Бог им изразува добредојде на сите нации
НА СВОЕТО прво патување во Мали, Џон бил трогнат од срдечната гостољубивост што му ја покажале Мамаду и неговото семејство. Додека седел на земјата и несмасно јадел од заедничка чинија, Џон се прашувал како најделотворно да сподели со својот домаќин еден многу скапоцен дар — добрата вест за Царството од Божјата реч, Библијата. Иако знаел француски, јазикот што се зборува во Мали, Џон се прашувал како би можел да комуницира со семејство кое има сосема поинаква религија и начин на размислување.
Не изненадува тоа што Џон помислил на библискиот извештај за градот Вавел. Таму Бог им го збркал јазикот на бунтовните луѓе (Битие 11:1—9). Како резултат на тоа, во различни делови од Земјата никнале населенија со различни јазици, религии и обрасци на размислување. Денес, кога патувањето и селењето се вообичаени, многумина се соочуваат со предизвик сличен на оној со кој се соочил Џон, па дури и во сопственото соседство: Како да ја споделат својата библиски темелена надеж со луѓето од поинакво потекло?
Древен пример
Како и другите пророци во Израел, Јона им зборувал првенствено на Израелците. Тој пророкувал во време кога отпадничкото десетплеменско царство отворено учествувало во практики што го обесчестувале Бог (2. Цареви 14:23—25). Замисли си ја реакцијата на Јона кога добил посебен налог да ја напушти својата татковина и да замине за Асирија за да им проповеда на жителите на Ниневија, луѓе со поинаква религија и култура. Можеби Јона не го ни зборувал јазикот на Ниневијците, барем не течно. Како и да било, изгледа за Јона тој предизвик бил преголем, па побегнал (Јона 1:1—3).
Јасно, Јона требало да научи дека Јехова Бог гледа зад надворешноста и дека го испитува срцето (1. Самоил 16:7). Откако на чудесен начин го спасил Јона од давење, Јехова по вторпат му заповедал да им проповеда на жителите на Ниневија. Јона послушал, и како резултат на тоа, Ниневијците како група се покајале. Сепак, Јона немал исправно гледиште за тоа. Преку еден силен практичен пример, Јехова го поучил дека треба да го промени својот став. Јехова го прашал Јона: „А мене да не Ми е жал за Нинивија, голем град, во кого има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе, кои не знаат да ја разликуваат десната рака од левата?“ (Јона 4:5—11). Како е со нас денес? Како можеме да им помогнеме на луѓето со поинакво потекло?
Добредојде на Самарјаните и на не-Евреите
Во првиот век Исус им заповедал на своите следбеници да прават ученици од луѓето од сите нации (Матеј 28:19). Ова не им било лесно. Исусовите ученици биле Евреи и, како и Јона, биле навикнати да разговараат само со луѓе од исто потекло и култура. Секако, се наоѓале под притисок и на раширените предрасуди од тоа време. Меѓутоа, Јехова ги водел работите, така што неговите слуги постепено распознавале која е неговата волја за нив.
Првиот чекор бил да се надмине предрасудата меѓу Евреите и Самарјаните. Евреите немале никакви контакти со Самарјаните. Сепак, Исус го подготвил патот за Самарјаните во иднина да ја прифатат добрата вест, и тоа не само еднаш. Својата непристрасност ја покажал на тој начин што разговарал со една Самарјанка (Јован 4:7—26). Во друга прилика, преку една илустрација за ближниот Самарјанин, тој му покажал на еден религиозен Евреин дека и луѓе што не се Евреи се способни да покажат љубов кон ближниот (Лука 10:25—37). Кога дошло време Јехова да ги доведе Самарјаните во христијанското собрание, Филип, Петар и Јован — сите со еврејско потекло — им проповедале на жителите на Самарија. Нивната порака донела голема радост во тој град (Дела 8:4—8, 14—17).
Ако на еврејските христијани им било тешко да ги љубат Самарјаните, кои всушност им биле далечни роднини на Евреите, сигурно мора да им било уште потешко да покажат добрососедска љубов кон не-Евреите, кои биле презрени и омразени од Евреите. Сепак, по смртта на Исус, бариерата меѓу еврејските христијани и не-Евреите можела да се отстрани (Ефешаните 2:13, 14). За да му помогне на Петар да ја сфати оваа нова подготовка, Јехова му дал визија во која му рекол да ‚престане да го вика валкано она што Бог го исчистил‘. Потоа Јеховиниот дух го одвел кај еден не-Евреин по име Корнелиј. Кога го сфатил Божјето гледиште — дека не треба да го нарекува нечист овој човек од нациите затоа што Бог го исчистил — Петар под инспирација рекол: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:9—35). Колку само се зачудил Петар кога Бог покажал дека го прифатил Корнелиј и неговото семејство, така што го излеал светиот дух врз нив!
Павле — избран сад за нациите
Службата на Павле е еден извонреден пример за тоа како Јехова постепено ги подготвува своите слуги да ги љубат сите видови луѓе и да им помагаат. Во времето на преобраќањето на Павле, Исус рекол дека Павле ќе служи како избран сад, кој ќе им го носи Неговото име на нациите (Дела 9:15). Тогаш Павле заминал за Арабија, можеби да медитира за Божјата намера да го користи за да им ја објави добрата вест на нациите (Галатите 1:15—17).
Во текот на своето прво мисионерско патување, Павле покажал ревност во проповедањето на не-Евреите (Дела 13:46—48). Јехова ја благословил активноста на Павле, што било доказ дека апостолот ги вршел работите во согласност со Јеховиното уредување. Павле покажал дека целосно го сфатил Јеховиното гледиште кога храбро го исправил Петар, кој покажал пристрасност кога избегнувал да се дружи со своите нееврејски браќа (Галатите 2:11—14).
Понатамошен доказ дека Бог ги насочувал напорите на Павле се гледа во неговото второ мисионерско патување кога светиот дух го спречил Павле да проповеда во римската провинција Витинија (Дела 16:7). Изгледа не било вистинско време за тоа. Но, подоцна, некои Витинијци станале христијани (1. Петрово 1:1). Во визија, еден Македонец го преколнувал Павле со зборовите: „Прејди во Македонија и помогни ни“. Павле извлекол заклучок дека треба да ја промени својата рута за да ја објави добрата вест во таа римска провинција (Дела 16:9, 10).
Способноста на Павле да се приспособи била силно испитана кога им проповедал на атињаните. Грчкиот и римскиот закон забранувале воведување на странски богови и на нови религиозни обичаи. Љубовта кон луѓето го поттикнала Павле да размисли одблиску за нивните религиозни практики. Во Атина забележал еден олтар посветен „на Непознат Бог“. Тој го спомнал овој детаљ во своето дело на сведочење (Дела 17:22, 23). Колку само убав начин да се воведе пораката на еден љубезен, учтив начин!
Колку мора да бил среќен Павле кога се осврнал на резултатите од своето дело како апостол на нациите! Тој помогнал да се основаат собранија составени од бројни христијани со нееврејско потекло во Коринт, Филипи, Солун и градовите во Галатија. Им помогнал на мажи и жени од вера, како што биле Дамара, Дионисиј, Сергиј, Павле и Тит. Каква само предност било да се види како луѓе, кои не го знаеле ниту Јехова ниту Библијата, ја прифаќаат вистината за христијанството! Во врска со својата улога во помагањето на не-Евреите да дојдат до спознание на вистината, Павле навел: „И така си поставив за цел да не ја објавувам добрата вест таму каде што Христос веќе бил спомнат . . . туку, токму како што е напишано: ‚Оние кои ништо не беа известени за него, ќе гледаат, и оние кои не чуле, ќе разберат‘“ (Римјаните 15:20, 21). Би можеле ли да учествуваме во објавувањето на добрата вест на луѓето што не се од нашата култура?
Да им помагаме на сите народи на Земјата
Соломон му се молел на Јехова во врска со не--Израелците, кои дошле да обожаваат во храмот во Ерусалим. Тој молел: „Чуј од небото, од местото на Своето живеалиште, и направи сѐ, за што другородецот Те повика, та сите земни народи да го знаат Твоето име“ (1. Цареви 8:41—43, СП). Илјадници објавители на Царството во многу земји денес ги изразуваат тие чувства. Тие среќаваат луѓе како Ниневијците кои, во духовна смисла, ‚не знаат да ја разликуваат десната рака од левата‘. А проповедниците на Царството се желни да имаат удел во исполнувањето на пророштвата во врска со собирањето на вистинските обожаватели од многу различни нации (Исаија 2:2, 3; Михеј 4:1—3).
Исто како што луѓе од христијанскиот свет ја прифаќаат библиската порака на надеж, тоа го прават и луѓе со поинакво религиозно потекло. Како треба ова да влијае врз тебе лично? Чесно преиспитај се. Ако чувствуваш дека предрасудите се длабоко вкоренети во тебе, со љубов ослободи се од нив.a Не отфрлај ги луѓето кои Јехова е спремен да ги прифати (Јован 3:16).
Подготви се умствено пред да разговараш со луѓе со поинакво потекло. Запознај се со нивните верувања, грижи и начин на размислување; потоа барај заеднички темел. Покажувај доброта и сочувство кон другите. Избегнувај расправии, биди флексибилен и позитивен (Лука 9:52—56). На тој начин ќе му угодиш на Јехова, „чија волја е сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4).
Колку сме само среќни што во нашите собранија имаме луѓе со најразлично потекло! (Исаија 56:6, 7). Колку само е пријатно денес да се чујат имиња не само како што се Марија, Јован, Стефан и Томе, туку и имиња како што се Мамаду, Јеган, Реза и Чан! Навистина, ни се „отвори голема врата која води во активност“ (1. Коринќаните 16:9). Да ги користиме сите прилики што стојат пред нас за да ја пренесуваме поканата што ни ја упатил непристрасниот Бог, Јехова, да им изразиме добредојде на луѓето од сите нации!
[Фуснота]
a Види Разбудете се! од 8 октомври 1996, страници 4—7, „Ѕидови кои ја попречуваат комуникацијата“.
[Слики на страница 23]
Павле ја споделувал добрата вест со луѓето насекаде така што бил приспособлив
. . . во Атина
. . . во Филипи
. . . додека патувал