Дали ги порекнуваш грешните склоности?
”И ТАКА, во себеси наоѓам таков закон дека, кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува. Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“ (Римјаните 7:21-23).
На апостолот Павле му била потребна понизност за да го признае горново. Сепак, таквото постапување му помогнало да ги спречи своите несовршени склоности да го совладаат.
Слично е и со вистинските христијани денес. Кога сме дошле до точно спознание на библиската вистина, сме направиле потребни промени во својот животен стил и сме се прилагодиле на Јеховините мерила. Сепак, грешните склоности остануваат, ”бидејќи наклоноста на човечкото срце е зла од неговата младост“ (1. Мојсеева 8:21, NW). Дали сме доволно чесни да си признаеме самите на себе дека имаме посебни склоности кои вршат притисок на нас? Или дали порекнуваме дека ги имаме, така што си мислиме ’Тоа е можеби проблем кај другите но не кај мене‘?
Таквото самозалажување може да биде смртоносно. Една илустрација темелена на Библијата може да ни помогне да ги признаеме своите грешни склоности и да ги држиме под контрола.
Зошто порекнувањето е смртоносно
Во библиски времиња многу градови биле заштитени со ѕидови. Портите — најчесто направени од дрво — биле релативно ранлив дел од внатрешниот ѕид на градот; затоа, често биле енергично бранети. Жителите граделе само толку порти колку што биле потребни за сообраќај во мирновременско доба. Дрвените порти честопати биле обложувани со метал за да издржат оштетувања од оган. Кулите биле градени внатре во ѕидовите така што стражарите кои биле поставени на нив можеле од далечина да го видат непријателот кој се приближува.
Сега размисли: Што би се случило кога жителите на градот би ја порекнале ранливоста на градските порти и кога не би обезбедиле потребна заштита? Непријателските војници би имале лесен пристап во градот и би го поразиле.
Така е и со нас. Јехова ги познава нашите лични слаби точки. ”Нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“ (Евреите 4:13). Сатана исто така може да забележи некои грешни склоности кај нас, било да е тоа во поглед на искривување на вистината, брзиот карактер, интересирање за неморал, материјализам, гордост или нешто друго. Ако порекнуваме дека имаме грешни склоности, се правиме себеси уште поранливи за сатанските напади врз нашата вера (1. Петрово 5:8). Можеме да бидеме совладани ако грешните желби ги потиснат нормалните склоности и ако родат грев (Јаков 1:14, 15). Треба да бидеме како Павле и понизно да ја признаеме секоја ’дрвена порта‘ (или ранливост) која постои.
Утврдете се!
Би било попусто да ги препознаеме грешните склоности, а да не сториме ништо против нив. Тоа би можело да биде како човек кој се гледа себеси во огледало, ги забележува местата на кои треба да им посвети внимание, но заминува без да ги направи потребните промени (Јаков 1:23-25). Да, треба да преземеме акција да се заштитиме себеси од тоа да не бидеме совладани од грешните склоности. Како можеме да го сториме тоа?
Во библиски времиња, честопати помалите градови, или ”зависните градови“, не биле оградени со ѕидови (4. Мојсеева 21:25, 32; Судиите 1:27; 1. Дневници 18:1; Еремија 49:2). Во случај на напад од непријателот, жителите на тие градови можеле да побегнат во некој од оградените градови. Така утврдените градови служеле како засолниште за луѓето од околното подрачје.
Библијата го опишува Јехова како кула, засолниште, ѕид кај кого можеме да побегнеме за да се заштитиме (Изреките 18:10; Захарија 2:4, 5). Затоа Јехова е најдобрата одбрана за неговите слуги. Непрестајната молитва до него е многу важна (1. Солунјаните 5:17). Друга помош е Библијата. Употребувајќи ја Божјата Реч, ќе постапиме добро ако направиме посебна студија на оние подрачја кадешто сме слаби. Исто така можеме да си одвоиме време повторно да ги прегледаме оние статии темелени на Библијата кои ги обработуваат нашите лични ’дрвени порти‘ (слабости).
Исто така, како стражар на кула можеме, така да се каже, да го видиме непријателот оддалеку и соодветно да постапиме. Како? Така што ќе ги избегнуваме ситуациите во кои можеме да се соочиме со искушение или притисок. На пример, лицето кое сака да се поправи во умереноста во пиење на алкохолни пијалоци, мудро ќе избере да ги избегнува местата кадешто обично се конзумира алкохол или пак дури се нуди.
Сето ова бара напор. Меѓутоа, штом апостол Павле го ’претепувал своето тело‘ за да им се спротивстави на грешните склоности, зарем не треба и ние да продолжиме со напорите? Таквото совесно внимание спрема нашите грешни склоности ќе одрази дека го следиме упатството од апостол Петар: ”Дајте сѐ од себе за да најпосле ве најде неизвалкани и без мана и во мир“ (1. Коринтјаните 9:27; 2. Петрово 3:14, NW).
Признај и постапувај
Немој да бидеш обесхрабрен ако, и покрај твоите напори, не исчезнале сите твои несовршени склоности. Сѐ додека сме несовршени грешните склоности до некој степен ќе бидат присутни, како што се покажало во случајот на Павле. Но, треба да продолжиме да работиме на тоа да ги задушиме, да не дозволиме да родат грев.
Меѓутоа, биди свесен за разликата помеѓу тоа несовршеноста да се прифати како реалност и таа да се толерира. Тоа може да се прикаже со човек кој во своите гради има слабо срце. Тој би требало да се соочи со таа стварност и да се обиде да го држи срцето во добра состојба колку што може повеќе. Тој не размислува дека, затоа што неговото дословно срце е слабо, може да го отфрли секое воздржување и да живее како што нему му се допаѓа.
Затоа, имај на ум дека нашата сила не е во слепото порекнување на грешните склоности, туку во тоа што ги признаваме и што преземаме акција против нив. Не плаши се да ги признаеш пред самиот себе и пред Јехова на кои подрачја си лесно искушуван или доаѓаш под притисок. Не треба да се сметаш себеси за помалку вреден да го сториш тоа, а ниту Јеховината љубов кон тебе ќе биде намалена. Всушност, колку што се држиш поблиску до Бог во сериозна заинтересираност да стекнеш негово одобрување, тој уште повеќе ќе ти се приближи на тебе (Јаков 4:8).
[Слика на страница 31]
Оваа макета на Мегидо прикажува утврдена порта и заштитни ѕидови какви што имале древните градови
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.