Подобар начин
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ се загрижени поради распаѓањето на духовноста во светот, како и поради неморалот и религиозната несигурност што го обземаат општеството. Како последица од тоа, тие понекогаш се нарекувани фундаменталисти. Но дали се такви? Не. Иако имаат цврсти верски убедувања, тие не се фундаменталисти во онаа смисла како што се користи тој термин. Не вршат притисок врз политичките лидери да унапредуваат извесно гледиште и не прибегнуваат кон демонстрации и насилство против оние со кои не се согласуваат. Тие пронашле еден подобар начин. Го имитираат својот Водач, Исус Христос.
Јеховините сведоци се уверени дека религиозната вистина постои, дека таа се наоѓа во Библијата (Јован 8:32; 17:17). Сепак, Библијата ги поучува христијаните да бидат љубезни, добри, благи и разумни — особини кои не допуштаат фанатизам (Галатјаните 5:22, 23; Филипјаните 4:5, НС). Во библиската книга Јаков, христијаните се охрабрени да ја негуваат ‚мудроста одозгора‘, која е опишана како „најнапред чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови“. Јаков додал: „Плодот, пак, на правдата во мир се сее од миротворците“ (Јаков 3:17, 18).
Јеховините сведоци не забораваат дека Исус бил силно заинтересиран за вистината. На Понтиј Пилат му рекол: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на свет, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Иако бил бестрашен бранител на вистината, тој не барал своите убедувања да им ги наметне на другите. Место тоа, апелирал до нивните умови и срца. Знаел дека неговиот небесен Татко, „добар и исправен Бог“, ќе одлучи како и кога да се отстранат лагата и неправдата од лицето на Земјата (Псалм 25:8, НС). Затоа, не барал да се врши притисок врз оние кои не се согласувале со него. Напротив, токму ортодоксните верски водачи од неговото време биле оние кои се обиделе да извршат притисок врз Исус (Јован 19:5, 6).
Јеховините сведоци имаат цврсти убедувања во врска со религиозните доктрини и покажуваат трајни вредности во поглед на моралот. Како апостол Павле, тие се уверени дека има само ‚еден Господ, една вера, едно крштавање‘ (Ефесјаните 4:5). Свесни се и за Исусовите зборови: „Тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14). Сепак, не се обидуваат да ги присилуваат другите да ги следат нивните верувања. Наместо тоа, го имитираат Павле и ги ‚молат‘ сите оние кои посакуваат ‚да се помират со Бога‘ (2. Коринтјаните 5:20). Тоа е подобриот начин. Тоа е Божјиот начин.
Верскиот фундаментализам, во онаа смисла како што денес се користи овој збор, е многу поинаков. Фундаменталистите користат многу стратегии — вклучувајќи и насилство — за да му ги наметнат на општеството своите начела. Правејќи го тоа, стануваат составен дел од политичкиот систем. Но, Исус рекол дека неговите следбеници не треба да бидат „дел од светот“ (Јован 15:19; 17:16, НС; Јаков 4:4). Во склад со овие зборови, Јеховините сведоци задржуваат строга неутралност во политичките контроверзи. И, како што признал италијанскиот весник Fuoripagina, тие „никого не присилуваат на ништо; секој е слободен да го прифати или да го отфрли она што тие го велат“. Со каков резултат? Мирољубивата библиска порака на Сведоците ги привлекува луѓето од сите видови, па дури и оние кои некогаш биле фундаменталисти (Исаија 2:2, 3).
Свет со трајни вредности
Сведоците признаваат дека луѓето не можат да ги решат проблемите што ги загрижуваат фундаменталистите. Не можеш да присилиш едно лице да верува во Бог или да ги прифати твоите лични верувања. Мислењето дека такво нешто е возможно довело до некои од најголемите ужаси во историјата, како што се крстоносните војни, средновековната инквизиција и „преобраќањата“ на американските Индијанци. Меѓутоа, ако имаш доверба во Бог, ќе бидеш спремен работите да ги препуштиш во негови раце.
Според Библијата, Бог поставил граница за времето во кое тој им дозволува на луѓето да ги кршат неговите закони и со тоа да предизвикуваат страдање и болка. Тоа време речиси истекло. Исус веќе владее како Цар во Божјето небесно Царство, и наскоро тоа Царство ќе дејствува за да ги отстрани човечките влади и да преземе секојдневно владеење над човештвото (Матеј 24:3—14; Откровение 11:15, 18). Резултатот ќе биде рај ширум светот, во кој мирот и праведноста ќе изобилуваат. Во тоа време ќе нема неизвесност во поглед на тоа како треба да се обожава вистинскиот Бог. „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:29). Таквите вечни вредности, како што се срдечната љубезност, вистината, правдата и добротата, ќе триумфираат во корист на сето послушно човештво.
Гледајќи во пресрет на тоа време, псалмистот поетски се изразува: „Милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се целиваат. Вистината ќе изникне од земјата, а правдата ќе се појави од небото; Зашто Господ ќе даде добро, и нашата земја ќе го даде својот плод; правдата ќе оди пред Него и на патот ќе ги става стапките свои“ (Псалм 84:10—13).
Иако ние не можеме да го промениме светот, како поединци можеме уште денес да негуваме божествени вредности. Според тоа, можеме да се трудиме да бидеме онакви луѓе какви што сака Бог за свои обожаватели во тој нов свет. Тогаш ќе бидеме меѓу кротките на кои се осврнал псалмистот: „Кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир“ (Псалм 36:11). Бог ги поддржува и ги благословува оние кои ја вршат неговата волја, и тој ветува прекрасни работи за нивната иднина. Апостол Јован рекол: „Светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17).
[Слика на страница 7]
Јеховините сведоци ги покануваат сите да се запознаат со добрата вест за Божјето Царство
[Извор на слика на страница 6]
Светилка на страници 3, 4, 5 и 6: Printer’s Ornaments/ од Carol Belanger Grafton/Dover Publications, Inc.