Да се држат очите и срцето вперени кон наградата
РАСКАЖАЛА ЕДИТ МАЈКЛ
Во почетокот на 1930-тите живеевме близу Сент Луис (Мисури, САД), кога нѐ посети еден Јеховин сведок. Токму тогаш се скина јажето за сушење алишта, фрлајќи ги блескаво белите алишта на мајка ми во калта. Таа ги зеде понудените книги колку да си замине жената и ги стави на една полица, заборавајќи на нив.
ТОА беа години на депресија, а татко ми беше отпуштен од работа. Еден ден, тој праша дали во куќата има нешто за читање. Мајка ми му кажа за книгите. Тој почна да ги чита и по некое време извика: „Мајче, ова е вистината!“
„О, тоа е само некоја религија која бара пари како и сите други“ — одговори таа. Меѓутоа, татко ми ја натера да седне и да ги погледне стиховите со него. Кога го стори тоа, и таа беше уверена. По тоа, почнаа да ги бараат Сведоците и открија дека тие се состануваат во една изнајмена сала близу центарот на Сент Луис, сала која исто така се користеше за танцување и за други приредби.
Татко ми и мајка ми ме поведоа и мене — имав околу три години — и ја најдоа салата, но внатре имаше танцување. Татко ми дозна кога се одржуваат состаноците, па се вративме повторно. Исто така, почнавме да присуствуваме на седмичната студија на Библијата близу нашето живеалиште. Таа се одржуваше во домот на жената која најпрво нѐ посети. „Зошто не ги доведете и вашите момчиња?“ — праша таа. Мајка ми се срамеше да каже дека тие немаат чевли. Кога најпосле објасни, чевлите беа обезбедени и моите браќа почнаа да присуствуваат на состаноците со нас.
На мајка ми ѝ беше дадено подрачје близу нашиот дом и таа започна со службата од куќа до куќа. Одев и јас, криејќи се зад неа. Додека не научи да вози, одевме по повеќе од еден километар за да фатиме автобус што нѐ носеше до состаноците во Сент Луис. Дури и кога имаше мраз и снег, никогаш не ги пропуштавме состаноците.
Во 1934 година, мајка ми и татко ми се крстија. Сакав и јас да се крстам и постојано инсистирав, сѐ додека мајка ми не замоли еден постар Сведок да зборува со мене околу тоа. Тој ми поставуваше многу прашања на начин на кој можев да разберам. Потоа им рече на моите родители дека не треба да бидам спречувана да се крстам; тоа би му штетело на мојот духовен раст. И така, се крстив следното лето, кога уште имав шест години.
Ја сакав џебната брошура Home and Happiness (Дом и среќа) која секогаш ја носев со себе, дури ја чував под перницата додека спиев. Секогаш одново ја молев мајка ми да ми ја чита додека не ја научив напамет. Одзади имаше слика на мало девојче во Рајот со еден лав. Велев дека јас сум тоа мало девојче. Таа слика ми помогна да ги држам очите на наградата во Божјиот нов свет.
Бев многу срамежлива, но иако можеби сум се тресела, секогаш одговарав на прашањата на собраниската студија на Стражарска кула.
За жал, татко ми се плашеше дека ќе ја изгуби својата работа, па престана да се дружи со Сведоците. Така направија и моите браќа.
Полновремена служба
Мајка ми дозволуваше пионерите, односно полновремените слуги, да ги паркираат своите камп-приколки во нашиот двор одзади, па после училиште јас им се придружував во службата. Наскоро сакав да бидам пионерка, но татко ми се противеше на ова, мислејќи дека треба да имам поголемо световно образование. Мајка ми најпосле го убеди да ми дозволи да бидам пионерка. И така, во јуни 1943 година, кога имав 14 години, почнав со полновремената служба. За да придонесам кон домашните трошоци, имав световна работа со скратено време, а повремено и полно работно време. Сепак, ја постигнував месечната цел од 150 часа во делото на проповедање.
Со текот на времето, најдов пионерска партнерка, Дороти Крејден, која беше започнала со пионерската служба во јануари 1943 година кога имала 17 години. Таа била оддадена католичка, но по шест месеци студирање на Библијата, се крстила. Многу години таа беше извор на охрабрување и сила за мене, а јас, пак, за неа. Станавме поблиски и од сестри.
Почнувајќи во 1945 година, заедно пионеревме во малите гратчиња во Мисури, каде што немаше собранија. Во Боулин Грин уредивме една сала за состанување; мајка ми дојде и ни помогна. Потоа секоја седмица ги посетувавме сите домови во градот и ги каневме луѓето на јавно предавање за кое подготвувавме да доаѓаат и да го одржуваат браќата од Сент Луис. Седмично присуствуваа помеѓу 40 и 50 лица. Подоцна го сторивме истото во Лујзијана, каде што изнајмивме еден масонски храм. За да ги покриеме трошоците за изнајмувањето на салите, изложувавме кутии за прилози и секоја седмица беа плаќани сите трошоци.
Потоа заминавме за Мексико (Мисури), каде што изнајмивме еден дуќан во приземјето. Го поправивме за да го користи тамошното мало собрание. Зградата имаше и придружни простории, во кои живеевме ние. Исто така, помогнавме да има и јавни предавања во Мексико. Потоа отидовме во главниот град на државата, Џеферсон Сити, каде што секој делник наутро контактиравме со јавните службеници во нивните канцеларии. Живеевме во една соба над Салата на Царството, заедно со Стела Вили која ни беше како мајка.
Оттаму, ние трите заминавме во градовите Фестус и Кристал Сити, кои беа блиску еден до друг. Живеевме во еден адаптиран кокошарник зад куќата на едно заинтересирано семејство. Поради тоа што таму немаше крстени мажи, сите состаноци ги водевме ние. Како работа со скратено време, продававме козметика. Имавме малку во материјален поглед. Всушност, не можевме да ги поправиме ниту дупките на чевлите, па секое утро стававме нов картон во нив, а навечер секоја си го переше својот единствен фустан.
Во почетокот на 1948 година, кога имав 19 години, Дороти и јас добивме покани за 12-от клас на Библиската школа Гилеад на Стражарска кула за мисионери. По петмесечниот курс, на 6 февруари 1949 година дипломираа сто студенти. Тоа беше многу среќно време. Моите родители беа преселени во Калифорнија, а мајка ми го помина сиот тој пат оттаму за да присуствува.
Кон нашата доделба
Дваесет и осум дипломци беа доделени во Италија — шест, вклучувајќи нѐ Дороти и мене, во градот Милано. На 4 март 1949 година го напуштивме Њујорк со италијанскиот брод Вулканија. Патувањето траеше 11 дена, а немирното море нѐ разболе повеќето од нас од морска болест. Во пристаништето во Џенова дојде брат Бенанти за да нѐ пречека и да нѐ однесе со воз до Милано.
Кога пристигнавме во мисионерскиот дом во Милано, најдовме цвеќиња што едно италијанско девојче ги беше ставило во секоја од нашите соби. Со години подоцна, ова девојче, Марија Мерафина, замина во Гилеад, се врати во Италија и таа и јас служевме заедно во мисионерскиот дом!
Утрото откако стигнавме во Милано, погледнавме низ прозорецот од бањата. Во задната улица имаше една голема бомбардирана станбена зграда. Еден американски бомбардер случајно испуштил една бомба која ги убила сите 80 семејства што живееле таму. Другпат била промашена една фабрика и бомбите погодиле едно училиште и убиле 500 деца. Затоа луѓето не ги сакаа баш Американците.
Луѓето беа уморни од војната. Многумина велеа дека ако почне друга војна, нема да одат во засолништата, туку ќе останат дома, ќе го одвртат гасот и ќе умрат таму. Ние ги уверувавме дека не сме присутни таму за да ги претставуваме Соединетите Држави или која и да било друга човечка влада, туку Божјето Царство, кое ќе ги оконча сите војни и страдањата што тие ги донесуваат.
Во големиот град Милано единственото собрание од околу 20-тина лица се состануваше во мисионерскиот дом. Сѐ уште не беа направени подрачја за проповедање и затоа почнавме да сведочиме во една огромна станбена зграда. На првата врата се сретнавме со г-н Џандиноти, кој сакаше неговата сопруга да ја напушти црквата, па затоа зеде една од нашите публикации. Г-ѓа Џандиноти беше искрена жена, полна со прашања. „Ќе ми биде драго да научите италијански“ — рече таа — „така ќе можете да ме учите за Библијата.“
Таванот во нивниот стан беше висок а светлото пригушено, па затоа таа навечер ќе ја ставеше својата столица врз масата за да биде блиску до светлината за да ја чита Библијата. „Ако ја проучувам Библијата со вас“ — праша таа — „можам ли пак да одам в црква?“ Ние ѝ рековме дека тоа зависи од неа. Во недела наутро одеше в црква, а попладне доаѓаше на нашите состаноци. Потоа, еден ден таа рече: „Повеќе не одам в црква“.
„Зошто?“ — прашавме.
„Затоа што тие не учат за Библијата, а јас ја пронајдов вистината проучувајќи ја Библијата со вас.“ Таа се крсти и студираше со многу жени кои одеа в црква секој ден. Подоцна ни рече дека ако ѝ бевме рекле да не оди в црква, таа би престанала да проучува и веројатно никогаш не би ја дознала вистината.
Нови доделби
Со текот на времето, Дороти и јас, заедно со четворица други мисионери, бевме доделени во италијанскиот град Трст, кој тогаш беше окупиран од британски и американски трупи. Имаше десетина Сведоци, но овој број порасна. Во Трст проповедавме три години и, кога заминавме, таму имаше 40 објавители на Царството, од кои 10 беа пионери.
Нашата следна доделба беше градот Верона, каде што немаше собрание. Но, кога црквата изврши притисок врз световните власти, бевме присилени да заминеме. Дороти и јас бевме доделени во Рим. Таму изнајмивме една наместена соба и обработувавме едно подрачје близу Ватикан. Додека бевме таму, Дороти замина во Либан за да се омажи за Џон Чимиклис. Бевме заедно скоро 12 години и навистина ми недостасуваше.
Во 1955 година, во еден друг дел на Рим, на улицата наречена Нов Апијски пат, беше отворен нов мисионерски дом. Една од четворицата во домот беше Марија Мерафина, девојчето кое ги беше ставило цвеќињата во нашите соби вечерта кога пристигнавме во Милано. Во ова подрачје од градот беше формирано ново собрание. Тоа лето, по меѓународниот конгрес во Рим, ја имав предноста да присуствувам на конгресот во Нирнберг (Германија). Колку само беше возбудливо да се запознаат оние кои издржале толку многу под Хитлеровиот режим!
Назад во Соединетите Држави
Во 1956 година, поради здравствени проблеми се вратив во Соединетите Држави на боледување. Но, никогаш не ги тргнав своите очи од наградата да му служам на Јехова сега и засекогаш во неговиот нов свет. Планирав да се вратам во Италија. Меѓутоа, се запознав со Орвил Мајкл, кој служеше во светското главно седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). Се венчавме после меѓународниот конгрес во Њујорк Сити во 1958 година.
Кратко потоа, се преселивме во Фронт Ројал (Вирџинија), каде што се радувавме да служиме со едно мало собрание. Живеевме во еден мал стан зад Салата на Царството. Најпосле, во март 1960 година, стана неопходно да се вратиме во Бруклин за да најдеме световна работа со цел да ги платиме нашите сметки. Работевме ноќе во различни банки за да можеме да останеме во полновремената служба.
Додека бевме во Бруклин, умре татко ми, а свекрва ми доживеа мал удар. Затоа, одлучивме да се преселиме во Орегон за да бидеме близу до нашите мајки. Двајцата најдовме световна работа со скратено време и продолживме таму со пионерската служба. Есента во 1964 година, ние и нашите мајки ја пропатувавме земјата за да присуствуваме на годишниот состанок на Библиското и трактатно Друштво Стражарска кула во Питсбург (Пенсилванија).
За време на нашата посета на Род Ајленд, еден покраински надгледник, Арлен Маер, и неговата сопруга нѐ охрабрија да се преселиме во Провиденс, главниот град на државата, каде што потребата од објавители на Царството беше поголема. Нашите мајки нѐ поттикнаа да ја прифатиме оваа нова доделба, и така, по враќањето во Орегон, го продадовме поголемиот дел од нашата покуќнина и се преселивме.
Повторно во школата Гилеад
Во текот на летото 1965 година, присуствувавме на еден конгрес на Јенки Стадион. Таму се пријавивме во Школата Гилеад како брачна двојка. По околу еден месец, бевме изненадени кога добивме молби што требаше да се вратат за 30 дена. Бев загрижена да не отидам во некоја далечна земја, затоа што мајка ми не беше со добро здравје. Но, таа ме охрабри: „Пополнете ги тие молби. Знаеш дека секогаш треба да прифатиш каква и да е предност на службата што ја нуди Јехова!“
Тоа го реши проблемот. Ги комплетиравме молбите и ги испративме. Колкаво само изненадување беше кога добивме покани за 42-от клас што започна на 25 април 1966 година! Школата Гилеад тогаш беше сместена во Бруклин (Њујорк). За помалку од пет месеци подоцна, на 11 септември 1966 година, дипломиравме 106-мина.
Доделена во Аргентина
Два дена по дипломирањето, со Перувиан Ерлајнз бевме на пат за Аргентина. Кога пристигнавме во Буенос Аирес, на аеродромот нѐ пречека надгледникот на подружницата, Чарлс Ајзенхауер. Тој ни помогна да ја поминеме царината и потоа нѐ одведе во подружницата. Имавме еден ден да се распакуваме и да се сместиме; потоа започнаа нашите часови по шпански. Првиот месец учевме шпански по 11 часа на ден. Вториот месец, јазикот го учевме по четири часа на ден и почнавме да учествуваме во службата на подрачјето.
Во Буенос Аирес бевме пет месеци, а потоа бевме доделени во Росарио, голем град на околу четири часа со воз на север. Откако служевме 15 месеци таму, бевме испратени понатаму на север, во Сантјаго дел Естеро, град во една жешка пустинска провинција. Додека бевме таму, во јануари 1973 година умре мајка ми. Четири години не ја бев видела. Она што ме одржа во мојата жалост беше сигурната надеж во воскресението, како и спознанието дека служам таму каде што мајка ми би сакала да бидам (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).
Луѓето во Сантјаго дел Естеро беа пријателски настроени и лесно се започнуваа библиски студии. Кога пристигнавме во 1968 година, таму имаше околу 20 или 30 кои присуствуваа на состаноците, но осум години подоцна, во нашето собрание имаше преку сто лица. Освен тоа, во блиските градови имаше две нови собранија со помеѓу 25 и 50 објавители.
Повторно враќање во Соединетите Држави
Поради здравствени проблеми, во 1976 година бевме доделени назад во Соединетите Држави како специјални пионери — во Фајетвил (Северна Каролина). Таму имаше многу луѓе кои зборуваа шпански — од Централна и Јужна Америка, Доминиканска Република, Порторико, па дури и од Шпанија. Имавме многу библиски студии и, со текот на времето, беше отворено шпанско собрание. На таа доделба поминавме скоро осум години.
Меѓутоа, требаше да бидеме поблиску до мојата свекрва, која беше доста времешна и неспособна. Таа живееше во Портленд (Орегон), и затоа добивме нова доделба во шпанското собрание во Ванкувер (Вашингтон), кој не е далеку од Портленд. Кога пристигнавме во декември 1983 година, собранието беше мало, но гледаме многу нови лица.
Во јуни 1996 година наполнив 53 години во полновремена служба, а мојот сопруг на 1 јануари 1996 година наполни 55. Во текот на овие долги години ја имав предноста да им помогнам на стотици лица да дојдат до спознание за вистината од Божјата Реч и да му го предадат својот живот на Јехова. Многу од нив сега служат како старешини и полновремени слуги.
Понекогаш ме прашуваат дали ми недостига тоа што не сум имала деца. Факт е дека Јехова ме благословил со многу духовни деца и внуци. Да, мојот живот беше богат и исполнет во Јеховината служба. Можам да се поистоветам со ќерката на Ефтај, која го поминала својот живот во храмска служба и никогаш немала деца заради својата голема предност во службата (Судии 11:38—40).
Сѐ уште се сеќавам кога го направив своето предание на Јехова уште како мало девојче. Сликата на рајот е исто толку жива во моите мисли како што беше тогаш. Моите очи и срце сѐ уште се вперени кон наградата на бескраен живот во Божјиот нов свет. Да, мојата желба е да му служам на Јехова не само 50-тина години туку засекогаш — под владетелството на неговото Царство.
[Слика на страница 23]
Дороти Крејден, со рацете на моите рамења, и неколку други пионери во 1943 година
[Слика на страница 23]
Во Рим (Италија), со неколку други мисионери во 1953 година
[Слика на страница 25]
Со мојот сопруг