Оспособени и опремени за да ги поучуваме другите
1 Кога Мојсеј бил наименуван како Јеховин претставник, тој не се чувствувал способен да му ја објави Божјата Реч на Фараонот (2. Мој. 4:10; 6:12). Јеремија открил дека нема доволно доверба во својата способност да служи како Јеховин пророк, кажувајќи му на Бог дека не знае како да зборува (Ерем. 1:6). И покрај тоа што на почетокот немале доволно доверба, овие двајца пророци се докажале како бестрашни сведоци на Јехова. Тие биле адекватно оспособени од Бог.
2 Денес, благодарение на Јехова, ние го имаме она што ни е потребно за да ја извршиме нашата служба со доверба (2. Кор. 3:4, 5; 2. Тим. 3:17). Слично на еден оспособен механичар кој има цел комплет алатки, ние сме соодветно опремени за вешто да ја извршуваме нашата доделена служба. Во јануари ќе ја нудиме која било книга од 192 страници што е издадена пред 1984 и што можеби собранието ја има на располагање. Иако овие духовни алатки не се нови, нивните библиски теми сѐ уште се актуелни и овие книги ќе им помогнат на луѓето да ја дознаат вистината. Следниве предложени презентации можат да се приспособат на која било книга која ќе се нуди.
3 За да се создаде интерес за Божјата Реч, може да се користи темата образование. Би можел да започнеш разговор со тоа што ќе речеш:
◼ „Денес се дава голем нагласок на потребата од квалитетно образование. Според Ваше мислење, по каков вид образование треба човек да се стреми за да си обезбеди најголема среќа и успех во животот? [Дозволи одговор.] Оние кои примаат спознание за Бог можат да стекнат вечни користи. [Прочитај Изреки 9:10, 11.] Овој прирачник [кажи го насловот на книгата која ја нудиш] се темели на Библијата. Тој укажува на единствениот извор на спознание кое може да води до вечен живот“. Покажи некој конкретен пример од книгата. Ако постои вистински интерес, остави ја книгата и договори повторна посета. Наведи дека иако публикацијата се остава бесплатно, ние ќе прифатиме мала донација за нашата светска служба.
4 Кога навраќаш кај станар со кого си дискутирал за важноста на библиското образование, би можел да речеш:
◼ „За време на мојата последна посета, дискутиравме дека Библијата е изворот на образование што може да ни обезбеди вечна иднина. Се разбира, потребен е напор за да го научиме она што треба да го знаеме од Писмото. [Прочитај Изреки 2:1—5.] Многу луѓе увидуваат дека е тешко да се разберат некои делови од Библијата. Би сакал накратко да Ви прикажам една метода која ние нашироко ја користиме за да им помогнеме на луѓето да дознаат повеќе за основните библиски учења“. Користејќи ја книгата која била оставена, сврти на прикладно место и кратко прикажи библиска студија. Ако станарот сака да има редовна студија, објасни дека ќе навратиш со нашето помошно средство за проучување — книгата Спознание кое води до вечен живот.
5 Многу луѓе се вознемирени поради страдањето на милиони деца во светот. Можеби можеш да му помогнеш на станарот да сфати како Бог гледа на оваа тешка состојба, со тоа што ќе кажеш:
◼ „Без сомнение, Вие сте ги виделе извештаите на вестите во врска со децата ширум Земјата кои се гладни, болни и запоставени. Зошто заинтересираните организации не биле во можност да ја подобрат ситуацијата? [Дозволи одговор.] Бог го сака само она што е најдобро за луѓето. Забележете што ветува тој за децата и возрасните, како што е запишано во Библијата. [Прочитај Откровение 21:4.] Оваа книга [спомни го насловот] дава повеќе поединости во врска со еден свет кој ќе го направи Бог, во којшто страдањето ќе престане“. Ако е можно, отвори на некоја илустрација што го насликува Рајот и дискутирај за тоа. Понуди ја книгата и договори се за друга посета. Радо прифати ја секоја донација која поединецот е спремен да ја даде за нашето дело.
6 Ако на почетокот си зборувал за страдањето на децата, на следната посета би можел да ја продолжиш дискусијата со тоа што ќе кажеш:
◼ „Кога неодамна бев тука, Вие изразивте загриженост во врска со тешката состојба на децата кои страдаат поради растурени семејства, глад, болести и насилство. Утешително е да се прочита во Библијата за еден свет каде што ниту децата ниту, пак, возрасните ќе страдаат поради болести, болка или смрт. Едно пророштво од книгата Исаија опишува дека на Земјата ќе дојде еден подобар живот“. Прочитај и дискутирај за Исаија 65:20—25. Доведи до евентуална библиска студија со книгата Спознание.
7 Со оглед на тоа што молитвата е вообичаена пракса за религиозните луѓе, би можел да започнеш разговор на таа тема со тоа што ќе кажеш:
◼ „Во извесен период од нашиот живот, повеќето од нас сме доживеале проблеми што нѐ навеле да го молиме Бог за помош. И покрај тоа, многумина мислат дека нивните молитви не се одговорени. Дури се чини дека религиозните водачи кои јавно се молат за мир не се сослушани. Ние го велиме тоа затоа што војната и насилството продолжуваат да го вознемируваат човештвото. Дали Бог навистина ги слуша молитвите? Ако да, зошто изгледа дека толку многу молитви остануваат неодговорени? [Дозволи одговор.] Псалм 144:18 објаснува што се бара за да бидат одговорени нашите молитви. [Прочитај го стихот.] Како прво, молитвите до Бог мора да бидат искрени и во склад со вистината која се наоѓа во неговата Реч, Библијата“. Покажи ја книгата која ја нудиш и истакни што вели таа во врска со вредноста на молитвата.
8 Кога ја продолжуваш претходната дискусија во врска со молитвата, би можел да се обидеш со следниов пристап:
◼ „Уживав во нашиот разговор на тема — молитвата. Вие, без сомнение, ќе откриете дека Исусовите мисли во врска со тоа како да се молиме се помошен водич“. Прочитај Матеј 6:9, 10, истакнувајќи ги главните грижи кои ги прикажал Исус во неговата пример—молитва. Од книгата Спознание покажи го 16. поглавје: „Како можеш да му се приближиш на Бог“ и прашај дали можеш да прикажеш како се проучува материјалот.
9 Кога се работи за соопштување на спознанието за Бог на другите, би можел да прашаш: „Кој е адекватно оспособен за овие работи?“ Писмото одговара: „Ние сме“ (2. Кор. 2:16, 17, НС).