен дека, по твоето крштавање, тој ќе ти излее благослов додека не биде доста (Мал. 3:10; Ерем. 17:8). Крштавањето е само почеток. Ти ќе имаш желба да даваш сѐ од себе за да живееш во склад со твојот завет, дури и кога ќе се соочуваш со искушенија или испити на верата (Проп. 5:4, 5). Како ученик на Исус, ти ќе се трудиш тесно да го следиш неговиот пример и да се држиш за неговите заповеди (Мат. 28:19, 20; 1. Пет. 2:21; w24.03 8, пас. 1-3).
Понеделник, 23 јуни
Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена (1. Мој. 2:24)
Што ако ти и твојот сопружник не уживате кога сте заедно? Што може да правите тогаш? Размисли за еден логорски оган. На почеток, пламенот е мал. Треба постојано да се додаваат поголеми парчиња дрва за огнот силно да гори. Слично на тоа, на почеток би можеле заедно да поминувате по неколку кратки моменти секој ден. Правете нешто во кое и двајцата уживате (Јак. 3:18). Така, малку по малку, вашата љубов повторно ќе се разгори. Почитта е неопходна особина во бракот. Таа е како кислород. Кога има кислород, огнот може силно да гори. Но, ако нема кислород, огнот брзо ќе згасне. На сличен начин, доколку во бракот нема почит, љубовта меѓу брачните партнери може брзо да олади. Од друга страна, кога брачните партнери даваат сѐ од себе за да си покажуваат почит, придонесуваат да се зачува љубовта меѓу нив. Но, имај на ум дека не е важно што мислиш ти за тоа дали се однесуваш со почит кон твојот сопружник, туку дали твојот сопружник се чувствува почитувано (w23.05 22, пас. 9; 24, пас. 14-15).
Вторник, 24 јуни
Кога во мене се намножија немирни мисли, утехите од тебе ми ја милуваа душата (Пс. 94:19)
Во Библијата читаме за верни Божји слуги кои кажале дека минувале низ тешки ситуации и биле исплашени поради нивните непријатели или поради други притисоци (Пс. 18:4; 55:1, 5). Слично на тоа, можеби се соочуваме со противење на училиште, на работа, од семејството или од властите. Можеби дури се плашиме дека ќе умреме поради некој здравствен проблем. Во такви ситуации, можеби се чувствуваме беспомошно, како едно мало дете. Како Јехова ни помага во такви моменти? Тој нѐ теши и нѐ смирува. Затоа, редовно одвојувај време за да бидеш со Јехова така што ќе му се молиш и ќе ја читаш неговата Реч (Пс. 77:1, 12-14). Ако имаш ваква навика, тогаш првото нешто што веројатно ќе го направиш кога ќе бидеш под стрес е да побараш помош од својот небесен Татко. Кажи му ги на Јехова своите стравови и грижи. Дозволи му да ти зборува и да те утеши преку неговата Реч (Пс. 119:28; w24.01 24-25, пас. 14-16).
Среда, 25 јуни
Бог дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате (Фил. 2:13)
За да постигнеш некоја духовна цел, многу е важно да имаш мотивација. Оној што има мотивација има силна желба да направи сѐ што е потребно за да ја оствари својата цел. А колку поголема мотивација имаме, толку поголема е веројатноста дека ќе ги оствариме нашите цели. Тогаш, што можеш да правиш за да имаш поголема мотивација? Моли се за тоа. Преку својот свет дух, Јехова може да ти ја даде потребната мотивација за да ја оствариш твојата цел. Понекогаш си поставуваме некоја цел затоа што знаеме дека тоа треба да го направиме, и тоа е убаво. Но, всушност, можеби немаме желба да ја оствариме. Размислувај за она што Јехова го направил за тебе (Пс. 143:5). Апостол Павле размислувал за незаслужената доброта што Јехова ја покажал кон него и тоа го поттикнало да вложува голем труд во службата за Јехова (1. Кор. 15:9, 10; 1. Тим. 1:12-14). Слично на тоа, колку повеќе размислуваш за она што Јехова го сторил за тебе, толку поголема мотивација ќе имаш за да ја оствариш твојата цел (Пс. 116:12; w23.05 27 пас. 3-5).
Четврток, 26 јуни
Фалете го името Јеховино! (Пс. 113:1)
Ние го радуваме нашиот небесен Татко кога го фалиме неговото име (Пс. 119:108). Но, дали ова значи дека Семоќниот Бог е како несовршените луѓе кои копнеат за пофалба бидејќи се чувствуваат несигурно? Не. Кога го фалиме нашиот небесен Татко, помагаме да се побие една лага на Сатана во која сме вклучени и ние лично. Сатана тврди дека ниту еден човек нема верно да го брани Божјето име. Според него, ниту еден човек нема да му остане верен на Бог кога ќе се најде во искушение. Сатана тврди дека сите ние ќе престанеме да му служиме на Бог ако во таа ситуација заклучиме дека тоа ќе биде подобро за нас (Јов 1:9-11; 2:4). Но, Јов му останал верен на Бог и докажал дека Сатана е лажливец. Дали и ти ќе му останеш верен на Бог? Секој од нас може да избере да го брани името на нашиот Татко и да го радува така што верно ќе му служи (Изр. 27:11). Тоа навистина е голема чест за нас (w24.02 8-9, пас. 3-5).
Петок, 27 јуни
Верувајте им на неговите пророци и ќе победите! (2. Лет. 20:20)
По смртта на Мојсеј и Исус Навин, Јехова поставил судии за да го водат неговиот народ. А подоцна, за време на царевите, Јехова поставил пророци за таа цел. Верните цареви послушно ги следеле советите на пророците. На пример, цар Давид понизно го прифатил укорот од пророкот Натан (2. Сам. 12:7, 13; 1. Лет. 17:3, 4). Цар Јосафат се потпирал на водството на пророкот Јазиел и ги поттикнал Јудејците со зборовите: „Верувајте им на [Божјите] пророци“ (2. Лет. 20:14, 15). Кога бил во тешка ситуација, цар Езекија побарал помош од пророкот Исаија (Иса. 37:1-6). Секогаш кога царевите го следеле водството од Јехова, тие го имале неговиот благослов, а народот бил заштитен (2. Лет. 20:29, 30; 32:22). Било јасно дека Јехова ги користи своите пророци за да го води својот народ (w24.02 21, пас. 8).
Сабота, 28 јуни
Немојте да имате ништо со нив (Еф. 5:7)
Сатана сака да поминуваме време со луѓе кои ќе ни отежнуваат да ги почитуваме Јеховините мерила. Треба да имаме на ум дека во нашето друштво не спаѓаат само оние со кои комуницираме лице в лице. Во него се вклучени и оние со кои комуницираме преку социјалните мрежи. Ние мора да се бориме против размислувањето на луѓето од овој свет дека неморалното однесување е прифатливо. Ние знаеме дека тоа е погрешно (Еф. 4:19, 20). Добро е да се прашаме: „Дали се трудам да не поминувам непотребно време со колегите, соучениците и други кои не ги почитуваат Јеховините праведни мерила? Дали храбро се држам за Јеховините мерила, дури и ако другите ме сметаат за нетолерантен поради тоа?“ Како што покажуваат зборовите од 2. Тимотеј 2:20-22, можеби ќе треба да внимаваме и кои ќе ни бидат блиски пријатели во собранието. Ние имаме на ум дека некои можеби нема да ни помогнат да му останеме верни на Јехова (w24.03 22-23, пас. 11-12).
Недела, 29 јуни
Самиот Татко ве сака (Јован 16:27)
Дали некогаш си се обидел да замислиш како изгледа Јехова? Ние не можеме да го видиме Јехова, но во Библијата тој е опишан на различни начини. Јехова е наречен „сонце и штит“ и „оган што голта“ (Пс. 84:11; Евр. 12:29). Езекиел го опишал присуството на Јехова како нешто што личело на камен сафир, сјајно бело злато и блескаво виножито (Езек. 1:26-28). Бидејќи не можеме да го видиме Јехова, може да ни биде тешко да веруваме дека тој нѐ сака. Некои мислат дека Јехова никогаш не би можел да ги сака поради некои лоши искуства од минатото. Јехова ги разбира таквите чувства и разбира како тие влијаат врз нас. За да ни помогне, во својата Реч тој ни ги открил своите прекрасни особини. Јехова најдобро може да се опише со зборот љубов. Всушност, Библијата вели дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). Јехова сѐ прави од љубов. Неговата љубов е толку голема и силна што тој им ја покажува дури и на оние што не го сакаат (Мат. 5:44, 45; w24.01 26, пас. 1-3).
Понеделник, 30 јуни
Во столб од облак тој им зборуваше (Пс. 99:7)
Јехова го поставил Мојсеј за да ги изведе Израелците од Египет, и како видлив доказ поставил столб од облак дење и столб од оган ноќе (2. Мој. 13:21). Мојсеј го следел столбот, и така тој и Израелците стигнале до Црвеното Море. Кога се нашле помеѓу морето и египетската војска која ги следела, Израелците ги фатило паника. Но, тие не се нашле таму по грешка. Јехова го користел Мојсеј за да го одведе својот народ таму (2. Мој. 14:2). Потоа, Бог ги избавил на еден извонреден начин (2. Мој. 14:26-28). Во следните 40 години, Мојсеј продолжил да има доверба дека Јехова го користи столбот од облак за да го води Божјиот народ низ пустината (2. Мој. 33:7, 9, 10). Јехова му зборувал на Мојсеј од столбот, а потоа Мојсеј му ги пренесувал на народот упатствата што ги добивал од Јехова. Израелците имале јасен доказ дека Јехова го користи Мојсеј за да ги води (w24.02 21, пас. 4-5).