Какви цели поставувате за вашите деца?
1 Успехот во животот зависи од поставувањето и од постигнувањето на корисни цели. Оние кои тежнеат по безначајни или по нереални цели, на крајот ќе останат разочарани и незадоволни. Потребна е мудрост за да се распознае по кои цели треба да се тежнее за ‚да се држи цврсто вистинскиот живот‘ (1. Тим. 6:19, НС). Колку само сме благодарни што Јехова, преку својата Реч и организација, точно ни покажува по кој пат да одиме! (Иса. 30:21).
2 Со тоа што се грижи за такво љубезно водство, Јехова им дава одличен пример на родителите. Наместо да им препуштат на своите неискусни деца сами да изберат кој пат е најдобар, мудрите родители ги оспособуваат за патот по кој треба да одат, и кога ќе остарат ‚нема да скршнат од него‘ (Изр. 22:6). Христијанските родители од искуство знаат дека не можат да се потпрат на својот суд; мораат да се потпрат на Јехова (Изр. 3:5, 6). Оваа потреба е уште поголема за децата, кои имаат ограничено спознание и искуство.
3 Родителите можат да постават пред своите деца корисни цели кои ќе им помогнат да се сосредоточат на „поважните работи“ (Фил. 1:10, НС). Тие можат да започнат со семејна студија, охрабрувајќи ги децата да ја сфатат нејзината важност и да учат од неа. Добро е за децата да стекнат навика однапред да проучуваат за собраниските состаноци и да се подготвуваат за да даваат коментари со свои зборови. Важно е редовното учество во делото на проповедање. Малите деца можат да дадат свој дел нудејќи трактати, читајќи библиски стихови или презентирајќи списанија. Кога ќе научат да читаат, учествувањето во Теократската школа за проповедање може да го забрза нивниот духовен напредок. Ако ги исполниле условите за некрстен објавител или им е дозволено да се крстат, направиле голем чекор напред.
4 Додека децата се приближуваат кон тинејџерските години, па дури и порано, родителите треба реално да разговараат со нив за целите во животот. Училишните советници и соучениците можат лесно да повлијаат врз нив, наметнувајќи им ги световните, материјалистички тежнеења. Родителите треба да им помогнат на своите деца да изберат наставни програми кои ќе им обезбедат практична обука и ќе им овозможат да се грижат за своите материјални потреби без да ги жртвуваат интересите на Царството (1. Тим. 6:6-10). Тие можат да бидат охрабрени да тежнеат по „дарот“ на самештво, а подоцна, ако одлучат да стапат во брак, да бидат во состојба да ги преземат тешките одговорности на бракот (Мат. 19:10, 11, НС; 1. Кор. 7:36-38). Со тоа што ќе зборуваат позитивно за пионерската служба, за служењето каде што потребата е поголема, за бетелската служба или за мисионерската активност, родителите можат уште на најрана возраст да им всадат на децата желба да го искористат својот живот на начин кој му се допаѓа на Јехова, кој им користи на другите и кој им носи благослови на самите нив.
5 Не е случајно што денес во организацијата имаме толку млади луѓе кои се придржуваат кон високите христијански вредности и тежнеат по теократски цели. Голем дел од нивниот успех може да се припише на љубезните родители. Ако си родител, каде ги насочуваш своите деца? Дали чекорат напред кон живот кој е сосредоточен на интересите на Царството? Запомнете, една од најважните работи што можете да ги направите е да ја всадите вистината во своите деца и да им зборувате за неа секој ден. Можете да бидете благословени со семејство кое е верно во службата за Јехова (5. Мој. 6:6, 7; Ис. Нав. 24:15).