„Исполни празнина во моето срце“
„ОД ДНОТО на душата ви благодарам за прекрасниот подарок Приближи му се на Јехова. Тој исполни празнина во моето срце — потребата да се чувствувам сакана и ценета од Јехова. Сега се чувствувам многу поблиска со Јехова и со неговиот драг Син. Би сакала да им кажам на сите за оваа книга и да им дадам по еден примерок на сите што ми се драги“. Така се изразила една жена, која е Јеховин сведок, за новата книга од 320 страници издадена на обласните конгреси „Ревносни објавители на Царството“ што се одржаа во 2002 и 2003 година. Да разгледаме некои обележја на оваа нова книга и зошто беше издадена.
Некои обележја на новата книга
Што содржи оваа нова книга? Сите информации што се изнесени во двете студиски статии на ова издание — и уште многу повеќе! Книгата има 31 поглавје, секое е долго отприлика колку една студиска статија од Стражарска кула. По уводот и првите три поглавја, книгата е поделена на четири дела, по еден за секоја од Јеховините главни особини. Секој дел започнува со краток преглед на особината. Во следните неколку поглавја се дискутира за тоа како Јехова ја покажува таа особина. Секој дел содржи по едно поглавје за Исус. Зошто? Па, Исус рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Како совршен одраз на Јехова, Исус ни дава жив пример за Божјите особини на дело. Секој дел завршува со едно поглавје што нѐ поучува како да го имитираме Јехова во покажувањето на особината што се разгледува. Дискутирајќи за Јеховините особини, оваа нова книга се осврнува на сите библиски книги.
Книгата Приближи му се на Јехова има и некои посебни обележја. Започнувајќи од 2. поглавје, секое поглавје содржи рамка со наслов „Прашања за медитирање“. Стиховите и прашањата што се дадени не се предвидени како повторување на поглавјето. Наместо тоа, нивната цел е да ти помогнат да ја користиш Библијата за длабоко да медитираш на таа тема. Се препорачува внимателно да го прочиташ секој библиски стих. Потоа размислувај за прашањето и потруди се да го примениш ти лично. Таквото медитирање може да го мотивира твоето срце и да ти помогне уште повеќе да му се приближиш на Јехова (Псалм 19:14).
За уметничката обработка на книгата Приближи му се на Јехова извршено е внимателно истражување и таа е подготвена за да поучи и да мотивира. Во седумнаесет поглавја има прекрасни слики на библиски сцени што се прикажани на целата страница.
Зошто е издадена?
Зошто беше издадена книгата Приближи му се на Јехова? Првенствената цел на оваа нова публикација е да ни помогне подобро да го запознаеме Јехова за да можеме да изградиме поцврст личен однос со нашиот Бог.
Можеш ли да помислиш на некого кому ќе му користи книгата Приближи му се на Јехова, можеби некој библиски студент, па дури и некој неактивен христијански брат или сестра? А ти — почна ли да ја читаш оваа нова книга? Ако не, зошто не испланираш време да почнеш колку што е можно поскоро? Одвој си време да размислуваш за она што го читаш. Оваа нова публикација нека ти помогне сѐ повеќе да му се приближуваш на Јехова Бог за да ја објавуваш неговата добра вест за Царството со зголемена радост и ревност!