Навремената Вест за Царството ќе биде раширена низ целиот свет
1 Во недела, на 23 април, ќе се одржи посебно јавно предавање на тема што го приковува вниманието — „Близу е крајот на лажната религија“. Тој ден, на крајот на состанокот ќе биде објавена Вест за Царството на четири страници, што наведува на размислување. Навремената порака што ја содржи, ќе биде раширена низ целиот свет за три седмици, од 24 април до 14 мај.
2 Насекаде по светот, луѓето се збунети. Без разлика каде живеат, се мачат со проблеми. Веста за Царството ќе биде од вистински интерес за оние кои се искрено загрижени за она што се случува, бидејќи таа ќе ги упати на Божјата Реч како непогрешен извор на водство за човекот (Пс. 118:105). Сите ние со нетрпение очекуваме да добиеме примерок од Веста за Царството, кога ќе излезе на 23 април. Во меѓувреме, ќе има многу работа околу подготовката за оваа интензивна тринеделна кампања.
3 Охрабри ги сите ревно да учествуваат: Кој може да учествува во ова дело? Се разбира, секој што е веќе објавител ќе биде спремен да го прави тоа! А како ќе биде со библиските ученици кои редовно доаѓаат на состаноци? Некои се поврзани со нас прилично долго и постојано напредуваат. Ако го довеле животот во склад со библиските начела, дали ги исполнуваат условите да бидат објавители на Царството? Објавителот што води библиска студија може да разговара со ученикот, а ако ученикот сака да учествува во службата на подрачјето, двајца старешини ќе го разгледаат со него материјалот на 98. и 99. страница во книгата Организирано да ја извршуваме нашата служба. Ова треба да се направи што е можно поскоро за да можат оние кои ги исполнуваат условите за некрстен објавител да учествуваат потполно во кампањата. Библиските ученици кои сѐ уште не ги исполнуваат условите за некрстен објавител, сепак можат да бидат охрабрени да им дадат од оваа навремена Вест за Царството на познајниците или на членовите на семејството. (Види Стражарска кула, 1. април 1989, стр. 29, пас. 8.)
4 Ова дело не е тешко; секој може да учествува во него. Родителите можат да вклучат проби со Веста за Царството како дел од седмичната семејна библиска студија за да бидат сите членови на семејството добро подготвени да ја презентираат од куќа до куќа. Обично најдобра е едноставната презентација. После краток увод, понуди му ја Веста за Царството на станарот и охрабри го да ја прочита. Кога станарот покажува интерес, забележи го за да можеш повторно да дојдеш и да го негуваш тој интерес (1. Кор. 3:6, 7). Клучот за успех се едноставните, добро подготвени презентации.
5 Ќе има ‚изобилство работа‘ во текот на април и мај. Во изданието на Наша служба за Царството за идниот месец, во додатокот со наслов „Изобилно вработени во делото Господово“, ќе бидат дадени натамошни информации (1. Кор. 15:58, НС).