Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 1994 — „Божествен страв“
1 Искрени изрази на ценење за духовно освежувачката програма искажаа повеќето од 3.883-те лица кои присуствуваа на Обласните конгреси „Божествена поука“ за 1993 во Југославија и Македонија. Новите кои се крстија поради тоа што обрнувале внимание на божествената поука што се наоѓа во Библијата беа вкупно 201. Тоа што уживавме една таква изградувачка програма минатата година треба навистина да нѐ мотивира да ги вложиме сите напори за да присуствуваме на подбудувачката програма што е подготвена за Обласните конгреси за 1994 „Божествен страв“ што ќе се одржат ова лето. И покрај толку многу проблеми со кои денес се соочува човештвото, сигурно секој од нас ќе ги покани и ќе се обиде да направи подготовки за своите библиски ученици да ги поведе со себе. Тоа ќе се покаже како вистински извор на охрабрување и сила за да продолжиме да му служиме на Јехова со божествен страв и покрај сите препреки кои можат да се појават во деновите што се пред нас.
2 Погрижи се своите подготовки за конгресот да ги направиш внимателно и во молитва за да можеш сите три дена да бидеш таму и да уживаш во извонредната духовна програма, од песната на отворањето до завршната молитва. Со љубов вклучи ги во своите планови оние на кои можеби им треба помош, особено новозаинтересираните, за да можат и тие да присуствуваат на секоја програмска точка. Ќе биде мошне корисно да се разгледаат информациите од овој додаток со секој библиски ученик кој можеби планира да присуствува (Гал. 6:10). Програмата започнува со музика во петок во 10.20 часот, а завршува околу 17.00 часот. Во сабота, програмата започнува во 9.30, а завршува со песна и молитва околу 17.00 часот. Претпладневната програма во недела започнува во 9.30, а тој ден завршува околу 16.15 часот. Следниве информации ќе ви помогнат при подготовките.
3 Упатство во врска со сместувањето: Наскоро собранијата ќе добијат список со Препорачани ноќевалишта за обласниот конгрес на кој собранието е доделено. Тој ќе биде закачен на огласната табла. Овој список ги набројува сите хотели кои моментално соработуваат со подготовките на Заедницата во врска со сместувањето. Твојата соработка со овие подготовки ќе ѝ помогне на конгресната организација во нејзините настојувања за секого да обезбеди ноќевање по разумна цена.
4 Што би требало да сториш: Откако, а НЕ пред на собранието да му се испрати список со Препорачани ноќевалишта на кој стојат адреси, телефонски броеви и договорени цени за хотелите, можеш да телефонираш во хотелот што си го избрал од списокот и да резервираш соба. Ако се претставиш како Јеховин сведок или како делегат кој ќе присуствува на конгресот на Watchtower, ќе можеш да ги користиш наведените цени кои во повеќето случаи се многу намалени.
5 За тоа како треба да се уплати за сместување ќе бидат дадени натамошни информации. Ако мораш да ја откажеш својата резервација, треба веднаш да го известиш хотелот, за собата да им биде ставена на располагање на другите делегати.
6 Ако првиот хотел во кој ќе се јавиш е пополнет, телефонирај во другиот што си го избрал од списокот и така натаму. Честопати, секој се јавува во хотелот што е најблиску до местото на одржување на конгресот; затоа, можеби ќе увидиш дека е добро да се обидеш со хотели што се подалеку. Тие често имаат квалитетни соби по пониски цени. Конгресниот Оддел за сместување и понатаму ќе им испраќа на собранијата обновени списоци, бришејќи ги хотелите што се пополнети и наведувајќи додатни хотели сѐ додека сите не се сместат. Така, ако сите хотели од списокот се пополнети, молиме трпеливо чекајте го следниот список, па ќе бидете во можност да добиете соба.
7 Заеднички спални: Некои конгреси, покрај хотелите, користат училишни заеднички спални за да ги сместат сите. Ако може да се добијат такви спални, собранијата ќе добијат информации за нив по околу еден месец откако ќе го добијат првиот список на хотели. Оние на кои им треба сместување од овој вид треба да ги следат упатствата од списокот којшто конгресот им го испратил на собранијата.
8 Посебни потреби: Оваа подготовка е само за примерни објавители, вклучувајќи ги и нивните воспитани деца, кои добиле одобрение од Службениот одбор на собранието. Подготовките за згрижување на лица со посебни потреби треба да ги направи собранието на кое му припаѓаат, а не таа обврска да се препушти на конгресната организација. Старешините и другите кои знаат за околностите на поединци, можат со љубов да пружат помош. Ова често бара од објавителите да ги земат во обѕир потребите на оние во полновремена служба, на постарите, немоќните и можеби на некои други. Објавителите можат да помогнат така што ќе ги земат таквите со себе или ќе се погрижат за нивните потреби на друг начин (Јак. 2:15-17; 1. Јов. 3:17, 18).
9 Се разбира, Одделот за сместување ќе настојува да обезбеди прикладно сместување за објавителите со посебни потреби ако оние од собранието не можат да им помогнат. Овие објавители можат да разговараат за својата ситуација со собранискиот секретар. Секретарот треба да се консултира со Службениот одбор на собранието за да види дали е можно собранието да им помогне на тие поединци сами да се погрижат за сместување. Ако собранието не може да ја пружи потребната помош, секретарот може на таквите лица да им даде образец Барање за посебно сместување. Овој образец треба да го пополнат само оние со посебни потреби. Лицето кое го поднесува барањето треба да го исполни и да му го врати на секретарот кој ќе го провери дали е потполн, точен и дали се потврдени околностите што го квалификуваат лицето за приватно сместување. На празниот простор од образецот секретарот треба ВО ПОЕДИНОСТИ ДА ГИ ОБЈАСНИ околностите. Сето тоа треба да се направи доволно рано пред конгресот. Тогаш секретарот ќе го испрати образецот до Одделот за сместување. Лицето кое ја поднесува молбата директно ќе биде известено за сместувањето.
10 Оние кои имаат посебни потреби НЕ треба да одат на конгресот и кога ќе пристигнат таму, да бараат соба, затоа што Одделот за сместување мора да ја има потврдата од Службениот одбор на собранието.
11 Приватното сместување е одвоено за оние кои би доживеале големи потешкотии кога таквото сместување не би било на располагање. Тоа не е наменето за оние кои можат да си дозволат хотелски соби, но сакаат бесплатни или евтини соби само за да заштедат пари. Не е исправно ни делегатите да сметаат на гостопримството на нашите браќа и да очекуваат да бидат сместени повеќе денови пред и после конгресот. Тие соби се обезбедени САМО за време на конгресот. Оние кои добиваат такво сместување треба да се погрижат тие и нивните деца да се однесуваат со почит спрема домот и нивниот домаќин; не треба да пребаруваат низ работите на домаќинот или да ги оштетуваат, ниту да влегуваат во приватните простории во домот. Ако домаќинот доживее некакви потешкотии во врска со тоа, треба веднаш да го извести надгледникот за сместување на конгресот, а тој радо ќе помогне.
12 Делегати кои присуствуваат надвор од доделеното подрачје: Скоро секогаш, местото кое ти е одредено е најблизу до твоето собрание. Бројот на седиштата, литературата, храната, сместувањето итн. се темелат на претпоставката дека повеќето објавители ќе присуствуваат на конгресот на кој нивното собрание е доделено. Меѓутоа, ако од оправдана причина би присуствувал на друг конгрес каде што не си доделен и ти треба сместување, тогаш можеш написмено да побараш примерок од пописот на хотели за таа локација и да испратиш плик со своја адреса и марка. Откако ќе го добиеш овој попис, употреби го да си резервираш соба.
13 Потребна е твоја соработка: Успехот на оваа подготовка за сместување зависи од соработката на сите кои се вклучени (Евр. 13:17). Затоа, ги молиме сите да соработуваат целосно со подготовките на Заедницата во врска со сместувањето и ДА ГИ КОРИСТАТ САМО ХОТЕЛИТЕ КОИ СЕ НА СПИСОКОТ НА ПРЕПОРАЧАНИ НОЌЕВАЛИШТА ЗА ОВАА ГОДИНА за да може да бидат спречени поголемите потешкотии кои сѐ уште ги доживуваме во преговорите со хотелите. Имаме склучено договори со хотелите од списокот, тврдејќи дека нашите луѓе ќе ги користат. Тоа е гаранција дека тие ќе остварат приход ако дадат посебен попуст за нас. Повеќето објавители ги имаат земено при срце јасните упатства што беа дадени во претходните конгресни додатоци, и многумина доживеаја многу добри искуства. Меѓутоа, сѐ уште е неопходно да им се обратиме на сите: МОЛИМЕ, ПРИДРЖУВАЈТЕ СЕ ДО СЛЕДНИВЕ УПАТСТВА ЗА ДОБИВАЊЕ НА ХОТЕЛСКО СМЕСТУВАЊЕ:
а) Не барајте и не телефонирајте на хотели во конгресниот град за да ги прашате дали се на текуштиот список или дали имаат посебни цени за Јеховини сведоци. Исто така, ве молиме да не ги користите истите хотели секоја година без прво да проверите и да видите дали воопшто се на текуштиот список.
б) Молиме не резервирајте соба во хотел во кој немате намера да се сместите или во повеќе од еден хотел со намера да ги проверите, да го изберете најдобриот, па да ги откажете другите (Мат. 5:37). Ова не е фер, бидејќи ги спречувате хотелите да го заработат она што можат, а објавителите ги лишувате од можноста да ги користат тие соби кои често им се неопходно потребни.
в) Не сместувајте во собата повеќе луѓе отколку што дозволуваат законот и управата, што обично значи не повеќе од четири или пет лица, вклучувајќи ги и децата. Запомнете, вие ја плаќате собата според бројот на лица за кои сте се СОГЛАСИЛЕ дека ќе бидат во собата.
14 Прекршоците на овие подрачја ги отежнуваат преговорите за добри цени, а тоа донесува срам на Јеховиното име и организација. (Спореди Псалм 118:168.) Затоа, Заедницата ќе побара Одделот за сместување да провери во хотелите дали некаде има такви проблеми и со кого. Од друга страна, АКО ВИЕ ДОЖИВЕЕТЕ ПРОБЛЕМИ СО ХОТЕЛОТ, молиме не се колебајте да му го кажете тоа на надгледникот на Одделот за сместување на конгресот за тој да може да ви помогне да веднаш ја решите таа работа.
15 Конгресната организација работи напорно за да им ги намали трошоците на браќата што е можно повеќе и затоа е во најдобар интерес на сите да соработуваат потполно со подготовката на Заедницата во поглед на сместување за да може оваа подготовка и понатаму да постои. Списоците пружаат избор на сместување од добар квалитет во хотели кои соработуваат. Со оваа подготовка, наша цел е да им помогнеме на делегатите да се сместат колку што е можно поудобно и поекономично за да можат да уживаат во одличната духовна програма на конгресот.
[Напомена до старешинството: Ако постои било која друга информација во врска со сместувањето што треба да се прочита пред собранието, ќе ви биде испратена благовремено. Не разгледувајте ниту една од нив пред Службениот состанок за 3. јануари. На тој начин сите собранија ќе ги добијат информациите истата седмица. Колку што е можно, собранискиот секретар на следните Службени состаноци треба да изнесува Известувања и материјал поврзан со конгресот освен ако е наведено поинаку или не е во можност да го стори тоа.]