Оддајте му слава на Бог, не на човек
ВО ИЗМИНАТИВЕ месеци, љубителите на правдата низ целиот свет научија како да му оддаваат слава на Бог додека беа собрани на Обласните конгреси на Јеховините сведоци „Оддајте му слава на Бог“. Да ја разгледаме поучната програма што беше изнесена на нив.
За поголемиот дел од конгресните делегати библиски темелената програма траеше три дена едноподруго и четири дена за оние што можеа да присуствуваат на специјалните меѓународни собири. Сѐ на сѐ, присутните чуја повеќе од 30 библиски точки, вклучувајќи и говори што ги продлабочија духовното разбирање и благодарноста, искуства што ја зајакнаа верата, прикази што ја истакнаа практичната примена на библиските начела и костимирана драма која ги прикажа предизвиците со кои се соочиле христијаните од првиот век. Ако си присуствувал на еден од конгресите, зошто не ги разгледаш своите забелешки додека ја читаш оваа статија? Уверени сме дека тоа ќе ти врати во мислите драги спомени на богатата духовна гозба, а и дека ќе биде поучно.
Тема на првиот ден: „Достоен си Јехова . . . да ја примиш славата“
По уводната песна и молитва, првиот говорник им изрази срдечно добредојде на сите присутни со говорот што се сосредоточи на главната причина за конгресот: „Собрани да го славиме Бог“. Цитирајќи од Откровение 4:11, говорникот ја нагласи општата тема на конгресот. Веднаш премина на тоа што значи да му се оддава слава на Бог. Користејќи ја книгата Псалми, нагласи дека да се слави Бог вклучува обожавање, благодарност и фалба (Псалм 95:6; 100:4, 5; 111:1, 2).
Следната точка беше со наслов „Благословени се оние што му оддаваат слава на Бог“. Говорникот даде една интересна забелешка. Бидејќи има повеќе од шест милиони Јеховини сведоци во 234 земји низ целиот свет, може да се каже дека сонцето никогаш не заоѓа за оние што му донесуваат слава на Јехова (Откровение 7:15). Ценета карактеристика на оваа точка што им ги стопли срцата на присутните беше интервјуто со повеќемина христијански браќа и сестри што се во некој облик на специјална полновремена служба.
Следниот говор беше „Созданието ја објавува Божјата слава“. Иако немо, физичкото небо ја велича Божјата возвишеност и ни помага да ја продлабочиме нашата благодарност за неговата љубезна грижа. Ова беше објаснето во подробни детали (Исаија 40:26).
Прогонството, противењето, влијанието од светот и грешните склоности го ставаат на испит интегритетот на вистинските христијани. Затоа говорот „Оди по патот на интегритет“ го заслужи целосното внимание на слушателите. Следеше дискусија стих по стих за 26. Псалм, и беа интервјуирани еден Сведок на школска возраст, кој зазел цврст став во поглед на моралот и друг Сведок, кој поминувал премногу време во сомнителна забава, но кој презел чекори за да го надмине тој проблем.
Претпладневната програма заврши со клучното предавање „Славните пророчки визии нѐ поттикнуваат на поголема активност“. Говорникот ги наведе примерите на пророкот Даниел и на апостолите Јован и Петар како луѓе чијашто вера била зајакната со славни пророчки визии што се однесувале на воспоставувањето и дејствувањето на Божјето Месијанско Царство. Осврнувајќи се на сите што можеби ги изгубиле од вид јасните докази што покажуваат дека сме во времето на крајот, говорникот рече: „Искрено се надеваме дека таквите повторно ќе се сосредоточат на реалноста на Христовата присутност во славата на Царството и дека ќе им биде помогнато да ја повратат духовната сила“.
Попладневната програма почна со говорот со наслов „Јеховината слава им е откриена на понизните“. Говорникот покажа како Јехова го дава примерот за понизност, и покрај тоа што е највеличествената Личност во универзумот (Псалм 18:35). Јехова има наклоност кон оние што се вистински понизни, а им се спротивставува на оние што изгледаат понизни само кога имаат работа со луѓе рамни на нив или со претпоставени, но постапуваат грубо со оние што се под нивни надзор (Псалм 138:6).
Следно на програмата беше изнесено едно библиско пророштво во циклус предавања што истакнаа различни аспекти од главната тема: „Пророштвото на Амос — неговата порака за нашево време“. Укажувајќи на примерот на Амос, првиот говорник го сврте вниманието кон одговорноста што ја имаме да ги предупредуваме луѓето за претстојниот Јеховин суд. Темата на неговиот говор беше „Зборувај за Божјата реч со смелост“. Вториот говорник го постави прашањето: „Ќе им стави ли Јехова некогаш крај на злото и на страдањето на оваа Земја?“ Неговата тема „Божјиот суд над злите“ покажа дека Божјиот суд секогаш е заслужен, неизбежен и селективен. Последниот говорник во циклусот обрна внимание на темата „Јехова го испитува срцето“. Оние што копнеат да му угодат на Јехова ќе ги земат предвид зборовите од Амос 5:15: „Мразете го злото, љубете го доброто“.
Алкохолните пијалаци, како што е виното кое го весели срцето, можат да бидат злоупотребени. Во својот говор „Избегнувај ја стапицата на злоупотреба на алкохол“, говорникот ги наведе физичките и духовните опасности од прекумерната употреба на алкохол, дури и ако лицето не се опива. Тој даде едно водечко начело: Со оглед на тоа дека организмот на различни луѓе може да поднесе алкохол во различна мера, секоја количина која ја нарушува твојата „практична мудрост и способност за размислување“ е премногу за тебе (Пословици 3:21, 22, NW).
Бидејќи живееме во критични времиња, следната тема „Јехова, наша ,тврдина во времиња на мака‘“ се покажа многу утешна. Молитвата, светиот дух и сохристијаните можат да ни помогнат да излеземе на крај.
Последниот говор тој ден „,Добрата земја‘ — претслика на Рајот“ заврши со радосно изненадување за сите — нова публикација со многу библиски карти! Таа носи наслов Видете ја добрата земја.
Тема на вториот ден: „Разгласувајте ја меѓу народите славата негова“
По разгледувањето на дневниот стих, беше изнесен вториот циклус на конгресот со тема „Одразувајте ја како огледала Јеховината слава“. Првиот говорник ја обработи темата „Ширење на добрата вест насекаде“ и прикажа вистински искуства од службата на теренот. Вториот говорник вклучи приказ на повторна посета додека ја изнесуваше темата „Отстранување на превезот од оние што се заслепени“. Последниот говор со наслов „Да се прави тоа уште попотполно во нашата служба“ беше збогатен со интересни интервјуа во кои беа вклучени искуства од теренот.
Следниот дел од програмата беше со наслов „Мразени без причина“. Во него беа вклучени охрабрувачки интервјуа со верни поединци што со Божја сила задржале интегритет под противење.
Многу ценета карактеристика на конгресите е говорот за крштавање по кој следи потполно потопување во вода на сите кандидати што се квалификувале. Крштавањето во вода го симболизира потполното предание на едно лице на Јехова. Затоа темата беше мошне соодветна: „Кога живееме според нашето предание, го прославуваме Бог“.
Попладневната програма почна со еден говор кој поттикна на самоиспитување, „Негувај го Христовото гледиште во врска со угледноста“. Говорникот ја изнесе оваа интересна мисла: Угледноста доаѓа од имитирањето на понизноста на Христос. Затоа, еден христијанин не треба да се стреми по одговорности само за да си ја задоволи личната амбиција. Треба да се запраша: ,Дали сум спремен да вршам некои корисни работи што нема брзо да бидат забележани?‘
Дали некогаш се чувствуваш уморен? Одговорот е очигледен. Сите уживаа во говорот „Уморни но не и истоштени“. Интервјуата со долгогодишните Сведоци покажаа дека Јехова може да нѐ ,зајакне . . . преку неговиот дух‘ (Ефешаните 3:16).
Дарежливоста е особина со којашто не се раѓаме туку мораме да ја научиме. Оваа клучна мисла беше изнесена во точката ,Да бидеме дарежливи, спремни да делиме‘. Беше поставено ова прашање што поттикнува на размислување: „Дали сме спремни да споделиме неколку минути од нашиот ден со браќа и сестри што се постари, болни, депримирани или осамени?“
„Чувај се од ,гласот на странците‘“ го плени вниманието на присутните. Овој говор ги спореди следбениците на Исус со овци кои го слушаат само неговиот глас како „добриот пастир“ и кои не го слушаат „гласот на странците“ што е изговорен преку многуте човечки извори што се под влијание на Ѓаволот (Јован 10:5, 14, 27).
Еден хор мора да пее едногласно за да може да се разбере. За да го слават Бог, вистинските обожаватели од целиот свет мораат да бидат обединети. Затоа во говорот „Славете го Бог ,со една уста‘“ беа дадени корисни упатства за тоа како да го зборуваме единствениот „чист јазик“ и како да му служиме на Јехова „рамо до рамо” (Софонија 3:9, NW).
Родителите, особено оние што имаат мали деца, беа потполно воодушевени од последниот говор тој ден, „Нашите деца — драгоцено наследство“. Беше објавена една нова публикација од 256 страници што пријатно ги изненади присутните. Учи од Големиот Учител е книга што ќе им помогне на родителите да поминуваат со своите деца, кои се Божји дар, време што ќе биде духовно наградувачко.
Тема на третиот ден: „Сѐ правете за Божја слава“
Со потсетувањата од дневниот стих, последниот ден од конгресот почна со духовни мисли. Првиот дел од програмата за овој ден сврте посебно внимание на семејното уредување. Првиот говор, „Родители, изградувајте го семејниот круг“, ги подготви мислите на присутните. Откако ја разгледа одговорноста на родителите материјално да се грижат за своето семејство, говорникот потврди дека првенствена одговорност на родителите е духовно да се грижат за своите деца.
Следниот говорник им се обрати на децата и ја разгледа темата „Како младите го фалат Јехова“. Тој рече дека младите се како „капки роса“ затоа што се бројни и нивната младешка ревност е освежителна. На возрасните им е мило што работат со нив во Јеховината служба (Псалм 110:3). Во оваа точка беа вклучени интересни интервјуа со примерни младинци.
Костимираните библиски драми секогаш се возбудливо обележје на обласните конгреси, а овој конгрес не беше исклучок. Во драмата „Сведочи смело и покрај противење“ беа прикажани следбениците на Исус од првиот век. Таа не само што беше забавна туку, што е уште поважно, беше и поучна. Говорот што следеше по драмата, „Објавувај ја добрата вест ,без престан‘“, ги нагласи главните мисли од драмата.
Сите присутни со нетрпение ја очекуваа врвната точка од неделната програма, јавното предавање „Кој му оддава слава на Бог денес?“ Говорникот поткрепи со докази дека научните и религиозните кругови, општо земено, не го слават Бог. Само оние што го носат неговото име, оние што проповедаат и поучуваат за вистината за Јехова, се оние што вистински го слават неговото име денес.
По јавното предавање следеше резиме на лекцијата за таа седмица од списанието Стражарска кула. Потоа следеше последниот говор, „,Донесувајте многу плод‘ на Јеховина слава“. Говорникот изнесе резолуција од десет точки што сите присутни требаше да ја прифатат. Таа се сосредоточуваше на различни начини на кои може да му се оддава слава на Јехова, Творецот. Едногласно „да“ се разнесе на сите конгреси, од еден крај на земјата до друг.
Така заврши конгресот, а темата „Оддајте му слава на Бог“ одѕвонуваше во ушите на сите присутни. Со помошта од Јеховиниот дух и од видливиот дел на неговата организација, секогаш да настојуваме да му оддаваме слава на Бог а не на луѓето.
[Рамка/слики на страница 23]
Меѓународни конгреси
Четиридневни меѓународни конгреси се одржаа во Австралија, Азија, Африка, Европа и во Северна и Јужна Америка. Одредени Сведоци од целиот свет беа поканети да бидат делегати на овие собири. На тој начин, имаше „размена на охрабрување“ помеѓу гостите и нивните домаќини (Римјаните 1:12). Старите пријателства беа обновени, а беа започнати и нови. Посебно обележје на меѓународните конгреси беше делот од програмата со наслов „Извештаи од другите земји“.
[Рамка/слики на страница 25]
Нови публикации што му оддаваат слава на Бог
На Обласните конгреси „Оддајте му слава на Бог“ беа објавени две нови публикации. Библискиот атлас Видете ја добрата земја има корици од траен материјал и 36 страници со карти и фотографии од библиски места. Секоја страница е во боја и има карти на Асирија, Вавилон, Медоперсија, Грција и Рим. Има посебни карти што ја опфаќаат службата на Исус и ширењето на христијанството.
Учи од Големиот Учител е книга со 256 страници и со околу 230 слики. Многупати може да се поминува пријатно време со децата и притоа само да се разгледуваат сликите и тие да одговараат на прашањата од книгата кои поттикнуваат на размислување. Оваа нова публикација е наменета да ги спречи нападите врз нашите млади од страна на Сатана, чија цел е да го расипе нивниот морал.
[Слика на страница 23]
Мисионерите раскажаа искуства што ја зајакнуваат верата
[Слики на страница 24]
Крштавањето беше важно обележје на конгресите „Оддајте му слава на Бог“
[Слики на страница 24]
Во библиските драми уживаат и младите и старите