Август
Петок, 1 август
Многу неволји има праведникот, но Јехова го избавува од сите нив (Пс. 34:19)
Забележи кои две важни мисли се истакнати во овој псалм: 1) праведните луѓе имаат проблеми и 2) Јехова нѐ избавува од нашите неволји. Како нѐ избавува Јехова? Еден начин е така што ни помага да имаме реалистично гледиште за животот во овој свет. Точно е дека Јехова ни ветува дека ќе чувствуваме радост додека му служиме, но не ни ветува дека сега ќе имаме безгрижен живот (Иса. 66:14). Тој нѐ поттикнува да мислиме на нашата иднина — времето кога ќе го добиеме животот на кој Јехова посакува да му се радуваме засекогаш (2. Кор. 4:16-18). Во меѓувреме, тој ни помага да продолжиме да му служиме секој ден (Плач 3:22-24). Што можеме да научиме од примерот на некои верни Божји слуги од библиски времиња и од наше време? Може да се соочиме со неочекувани проблеми. Но, ако се потпираме на Јехова, тој секогаш ќе ни помага (Пс. 55:22; w23.04 14-15, пас. 3-4).
Сабота, 2 август
Биди им подложен на властите (Рим. 13:1)
Можеме многу да научиме од примерот на Јосиф и Марија кои спремно им биле послушни на властите дури и кога тоа не било лесно (Лука 2:1-6). Кога Марија била во околу деветтиот месец од бременоста, послушноста на Јосиф и Марија кон властите била ставена на испит. Август, кој владеел со Римската Империја, донел закон според кој секој требало да оди во своето родно место за да биде попишан. Јосиф и Марија требало да одат во Витлеем, што значело дека требало да патуваат 150 километри низ ридско подрачје. Таквото патување не било лесно, особено за Марија. Тие можеби биле загрижени што би можело да се случи доколку Марија добиела породилни болки додека биле на пат. Нивната загриженост околу здравјето и безбедноста на бебето можеби била уште поголема бидејќи Марија требало да го роди идниот Месија. Дали ова можело да им биде изговор за да не им бидат послушни на властите? Иако Јосиф и Марија имале причини да бидат загрижени, сепак тие биле послушни на законот. Јехова ја благословил нивната послушност. Марија пристигнала безбедно во Витлеем, родила здраво бебе, па дури придонела да се исполни едно библиско пророштво (Мих. 5:2; w23.10 8, пас. 9; 9, пас. 11-12).
Недела, 3 август
Да се храбриме еден со друг (Евр. 10:25)
Што ако те фаќа трема дури и од самата помисла да коментираш на состаноците? Можеби ќе ти биде од помош ако добро се подготвиш (Изр. 21:5). Колку подобро си запознаен со материјалот, толку полесно ќе ти биде да кренеш рака за да коментираш. Исто така, коментирај кратко (Изр. 15:23; 17:27). Веројатно ќе имаш помала трема доколку даваш кратки одговори. Со тоа што ќе дадеш краток коментар со свои зборови, ќе покажеш дека добро си се подготвил и дека добро си го сфатил материјалот. Што ако си пробал некои од овие предлози, но сѐ уште чувствуваш трема и ти е тешко да коментираш повеќе од еднаш или двапати? Биди сигурен дека Јехова го цени тоа што искрено се трудиш да го правиш она што можеш (Лука 21:1-4). Јехова очекува да му го дадеме нашето најдобро, но тоа не значи дека тој бара од нас повеќе од она што можеме да го направиме (Фил. 4:5). Одреди што можеш да правиш, постави си цел да го направиш тоа и моли го Јехова да ти даде внатрешен мир. За почеток, една таква цел може да ти биде да дадеш еден краток коментар (w23.04 21, пас. 6-8).
Понеделник, 4 август
Да го ставиме оклопот и да го ставиме шлемот (1. Сол. 5:8)
Апостол Павле нѐ споредил со војници кои се спремни и опремени за битка. Од еден војник кој е на должност се очекува да биде подготвен за битка во секое време. Слично е и со нас. Ние сме постојано подготвени за Јеховиниот ден така што ги носиме оклопот на верата и љубовта и шлемот на надежта. Оклопот го штител срцето на еден војник. Верата и љубовта го штитат нашето симболично срце. Тие ќе ни помогнат да продолжиме да му служиме на Бог и да го следиме Исус. Верата ни помага да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ награди затоа што го бараме со цело срце (Евр. 11:6). Тоа ќе нѐ поттикне да му останеме верни на нашиот Водач, Исус, дури и кога минуваме низ тешки ситуации. Можеме да си ја зајакнеме верата така што ќе размислуваме за примерот на некои браќа и сестри од наше време кои му останале верни на Бог и покрај прогонството или економските проблеми. Исто така, можеме да ја избегнеме замката на материјализмот така што ќе го следиме примерот на оние што си го поедноставиле животот за да го стават Царството на прво место (w23.06 10, пас. 8-9).
Вторник, 5 август
Кој гледа на облаците, никогаш не жнее (Проп. 11:4)
Самоконтролата е способност да ги контролираме нашите чувства и постапки. Таа ни е потребна за да бидеме поттикнати да ги оствариме нашите цели, особено ако ни е тешко да оствариме некоја цел или ако немаме мотивација. Не заборавај дека самоконтролата, односно самосовладувањето, е еден од плодовите на светиот дух. Затоа, моли го Јехова да ти помогне со својот свет дух да ја развиеш оваа важна особина (Лука 11:13; Гал. 5:22, 23). Немој да чекаш совршени околности. Во овој свет веројатно никогаш нема да имаме идеални околности. Ако чекаме тоа да се случи, можеби никогаш нема да ја оствариме својата цел. Можеби ни фали мотивација затоа што нашата цел ни изгледа претешка за да ја оствариме. Ако ова е случај и со тебе, би можел ли да ја поделиш твојата цел на помали цели? Ако имаш цел да развиеш некоја особина, најпрво би можел да ја покажуваш во помали работи. Ако твојата цел е да ја прочиташ целата Библија, за почеток читај пократко време (w23.05 29-30, пас. 11-13).
Среда, 6 август
Патеката на праведниците е како блескава светлина, која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени (Изр. 4:18)
Во текот на овие последни денови, преку својата организација, Јехова постојано ни обезбедува духовна храна која ни помага на сите нас да продолжиме да одиме по патот на светоста (Иса. 35:8; 48:17; 60:17). Можеме да кажеме дека секогаш кога некој ќе прифати да ја проучува Библијата, тој има можност да зачекори на патот на светоста. Некои одат по тој пат само кратко време, а потоа го напуштаат. Други се решени да продолжат да одат по него сѐ додека не стигнат до нивната крајна дестинација. Која е таа дестинација? Патот на светоста ќе ги одведе оние што имаат небесна надеж до „Божјиот рај“ на небото (Отк. 2:7). Оние што имаат надеж да живеат вечно на Земјата, истиот пат ќе ги одведе до совршенство на крајот од илјадагодишното владеење. Ако и ти одиш по овој пат денес, не врти се назад. Не размислувај за работите што си ги оставил зад себе. И продолжи да одиш по овој пат сѐ додека не заврши твоето патување во новиот свет! (w23.05 17, пас. 15; 19, пас. 16-18).
Четврток, 7 август
Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас (1. Јов. 4:19)
Кога размислуваш за сите работи што Јехова ги направил за тебе, ќе чувствуваш благодарност и ќе сакаш да му го заветуваш твојот живот (Пс. 116:12-14). Библијата со право вели дека „секој добар дар и секој совршен подарок“ доаѓа од Јехова (Јак. 1:17). Најголемиот од сите тие дарови е откупната жртва на неговиот син Исус. Размисли колку прекрасен подарок е откупнината. Таа ти овозможува да бидеш близок со Јехова. Освен тоа, преку неа, Јехова ти дава можност да живееш засекогаш (1. Јов. 4:9, 10). Тоа што ќе му се заветуваш на Јехова е еден начин на кој можеш да покажеш благодарност за најголемиот израз на љубов што некогаш бил покажан, како и за сите други благослови што Јехова ти ги дава (5. Мој. 16:17; 2. Кор. 5:15; w24.03 5, пас. 8).
Петок, 8 август
Кој живее справедливо, се бои од Јехова (Изр. 14:2)
Кога гледаме колку се ниски моралните вредности на луѓето во светот денес, ние се чувствуваме исто како праведниот Лот. За него, во Библијата го пишува следново: „Страдаше поради бесрамните дела на тие дрски беззаконици“ (2. Пет. 2:7, 8). Лот знаел дека нашиот небесен Татко го мрази неморалното однесување. Стравот од Бог и љубовта кон него го поттикнале Лот да не ги прифати ниските морални вредности на луѓето од негово време. И ние сме опкружени со луѓе кои имаат мала или немаат никаква почит кон Јеховините морални мерила. И покрај тоа, ние можеме да останеме чисти во морален поглед ако ја зачуваме нашата љубов кон Бог и ако развиеме исправен страв од него. За таа цел, Јехова со љубов ни го дава потребното охрабрување преку книгата Изреки. Мудрите совети кои се наоѓаат во неа можат многу да им користат на сите христијани, без разлика дали се мажи или жени, млади или стари. Стравот од Јехова ќе нѐ спречи да бидеме пријатели со оние кои постапуваат погрешно (w23.06 20, пас. 1-2; 21, пас. 5).
Сабота, 9 август
Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе и секој ден нека го зема својот маченички столб и нека појде по мене! (Лука 9:23)
Можеби си се соочил со противење од семејството или можеби си жртвувал нешто во материјален поглед за да можеш да го ставиш Божјето Царство на прво место во твојот живот (Мат. 6:33). Ако е така, можеш да бидеш сигурен дека Јехова го забележал сето она што си го направил за него (Евр. 6:10). Веројатно и самиот си се уверил во вистинитоста на Исусовите зборови: „Никој не оставил куќа или браќа или сестри или мајка или татко или деца или ниви поради мене и поради добрата вест, а да не прими сега, во ова време, стократно: и куќи и браќа и сестри и мајки и деца и ниви, со прогонства, а во поредокот што доаѓа и вечен живот“ (Мар. 10:29, 30). Благословите што си ги добил се многу поголеми од која и да било жртва што си ја направил (Пс. 37:4; w24.03 9, пас. 5).
Недела, 10 август
Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја (Изр. 17:17)
Кога во Јудеја завладеал голем глад, христијаните од собранието во Антиохија решиле, секој според своите можности, да испратат помош за на тој начин да им послужат на браќата во Јудеја (Дела 11:27-30). Иако браќата што биле погодени од гладот живееле многу далеку од нив, христијаните во Антиохија биле решени да им помогнат (1. Јов. 3:17, 18). И ние денес може да покажеме сочувство кога ќе дознаеме дека некои наши соверници се погодени од некоја катастрофа. Ние веднаш реагираме — можеби така што ги прашуваме старешините дали може да помогнеме во некоја акција за помош, така што даваме прилози за меѓународното дело или така што се молиме за оние што се погодени од катастрофата. Освен тоа, на нашите браќа и сестри можеби ќе им бидат потребни неопходните работи за да преживеат. Кога нашиот Цар, Исус Христос, ќе дојде да им суди на луѓето, ние сакаме да бидеме меѓу оние кои покажуваат сочувство и на кои тој ќе им дозволи да го наследат Царството (Мат. 25:34-40; w23.07 4, пас. 9-10; 6, пас. 12).
Понеделник, 11 август
Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе (Фил. 4:5)
Исус бил разумен исто како Јехова. Тој бил испратен од Јехова за да им проповеда на „загубените овци на домот Израелов“. Но додека ја извршувал таа задача, Исус покажал разумност. На пример, една жена која не била Израелка го молела да ја излекува ќерка ѝ која била обземена од демони и ужасно страдала. Од сочувство, Исус го направил она што таа го побарала од него и ја излекувал ќерка ѝ (Мат. 15:21-28). Да разгледаме уште еден пример. Некое време претходно, Исус кажал: „Кој ќе се одрече од мене... и јас ќе се одречам од него“ (Мат. 10:33). Но дали се одрекол од Петар, кој трипати се одрекол од него? Не. Исус го зел предвид тоа што Петар се покајал и имал вера. Откако воскреснал, Исус најверојатно го уверил Петар дека му простил и дека сѐ уште го сака (Лука 24:33, 34). И Јехова Бог и Исус Христос се разумни. А како е со нас? Јехова очекува и ние да бидеме разумни (w23.07 21, пас. 6-7).
Вторник, 12 август
Смрт нема да има веќе (Отк. 21:4)
Што можеме да им кажеме на другите за да ги увериме дека Божјето ветување за рај навистина ќе се исполни? Како прво, Јехова е тој што ни го дава тоа ветување. Во книгата Откровение пишува: „Оној што седи на престолот рече: ’Гледај, правам сѐ ново!‘“ Тој има мудрост, моќ и желба за да го исполни тоа свое ветување. Како второ, исполнувањето на неговото ветување е толку сигурно што од Јеховина гледна точка тоа веќе се случило. Токму затоа, Јехова вели: „Овие зборови се вистинити и верни!... Се исполнија!“ Како трето, кога ќе започне нешто, Јехова сигурно ќе го доврши. Тоа се гледа од следниве зборови: „Јас сум алфа и омега“ (Отк. 21:6). Јехова ќе докаже дека Сатана е лажливец и дека не може да го спречи исполнувањето на Божјата намера. Затоа, ако некој ти каже: „Ова звучи премногу добро за да биде вистинито“, би можел да му ги прочиташ и објасниш стиховите од Откровение 21:5, 6. Објасни му каква гаранција ни дал Јехова дека ќе го исполни своето ветување со тоа што, така да се каже, го потпишал со својот потпис (Иса. 65:16; w23.11 7, пас. 18-19).
Среда, 13 август
Од тебе ќе направам голем народ (1. Мој. 12:2)
Јехова му го дал ова ветување на Авраам кога тој бил на 75-годишна возраст и сѐ уште немал деца. Дали Авраам го видел исполнувањето на тоа ветување? Не потполно. Откако ја поминал реката Еуфрат и чекал 25 години, Авраам го видел раѓањето на неговиот син Исак. А откако поминале уште 60 години, се родиле неговите внуци Исав и Јаков (Евр. 6:15). Но, Авраам не видел како неговите потомци станале голем народ и како ја наследиле Ветената земја. Сепак, еден благослов што овој верен Божји слуга го добил во текот на својот живот е тоа што бил близок пријател со својот Творец (Јак. 2:23). А откако ќе воскресне, Авраам ќе биде пресреќен кога ќе дознае дека, поради неговата вера и стрпливост, биле благословени сите народи! (1. Мој. 22:18). Што учиме од ова? Ние лично, можеби нема веднаш да го видиме исполнувањето на сите ветувања од Јехова. Но, ако сме стрпливи како Авраам, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ награди сега, а уште повеќе во новиот свет што ни го ветил (Мар. 10:29, 30; w23.08 24, пас. 14).
Четврток, 14 август
Сѐ додека го бараше вистинскиот Бог, Јехова, тој го благословуваше (2. Лет. 26:5)
Кога бил млад, цар Озија бил понизен. Тој стекнал страв од Бог. Озија живеел 68 години, и Јехова го благословувал во поголемиот дел од неговиот живот (2. Лет. 26:1-4). Тој поразил многу од непријателите на Божјиот народ и ја зајакнал одбраната на Ерусалим (2. Лет. 26:6-15). Озија сигурно бил многу среќен поради сето она што Бог му помогнал да го направи (Проп. 3:12, 13). Цар Озија бил навикнат другите да го прават она што тој ќе им го каже. Можеби поради тоа мислел дека може да прави сѐ што ќе посака. Еден ден, Озија решил да влезе во Јеховиниот храм и дрско се обидел да запали темјан на кадилниот жртвеник, нешто што на царевите не им било дозволено да го прават (2. Лет. 26:16-18). Првосвештеникот Азарија се обидел да го исправи, но Озија многу се разгневил. За жал, Озија не останал верен и затоа Јехова го казнил со лепра (2. Лет. 26:19-21). Колку подобар живот ќе имал доколку останел понизен! (w23.09 10, пас. 9-10).
Петок, 15 август
Тој почна да се одвојува, зашто се плашеше од оние од класата на обрежаните (Гал. 2:12)
Дури и откако станал помазан христијанин, апостол Петар морал да се бори со своите слабости. Во 36 год. од н.е., Бог го испратил Петар кај Корнелиј, кој не бил Евреин. Тогаш, Јехова го помазал Корнелиј, што било јасен доказ дека Бог „не е пристрасен“ и дека не-Евреите можат да бидат дел од христијанското собрание (Дела 10:34, 44, 45). Потоа, Петар почнал да јаде со браќата што не биле Евреи — нешто што никогаш порано не би го направил. Меѓутоа, некои христијани со еврејско потекло сметале дека Евреите и не-Евреите не треба да јадат заедно. Кога некои што имале таков став дошле во Антиохија, Петар престанал да јаде со браќата кои не биле Евреи, од страв да не ги навреди христијаните со еврејско потекло. Апостол Павле го видел ова лицемерие и пред сите го прекорил Петар (Гал. 2:13, 14). И покрај тоа што ја направил оваа грешка, Петар не се разочарал, туку продолжил да му служи на Јехова (w23.09 22, пас. 8).
Сабота, 16 август
Бог ќе ве зајакне (1. Пет. 5:10)
Доколку искрено се преиспитаме, можеби ќе откриеме некои слабости кај себе, но не треба да се обесхрабруваме. Нашиот Господар Исус е добар и ќе ни помогне да ги направиме потребните промени (1. Пет. 2:3). Апостол Петар нѐ уверува: „[Бог] ќе го доврши вашето обучување, ќе ве зацврсти“. На почеток, Петар се чувствувал недостоен да биде во присуство на Божјиот Син (Лука 5:8). Но, благодарение на помошта од Јехова и од Исус, Петар продолжил верно да го следи Исус. Поради тоа, на Петар му било овозможено да влезе „во вечното царство на нашиот Господар и Спасител Исус Христос“ (2. Пет. 1:11). Каква прекрасна награда! Ако и ти, како Петар, продолжиш верно да му служиш на Јехова и му дозволиш да те обучува, ќе добиеш вечен живот како награда. „Поради својата вера“, ќе бидеш награден со спасение (1. Пет. 1:9; w23.09 31, пас. 16-17).
Недела, 17 август
Обожавајте го оној што ги создаде небото и земјата (Отк. 14:7, фус.)
Светиот шатор имал еден двор — отворено, оградено место каде што свештениците ги извршувале своите должности. Големиот бакарен жртвеник за жртви паленици се наоѓал во дворот заедно со мијалникот од бакар, кој свештениците го користеле за да се исчистат пред да почнат да ја извршуваат својата света служба (2. Мој. 30:17-20; 40:6-8). Денес, помазаниците што сѐ уште се на Земјата верно служат во внатрешниот двор на духовниот храм. Големиот мијалник со вода е важен потсетник за нив и за сите христијани дека треба да останат чисти во морален и во духовен поглед. Тогаш, каде служи големото мноштво? Апостол Јован ги видел „како стојат пред престолот“, односно на Земјата во надворешниот двор, каде што „му служат [на Бог] ден и ноќ во неговиот храм“ (Отк. 7:9, 13-15). Многу сме благодарни што Јехова ни дал скапоцена можност да му служиме во неговиот голем духовен храм! (w23.10 28, пас. 15-16).
Понеделник, 18 август
Поради Божјето ветување се зајакна преку својата вера (Рим. 4:20)
Еден начин на кој Јехова ни дава сила е преку старешините (Иса. 32:1, 2). Затоа, кога си загрижен, сподели ги своите грижи со нив. Немој да се колебаш да ја прифатиш помошта што ќе ти ја понудат. Преку нив, Јехова може да те зајакне. Надежта што ја имаме на темел на Библијата да живееме вечно — без разлика дали во рајот на Земјата или во небесното Царство — исто така може да ни влее сила (Рим. 4:3, 18, 19). Нашата надеж ни дава сила да ги издржиме тешкотиите, да ја проповедаме добрата вест и да извршуваме разни задачи во собранието (1. Сол. 1:3). Истата таа надеж го зајакнала и апостол Павле. Тој бил под притисок, во недоумица, прогонуван и соборуван. Дури и неговиот живот бил во опасност (2. Кор. 4:8-10). Павле ја добил силата што му била потребна за да истрае така што мислел на надежта што ја имал (2. Кор. 4:16-18). Тој се концентрирал на неговата надеж дека во иднина ќе живее вечно на небото. Павле размислувал за таа надеж и, како резултат на тоа, чувствувал дека „се обновува од ден на ден“ (w23.10 15-16, пас. 14-17).
Вторник, 19 август
Јехова ќе му даде сила на својот народ. Јехова ќе го благослови својот народ со мир (Пс. 29:11)
Кога се молиш, прашај се дали Јехова смета дека сега е времето да ти го даде она за што се молиш. Можеби сметаме дека треба веднаш да добиеме одговор на нашите молитви. Но, всушност, Јехова знае кога е најдоброто време за да ни помогне (1. Пет. 5:6, 7). Кога не го добиваме веднаш она за што се молиме, можеби си мислиме дека одговорот од Јехова е: „Не“. Но, неговиот одговор, всушност, можеби е: „Засега не“. На пример, еден млад брат се молел да оздрави од својата болест. Но неговото здравје не се подобрило. Ако Јехова го излекувал со чудо, Сатана би можел да тврди дека братот продолжил да му служи на Јехова само затоа што бил излекуван (Јов 1:9-11; 2:4). Освен тоа, Јехова веќе го одредил времето кога ќе ги излекува сите болести (Иса. 33:24; Отк. 21:3, 4). Сѐ дотогаш, не можеме да очекуваме Јехова да прави чуда за да нѐ излекува од нашите болести. Затоа, братот би можел да го моли Јехова да му даде сила и внатрешен мир за да истрае и покрај болеста, и да продолжи верно да му служи на Бог (w23.11 23, пас. 13).
Среда, 20 август
Не постапува со нас според нашите гревови и не ни го враќа она што го заслужуваме за нашите престапи (Пс. 103:10)
Самсон направил сериозна грешка, но не се откажал. Тој барал прилика да ја изврши задачата што му ја дал Бог — да се бори против Филистејците (Суд. 16:28-30). Самсон сесрдно му се помолил на Јехова со зборовите: „Дозволи ми да им се одмаздам на Филистејците“. Вистинскиот Бог одговорил на молитвата на Самсон и уште еднаш му дал надчовечка сила. Како резултат на тоа, Самсон во таа прилика убил повеќе Филистејци отколку што убил во текот на целиот свој живот. Иако трпел горки последици поради својата грешка, Самсон не се откажал, туку се трудел и понатаму да ја врши Јеховината волја. Што учиме од ова? Дури и ако направиме некоја грешка и добиеме укор, или пак ни биде одземена некоја одговорност, не треба да се откажеме. Не заборавај, Јехова не се откажува од нас (Пс. 103:8, 9). И покрај нашите грешки, Јехова може да ни ја дава силата што ни е потребна за да ја вршиме неговата волја исто како што било случај и со Самсон (w23.09 6, пас. 15-16).
Четврток, 21 август
Истрајноста [донесува] испитаност, испитаноста — надеж (Рим. 5:4)
Кога верно истрајуваме во испитите, стекнуваме одобрување од Јехова. Се разбира, Јехова не се радува кога доживуваме неволји или проблеми. Наместо тоа, тој е среќен затоа што верно истрајуваме. Многу е охрабрувачки да знаеме дека со нашата истрајност го радуваме Јехова и го стекнуваме неговото одобрување (Пс. 5:12). Сети се дека, секогаш кога ќе била ставена на испит неговата вера, Авраам верно истрајувал и поради тоа го имал Божјето одобрување. Јехова гледал на Авраам како на свој пријател и го сметал за праведен (1. Мој. 15:6; Рим. 4:13, 22). Истото може да биде случај и со нас. Божјето одобрување не зависи од тоа колку многу сме зафатени во службата, ниту пак од тоа какви одговорности имаме во Јеховината организација. Бог ќе биде задоволен со нас ако верно истрајуваме и покрај тешкотиите. А секој од нас може да истрае без разлика на возраста, околностите или способностите. Дали во моментов се наоѓаш во некоја тешка ситуација и верно истрајуваш? Ако да, не заборавај дека го имаш Божјето одобрување. Тоа што знаеме дека го имаме Божјето одобрување, може да изврши силно влијание врз нас — може да ја зајакне нашата надеж (w23.12 11, пас. 13-14).
Петок, 22 август
Во разборитоста бидете возрасни (1. Кор. 14:20)
Еден христијанин мора да научи добро да комуницира со другите. Оној што добро комуницира со другите, ги слуша и ги разбира нивните мисли и чувства (Изр. 20:5). Тој може да научи да го чита тонот на гласот на другите, нивните изрази на лицето, како и говорот на телото. Ова не можеш да го научиш доколку не поминуваш време со луѓе. Ако постојано користиш електронски уреди за да комуницираш со другите, како на пример преку имејл или пораки, твојата способност да комуницираш со другите лице в лице би можела да се намали. Затоа, создавај прилики да зборуваш со другите лице в лице (2. Јов. 12). Исто така, еден зрел христијанин мора да е способен да се издржува себеси и своето семејство (1. Тим. 5:8). Добро е да научиш некоја вештина која ќе ти помогне да најдеш работа (Дела 18:2, 3; 20:34; Еф. 4:28). Труди се да бидеш познат како некој што вредно работи и што секогаш го завршува она што го започнал. Ако правиш така, поголема е веројатноста дека ќе најдеш и дека ќе задржиш работа (w23.12 27, пас. 12-13).
Сабота, 23 август
Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта (1. Сол. 5:2)
Кога во Библијата се спомнува „Јеховиниот ден“, тоа се однесува на времето кога Јехова ќе ги уништи своите непријатели и ќе го избави својот народ. Во минатото, Јехова казнил некои народи (Иса. 13:1, 6; Езек. 13:5; Соф. 1:8). Во наше време, „Јеховиниот ден“ ќе започне со нападот врз Големиот Вавилон, а ќе заврши со војната Армагедон. За да го преживееме тој „ден“, мора да се подготвиме уште сега. Исус рекол дека треба да бидеме подготвени за големата неволја. Изразот „бидете подготвени“ значи и дека треба постојано да бидеме подготвени (Лука 12:40; Мат. 24:21). Во своето прво писмо до Солуњаните, апостол Павле употребил неколку споредби за да им помогне на христијаните да се подготват за Јеховиниот голем ден на осуда. Павле знаел дека Јеховиниот ден нема да дојде во тоа време (2. Сол. 2:1-3). Сепак, тој ги поттикнал своите браќа да се подготват за тој ден како да ќе дојде утре. И ние можеме да го примениме неговиот совет (w23.06 8, пас. 1-2).
Недела, 24 август
Браќа мои сакани, бидете постојани, непоколебливи (1. Кор. 15:58)
Кон крајот на 1970-тите, во Токио (Јапонија) се градел еден облакодер од 60 ката. Луѓето се прашувале како таа зграда ќе ги издржи земјотресите што често ги има во тоа место. Во што била тајната на инженерите? Тие ја конструирале зградата да биде цврста, но доволно флексибилна за да може да ги издржи потресите. Христијаните се како тој облакодер. Во која смисла? Еден христијанин мора да биде цврст, а во исто време флексибилен. Тој треба да биде цврст и непоколеблив така што ќе биде решен секогаш да им биде послушен на законите на Јехова и да се држи за неговите мерила. Тој е спремен да послуша и не прави компромис. Од друга страна, тој треба да биде разумен, односно флексибилен, секогаш кога тоа е можно или неопходно (Јак. 3:17). Христијанинот кој научил да биде урамнотежен во овој поглед нема да оди во крајности, односно нема да биде ниту претерано строг ниту претерано попустлив (w23.07 14, пас. 1-2).
Понеделник, 25 август
Иако никогаш не сте го виделе, вие го сакате (1. Пет. 1:8)
Исус требало да му се спротивстави на Сатана Ѓаволот — кој го искушувал, па дури и отворено му рекол да се откаже од својата верност кон Бог (Мат. 4:1-11). Сатана бил решен да го наведе Исус на грев за да не може да ја плати откупнината. За време на својата служба на Земјата, Исус претрпел и други тешкотии. Неговите непријатели го прогонувале и сакале да го убијат (Лука 4:28, 29; 13:31). Тој морал да се справи со несовршеностите на своите следбеници (Мар. 9:33, 34). На судењето во кое се одлучувало за неговиот живот, Исус бил малтретиран и исмејуван. Потоа бил погубен на понижувачки начин и трпел огромна болка (Евр. 12:1-3). Додека висел на маченичкиот столб, Исус морал самиот да се справи со страдањето што го доживувал, без Јеховината заштита (Мат. 27:46). Јасно е дека Исус морал многу да страда за да ја обезбеди откупнината. Зарем не чувствуваме голема љубов кон Исус кога размислуваме колкави жртви бил спремен да направи за нас? (w24.01 10-11, пас. 7-9).
Вторник, 26 август
Секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија (Изр. 21:5)
Стрпливоста ни помага да имаме добри односи со другите. Таа ни помага внимателно да слушаме кога другите зборуваат (Јак. 1:19). Исто така, стрпливоста придонесува за мир. Ако сме стрпливи, нема да реагираме пребрзо и нема да кажеме нешто нељубезно кога сме под стрес. Исто така, ако сме стрпливи, нема брзо да се разгневиме кога некој ќе ги повреди нашите чувства. Наместо да вратиме со иста мера, ќе се поднесуваме еден со друг и спремно ќе си простуваме (Кол. 3:12, 13). Стрпливоста може да ни помогне и да носиме подобри одлуки. Наместо избрзано и непромислено да донесеме одлука, треба да одвоиме време да најдеме повеќе информации за опциите кои ни стојат на располагање и да размислиме која од нив е најдобра. На пример, ако сакаме да се вработиме, можеби ќе бидеме склони да ја прифатиме првата работа што ќе ја најдеме. Но, ако сме стрпливи, ќе си одвоиме време да размислиме како таа работа ќе се одрази врз нашето семејство и врз нашиот однос со Јехова. Тоа што ќе бидеме стрпливи, ќе ни помогне да не носиме лоши одлуки (w23.08 22, пас. 8-9).
Среда, 27 август
Во своите делови на телото гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме заробува со законот на гревот, кој е во моите делови на телото (Рим. 7:23)
Ако си обесхрабрен затоа што мора да се бориш со погрешни желби, тоа што ќе размислуваш за ветувањето што си му го дал на Јехова кога си му го заветувал својот живот, ќе ти ја зајакне решеноста да се бориш против искушенијата. Како? Кога му го заветуваш својот живот на Јехова, ти се одрекуваш од себе. Ова значи дека одлучуваш да ги отфрлиш личните желби и цели кои не му се допаѓаат на Јехова (Мат. 16:24). Затоа, кога ќе се соочиш со некое искушение или тешка ситуација, нема да има потреба да се прашуваш како ќе постапиш. Веќе ќе ги имаш отфрлено сите други опции освен една — да му останеш верен на Јехова. И понатаму ќе бидеш цврсто решен да го радуваш Јехова. Во тој поглед ќе бидеш како Јов. Иако се соочил со исклучително тешки ситуации, тој одлучно рекол: „Нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5; w24.03 9, пас. 6-7).
Четврток, 28 август
Јехова е близу до сите што го повикуваат, до сите што го повикуваат во вистина (Пс. 145:18)
Јехова, „Богот на љубовта“, е со нас! (2. Кор. 13:11). Тој се грижи за секого од нас поединечно. Уверени сме дека нѐ опкружува неговата лојална љубов (Пс. 32:10, фус.). Колку повеќе размислуваме за тоа на кој начин ни ја покажува својата љубов, толку пореален ни станува и се чувствуваме сѐ поблиски со него. Можеме слободно да му се обратиме во молитва и да му кажеме колку многу ни е потребна неговата љубов. Можеме да му ги кажеме сите наши грижи, потполно уверени дека тој нѐ разбира и дека многу сака да ни помогне (Пс. 145:19). Исто како што огнот нѐ грее во еден студен ден, така и Јеховината љубов може да нѐ теши кога се соочуваме со тешкотии. Затоа, да ја прифатиме Јеховината љубов која ни дава утеха и мир, и да му возвратиме на неговата љубов така што ќе кажеме: „Ќе те сакам, Јехова!“ (Пс. 18:1; w24.01 31, пас. 19-20).
Петок, 29 август
Им го објавив твоето име (Јован 17:26)
Исус направил повеќе отколку само да им каже на луѓето дека Божјето име е Јехова. Евреите кои ги поучувал Исус веќе го знаеле Божјето име. Но, тој предводел во тоа да им го објавува Бог на другите, односно да им објаснува каква личност е тој (Јован 1:17, 18). На пример, од Хебрејските списи дознаваме дека Јехова е милосрден и љубезен (2. Мој. 34:5-7). Оваа вистина станала појасна од кога и да било порано кога Исус ја кажал споредбата за расипничкиот син и неговиот татко. Тој татко го здогледал својот покајнички син додека уште бил далеку, му притрчал, го прегрнал и му простил од срце. Додека ја читаме оваа споредба, можеме да сфатиме колку милостив и сочувствителен е Јехова (Лука 15:11-32). Исус им помогнал на другите да сфатат каква личност навистина е Јехова (w24.02 10, пас. 8-9).
Сабота, 30 август
Да ги тешиме оние што се во каква и да било неволја, со истата утеха со која Бог нѐ теши нас самите (2. Кор. 1:4)
Јехова ги зајакнува и ги теши оние што се во мака. Како можеме по примерот на Јехова да имаме сочувство и да ги тешиме другите? Еден начин е така што ќе развиваме особини кои ќе ни помогнат да имаме сочувство и да ги тешиме другите. Кои се некои од тие особини? Што ќе ни помогне и понатаму да ја имаме љубовта што ни е потребна за да продолжиме од ден на ден да се тешиме еден со друг? (1. Сол. 4:18). Треба да развиваме особини како што се сомилост, братска љубов и љубезност (Кол. 3:12; 1. Пет. 3:8). Како ќе ни помогнат овие особини? Кога тие ќе станат дел од нашата личност, ќе имаме силна желба да ги тешиме оние што се во неволја. Ова е во склад со она што го кажал Исус: „Устата го зборува она со кое е полно срцето. Добриот човек од својата добра ризница изнесува добро“ (Мат. 12:34, 35). Еден важен начин на кој покажуваме љубов кон браќата и сестрите е така што ги тешиме (w23.11 10, пас. 10-11).
Недела, 31 август
Ќе разберат оние што се разборити (Дан. 12:10)
Ако сакаме да ги разбереме библиските пророштва, треба да побараме помош. Размисли за следнава споредба. Замисли дека си отишол да посетиш едно непознато место, но пријателот кој патува со тебе добро го познава тој крај. Тој точно знае каде се наоѓате и каде води секоја улица. Сигурно се радуваш што твојот пријател прифатил да дојде со тебе. Слично на тоа, Јехова точно знае каде се наоѓаме во струјата на времето и што уште нѐ очекува во иднина. Затоа, за да ги разбереме библиските пророштва, ние мора понизно да бараме помош од Јехова (Дан. 2:28; 2. Пет. 1:19, 20). Како и секој добар родител, Јехова сака неговите деца да имаат среќна иднина (Ерем. 29:11). Но, за разлика од човечките родители, Јехова може точно да прорече што ќе се случи во иднина. Тој се погрижил во неговата Реч да бидат запишани пророштва за да може однапред да знаеме кои важни настани ќе се случат (Иса. 46:10; w23.08 8, пас. 3-4).