ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es25 стр. 118-128
  • Декември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Декември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2025
  • Поднаслови
  • Понеделник, 1 декември
  • Вторник, 2 декември
  • Среда, 3 декември
  • Четврток, 4 декември
  • Петок, 5 декември
  • Сабота, 6 декември
  • Недела, 7 декември
  • Понеделник, 8 декември
  • Вторник, 9 декември
  • Среда, 10 декември
  • Четврток, 11 декември
  • Петок, 12 декември
  • Сабота, 13 декември
  • Недела, 14 декември
  • Понеделник, 15 декември
  • Вторник, 16 декември
  • Среда, 17 декември
  • Четврток, 18 декември
  • Петок, 19 декември
  • Сабота, 20 декември
  • Недела, 21 декември
  • Понеделник, 22 декември
  • Вторник, 23 декември
  • Среда, 24 декември
  • Четврток, 25 декември
  • Петок, 26 декември
  • Сабота, 27 декември
  • Недела, 28 декември
  • Понеделник, 29 декември
  • Вторник, 30 декември
  • Среда, 31 декември
Секојдневно истражување на Писмото — 2025
es25 стр. 118-128

Декември

Понеделник, 1 декември

Мртвите стануваат (Лука 20:37)

Дали Јехова има моќ да ги воскресне мртвите? Апсолутно! Тој е Семоќниот Бог (Отк. 1:8). Значи, тој е толку моќен што може да го порази кој и да било непријател, па дури и смртта (1. Кор. 15:26). Друго нешто што нѐ уверува дека Бог може да ги воскресне мртвите е тоа што тој има совршено памтење. Јехова го памти името на секоја ѕвезда (Иса. 40:26). Исто така, тој ги памти и оние кои починале (Јов 14:13; Лука 20:38). Тој може да се сети и на најситниот детаљ на оние што ќе ги воскресне, вклучувајќи ги нивните сеќавања, нивниот генетски код и она што им се случувало во животот. Сосема е јасно дека можеме да имаме доверба во ветувањето на Јехова за воскресение затоа што знаеме дека тој има и желба и моќ да го исполни. Размисли за уште една причина зошто може да веруваме во Божјето ветување за воскресение — Јехова веќе го сторил тоа. Во библиски времиња, тој им дал моќ на неколку свои верни слуги, меѓу кои бил и Исус, да воскреснуваат мртви (w23.04 9-10, пас. 7-9).

Вторник, 2 декември

Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол (Кол. 4:6)

Ако зборуваме тактично и благо, поголема е веројатноста луѓето да нѐ слушаат и да продолжат со разговорот. Се разбира, ако некој сака да се расправа или да ги исмева нашите верувања, тогаш не сме обврзани да продолжиме да му одговараме (Изр. 26:4). Но, нема секој да реагира на таков начин. Всушност, многумина веројатно ќе сакаат да нѐ слушаат. Јасно е дека многу ќе ни користи тоа што ќе се трудиме да учиме да бидеме благи. Моли го Јехова да ти даде сила да останеш благ кога некој ќе ти постави прашање во врска со некоја спорна тема или кога неправедно ќе те критикува. Имај на ум дека, тоа што ќе бидеш благ, може да спречи разликите во мислењата да се претворат во расправии. Освен тоа, ако одговориш благо и со почит, можеби ќе ги поттикнеш оние што те слушаат да го сменат своето гледиште за нас и за библиските вистини. Секогаш биди спремен да ги одбраниш своите верувања и прави го тоа „благо и со длабока почит“ (1. Пет. 3:15). Навистина, кога си благ, тогаш си силен! (w23.09 19, пас. 18-19).

Среда, 3 декември

Облечете се во долготрпеливост (Кол. 3:12)

Да разгледаме четири начини на кои можеме да покажеме стрпливост. Прво, оној што е стрплив е бавен на гнев. Тој се труди да остане смирен и да не врати со иста мера кога другите го провоцираат. Исто така, не постапува грубо со другите кога е под стрес (2. Мој. 34:6). Второ, оној што е стрплив може смирено да чека. Ако нешто трае подолго од очекуваното, таквиот човек се труди да остане смирен и да не се изнервира (Мат. 18:26, 27). Трето, оној што е стрплив не е брзоплет. Кога треба да заврши некоја важна задача, оној што е стрплив не избрзува да ја започне и не гледа што побрзо да ја заврши. Наместо тоа, си одвојува доволно време за да испланира што ќе прави. Потоа, на задачата ѝ посветува онолку време колку што е потребно за да ја изврши квалитетно. Четврто, оној што е стрплив се труди да ги поднесе неволјите без да се жали. Тој дава сѐ од себе за и понатаму да истрае во тешката ситуација, а во исто време да задржи позитивен став (Кол. 1:11). Како христијани, ние треба да покажуваме стрпливост на сите овие начини (w23.08 20-21, пас. 3-6).

Четврток, 4 декември

Јехова ги испитува срцата (Изр. 17:3)

Една важна причина зошто треба да си го заштитиме нашето симболично срце е затоа што Јехова ги испитува нашите срца. Ова значи дека тој го гледа она што другите не можат да го видат и знае какви сме навистина одвнатре. Тој ќе нѐ сака ако го полниме нашиот ум со неговите мудри совети кои можат да ни помогнат да добиеме вечен живот (Јован 4:14). На тој начин, нема да оставиме ни малку место во нашиот ум за лагите што ги шират Сатана и неговиот свет, и врз нас нема да влијаат ниските морални вредности на злобните луѓе (1. Јов. 5:18, 19). Ако стануваме сѐ поблиски со Јехова, нашата љубов и нашата почит кон него сѐ повеќе ќе растат. Бидејќи не сакаме да го повредиме нашиот Татко, ние ја мразиме и самата помисла да направиме грев. Марта, една сестра од Хрватска, која била на искушение да направи неморал, напишала: „Ми беше тешко јасно да размислувам и да ја потиснам желбата да уживам во привременото задоволство што го пружа гревот. Но, стравот од Јехова ме заштити“. Како стравот од Бог ја заштитил Марта? Таа рекла дека размислувала за последиците што ќе произлезат доколку донесе лоша одлука. И ние можеме да го правиме истото (w23.06 20-21, пас. 3-4).

Петок, 5 декември

„Тогаш ќе знаат народите дека јас сум Јехова“, вели Севишниот Господар Јехова, „кога пред нивни очи ќе ја покажам својата светост меѓу вас“ (Езек. 36:23)

Исус знаел дека намерата на Јехова е да го посвети своето име, односно да го исчисти од сите лаги кои биле кажани за него. Затоа, нашиот Господар ги поучил своите следбеници да се молат: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Мат. 6:9). Исус сфатил дека ова е најважното спорно прашање кое ги засега сите суштества. Ниту едно суштество обдарено со разум во универзумот не направило повеќе од Исус за да се посвети Јеховиното име. Сепак, кога Исус бил уапсен, за каков грев го обвиниле неговите непријатели? Дека е богохулник! Исус сигурно сметал дека еден од најголемите гревови е да го оцрни светото име на својот Татко. Тој бил многу загрижен дека ќе биде обвинет и осуден за такво злодело. Тоа можеби била главната причина поради која Исус бил во „тешка душевна мака“ пред да биде уапсен (Лука 22:41-44; w24.02 11, пас. 11).

Сабота, 6 декември

Со мудрост се гради дом (Изр. 24:3)

Во нашата трка за живот, љубовта што ја чувствуваме кон Јехова и кон Исус мора да биде поголема од љубовта кон членовите на нашето семејство (Мат. 10:37). Но, ова не значи дека можеме да ги запоставиме нашите семејни обврски мислејќи дека тие ќе нѐ спречат да им угодиме на Бог и на Исус. Напротив, за да им угодиме на Бог и на Исус, мора да ги исполниме обврските што ги имаме во семејството (1. Тим. 5:4, 8). Ако го правиме тоа, ќе бидеме посреќни. Всушност, Јехова — оној што го основал семејството — знае дека семејствата ќе бидат среќни ако сопружниците се сакаат и се почитуваат, ако родителите ги сакаат и ги поучуваат своите деца и ако децата им се послушни на своите родители (Еф. 5:33; 6:1, 4). Без разлика која е твојата улога во семејството, применувај ја мудроста од Божјата Реч наместо да постапуваш според своите чувства, според она што е вообичаено во твојата култура или според она што го велат некои таканаречени стручњаци. Добро користи ги нашите публикации кои се темелат на Библијата. Во нив има практични предлози за тоа како да ги применуваме библиските начела (w23.08 28, пас. 6-7).

Недела, 7 декември

Внимателно читај ја дење и ноќе за да го правиш совесно сето она што е запишано во неа, зашто тогаш ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро (Ис. Нав. 1:8)

Една христијанка треба да стекне корисни вештини. Некои вештини што едно девојче ќе ги научи во детството ќе му користат во текот на целиот живот. На пример, научи добро да читаш и да пишуваш. Во некои култури се смета дека не е важно дали една жена ќе научи да чита и да пишува. Но, тие вештини се неопходни за секој христијанин (1. Тим. 4:13). Затоа, не дозволувај ништо да те спречи да научиш добро да читаш и да пишуваш. Како ќе ти користи тоа? Таквите вештини ќе ти помогнат да најдеш и да задржиш работа. Исто така, ќе ти биде полесно да ја проучуваш Библијата и да ги поучуваш другите за неа. А што е најважно, додека ја читаш Божјата Реч и размислуваш за неа, ќе стануваш сѐ поблиска со Јехова (1. Тим. 4:15; w23.12 20, пас. 10-11).

Понеделник, 8 декември

Јехова знае како да ги избави од искушение луѓето што му се оддадени (2. Пет. 2:9)

Моли го Јехова да ти помогне да им се спротивставиш на искушенијата. Бидејќи сме несовршени, ние мора постојано да се бориме со искушението да го правиме она што е погрешно. Сатана прави сѐ што може за да ни ја отежне таа борба што е можно повеќе. Еден начин на кој се обидува да го расипе нашето размислување е преку неморална забава. Таквата забава може да го исполни нашиот ум со нечисти мисли — мисли кои ќе нѐ направат нечисти во Јеховини очи и кои можат да нѐ наведат да направиме тежок грев (Мар. 7:21-23; Јак. 1:14, 15). За да можеме да се спротивставиме на искушението да го правиме она што е погрешно, потребна ни е помошта од Јехова. Во молитвата што ни ја дал како пример, Исус ја вклучил следнава молба: „Не воведувај нѐ во искушение, туку избави нѐ од Злобниот“ (Мат. 6:13). Јехова сака да ни помогне, но ние мора во молитва да бараме помош од него. Исто така, мора да постапуваме во склад со нашите молитви (w23.05 6-7, пас. 15-17).

Вторник, 9 декември

Трикратно јаже не се кине лесно (Проп. 4:12)

Кога брачните партнери го ценат пријателството што го имаат со својот небесен Татко, тие спремно ќе ги применуваат неговите совети, а тоа пак ќе им помогне да избегнат или да надминат некои проблеми поради кои нивната љубов би можела да олади. Исто така, една духовна личност се труди да го следи примерот на Јехова и да ги покажува неговите особини, како на пример милостивост, стрпливост и спремност за простување (Еф. 4:32 — 5:1). Кога брачните партнери ги покажуваат овие особини, љубовта меѓу нив уште повеќе расте. Една сестра по име Лена, која е во брак повеќе од 25 години, вели: „Не е тешко да сакаш и да почитуваш една духовна личност“. Да разгледаме еден пример од Библијата. Кога Јехова требало да избере родители за идниот Месија, од многуте потомци на Давид тој ги избрал Јосиф и Марија. Зошто? Јехова знаел дека тој ќе биде на прво место во нивниот брак бидејќи и двајцата имале добар личен однос со него (w23.05 21, пас. 3-4).

Среда, 10 декември

Бидете им послушни на оние што ве предводат (Евр. 13:17)

Нашиот Водач, Исус, е совршен, но браќата кои тој ги поставил да предводат овде на Земјата не се. Можеби не ни е лесно да им бидеме послушни, особено ако бараат од нас нешто што не сакаме да го направиме. Во една прилика, на апостол Петар му било дадено едно упатство што од почеток не сакал да го послуша. Кога еден ангел му рекол да јаде животни кои според Мојсеевиот закон биле нечисти, Петар одбил — и тоа не еднаш, туку трипати (Дела 10:9-16). Зошто? Новото упатство не му било логично. Од друга страна, апостол Павле послушал кога христијанските старешини во Ерусалим му рекле да земе четворица луѓе, да оди со нив во храмот и да се исчисти обредно за да покаже дека се држи за Законот. Павле знаел дека христијаните повеќе не се под Законот. Освен тоа, не направил ништо погрешно. Сепак, Павле веднаш послушал. Во Библијата пишува: „Павле утредента ги поведе тие луѓе [и] се исчисти обредно заедно со нив“ (Дела 21:23, 24, 26). Со својата послушност Павле придонел да се зачува единството меѓу браќата (Рим. 14:19, 21; w23.10 10, пас. 15-16).

Четврток, 11 декември

Јехова е близок со оние што се бојат од него (Пс. 25:14)

Веројатно нема да помислиш дека стравот е важна особина за едно добро пријателство. Но, оние што сакаат да бидат блиски пријатели со Јехова мора да се бојат од него. Без разлика колку долго му служиме на Јехова, секој од нас треба и понатаму да има стравопочит кон него. Но, што значи да имаме страв од Бог? Оној што има исправен страв од Бог има љубов кон него и не сака да направи ништо што би го нарушило нивното пријателство. Исус имал таков страв, односно богобојазливост (Евр. 5:7). Тој немал морбиден страв од Јехова (Иса. 11:2, 3). Наместо тоа, имал силна љубов кон него и сакал да му биде послушен (Јован 14:21, 31). Исто како Исус, ние имаме длабока почит кон Јехова и му се восхитуваме затоа што е мудар, праведен, моќен и полн со љубов. Освен тоа, знаеме дека Јехова нѐ сака и дека начинот на кој реагираме на неговите поуки влијае врз него. Ние можеме или да му нанесеме болка или да го израдуваме неговото срце (Пс. 78:41; Изр. 27:11; w23.06 14, пас. 1-2; 15, пас. 5).

Петок, 12 декември

Кога стана моќен, срцето толку му се возгордеа што самиот себеси си направи зло. Му стана неверен на Јехова (2. Лет. 26:16)

Кога станал моќен, Озија заборавил дека Јехова е тој што му дава сила и успех. Што учиме од ова? Никогаш не треба да заборавиме дека сите благослови, како и задачите што ги имаме во службата за Јехова, доаѓаат од него. Наместо да се фалиме за сето она што сме го направиле, заслугата треба да му ја припишеме на Јехова (1. Кор. 4:7). Треба да бидеме понизни и да признаеме дека сме несовршени и дека ни треба исправка. Еден брат кој има околу 60 години напишал: „Научив да не се сфаќам себеси премногу сериозно. Кога ќе добијам исправка за детинестите грешки што понекогаш ги правам, се обидувам да се подобрам и да продолжам да му служам на Јехова најдобро што можам“. Ако сме му послушни на Јехова и ако останеме понизни, ќе имаме вистински среќен живот (Изр. 22:4; w23.09 10, пас. 10-11).

Сабота, 13 декември

Истрајноста ви е потребна за, извршувајќи ја Божјата волја, да го примите она што е ветено (Евр. 10:36)

На христијаните од првиот век им била потребна истрајност. Тие ги имале истите проблеми како и повеќето луѓе од тоа време. Но, како христијани се соочувале и со додатни проблеми. Многумина од нив биле прогонувани не само од еврејските верски водачи и од римските власти туку и од своите семејства (Мат. 10:21). А понекогаш требало да се чуваат од влијанието на отпадниците и нивните лажни учења со кои се создавале поделби во собранието (Дела 20:29, 30). И покрај тоа, овие христијани верно истрајувале (Отк. 2:3). Како? Тие размислувале за истрајноста на други Божји слуги, како на пример за истрајноста на Јов (Јак. 5:10, 11). Исто така, се молеле за сила (Дела 4:29-31). Освен тоа, се концентрирале на добрите резултати од нивната истрајност (Дела 5:41). И ние ќе може да истраеме ако редовно проучуваме и размислуваме за истрајноста на Божјите слуги кои се спомнати во Библијата и во нашите публикации (w23.07 3, пас. 5-6).

Недела, 14 декември

Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде (Мат. 6:33)

Јехова и Исус нема да се откажат од нас. Тоа го гледаме од примерот со апостол Петар. Откако се одрекол од Исус, Петар морал да донесе една важна одлука — дали да престане да го следи Исус или и понатаму да биде негов ученик? Исус сесрдно го молел Јехова да не ослабне верата на Петар. Исус му кажал на Петар дека се молел за него и изразил доверба дека овој апостол подоцна ќе може да ги зајакне своите браќа (Лука 22:31, 32). Секогаш кога ќе помислел на тие зборови, Петар сигурно многу се охрабрувал! Кога ние треба да донесеме важна одлука во нашиот живот, Јехова може преку грижливите пастири да ни го даде охрабрувањето што ни е потребно за да останеме верни (Еф. 4:8, 11). Исто како што се грижел за материјалните потреби на Петар и на другите апостоли, Јехова ќе се грижи и за нашите материјални потреби ако ја ставиме службата на проповедање на прво место во нашиот живот (w23.09 24-25, пас. 14-15).

Понеделник, 15 декември

Кој е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова, и Тој ќе му плати за неговите дела (Изр. 19:17)

Јехова ги забележува дури и најмалите добри работи што ги правиме за другите. За него, тие се како скапоцена жртва и долг кој тој ќе ни го отплати. Ако порано си служел како слуга-помошник или како старешина, Јехова се сеќава на сѐ што си правел во минатото и на љубовта која те поттикнувала да го правиш тоа (1. Кор. 15:58). Исто така, тој ја забележува љубовта која и понатаму ја покажуваш. Јехова сака нашата љубов кон него и кон другите да продолжи да расте. Можеме да ја зајакнеме нашата љубов кон Јехова така што ќе ја читаме неговата Реч, ќе размислуваме за неа и така што редовно ќе се молиме. Нашата љубов кон браќата и сестрите ќе расте ако им помагаме на практични начини. Додека нашата љубов расте, ќе стануваме сѐ поблиски со Јехова и со нашето духовно семејство. А на овие пријателства ќе можеме да им се радуваме во сета вечност! (w23.07 10, пас. 11; 11, пас. 13; 13, пас. 18).

Вторник, 16 декември

Секој ќе го носи својот товар (Гал. 6:5)

Секој христијанин мора самиот да одлучи како ќе се грижи за своето здравје. Во Библијата има само неколку конкретни заповеди на кои еден христијанин мора да им биде послушен кога размислува какво лекување да избере. На пример, мора да сме послушни на заповедта да се воздржуваме од крв и да се чуваме од спиритизам (Дела 15:20; Гал. 5:19, 20). Другите работи во врска со лекувањето се оставени на личен избор. Без разлика колку сме уверени дека одреден начин на лекување е корисен или штетен, треба да го почитуваме правото на нашите браќа и сестри сами да носат одлуки за своето здравје. Затоа треба да ги имаме на ум следниве четири работи: 1) Само Божјето Царство ќе успее потполно и трајно да ги излекува луѓето (Иса. 33:24). 2) Секој христијанин мора да биде „сосема уверен“ што е најдобро за него (Рим. 14:5). 3) Ние не ги судиме другите и не правиме ништо со што би ги спрепнале (Рим. 14:13). 4) Христијаните покажуваат љубов и сфаќаат дека единството во собранието е поважно од нивното мислење (Рим. 14:15, 19, 20; w23.07 24, пас. 15).

Среда, 17 декември

За сето време на своето назарејство тој е свет пред Јехова (4. Мој. 6:8)

Дали го цениш твоето пријателство со Јехова? Без сомнение го цениш! Уште од древни времиња, голем број луѓе го чувствувале истото што го чувствуваш и ти (Пс. 104:33, 34). Многумина направиле жртви за да му служат на Јехова. Токму тоа го правеле оние од древниот Израел кои биле познати како назарејци, односно оние кои му се „предадени“ на Јехова. Овој израз е соодветен бидејќи назарејците биле ревносни Израелци кои правеле одредени жртви за да му служат на Јехова на посебен начин. Мојсеевиот закон дозволувал еден маж или една жена да му даде посебен завет на Јехова дека одреден период ќе живее како назареец (4. Мој. 6:1, 2). Кога еден Израелец ќе дал таков завет, требало да следи упатства кои не важеле за останатите Израелци. Тогаш, зошто еден Израелец би дал завет дека ќе живее како назареец? Тоа веројатно го правел од длабока љубов кон Јехова и од голема благодарност за многуте благослови што ги добил од него (5. Мој. 6:5; 16:17; w24.02 14, пас. 1-2).

Четврток, 18 декември

Јехова им покажува милост на оние што го сакаат и ги држат неговите заповеди (Дан. 9:4)

Хебрејскиот збор кој во Библијата се преведува со „верност“ или „лојална љубов“ честопати се користи за да се опише срдечната и длабока љубов што Бог ја чувствува кон своите слуги. Истиот збор се користи и за да се опише љубовта што постои меѓу Божјите слуги (2. Сам. 9:6, 7). Нашата верност со текот на времето може да станува посилна. Да видиме како ова било случај со Даниел. Верноста на Даниел кон Јехова била ставена на испит во многу прилики во текот на неговиот живот. Но, еден од најголемите испити на неговата верност се случил кога имал повеќе од 90 години. Службениците на царскиот двор не го сакале Даниел и немале почит кон неговиот Бог. Затоа, сковале заговор да го убијат. Тие го натерале царот да потпише еден закон кој ќе ја ставел на испит верноста на Даниел, односно ќе покажел дали ќе му биде верен на својот Бог или на царот. За да ја докаже својата верност кон царот, Даниел требало само да престане да му се моли на Јехова 30 дена. Сепак, Даниел одлучил да му остане верен на Јехова (Дан. 6:12-15, 20-22; w23.08 5, пас. 10-12).

Петок, 19 декември

Да се сакаме еден со друг (1. Јов. 4:7)

Јехова сака да продолжиме да покажуваме љубов кон браќата и сестрите. Ако некој пропушти да покаже некоја христијанска особина, можеме да покажеме доверба дека тој сепак сака да ги следи библиските начела и дека едноставно во таа ситуација постапил непромислено (Изр. 12:18). Бог ги сака своите верни слуги и покрај нивните слабости. Тој не нѐ отфрла кога правиме грешки, ниту пак постојано чувствува гнев кон нас (Пс. 103:9). Навистина, многу е важно да го следиме примерот на нашиот небесен Татко, кој ни простува (Еф. 4:32 — 5:1). Исто така, имај на ум дека, како што се приближува крајот, ќе треба да останеме блиски со нашите браќа и сестри. Можеме да очекуваме прогонството да станува сѐ поголемо. Можеби дури и ќе бидеме ставени во затвор поради нашата вера. Доколку тоа се случи, нашите браќа и сестри ќе ни бидат потребни повеќе од кога и да било порано (Изр. 17:17; w24.03 15-16, пас. 6-7).

Сабота, 20 декември

Од Јехова се човечките чекори (Изр. 20:24)

Во Библијата има извештаи за млади кои се зближиле со Јехова, го стекнале неговото одобрување и воделе исполнет живот. Давид бил еден од нив. Кога бил млад, тој одлучил да му биде пријател на Бог, а потоа станал цар и му останал верен на Јехова (1. Цар. 3:6; 9:4, 5; 14:8). Ако го проучуваш извештајот за Давид, неговиот пример ќе те поттикне верно да му служиш на Јехова. Или, би можел да го проучуваш библискиот извештај за Марко или за Тимотеј. Тие почнале да му служат на Јехова додека биле млади и му останале верни целиот свој живот. Со тоа што донеле одлука да му служат, тие го израдувале Јехова. Начинот на кој го користиш својот живот сега, ќе влијае врз тоа каков ќе биде твојот живот во иднина. Ако се потпираш на Јехова наместо на своето размислување, тој ќе ти помогне да носиш мудри одлуки. Ти можеш да имаш среќен и исполнет живот! Не заборавај дека Јехова го цени сето она што го правиш за него. Навистина, нема подобар начин на кој би можел да го користиш својот живот отколку да му служиш на својот небесен Татко кој многу те сака! (w23.09 13, пас. 18-19).

Недела, 21 декември

Спремно простувајте си еден на друг (Кол. 3:13)

Апостол Павле знаел дека неговите христијански браќа и сестри се несовршени. На пример, кратко откако станал дел од собранието во Ерусалим, некои од тамошните христијани погрешно го процениле (Дела 9:26). Подоцна, некои му зборувале зад грб за да го оцрнат (2. Кор. 10:10). Исто така, Павле видел како еден старешина донел погрешна одлука која можеби ги спрепнала другите (Гал. 2:11, 12). И, еден од неговите блиски соработници, Марко, многу го разочарал (Дела 15:37, 38). Поради овие ситуации, Павле би можел да одлучи да престане да се дружи и да соработува со оние што го повредиле. Сепак, тој задржал позитивно гледиште за своите браќа и сестри и продолжил верно да му служи на Јехова. Што му помогнало на Павле да не се откаже? Тој многу ги сакал браќата и сестрите. Таквата љубов му помогнала да не се концентрира на нивните слабости, туку на нивните убави особини. Исто така, љубовта му помогнала на Павле да го прави она што е запишано во денешниот стих (w24.03 15, пас. 4-5).

Понеделник, 22 декември

Робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ кон сите (2. Тим. 2:24)

Во Библијата има многу извештаи кои покажуваат колку скапоцена особина е благоста. Да го разгледаме примерот на Исак. Кога се населил во филистејското подрачје Герар, неговите завидливи соседи ги затрупале бунарите што ги ископале слугите на неговиот татко. Наместо да се бори за своите права, Исак со целото свое домаќинство се преселил на друго место и ископал нови бунари (1. Мој. 26:12-18). Но, Филистејците тврделе дека водата и од тие бунари е нивна. И покрај сѐ, Исак постапил мирољубиво (1. Мој. 26:19-25). Што му помогнало да остане благ дури и кога, очигледно, другите биле решени да го провоцираат? Тој сигурно гледал како постапуваат неговите родители и многу учел од мирољубивото однесување на Авраам и од „мирниот и благ дух“ на Сара (1. Пет. 3:4-6; 1. Мој. 21:22-34; w23.09 15, пас. 4).

Вторник, 23 декември

Она што го наумив, тоа и ќе го извршам (Иса. 46:11)

Јехова од љубов го испратил својот првороден Син на Земјата за да ги поучува луѓето за Царството и да го даде својот живот за да нѐ откупи од гревот и од смртта. Потоа, Исус бил воскреснат на небото за да владее како Цар на Божјето Царство. Главната тема на Библијата е дека Божјето име ќе биде посветено додека Јехова ја исполнува својата намера со Земјата преку неговото Царство со кое владее Христос. Намерата на Јехова не може да се смени. Тој ветил дека сѐ што рекол сигурно ќе се исполни (Иса. 46:10; Евр. 6:17, 18). Со текот на времето, Земјата ќе биде претворена во рај каде што совршените, праведни потомци на Адам и Ева ќе „живеат засекогаш“ (Пс. 22:26). Но, Јеховината намера вклучува нешто повеќе од тоа. Крајната намера на Јехова е да ги обедини сите суштества обдарени со разум на небото и на Земјата. Тогаш, сите во универзумот ќе му бидат потполно послушни на Јехова како на свој Владетел (Еф. 1:8-11). Зарем не си воодушевен од прекрасниот начин на кој Јехова ја исполнува својата намера? (w23.10 20, пас. 7-8).

Среда, 24 декември

„Биди силен, народе... зашто, јас сум со вас“, вели Јехова над војските (Агеј 2:4)

Кратко откако пристигнале во Ерусалим, Евреите кои го напуштиле Вавилон биле погодени од нестабилната економска и политичка состојба, а се соочиле и со противење. Затоа, на некои им било тешко изградбата на Јеховиниот храм да ја стават на прво место во својот живот. Од таа причина, Јехова испратил двајца пророци, Агеј и Захарија, да му помогнат на народот да ја разгори својата ревност, и тие навистина успеале во тоа (Агеј 1:1; Зах. 1:1). Сепак, речиси 50 години подоцна, на Евреите повторно им било потребно охрабрување. Потоа, Езра, кој бил вешт препишувач на Законот, дошол од Вавилон во Ерусалим за да го поттикне Божјиот народ да го стави обожавањето на Јехова на прво место во својот живот (Езра 7:1, 6). Пророштвата на Агеј и Захарија им помогнале на Божјите слуги во минатото да си ја зачуваат довербата во Јехова и покрај противењето. Тие можат да ни помогнат и нам денес да не изгубиме доверба дека Јехова ќе нѐ поддржува без разлика со какви проблеми ќе се соочиме во животот (Изр. 22:19; w23.11 14-15, пас. 2-3).

Четврток, 25 декември

Облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува (Кол. 3:14)

Како покажуваме дека ги сакаме соверниците? Еден начин на кој го правиме тоа е така што ги тешиме. Ќе можеме „да се тешиме еден со друг“ ако имаме сочувство (1. Сол. 4:18). Што може да правиме за нашата љубов кон другите да остане силна? Треба да им ги простуваме грешките дури и кога тоа не е лесно. Зошто денес е особено важно да покажуваме љубов еден кон друг? Петар ни ја кажал следнава причина: „Се приближи крајот на сѐ. Затоа... горливо сакајте се еден со друг“ (1. Пет. 4:7, 8). Како што се приближува крајот на овој злобен свет, што може да очекуваме? Зборувајќи за своите следбеници, Исус прорекол: „Сите народи ќе ве мразат поради моето име“ (Мат. 24:9). За да му останеме верни на Јехова и покрај омразата, треба да останеме обединети. Ако го правиме тоа, Сатана никогаш нема да успее да нѐ подели бидејќи љубовта совршено нѐ поврзува (Фил. 2:1, 2; w23.11 13, пас. 18-19).

Петок, 26 декември

Ние сме Божји соработници (1. Кор. 3:9)

Вистините од Божјата Реч имаат огромна моќ. Со тоа што ги поучуваме луѓето за Јехова и за тоа каков е тој навистина, можеме да бидеме сведоци на нешто прекрасно. Нивната заслепеност од лагите на Сатана постепено исчезнува и почнуваат да ги гледаат прекрасните особини на нашиот Татко. Тие се исполнети со восхит поради неговата безгранична моќ (Иса. 40:26). Учат да имаат доверба во него поради неговата совршена правда (5. Мој. 32:4). Исто така, учат многу од неговата голема мудрост (Иса. 55:9; Рим. 11:33). И, многу ги теши тоа што дознаваат дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). Колку поблиски стануваат со Јехова, толку посигурна станува нивната надеж дека ќе живеат засекогаш како негови деца. Навистина е огромна чест што можеме да им помагаме на луѓето да станат блиски со својот небесен Татко! Кога го правиме тоа, Јехова гледа на нас како на свои соработници (1. Кор. 3:5; w24.02 12, пас. 15).

Сабота, 27 декември

Подобро е да не се заветуваш отколку да се заветуваш, па да не го исполниш ветеното (Проп. 5:5)

Ако ја проучуваш Библијата со некој Јеховин сведок или ако родителите те поучуваат за вистината уште од мал, дали размислуваш да се крстиш? Тоа е многу добра цел! Но, пред да се крстиш, треба да му се заветуваш на Јехова. Како можеш да му го заветуваш својот живот на Јехова? Така што во молитва ќе му ветиш дека ќе му служиш само нему и дека најважно во животот ќе ти биде да ја вршиш неговата волја. Всушност, ти му ветуваш на Јехова дека и понатаму ќе го сакаш „со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Мар. 12:30). Твојот завет го правиш насамо — тоа е нешто помеѓу тебе и Јехова. Од друга страна, крштавањето се одвива во јавност — присутните можат да видат дека си му се заветувал на Јехова. Твојот завет е сериозно ветување кое му го даваш на Бог. Затоа, твоја цел треба да биде да го одржиш тоа ветување, а и Јехова го очекува тоа од тебе (Проп. 5:4; w24.03 2, пас. 2; 3, пас. 5).

Недела, 28 декември

Така и секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж (Еф. 5:33)

Сите бракови имаат тешкотии. Во Библијата отворено е кажано дека оние што се во брак ќе имаат „телесни неволји“ (1. Кор. 7:28). Зошто? Затоа што бракот соединува две несовршени личности кои имаат различни особини и на кои им се допаѓаат различни работи. Тие можеби имаат различна култура или потекло. Со текот на времето, тие можеби ќе покажат особини кои не биле забележливи пред венчавката. Која и да било од овие работи може да предизвика проблеми. Наместо да признаат дека секој има свој удел во проблемот и да се трудат да го решат, тие можеби го обвинуваат својот брачен другар. Може дури да почнат да мислат дека решението е да живеат одвоено или да се разведат. Но, дали тоа навистина е решение за нивните проблеми? Не. Јехова сака оние што се во брак да останат заедно, дури и ако не им е лесно да живеат со својот брачен партнер (w24.03 16, пас. 8; 17, пас. 11).

Понеделник, 29 декември

Надежта нема да разочара (Рим. 5:5)

По твоето крштавање, твојата надеж да живееш вечно во рај на Земјата продолжила да расте бидејќи си продолжил сѐ подобро да го запознаваш Јехова и да стануваш сѐ позрел во духовен поглед (Евр. 5:13 — 6:1). Веројатно си го доживеал она што е запишано во Римјаните 5:2-4. Си доживеал разни неволји, но си истрајал и си почувствувал дека Јехова е задоволен со тебе. Бидејќи знаеш дека тој те сака и дека е задоволен со тебе, сега имаш уште поголема причина да ги очекуваш работите што ги ветил. Твојата надеж станала уште поцврста отколку на почетокот. Таа ти е пореална, уште повеќе ја цениш и сѐ посилно влијае врз тебе. Всушност, таа влијае врз секој аспект од твојот живот — врз тоа како се однесуваш со твоето семејство, какви одлуки носиш, па дури и врз тоа како го користиш твоето време. Апостол Павле додава една многу важна мисла во врска со надежта што ја имаш откако си добил одобрување од Бог. Тој те уверува дека твојата надеж ќе се оствари (Рим. 15:13; w23.12 12-13, пас. 16-19).

Вторник, 30 декември

Јехова ми е оддесно, затоа нема да се затетеравам (Пс. 16:8)

Кога минуваме низ некоја тешка ситуација, нашите чувства, мисли и постапки можеби нема да бидат толку урамнотежени како обично. Исто како што среде една бура брановите го фрлаат бродот ваму-таму, и ние можеби ќе се чувствуваме како да сме фрлани од една силна емоција во друга. Како Јехова ни помага кога ќе нѐ преплават такви емоции? Тој нѐ уверува дека ќе ни помогне да задржиме стабилност. Кога еден брод ќе го зафати бура, тој може да почне силно да се ниша. За да ја задржат стабилноста, многу бродови имаат стабилизатори кои се наоѓаат од двете страни на бродот, под површината на водата. Ваквите стабилизатори можат значително да го намалат нишањето на бродот со што придонесуваат патувањето да биде побезбедно и поудобно за патниците. Но, овие стабилизатори најдобро функционираат кога бродот се движи напред. Слично на тоа, Јехова ќе ни помогне да ја задржиме нашата стабилност ако продолжиме да му служиме верно кога се наоѓаме во тешки ситуации (w24.01 22, пас. 7-8).

Среда, 31 декември

На Бог се надевам, нема да се плашам (Пс. 56:4)

Кога чувствуваш страв, прашај се: „Што веќе направил Јехова?“ Размислувај за она што го создал. На пример, кога внимателно набљудуваме на кој начин Јехова се грижи за птиците и за цвеќињата — кои не се создадени според неговиот лик и немаат способност да го обожаваат — ќе си ја зајакнеме довербата дека тој ќе се грижи и за нас (Мат. 6:25-32). Исто така, размислувај што направил Јехова за своите слуги. Би можел да проучуваш за некоја личност од Библијата која покажала извонредна вера или би можел да читаш некое искуство на некој Божји слуга од наше време. Освен тоа, размислувај како Јехова веќе се грижел за тебе. Како те привлекол кон вистината? (Јован 6:44). Како одговорил на твоите молитви? (1. Јов. 5:14). Каква корист извлекуваш секој ден од жртвата на неговиот сакан Син? (Еф. 1:7; Евр. 4:14-16; w24.01 4, пас. 6; 7, пас. 17).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели